11.10.2012

Дефект(ив)но (ен)кодирани

сподели на пинг

Можеби една од најексплоатираните максими на денешницата е мотото на минимализмот - „Помалку е повеќе“ (Less is more). Но, и покрај таа сеприсутност (или барем така нам ни се чини), сѐ уште е мошне голем бројот на тие што не ја разбираат поентата (онаа пошироката, што излегува од рамките на минимализмот).

Со најпрости зборови, а во контекст на јазикот тоа би било:
Не може сложениот начин да се каже една иста работа да биде подобар од едноставниот. Со непотребното усложнување на изразот не звучиш попаметно и постручно, туку вештачки и посмешно и само ѝ го отежнуваш патот на информацијата до примачите на кои им е наменета.

Кога зборуваме за јазикот, ова важи на сите рамништа - од највисокото, стилот (на пример, висок стил на научно-истражувачки симпозиум изгледа сосема поинаку од чепатење искажано во статус на Фејсбук), па враќајки се назад до зборообразувањето.

Веќе сме зборувале за несоодветното приспособување на зборовите што ги преземаме од туѓи јазици, како и за насилно извитоперување (под туѓо влијание) на зборови што се веќе примени во нашиот јазик во дадена форма. Сепак, чувствуваме потреба уште еднаш да нагласиме неколку примери, кои во последно време ги среќаваме и премногу често. Тоа се зборови што одамна постојат во македонскиот јазик, а во поново време... некој добил желба да ги „модернизира“.


кодира вс енкодира
доминира вс предоминира
дефектен вс дефективен


Нема ниту едно прифатливо објаснување зошто би ги употребувале примерите од втората колона. Најпрво, нема никаква разлика, дури ни поинаква нијанса во значењето во однос на примерите од првата колона.
Очигледно е дека вториве се производ или на јазичната дембелана (некој преведува или чита англиска литература, па кога го интерпретира тоа што го прочитал, полесно му е да си се држи за формите што ги прочитал - encode, predominate, defective) или на нечија желба да звучи попаметно. Да не се повторуваме, но не звучи попаметно.

08.4.2012

ИнтелЕгенција

сподели на пинг

За жал, „интелЕгенцијата“ сѐ уште не е искоренета од секојдневната употреба на голем број зборувачи, а што уште повеќе ни пречи, може да се сретне дури и во пишана форма. Веројатно, неуспехот да се ослободиме трајно од оваа грешка лежи во интелект, односно во фактот што вокалот се менува кај различни зборови што потекнуваат од истиот корен и од истото семантичко гнездо.

Да нагласиме, човекот што е паметен е интелИгентен, има висок коефициент на интелИгенција и неговиот интелЕкт е за почит.

Појавата редување (промена) на (коренските) вокали не е ретка и невообичаена, постои и во други јазици, но тука нема да се задржиме на подлабоки лингвистички објаснувања. Она што ни е важно е конечно да се запомнат точните форми и да не се греши повеќе.

Следуваат уште неколку групи зборови, каде што коренскиот вокал е чест предмет на грешка. Некои од нив се интернационализми, но бидејќи функционираат во нашиот јазик, потребно е да се знае како се пишуваат (и како се изговараат).


корекција - коректен - коригира (не корегира)

перцепција - перципира (не перцепира)

визуелно - визуализира (не визуелизира; сите форми изведени од глаголот исто така содржат а во коренот (на пример, визуализација)

актуелно - актуализација (не актуелизација; важи истата забелешка како во претходниот пример)


Тука уште би го спомнале и:

благодат (не благодет, колку и да ти звучи необично)


Иако нема друг збор од истото гнездо што би довел до забуната, оваа грешка е доста распространета. Формата со -дат доаѓа од глаголот даде.

Ти текнува ли на други слични примери? Допиши ги како коментари.

29.2.2012

За госпоѓиците, феминативите и за етикетите

сподели на пинг

Најпрво, извинување што нѐ немаше толку долго. Особено оправдување немаме, освен дека малку приватни, малку професионални обврски нѐ оддалечија од Лектор. Желбата за пишување си беше присутна цело време, а поводот за враќање токму сега (освен тоа што зедов некој ден лански одмор) е текстот „Ме барате за работа или за жена?!“ објавен во денешна „Нова Македонија“ за употребата на термините госпоѓа и госпоѓица и за сексизмот во јазикот.

Пред да почнам со тоа што имам да го кажам - да кажам дека не се сметам себеси за феминистка. Противник сум на дискриминација и етикетирање по секоја основа. Во мојот систем на вредности, луѓето (и мажи и жени) не се занимаваат со докажување ниту на мачизам ниту на феминизам (бидејќи тоа би требало да е надминато уште во некое друго време - иако не е). Наместо тоа, целта им е повисок квалитет на сопствениот живот, процес во кој позитивно се менуваат себеси и околината. Нема подлабоко да навлегувам во идеологии, бидејќи, нели, ова е блог за јазикот.

