27.9.2010

Не сум Ајван, се викам Иван

сподели на пинг

Замисли да се викаш Иван, а некој да те вика Ајван. Или да се викаш Бојана, а странците да те нарекуваат Боџана. Точниот изговор на зборовите од други јазици што немаат превод, како што се личните имиња, географските поими, егзотизмите и некои други непреведливи поими е важен и токму поради тоа е важна и транскрипцијата.

Најопшто, транскрипција претставува пренесување на некоја говорена форма во пишувана. Во јазичен контекст, тоа значи запишување на непреведливите зборови онака како што се изговараат (во нашиот случај) со македонската азбука. За да биде транскрипцијата точна, важно е да се знае од кој јазик доаѓа непреведливиот збор (Henry ќе биде Хенри во Англија, но Анри во Франција).

Зошто ни треба транскрипција?

Многу просто - целата публика за која е наменет текстот не го зборува јазикот од кој потекнува непреведливиот збор. И не се работи само за зборови од англискиот јазик (како најупотребуван странски). Дали би го оставил во оригинал името на некој јапонски научник, на некој кинески астронаут, индиска боливудска ѕвезда? Дали би оставил оригинални руски имиња? Во нивното оригинално писмо? И како потоа би ги прочитал?

Ако знаеш како се изговара конкретното име (или кој и да е непреведлив збор), напиши го транскрибирано во твојот текст, за да ѝ го олесниш читањето на својата публика. Ако, пак, не го знаеш, потруди се да го пронајдеш точниот изговор (преку делот за транскрипција од Правописот на македонскиот јазик), прашај зборувач на јазикот во чиј квалитет си сигурен или едноставно побарај го на Интернет. Речиси не постои збор од кој и да е јазик за кој не може да се пронајде звучен изговор преку Гугл.

Зошто ни треба оригиналот?

Секако, во време на глобализација и оригиналот е потребен, пред сѐ, за да му се помогне на читателот полесно да пронајде дополнителни информации за споменатиот непреведлив поим. Постојат повеќе начини како да се наведе оригиналот - во заграда по првото споменување на името, во фуснота или во посебен индекс приложен на крајот, доколку станува збор за книга.

Онлајн, сето тоа е многу полесно, бидејќи воопшто и не мора да го вметнуваш оригиналот во самиот текст. Доволно е неговата транскрибирана варијанта да ја претвориш во линк што ќе го однесе читателот до страницата посветена на таа личност/географски или друг поим на Википедија или на некоја друга релевантна интернет-страница.

22 коментари:

  1. Доколку ви треба буквата "и" со надреден знак, еве "ѝ".

    п.с. Не е којзнае каква замерка но би било добро да го подесите времето на блогот.

    ОдговориИзбриши
  2. @Aleksandar Фала ти за ѝ (коригирано) и за забелешката.
    Тоа ѝ што го имам во симболи, на блогот го дава како запирка во некој фонт. Има ли начин како да го вметнеме ова што ни го праќаш во симболите за да не го копираме постојано?

    Ќе го смениме и времето. Не сме многу искусни блогерки, ама учиме :)
    Позз

    ОдговориИзбриши
  3. Еве една добра страница каде што можат да се најдат надредни знаци и други симболи: http://agora.org.mk/goodbytes/char/?s=1101

    ОдговориИзбриши
  4. Извини не те сфатив за кои симболи зборуваш, има таква опција во блогер?

    ОдговориИзбриши
  5. @Anonymous Супер, фала :)
    @Aleksandar Мислев на „инсерт симбол“ во Ворд. Најлесно би ми било да го имам таму. Ама ок е. И страницата од претходниот коментар ќе заврши работа. Фала во секој случај

    ОдговориИзбриши
  6. @Бисерка Велковска Незнам за таа опција дали можеш ти самиот да си ставиш твој симбол, мене буквата ми е зачувана во ворд документ и по потреба од таму си ја копирам :)

    ОдговориИзбриши
  7. Во Vista (и Windows 7 ?) има тастатура Macedonian - Standard и тука ги има ѐЀѝЍ на место на \|`~. Ископирајте си ги за вас. Фали уште о со капа, кој ќе го најде, дајте го наваму :)

    ОдговориИзбриши
  8. Во македонскиот правопис не постои о со капа или о со надреден знак, така што нема потреба од тоа.

