22.9.2010

Зошто Лектор?

сподели на пинг Писменоста (а под тоа подразбираме многу повеќе од читање и пишување) не е привилегија или обврска на една група (јазичари) ниту, пак, неписменоста може да му се прости некому само затоа што е врвен стручњак во некоја друга професионална сфера. Ако не можеш да се изразиш на сопствениот јазик, многу е веројатно дека нешто не си разбрал во материјата.

Овој блог е создаден како обид да се пополни големата празнина што постои во македонскиот сајбер-простор во недостиг на електронски јазични прирачници и речници. Пресуден за неговото отворање беше фактот што сѐ поголем број луѓе секојдневно нè прашуваат каде на Интернет би можеле да проверат како точно се пишува некој збор, што значи, дали некој збор или форма се прифатени во македонскиот стандарден јазик.

Друга причина е споделување на решенијата на јазичните проблеми со кои се среќаваме во секојдневната лекторска практика, како и отворање место за онлајн-дискусија на недоумиците, чии решенија сѐ уште не се утврдени. Пишувајќи на актуелни теми и користејќи современи примери, се надеваме дека ќе бидеме од корист за решавање на јазичните проблеми што произлегуваат од современото живеење (а кои печатените прирачници и учебници не успеваат да ги следат). Целта на овој блог во никој случај не е препишување правила и примери од стари учебници.

Лектор е наменет за сите што го користат јазикот повеќе отколку само за секојдневна комуникација. Се надеваме дека тука ќе се пронајдат (и ќе се вклучат во дискусиите) други колеги-лингвисти, преведувачи, издавачки куќи, како и сите други што барем еднаш во животот требало да напишат семинарска работа, деловно електронско писмо, постови за своите блогови итн.

На крај, ова треба да е место и за оние на кои им се потребни лекторски услуги и кои на овој начин полесно ќе остварат контакт со нас.

30 коментари:

  1. Ова е одлична идеја. Страшно е колку сме незаинтересирани за нашиот јазик и колку малку го познаваме. Инаку, како предлог за тема, забележав одредени зборови во овој текст (стручњак, онлајн, постови) кои ги нема во нашиот речник, но коишто, очигледно, мораме да ги користиме во одредени пригоди. Што да се прави во ваквите случаи: да се занемари нормата, или да се бараат соодветни лексички еквиваленти? Јас сум преведувач и мошне често се соочувам со оваа дилема при работата. Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  2. Благодариме за поддршката :)
    Во принцип, не се залагаме за јазично чистотништво (пуризам). Некои работи е подобро да не се преведуваат со сила, а добро е да има и синоними. Се разбира, да не се претера со туѓите зборови.
    Инаку стручњак е македонски збор. Суфиксот -њак се среќава повеќе во група зборови од разговорниот стил, како западњак, но во стручњак е целосно прифатен од нормата.
    Онлајн и постови му припаѓаат на компјутерскиот жаргон и сметаме дека е подобро да се прифатат вакви отколку смешни кованици да се наметнуваат вештачки.
    Очекуваме вклучување во дискусиите и во иднина :)

    ОдговориИзбриши
  3. Беше прашање на време, честитки за блогот. Од мене имате комплетна поддршка. Доколку ви е потребна било каква техничка помош околу блогот слободно контактирајте ме, ќе ви помогнам со задоволство.

    Поздрав до двете, се читаме.

    ОдговориИзбриши
  4. Фала Виктор,сметај дека ќе те бараме :))
    Се читаме

    ОдговориИзбриши
  5. Секоја чест за иницијативата, и волонтерски би ве подржал доколку имате потреба од било каква помош. Одамна ги објаснував истиве тези по форумски и блогерски дискусии, мислам дека е време да се преземе вистински чекор.
    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  6. Супер идеа,чекам да видам како ќе се развива :)

    ОдговориИзбриши
  7. @outTake *каква било :)

    ОдговориИзбриши
  8. Јас повеќе почитувам кибер наместо сајбер.... :)

    ОдговориИзбриши
  9. @darko156 Немам ништо против двете. Жаргонот не се пропишува со норма, произлегува од практиката.
    А го употребуваш кибер или само го почитуваш? :)

    ОдговориИзбриши
  10. Хм, навистина зошто сајбер? Имаше и студии по кибернетика во Прилеп во осумдесетите... К како во Кикерон, Клавдиј, Кајсар, МаКедонија и сл. :)