Тоа што ме испровоцира да ја забришам прашината од блогов се двете јазични прашања опфатени во споменатиот текст - јазичната присила да се открие брачниот статус и употребата на феминативите (именки од женски род што означуваат професија).


Претседателка, и тоа горда

Тоа што повеќе ми го привлече вниманието во текстот отколку главната тема, госпоѓиците, се ставовите изнесени во врска со употребата на феминативите. Една од соговорничките тврди дека употребата на женски род од именките што означуваат професија/функција претставува етикетирање и дискриминација на жената.

Повторно нема да навлегувам во идеологии, но ќе се обидам да го поткрепам својот став, спротивен на овој, со неколку јазични аргументи.


1. Категоријата род во македонскиот јазик разликува машки, женски и среден род, кои се важни синтаксички (од аспект на реченицата) и семантички (од аспект на разликувањето на природниот и на граматичкиот род). Кога таа категорија веќе постои во јазикот, не може да се игнорира и апсурдни се обидите професиите и функциите на лица од женски пол да бидат подведени под општата употреба на машкиот род, типична за јазици што имаат категорија род. Таа употреба е прифатлива само кога зборуваме генерички за професијата или за група што опфаќа лица од двата пола.


Пример:

Функцијата претседател (на што и да е) бара голема одговорност.

Наспроти тоа:

Претседателот Петровски е одговорна личност.

Претседателката Петровска е одговорна личност.


2. Човек не означува маж. Означува суштество од родот хомо сапиенс, без оглед на полот, и ги содржи во себе поимите маж и жена, како што е и на повеќе други јазици. Тоа што е од граматички машки род, веројатно, повеќе го доближува до подмножеството од природен машки род.

Примери:

мак. човек - маж - жена

англ. human - man - woman

рус. человек - мужчина - женщина

...

Во овој контекст, да ја дообјасниме претходната точка. Именките што означуваат професија може да се однесуваат, на пример, на човек-професор (општо на професијата) или професор и професорка (на маж односно жена со таа професија). Кое значење и која форма ќе се употреби, зависи од контекстот.

Можеби поимот човек во минатото се употребувал и во значење маж, но тоа е одамна надминат момент. Впрочем, во стариот јазик и зборот дете се користел да означи само машко дете, женското било девојче. Сега дете означува мало од човек, независно од полот, а во себе ги содржи поимите момче и девојче.


3. За синтаксичките проблеми што се случуваат со избегнувањето на феминативите веќе сме пишувале. Прочитај тука.


Генеричка употреба на именката

Настрана од сексизмот во јазикот, ќе споменам уште една појава поврзана со родот (и со бројот): во голем број случаи генеричката употреба на именките не им е доволно експресивна на зборувачите, па непотребно ги нагласуваат нејзините подмножества.


Пример:

(во стручен текст каде што се зборува општо за пациенти)

Во таков случај пациентот или пациентката треба да биде подложен односно подложена на итна операција.

При таква скршеница или скршеници неопходен е гипс.


Апсолутно нема никаква потреба од посебно нагласување (што е многу чест случај во стручна литература) дека може да станува збор и за машки и за женски пациент, како што нема потреба да се потенцира можноста да има една или повеќе скршеници.

Како што машкиот (граматички) род има генеричко значење што ги опфаќа и машкиот и женскиот пол (природен род), така и броевите еднина и множина може да се однесуваат и на еден конкретен поим и општо на групата означена со поимот.


Пример:

Кучето е најдобар пријател на човекот.

(не значи конкретно куче туку кучињата воопшто)

Уште полошо и погрешно е означување на овие примери на следниов начин:

При таква скршеница(-ици)....; скршеница/ци....; скршеница(и); скршеница/скршеници(-та/-те)...

Пациентот/(-ката)...; пациентот/ката итн.


Госпоѓа или госпоѓица VS господин

Што се однесува на укинувањето на госпоѓиците, на оваа тема немам што многу да додадам на тоа што веќе го кажале авторката и соговорничките во текстот. Накратко - оваа јазична присила е остаток од некое друго време, друга идеологија, застарен систем и нема зошто да продолжи да функционира и во македонскиот јазик. Во ниеден службен документ и во ниедно официјално обраќање не треба да биде важен брачниот статус на жената. Прво затоа што тоа не влијае на нејзините професионални способности или на тоа каква личност е. И второ, затоа што никој не го легитимира според бурмата нејзиниот машки колега.

