24.9.2010

Човечката глупост (не) е човеково право

сподели на пинг

Зборовите човечки и човекови се зборови со слична форма, но со различно значење.

Многу често, и во пишаната и во говорената практика, се изедначуваат и се употребуваат во исти контексти. Тоа, секако, е погрешно бидејќи станува збор за две сосема различни придавки - присвојна и описна. Освен тоа, човечки може да има улога и на прилог.

Човеков означува присвојност, нешто што му припаѓа на човекот, најчесто генерички на целиот род.

Пример: Здравата исхрана е важна за човековото здравје.

Човечки, како придавка, означува карактеристика, својство што е карактеристично за човекот.

Како пример ќе ја искористиме познатата мисла на Алберт Ајнштајн:

Пример: Само две нешта се бесконечни, вселената и човечката глупост, но за вселената не сум сигурен.

Човечки, како прилог, означува својство што се однесува на некое дејство.

Пример: Човечки е да се помага во неволја.

Грешки најчесто се случуваат поради тоа што човечки се употребува таму каде што всушност треба да стои човеков.

Погрешно: Организација за човечки права

Треба да стои: Организација за човекови права.

15 коментари:

  1. Многу ми се допаѓа овој блог, зашто се гледа дека оние што постираат имаат стручност, а и примерите се многу описни и лесно се паметат. Супер! Само напред!

    ОдговориИзбриши
  2. Само напред! И ставете некое место на главна страна каде што може желби и идеи да ви испраќаме. На пример - сѐ најдобро или секое добро? Што е правилно?

    ОдговориИзбриши
  3. @kirev И двете се во ред :)
    Забелешки, прашања, предлози може да се испраќаат на мејлот што е оставен и во коментари. Или мислиш дека е подобро поинаку да биде решено тоа?

    ОдговориИзбриши
  4. Има примери во литературата за „секое добро“? За „сѐ најдобро“?

    А да отворите нов твитер акаунт специјално за лектормк? И тој да стои на насловната и во него да ги поставуваме прашањата што не се однесуваат на некој пост?

    ОдговориИзбриши
  5. @kirev Веќе искоментирав на друг пост, ама еве пак. Јазикот е жива материја и не може да се подведе под еден шаблон - да е правилно само едно, а сѐ друго да е погрешно. Нема потреба самите да си го осиромашуваме јазикот.
    Во двете форми нема апсолутно ништо спорно, така што можеш да ја употребуваш таа што тебе повеќе ти се допаѓа :)

    ОдговориИзбриши
  6. Јас можам што сакам да употребувам. Но збориме за стандарден јазик. Или литературен. Тоа „секое добро“ некако апансас се појави на сите медиуми. А коренот? Од српски? Па во СФРЈ не го користевме, зошто сега?!? Инаку, да, јазикот е жива материја, ама мора да има и некаква логика во новите зборови и фрази...
    Ме потсетивте на Јазично катче од Нова Македонија на времето. Од Корубин ли беше?

    ОдговориИзбриши
  7. Од Корубин.
    И „Јазикот во медиумите“ од Милчин, не Владе... :-)

    ОдговориИзбриши
  8. Уште го паметам текстот (ќе напишев постот) за косна срцевина :) И жичница. Ама очигледно никој не го читал...

    ОдговориИзбриши
  9. А дали е човекови ресурси или човечки ресурси? Како ќе се преведе/транскрибира HR? Некаде го сретнав како ЧР и ми падна многу смешно...

    ОдговориИзбриши
  10. Човечки ресурси е правилно. Инаку ако скратеницата не е општопозната, во заграда треба да се наведе што означува, за да не дојде до забуни.

    ОдговориИзбриши
  11. Во таа насока, ме интересира ваше мислење: дали е ПР или ОЈ?

    ОдговориИзбриши
  12. @Branka Во принцип, пожелно е да дискутираме за некој туѓ збор кога првпат се појавува во јазикот. Потоа неговото исфрлање веќе е насилно.
    ПР е премногу навлезен во употреба - ми испрати ПР (како соопштение за јавност), таа е ПР на компанијата (како лице што ја врши функцијата), ПР-агенција (агенција што се занимава со односи со јавност)...
    Сметам дека е пожелно да се употреби „односи со јавност“ таму каде што може, каде што трпи превод, но не сум ни за насилно исфрлање на ПР. Против сум несмасно помакедончување на скратеницата, на пример, ПР-от, ПР-и и сл.
    Од друга страна, не сум сигурна дека скратеницата ОЈ се препознава во значењето односи со јавност, како што се препознава ПР. Веројатно треба да помине време на употреба за да се одомаќини кај зборувачите. Во тој контекст, препораката е, ако се употребува ОЈ, барем на првото спомнување да стои:
    односи со јавност (ОЈ), па потоа може и само ОЈ
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  13. Како е правилно: човечка заедница или човекова заедница?

    Дали е правилно: односи со јавност или односи со јавноста, како што е, на пример, историја на уметноста, вршител на должноста и сл.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  14. Полека, полека го подготвувам лекторскиот испит и овој блог дефинитивно многу ми помага. Се надевам дека ќе ми помогнете побрзо да ги надминам сите проблеми со кои се соочувам и ќе се соочувам. Би сакала да знам кога се употребуваат КОЈШТО,КОИШТО, итн. Ви благодарам

    ОдговориИзбриши
  15. „Човеково достоинство“ или „човечко достоинство“?

    ОдговориИзбриши