    ОдговориИзбриши
  11. @kirev Прочитај погоре. Не ги исклучуваме ни едното и другото. Во случајот со сајбер/кибер станува збор за жаргон и, ако се присутни и двете, не гледам зошто едното би се исфрлило или забранило.
    Кикерон, Клавдиј, Кајсар се поинаков случај - станува збор за две различни говорни варијанти на латинскиот јазик - класична и вулгарна (кој е мртов и за кој немаме говорни податоци како точно звучел во говорена форма; тоа значи дека изговорот е прифатена претпоставка). Лично не поддржувам вештачко наметнување на некакви системи и конкретно го поддржувам изговорот што е поблизок до практиката - Цицерон, Цезар, Клаудиј. Станува збор за личен став, не за правило.

    ОдговориИзбриши
  12. Јас сум лектор и верувам дека ќе бидам еден од најчестите гости на блогов.

    За почеток:

    1. Кибер е веќеприфатен збор во речниците (кај Ширилова?
    2. Стручњак = експерт. Не сум да се употребува овој збор. Токму формата -њак мислем дека не е македонска, иако е прифатена. Според мене, подобро би било стручно лице, доколку експерт е премногу странски.
    3. За латинскиот... во моментов работам (лекторирам) на еден учебник по латински. Таму се форсира формата К, а не Ц. Повеќе би им верувал на „класичарите“ околу овие работи, отколку на лекторите. Па така, и јас како лектор, ги прифатив и ги одобрив овие имиња и поими.

    ОдговориИзбриши
  13. @dejan Не планираме да го чистиме јазикот од сѐ што некому му изгледа дека не е македонско. Нема да се навраќам на 1. и 2. бидејќи веќе ги објаснивме.
    3. За латинскиот - твое е правото да избереш дали ќе користиш вулгарен или класичен латински. Кога постои избор, сметаме дека е погрешно да се наметнува и форсира само едно решение. Веројатно изборот на секој лектор зависи од личните убедувања

    ОдговориИзбриши
  14. Мило ми е што ќе се отвори дебата на блогов зашто тоа беше и целта, да се отворат прашања и да се дискутира за нив. Не мора секогаш да се сложиме со мислењата.

    ОдговориИзбриши
  15. И мене ми се допаѓа што отвораме дебата, иако Бисерка веднаш почна да се тепа. :-)

    1. Мислам дека кибер е подобро решение од сајбер. Зборот е многу стар и има далечни корени, сајбер е само англиско читање на зборот. Не би смееле така да си играме со латинизмите.

    2. Во кој речник го има стручњак? Ковањето зборови не е секогаш паметна работа.

    ОдговориИзбриши
  16. @Dejan Хаха далеку е од тепање работава. Ако ти фалеше смајли во претходниот коментар, еве го овде :)
    Работата е во тоа што јазикот е жива материја и едноставно невозможно е да постои едноумие. Не ги спориме твоите ставови, но имаме и свои, кои очигледно се малку полиберални од твоите :)
    Позз

    ОдговориИзбриши
  17. Полиберални, а? :-)
    Не сте прочитале некоја книга каде што јас сум потпишан како лектор за да го видите мојот либерален лекторски став.
    Знаете како оди тоа. Како старееме, ги затврднуваме нашите ставови околу некои работи и сѐ потешко прифаќаме нови (а судејќи од вашите фотографии, пар години сум постар, што, пак, не е репер за квалитет, можеби за искуство да, но квалитетот е друга ставка...).

    ОдговориИзбриши
  18. Хм, ако е Цицерон, Цезар, тогаш и Мацедониа наместо Македонија? Класичарите ЗНААТ како се изговарале и како треба да бидат изговорени. Да напоменам дека во секоја земја различно се изговараат, па имаме Мачедониа, Мацедониа, Маседуан, Маседониа... Значи истото К станува Ч, Ц, С, ...
    К рулез. Ете и јужниот сосед врти на К...
    За стручњак, хм, па ако имаме безброј турцизми (од една стара држава), зошто да немаме и безброј србизми (особено словенски) од една исто стара држава? Има некаква шема во лудилото :)
    Криво ми е што некои институции не се на ниво на задачата па не брзаат да понудат нови зборови. Така станува да ги добиваме од страна со проста (понекогаш и погрешна) транскрипција наместо да биде малку промислен целиот процес.
    Камера - собата цел живот кај нас значеше видео или филмска камера, а денес (беспотребно) значи и фотографски апарат. И нема кој да го санкционира тоа...
    Инаку јас сум јазичар аматер - немам школо, ама го зборувам течно :)