    ОдговориИзбриши
  9. Каква продукција имате!!!
    За една недела четири текста. Браво! Само продолжете така.
    Со нетрпение го очекувам наредниот текст...

    ОдговориИзбриши
  10. Маја, мислам дека има - зборчето од и од (одење). Немам Правопис при рака, ама кога ќе го најдам ќе пишам.

    ОдговориИзбриши
  11. Сузана Митревска29 септември 2010 14:16

    Ако некој од какви било причини сака да го обележи о во именката од (одот), може да го стави над таквото о нашиот надреден знак.

    Правопис на македонскиот литературен јазик (стр.153)
    Просветно дело
    Скопје 2007

    ОдговориИзбриши
  12. @Suzana Топло добредојде за Сузе :) Очекуваме твој постојан придонес во дискусиите.
    Што се однесува до о, постои избор, но не и правило. Впрочем ниеден друг хомоним не се означува со надреден знак за да се разликува.
    коса (на глава) вс коса (за косење)
    :)

    ОдговориИзбриши
  13. Ок, ок, јас сум од тие што ИЗБИРАМ да го пишувам така :) Па ако некој ја најде буквата што ми треба (сосе надредениот знак), нека ми каже каде ја има.

    ОдговориИзбриши
  14. Авторот го отстрани коментаров.

    ОдговориИзбриши
  15. Fantastichni tekstovi, epten se zachitav! Btw, na strancite mnogu im e smeshno koga prozivaat Makedonci shto se vikaat Slave ili Blaze. :)))

    Pozdrav pak,
    Elena

    ОдговориИзбриши
  16. Елена, исто и Jane. Очекуваат женско, а гледаат машко :)

    ОдговориИзбриши
  17. Имам едно прашање за кое се надевам дека ќе ми одговорите.
    Strasbourg kako се транскрибира? Многу често во дневниот печат среќаваме Стразбург. Но, замената на s во з, според правилото за транскрипција од францускиот јазик гласи: s кога ќе се најде меѓу две самогласки се предава со z. Овде s не е меѓу две самогласки и според тоа треба да се напише со с. Таа форма ја среќаваме и во Правописот од 1979, но во последниве Правописи, ова зборче како исклучок од едначењето по звучност не го среќаваме. Значи, отсуствува од Правописот, во дневниот печат го среќаваме со з, Стразбург, и мене навистина ми создава дилеми - која е правилната форма Стразбург или Страсбург?

    ОдговориИзбриши
  18. @Savovska Стразбур (без Г на крајот), затоа што така се изговара

    ОдговориИзбриши
  19. Dali se raboti za istata "novinarka" "Бисерка Велковска -Блажева" so antimakedonski napisi vo "Nova Makedonija"?

    ОдговориИзбриши
  20. @Катица Новинарката е таа, а написите никогаш не биле антимакедонски. Сите обиди за политички дискусии на блогов, ќе бидат бришени. Ова не е место за тоа

    ОдговориИзбриши
  21. Анонимен20 мај 2012 17:50

    Како се транскрибираат арапските презимиња? Дали помеѓу членот и презимето се пишува цртичка или не? На пример, дали е правилно да се напише Ал-Рашид или ал Рашид?

    ОдговориИзбриши
  22. Моето име е Маја. Како треба да го пишувам името на англиски, Maja или Maya? Бидејќи, ако напишам Maja, читателот го изговара како Маџа, а ако напишам Maya, имам чувство дека сум си го сменила името... Поздрав до прекрасниот блог!!!

    ОдговориИзбриши