23.9.2010

Еден спејс е доволен

сподели на пинг

Компјутерот можеби знае многу работи, ама некои треба да ги научиш и сам. Некои ситни, навидум незначајни дреболии всушност кажуваат многу за твоите професионални квалитети. На пример, ниеден работодавец нема да ја сфати сериозно твојата апликација за работа, ако испратиш компјутерски неписмен текст, обидувајќи се да го убедиш во спротивното:


Работа со компјутери :Одлично Ворд , Ексел,Аутлук


Голем дел од оние што одамна ги надминале основите на јазичната писменост на компјутер, можеби ќе сметаат дека нема потреба од ваков пост. Сепак, соработката со различни профили луѓе (различни по возраст, професија и образование), нѐ убеди да ги сумираме на едно место основните правила. Некои од нив се општи и важат за секакви пишани текстови, без оглед дали се пишувани на компјутер или на хартија. Листата не е исцрпена и тековно ќе се дополнува, а на некои од наведените правила ќе се навраќаме во посебни постови.


# Потребен е и доволен само еден спејс (празно место) меѓу зборовите. Колку и да се чини мало и незабележливо тоа место, ќе си ја заврши функцијата. Две (или повеќе во низа) се вишок. Освен што естетски оставаат лош впечаток, можат да направат проблеми при прелом или при каква и да е понатамошна обработка на текстот.

# Проширување на претходното правило подразбира дека спејсот, повторен 50 пати во низа, не служи за преминување во следен ред, ниту за одредување на маргините на новите редови ниту, пак, за поредување на текстот по средина или по десната страна на страницата. Истото важи и за копчето „таб“. Неговата намена се табулациите, т.е. табларното претставување, а не нижењето 4-5 табови во низа за да се стигне до следниот ред.

# Спејс задолжително стои по интерпункција. Погрешно е да се изостави само затоа што запирката или точката веќе ги разделуваат зборовите. Погрешно е спејс да се пишува пред интерпункција или да се пишува и пред и потоа.

Погрешни варијанти:

- Поради магла на аеродромот во Скопје,авионот слета во Охрид.

- Поради магла на аеродромот во Скопје ,авионот слета во Охрид.

- Поради магла на аеродромот во Скопје , авионот слета во Охрид .

Единствената точна варијанта е:

- Поради магла на аеродромот во Скопје, авионот слета во Охрид.

# При пренесување изјави, т.е. директен говор, ако реченицата почнува со тире, треба и да заврши на истиот начин. Доколку, пак, директниот говор е во наводници, од преостанатиот текст се одделува со запирка.

Пример:

- Гостите ве чекаат - рече тој.

Или:

„Гостите ве чекаат“, рече тој.

Погрешно:

- Гостите ве чекаат, рече тој.

# Во наслов се пишува голема буква само на почетокот (или ако содржи име кое според правописот треба да е со голема буква), а не во секој збор. Како оправдување за прекршувањата на ова правило, не се прифаќа влијанието од англискиот јазик.

Погрешно:

Еден Спејс Е Доволен (за точната варијанта, види го насловот на овој пост)

# Не се почнува реченица со бројка напишана со цифри. Доколку сакаш бројката да стои напишана со цифра, побарај начин да избегнеш таа да стои на самиот почеток на реченицата (со преформулирање или со додавање збор доколку контекстот дозволува). Во спротивно, напиши ја со букви.

Погрешно:

36 проценти од анкетираните се изјасниле потврдно во однос на прашањето.

Точни варијанти:

- Триесет и шест проценти од анкетираните се изјасниле потврдно во однос на прашањето.

- Вкупно 36 проценти од анкетираните се изјасниле потврдно во однос на прашањето

- Во однос на прашањето, 36 проценти од анкетираните се изјасниле потврдно.

11 коментар:

  1. Браво. Ми се бендиса постот поради тоа што ова е и добра програмерска практика.

    Идеја за нареден пат: Научете го народов дека CAPS LOCK не е cruise control за cool и зошто е тоа така.

    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  2. Нека ви се множат написите. Предлагам слични написи на следниве теми:

    ■ употреба на надреден знак
    ■ споено и разделено пишување на зборовите
    ■ транскрипција на туѓи имиња

    Но, сигурен сум дека веќе ги имате во план.

    Поздрав,
    Гоце

    ОдговориИзбриши
  3. Фала :). Ги имаме предвид предлозите.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  4. Браво, одличен пост само продолжете така и понатаму. :)

    ОдговориИзбриши
  5. Се придружувам кон поздравите за одличноста на блогов.

    Сепак, чисто интернетски сметам дека ако пишете наслов

    Еден спејс е доволен

    треба да останете на темата.

    Вака (ако некој исчита сѐ) ќе сеќава дека видел нешто за бројки на почетокот на реченицата, но нема да го поврзе тоа со овој запис.

    ОдговориИзбриши
  6. Мене не ми е доволен .

    ОдговориИзбриши
  7. Супер, во вториот блог пост се посочија и исправија грешките од коментарите на првиот блог пост:

    „Бисерка Велковска said...
    Фала Виктор,сметај дека ќе те бараме :))
    Се читаме“

    „Morgana said...
    Супер идеа,чекам да видам како ќе се развива :)“

    продолжете така!

    ОдговориИзбриши
  8. Супер пост. Само напред! :)

    ОдговориИзбриши
  9. @Anonymous Хаха, никој не е совршен де :) Битно грешките да се грешки, а не практика :)

    ОдговориИзбриши
  10. Кога сме кај спејсот (просторот), една корисна работа за лекторите.

    Го отвораш текстот во ворд, притискаш Ctrl + F, а потоа со глувчето кликаш на Replace. Потоа во Find what внесуваш два спејса (простора), а во Replace with внесуваш еден спејс (простор). Потоа кликаш на Replace, што е подолу, ако сакаш да ги вадиш просторите еден по еден (да речеме, за да не се измести нешто во текстот) или Replace all, ако сакаш сè одеднаш да извадиш. На крајот, го гасиш и не мораш да си ги „вадиш очите“ и за спејсови.

    ОдговориИзбриши
  11. Леле колку се нервирам која ќе видам некој текст статија етц... пример:
    аеродромот во Скопје,авионот
    запирка без празно место :@

    браво за блогот, дефинитивно ќе го пратам да се подучам :D

    ОдговориИзбриши