    ОдговориИзбриши
  19. @kirev Тоа за што зборуваш, развојот на индоевропското Ц во различни јазици, во С односно во К, е сосема друга појава. Врз основа на тој развој индоевропските јазици се поделени на две групи - сатем и кентум (според развојот на индоевропскиот назив на бројот 100)
    Можеш повеќе да прочиташ на линков
    http://en.wikipedia.org/wiki/Centum-Satem_isogloss

    Ова е неповрзано со варијантите на латинскиот - класична и вулгарна (првата ја употребувале мислителите, филозофите, поетите..., а втората народот, обичните луѓе)

    ОдговориИзбриши
  20. Ме интересира како би ги транскрибирале некои термини од областа на етнологијата од македонски на англиски. Дали би ги транскрибирале исто како на македонски, само со латинично писмо или би се обиделе да ги напишете така што читателот ќе може да го долови нивниот изговор. На пр. термини како сокај, гувеалница, ѓерѓевлија...

    ОдговориИзбриши
  21. @Anonymous Тоа прашање е разработено во постот Македонски на латиница http://lektormk.blogspot.com/2010/10/blog-post_18.html
    Го препорачуваме третиот предлог. За жал, по ова прашање има многу неусогласени или лошо избрани решенија. Со третиот предлог (од постот) не би требало да има проблем за странците точно да го изговорат напишаниот македонски егзотизам
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  22. Одличен блог.
    Имаме многу заеднички теми.

    ОдговориИзбриши
  23. Можеби некогаш ние, лекторите, ќе се изедначиме во употребата на некои зборови. За некои утврдени правила, како и зборови, сум сретнала различна употреба кај повеќе лектори. Што мислите, од каде доаѓа тоа?
    Факт е дека не можеме сѐ да знаеме, но затоа, пак, тука сме да се надополнуваме и да се коригираме. Сум среќавала ваква употреба: допринос, сеуште, отварање, поремети, во главно, взаемен итн., за соодветните: придонес, сѐ уште, отворање, наруши, главно, заемен. Сето ова во медиум во којшто пишува дека има тројца лектори. Или никој не проверува ништо или, пак, проверува но недоволно.

    Ме интересира што ќе се случи по дебатата денес во Собранието.

    Поздрав! ;)

    ОдговориИзбриши
  24. @jеsves Па и не мора да се усогласиме за сѐ :)
    Не мора да постои унифицираност - напротив. За јазикот и за зборувачите е добро да има мноштво форми, синоними, избор... Секако, тие да не се косат со суштинските правила на јазикот.
    Примерите од коментарот се токму такви - суштински, основни грешки, кои не смее да се провлекуваат, особено не кај лектори.

    За медиумите... Бидејќи работам во медиум, и тоа од другата страна (како новинар), можам да кажам дека не секогаш лекторите се виновни за пропустите. Многу често се прават промени на самите страници, откако текстот поминал на лектор (некогаш ги консултираат лекторите, некогаш не). Разбирање имам и поради динамиката со која се работи, па се случува, нели, нешто и да се провлече некоригирано. Кој работи,греши, совршенство не постои, но за да се намали бројот на случајни грешки треба да се заангажираат сите субјекти вклучени во процесот, не само лекторите.

    Дебатата... За жал, старата приказна. За јазикот дебатираат нелингвисти, стручњаци за други области, кои мислат дека знаат сѐ и можат секаде да се плеткаат. Речиси ниеден медиум не пренесе што кажале на таа дебата токму македонистите, лингвистите на кои македонскиот јазик им е потесна специјалност.
    Темите, исто не се за коментирање. Во 21. век уште дискутираме за прашања што треба да се одамна апсолвирани, наместо да се решаваат прашањата што ги наметнува новото време. „Оксфорд“ (речникот) секоја година додава нови зборови како гугла или твита, а ние се мислиме дали, на пример, пунџа е туѓ збор и дали смее да се употреби. Е па како се вика поинаку споменатата фризура? И колку лица помлади од 60 години ќе разберат што значи ако напишам кок(=пунџа)?

    ОдговориИзбриши
  25. Анонимен24 јули 2011 16:16

    Ај ве молам помогнете ми - пеЈач или пеач?

    ОдговориИзбриши
  26. Анонимен31 јули 2011 01:27

    Благодарам!

    ОдговориИзбриши