Тоа што треба да се направи е едниот од овие термини (госпоѓица) да се испрати во историјата, меѓу архаизмите, бидејќи веројатно воведување на трет неутрален (по примерот на англиското неутрално Ms наспрема Miss и Mrs) би барало поголем напор за прифаќање кај зборувачите.

Уште една можност беше посочена од Ели Пешева во коментар на Фејсбук: според протоколот, малолетните се госпоѓици, а полнолетните стануваат госпоѓи независно од брачниот статус. Полнолетството, секако, е подобра варијанта од етикетирање според брачниот статус, но пак останува прашањето зошто има потреба од тоа кога господинот си е господин и на 17 и на 37 и на 77 години.


П.С. Ве молиме, сите јазични прашања поставувајте ги како коментари. Така може да добиете одговор и од други јазичари што го посетуваат блогот, ако ние не сме во можност да ви одговориме. Мејлот е оставен само за контакти за потенцијални ангажмани - не одговараме прашања по мејл

23.5.2011

И многу „штедење“ не е на арно

сподели на пинг

Јазична економија е термин што означува тенденција луѓето да користат што е можно помалку јазични средства при изразувањето или, пак, повеќе форми да ги подведуваат под една. Во разговорниот јазик тоа многу често поминува сосема природно, но во пишана варијанта може да предизвика и недоразбирања од различен размер. Во пишана форма, но и во говорената, при формални обраќања, всушност секаде освен во разговорниот јазик, јазичната економија не е пожелна.

Ќе наведеме три ситуации во кои „штедењето“ зборови не е прифатливо. Во некои од нив може да пренесеме погрешна смисла, но доволeн е и фактот што на овој начин се снижува стилот на изразувањето.


Забелешка: Бидејќи го употребивме зборот смисла, надвор од денешната тема, ќе ја искористиме пригодата да нагласиме дека ова е единствената точна форма на овој збор во нашиот јазик. Смисол е погрешно и е резултат на хиперкоректност, под влијание на српското смисао. За полесно да запамтиш, сети се дека кај нас се вели мисла (наспроти српското мисао).


1. Јазична економија се случува кога одредени јазични средства треба да се повторат поради тоа што се среќаваат кај два или повеќе зборови во реченицата. Такви се примерите со повторувањето на да-конструкцијата, на формата „се“ во пасивни или повратни конструкции или на кратките заменски форми.


Примери:

Договорено е ситуацијата да се набљудува и следи.

Отстранете ги и исчистете оштетените делови.


Во првиот пример е „заштедено“ да се пред глаголот следи, а во вториот таква е ситуацијата со кратката заменска форма ги по исчистете. Во свеста на зборувачот нема потреба од повторување и доволно е што еднаш се употребени, во случајов пред набљудува, односно по отстранете. Но, не е така. За да бидат јазично исправни овие примери, потребно е повторување на јазичните средства што ги споменавме.


Примери:

Договорено е ситуацијата да се набљудува и да се следи.

Отстранете ги и исчистете ги оштетените делови.


2. Втората ситуација е кога во набројување имаме различни видови именски групи, со придавка и развиени.


Пример:

Таа купи чоколаден сладолед и од ванила.


Во примерот е изоставено повторување на именката сладолед во именската група сладолед од ванила. Причините се истите што веќе ги споменавме, како и решението - наместо да се штеди, да се повтори јазичното средство.


Пример:

Таа купи чоколаден сладолед и сладолед од ванила.



3. Како трета група ќе ги посочиме предлозите, односно нивната употреба/изоставање во реченица во која има набројување. Правилата на македонскиот јазик наложуваат дека во ваковв контекст, потребно е предлогот да се употреби и пред последниот член во низата на набројувањето, иако на зборувачите им е најлесно да не го прават тоа. Ова е особено важно доколку реченицата е покомплексна и содржи повеќе различни низи со набројувања, па ако се изоставени предлозите, може навистина да не се пренесе саканото значење.


Примери:

Минатата година ја помина во патувања, беше во Кина, Австрија и Германија.

Се додава маргарин во садот со смесата и јајцата и млекото во прашокот за шлаг.


Треба:

Минатата година ја помина во патувања, беше во Кина, Австрија и во Германија.

Се додава маргарин во садот со смесата и во јајцата и млекото се додава во прашокот за шлаг.


Во последната реченица со испуштањето на предлозите многу тешко се разбира што е идејата. На пример, во првата варијанта (Се додава маргарин во садот со смесата и јајцата...) излегува дека смесата што се спомнува и јајцата се наоѓаат во еден сад во кој се додава маргарин. Но, тоа што сакавме да го кажеме е дека смесата се наоѓа во еден сад, а јајцата се во друг и во секој од нив се додава маргарин. За да се постигне тоа значење, треба да се употреби втората варијанта од примерот.

