29.10.2010

Се случи во октомври, 2010 година

сподели на пинг

Пишувањето датум многу често се сфаќа несериозно, веројатно, поради тоа што го пишуваме секојдневно, рутинирано и без да му обрнеме посебно внимание. Сепак, и тоа подлежи на некои правила, кои не можеш туку-така да ги игнорираш.

Имај предвид дека, според македонскиот правопис, најпрво се пишува денот, месецот, па годината.

Примери:

Денеска е 29 октомври 2010 година.

29.10.2010 г.

29. Х 2010 год.

Обиди се да не потпаѓаш под влијанието на англискиот јазик (и на некои други), каде што најпрво се пишува месецот, а потоа денот и годината.

Пример:

10/29/2010 (вакво бележење со коси црти е неприфатливо, дури и да е редоследот точен)

October, 29th 2010

Забелешка: Кога се пишува месецот со букви, погрешно е да се употреби голема буква. Кај нас, имињата на месеците, како и имињата на деновите во неделата се пишуваат со мала буква. Обратното се смета за погрешно и е уште едно влијание од англискиот јазик.

Откако го утврдивме основното, ќе ги посочиме детално правилата за пишување датум, како и најчестите грешки.

Погрешно е денот, месецот и годината да се одвојуваат со тире. Тоа не е математичка задача за да пишуваш минуси. Кај нас, редните броеви (како што се, на пример, дваесет и деветти и десетти, се означуваат со точки.

Пример: 29 – 10 – 2010 (погрешно)

28.10.2010 г.

Забележи дека точка не се пишува по бројката што ја означува годината, како што е случај во некои јазици (на пример, хрватскиот: 2010.). Нејзината редност се подразбира токму поради присуството на зборот година веднаш по неа. Доколку поради определена стилска обележеност, зборот година отсуствува, во тој случај е потребно да се нагласи дека станува збор за реден број, но не со точка, туку со член.

Пример:

Нивната прва средба се случи во 2008-та.

Сепак, ова е можно во наративни текстови, во белетристика или во новинарски статии. Во официјална комуникација, во документи и во стручна литература по бројот мора да стои зборот година без член (погрешно е и 2008-та година). Дозволени се и неговите скратеници, а тоа се г. или год. Двете се еднакво прифатливи и точни, но пожелно е во наративен текст да стои целиот збор (замисли роман што користи скратеници).

Треба да се напомене дека доколку денот и месецот се означени со едноцифрени бројки (1-9), пред цифрата не се пишува нула.

Пример: 04.04.2010 (погрешно)

4.4.2010 (точно)

Освен веќе споменатите начини, дозволено е месецот да се напише со римски број. Во тој случај, по него не се пишува точка.

Пример: 27. XII 2000 г.

И на крај, ќе напоменеме уште две важни правила и чести грешки поврзани со бележењето на датумот. Кога означуваш временски период, погрешно е да ги комбинираш предлозите од-до со тире (-). Се употребува или едното или другото.

Пример:

Таа работеше во компанијата од 2000 до 2004 година.

Во периодот 2000-2004 година таа работеше во компанијата.

Погрешно е:

Таа работеше во компанијата од 2000-2004 година.

Ова, впрочем, важи и воопшто за одредување бројни интервали.

Исто така, при означувањето на периодот со тире, погрешно е да се напишат само последните бројки од втората година.

Пример:

1991-95 година (погрешно)

1991-1995 (точно)

13 коментари:

  1. Во контекст на бројните интервали
    никако: од 9-15 годишна возраст
    туку: од 9 до 15-годишна возраст
    :)

    ОдговориИзбриши
  2. Кој има правопис при рака? Уверен сум дека таму некаде пишуваше дека ова е правилно 04.04.2010

    ОдговориИзбриши
  3. Правилно е во правното, а сега веќе и во електронското (компјутерското) општење.

    ОдговориИзбриши
  4. Пример: 04.04.2010 (погрешно).

    Забелешка: Ваквото пишување на датумот е ТОЧНО, но мора да се напомене дека ваквата примена на пишување на датумите се употребува само во банкарството, во книговодството, со цел да се означат првите 10 дена или месеци од годината. Во обичната комуникација ова не се допушта, но во книговодственото работење и во банкарството е сосема ТОЧНО И СЕ ДОПУШТА.

    ОдговориИзбриши
  5. Анонимен09 март 2011 16:02

    А следново:

    1-ви мај 2010 г. или
    1. мај 2010 г.


    Го има во предговор на една книга.

    ОдговориИзбриши
  6. Ни едното ни другото. Сите можности за пишување датум се дадени во постот. Книгата очигледно не е лекторирана

    ОдговориИзбриши
  7. Или лекторот „везе нема“ :)

    ОдговориИзбриши
  8. Како е правилно во текст да стои?
    Тоа ќе се случува на 1ви мај.2012 г. или
    Тоа ќе се случува на 1.мај.2012 г.

    благодарам однапред

    ОдговориИзбриши
  9. Ул. 11. Октомври или Ул. 11 октомври или Ул. 11-ти октомври? Или?
    3-тата сезона или 3. сезона? Или?

    ОдговориИзбриши
  10. Ул. 11 Октомври, 3-тата сезона.

    ОдговориИзбриши
  11. Дали би можеле да ми помогнете да бидам сигурна околу пишувањето на годините со букви: две илјади и тринаесетта или двеилјадиитринаесетта?

    ОдговориИзбриши
  12. Дали е дозволено да се пишува: 1-ви август 2014, 3-ти јуни или 10-ти јули? Бидејќи се работи за редни броеви и со помош на придавките за редните броеви со цртичка се означува редниот број. Во правописот стој дека се пишува 1 август 2014 година, но би сакал да го истакнам и разјаснам редниот број. Затоа ми беше поентата со придавката на редниот број со цртичка. Доколку е во ред да се користи, бидејќи знаеме дека улици именувани по празници се пишуваат: "2-ри Август".

    ОдговориИзбриши
  13. Анонимен01 април 2016 18:44

    Можете ли да ми кажете. Дали е во ред за едноцифрените редни броеви да се употребува број со тире и кратенка како во примеров: 1-ви, 2-ри и 8-ми ?
    Според мене, мислам дека не би требало да се користат таквите форми. Од редниот број 9 натаму би можеле да се користат таквите форми зашто го има бројот девет и -ти, пр. 9-ти. Што мислите?

    ОдговориИзбриши