29.9.2010

Последипломски, попоследипломски, најпоследипломски?!

сподели на пинг

Марија се запиша на последипломски студии на Економскиот факултет.

Градот се буди после полноќ.

Една од редовните грешки во секојдневната јазична практика е токму оваа, употребата на прилогот после на местото каде што треба да стои предлогот по.

Кажано на наједноставниот начин, прилог е збор што означува својство, карактеристика што се однесува на дејството во реченицата (слично како што придавката ја определува именката по некоја особина). Во случајот на после зборуваме за временски прилог, кој го определува дејството во однос на времето во кое се случува. Прилози од истата категорија се и сега, порано, подоцна, утре, вчера...

Прво јадев, а после легнав да одморам малку.

Наспроти тоа, по е предлог, помошен збор кој служи за да ги означи односите меѓу другите зборовите во реченицата.

Ќе дојдам кај тебе по часовите.

Спротивно значење на по има предлогот пред. Токму ова може да ти послужи како тест - доколку во истата реченица може да стои пред, тоа е сигурен показател дека за после нема место.

Пример: Градот се буди пред полноќ.

Уште една разлика е во следново. Предлозите се целосно неменливи по форма и многу често имаат улога и на префикси во градењето на сложените зборови. Прилозите, пак, (некои од нив) може да се степенуваат: после, попосле, најпосле и не се јавуваат во улога на префикси.

Грешката се случува кога прилогот после се употребува на место каде што би требало да стои предлогот по. Една можна причина за ваквото мешање е тоа што зборот што е подолг по форма многу често во перцепцијата на зборувачите звучи поекспресивно. Сепак, тоа не е оправдување.

Примерите од почетокот на овој пост треба да звучат вака.

Марија се запиша на постдипломски/подипломски студии на Економскиот факултет.

Градот се буди по полноќ.

Како што споменавме претходно, предлозите може да се јават и во улога на префикси, а токму таков е случајот со придавката постдипломски/подипломски. Во нашиот јазик пораспространета е варијантата постдипломски, што доаѓа од интернационалниот пандан (со латинско потекло) на по, т.е. пост. Дополнително, доколку имаш потреба зборот да ти звучи „помакедонски“, употреби го подипломски. Варијантата последипломски не е прифатлива, бидејќи е граматички погрешна. Степенувај го прилогот - попоследипломски и најпоследипломски - и ќе ти стане појасно зошто оваа форма е неприфатлива.

1 коментар:

  1. Јас мислам дека кај нас се користи варијантата „последипломски“ заради копи-пејст од хрватскиот...
    П.С. Супер блог, поздрав :)

    ОдговориИзбриши