Тука дополнително имаме и испуштање на глаголот „се додава“, кој веќе е употребен понапред во реченицата. Сепак, за да си сигурен дека ќе бидеш прецизно разбран, подобро е да не штедиш ниту на глаголот. И, секако, имај предвид, дека во реалниот живот штетата од непрецизното изразување може да биде поголема отколку расипан рецепт.

20.5.2011

Приготвува јадење, подготвува испит

сподели на пинг

Од досегашната практика, слободно можеме да кажеме дека на глаголот приготвува многу малку му се отстапува место во јазикот, односно за секоја ситуација се користи глаголот подготвува. Една од причините поради која се случува ова е појавата наречена јазична економија, односно тенденцијата на зборувачот да подведе повеќе форми под една, занемарувајќи ги нијансите во значењето.

На пример, храната секогаш се приготвува.

Примери:

Марко знае да приготвува разни специјалитети од месо и зеленчук.

За вечера ќе приготвам пилешко во сос од кари.

Но, и покрај тоа, во рецептите многу почесто се среќава подготовка, наместо приготвување на јадењето.

Глаголот готви, како основен од кој се изведени префиксираните што ги спомнавме, има пошироко значење и освен тоа што секојдневно го употребуваме (готви храна), се среќава и во значење што е поблиско до подготвува, спрема..

Пример:

Тој се готви да тргне на пат.

Тука уште би спомнале и дека глаголот спрема, кој значи врши подготовки и може да се најде во значење на секој од глаголите што претходно ги спомнавме, дел од јазичарите го сметаат за србизам. Нашиот став е дека тоа е последица и остаток од некои минати, пуристички времиња и оти е неосновано исфрлен, а многу присутен кај зборувачите. Очекуваме да го видиме во петтиот том на Толковниот речник, кој треба наскоро да биде објавен.

16.5.2011

Ги искрвави панталоните, не искрвари до смрт

сподели на пинг

Постов не е наменет за рубриката црна хроника, но сметаме дека треба да ја продискутираме употребата на глаголите крвави и крвари.


Во актуелните речници и во правописот е регистрирана само едната од овие две форми, крвави, додека крвари никаде го нема. Според нас, вториот глагол е еден од оние зборови што се неправедно анатемисани како туѓи (читај: србизми). Нема да навлегуваме во причините зошто некој донел ваква одлука (веројатно еднаш е донесена одлуката, а потоа по автоматизам зборот е изоставан и од поновите изданија).


Направивме кратка (усна) анкета меѓу зборувачи што не се јазичари по струка и нивната перцепција на овие зборови сосема со совпаѓа со нашата. А таа е следнава:


крвави = извалка, измачка со крв

крвари = тече крв


Примери:

Тој падна од велосипед, го повреди коленото и ги искрвави панталоните.

Го искрвави шамивчето, обидувајќи се да го запре крварењето

Застреланиот искрвари до смрт.

Раната уште крвареше, но помалку.


Поентата што сакаме да ја пренесеме е дека би требало и двата глаголи да бидат сосема нормално прифатени во јазикот и јасно да им се разграничи значењето. Аналогно на тоа што беше кажано погоре и глаголската именка крварење би требало да функционира нормално во јазикот.

09.5.2011

Заменик-министерката

сподели на пинг

Именките во македонскиот јазик што се составени од две именки, и притоа оформуваат нов поим, се пишуваат со цртичка.

заменик-министер

автомобил-бомба

нацрт-план

предлог-закон

пакет-мерки

жиро-сметка

Примери:

Во центарот на градот експлодира автомобил-бомба.

Заменик-министерката присуствуваше на отворањето на саемот.

Усвоени се новите пакет-мерки.

Родот и бројот секогаш се одредуваат според втората именка. Членот, исто така, го добива втората именка. Тука најчесто и настануваат грешките, кога многумина не обрнуваат внимание на тие правила. Па, имаме грешки од типот:

Заменикот-министер зборуваше на прес-конференција.

Или: Заменикот-министерот зборуваше на прес-конференција.

Пакетот-мерки беше усвоен.

Автомобилот-бомба експлодира во центарот на градот.

Примерите треба да гласат:

Заменик-министерот зборуваше на прес-конференција.

Автомобил-бомбата експлодира во центарот на градот.

Пакет-мерките беа усвоени.

Родот, бројот и членот се одредуваат според втората именка затоа што таа претставува центар на новиот збор, а првата именка само го дообјаснува поимот.