01.10.2010

Елизабет Тејлор, Елизабет Харли и кралицата Елизабета

сподели на пинг

Основното начело на транскрипцијата е да биде што е можно поблиска до оригиналниот изговор. Главните правила што важат при пренос од одредени јазици наведени во Правописот на македонскиот јазик се корисни за непознавачите на конкретниот јазик, но и затоа што ги регулираат двоумењата, кога гласот од странскиот јазик е помеѓу два различни гласа во нашиот. На пример, u во француското Luc е глас кој е меѓу нашите у и и. И покрај тоа што, често се среќаваат и двете варијанти на транскрипцијата, Лук и Лик, втората е таа што е утврдена со правописот.

Отстапки од блискоста до оригиналниот изговор се прават, во случај кога веќе постои варијанта на истото име во нашиот јазик. На пример, името Horatio, варијанта од англиското говорно подрачје на латиноамериканското Horacio, се изговара нешто слично како Хорејшио (додека латиноамериканското се изговара Орасио). Кој гледал ЦСИ Мајами на нашиве телевизии, барем еднаш се изнасмеал поради Хорејшио (или евентуално Хорејчио?!). Сепак, прифатената варијанта (и во двата случаи) е традиционалната транскрипција, па најсоодветно е да стои Хорацио (оваа форма е постара и навлезена одамна преку латинскиот јазик).

Друга ситуација кога се прави отстапка од оригиналниот изговор е поврзана со општествени контексти, со конкретната личност што го носи името и понекогаш со времето кога влегува во нашиот јазик. На пример, британската кралица Elizabeth, по традиција е Елизабета. Името постои во нашиот јазик во оваа форма, а постарата транскрипција имала тенденција да ги помакедончува странските имиња (на пример, Marie Antoinette е транскрибирана како Марија Антоанета иако изговорот е поблиску до Мари Антоанет). Наспроти кралицата, глумиците Elizabeth Hurley, па и Elizabeth Taylor (која временски е поблиску до кралицата отколку до колешката, но пресуден е општествениот контекст) ќе бидат Елизабет Харли и Елизабет Тејлор (поблиску до оригиналниот изговор). Исто така, и сите други не толку познати жени со ова име, ќе се транскрибираат како Елизабет.

На други правила и отстапки во транскрипцијата во конкретни јазици, повторно ќе се навраќаме. Тоа што сега е битно да се нагласи е што никаде во печатените учебници и јазични прирачници не е регулирано каде и кога се применува транскрипцијата, а каде е пожелно да се остави оригиналот (без превод или транскрипција). Во некој од наредните постови ќе се задржиме токму на тоа прашање.

9 коментари:

  1. „Тоа што сега е битно да се нагласи е што никаде во печатените учебници и јазични прирачници не е регулирано каде и кога се применува транскрипцијата, а каде е пожелно да се остави оригиналот (без превод или транскрипција).“

    Приметив дека компаниите на физички реклами или на интернет, на нивните веб страни, се со latinski букви, најчесто напишани на англиски.

    Дали тогаш вреди да се користи транскрипцијата, кога едноставно може да настане забуна? пример Horacio = Хорејшио, ако е име на фирма тогаш двата зборови покажуваат кон нешто друго.

    btw ова не мора да се врзе само за фирма, пример кинески имиња на градови и други чудни, не-секојдневни за нас места со транскрипцијата може да се изгубат тотално... да не можам да ги најдат на нет нити да ги изговорам правилно за да прашам некој што би знаел

    Но затоа имиња на местата од западните земји ги транскриптираме бидејќи нели ги познаваме колку
    толку, тешко ќе ги изгубиме...

    Ако ставиме - име на град (ime na grad) - како правило of some sort тогаш често ќе има дуплирање на нешто во една реченица, некаде повеќе загради ако се набројува... и тоа не е баш ок.

    Long story shot... what to do, what to do? Да се откажеме од транскрипцијата?

    Поздрав,
    @ViktrArs

    ОдговориИзбриши
  2. Не е на темава, но...
    Пред некој ден се смеев на еден филм на „Телма“. Кратко гледав, само една сцена. Се случува во кујна, Америка, појадок. Мајката нуди цереалии, ќерката не сака да јаде цереалии, мајката упорно нуди цереалии, ќерката уште поупорно не ги прифаќа цереалиите.
    Бемлига, на девојчето веројатно му се јадело житарки или житарици.

    ОдговориИзбриши
  3. Може ли и една тема за користењето на англиски (и други странски) фрази во македонскиве текстови, како кај овој првиов коментатор (btw, long story short). Во останатиот дел од светот таквата навика се смета за претенциозност, а само кај нас, очигледно, тоа е одлика на „поучените“ луѓе.

    ОдговориИзбриши
  4. Поздрав и честитки за идејава!
    Проблемите кои ги зафаќате се навидум едноставни и банални, но се јазични проблеми кои знаат да предизвикаат колебање, не само кај „обичните“ корисници на јазикот туку и кај нас „професионалците“. Се надевам дека идејава ви е долгорочна и дека вашиов блог ќе прерасне во место на кое масовно ќе разменуваме мислења, ќе решаваме одредени проблеми и ќе бараме/добиваме помош. :)
    Меѓудругото,не знам дали сте информирани дека се основаше Здружение на лектори во РМ, кое, покрај многуте идеи и цели, предвидува да има и веб-локација или нешто слично каде ќе се објавуваат вакви и слични текстови за современиот македонски јазик и неговата употреба. Мислам дека би било добро информацијата за постоење на блогот „Лектор“ да ја прошириме меѓу нашите колеги-лектори како би можеле да се вклучат со мислења, предлози и коментари. Се разбира,со ваша дозвола, ако сте расположени и согласни за вакво нешто.

    ОдговориИзбриши
  5. @ViktrArs Не знам дали го прочита претходниот пост за транскрипција (Не сум Ајван, се викам Иван). Таму објаснувам зошто треба транскрипција, а зошто треба оригинал.
    Што се однесува до фирмите - колку што знам, лиценцирана фирма според странски бренд мора да го има заштитеното име и лого, бидејќи лиценцата го бара тоа. И тоа не ми е спорно. Но, истите тие фирми кога се спомнуваат во пишан текст каде било - весник, ТВ, сајт, какови и да е напис, треба да се стојат транскрибирани (пак види го претходниот напис за начините како може да се реши тоа со оригиналите - фуснота, линк, индекс...).
    За сите други фирми, кои не се по странска лиценца, името треба да е кирилично напишано. Тоа е регурлирано и со закон, кој за жал не се почитува сосема. Нејсе, тоа е повеќе правна работа, не би навлегувала, но и тие што не се придржуваат до законот, во пишан текст треба да стојат транскрибирани.
    И за сѐ друго - транскрипцијата е потребна, токму за да нема забуна и грешки во изговорот. Не знаат сите како да прочитаат име на француски, кинески итн. Таму каде што има потреба и од оригинал, има како да се реши тоа (пак види го постот што ти го спомнав).
    Дополнително, кога би било решено и во м. ј. имињата да се пишуваат во оригинал (а не е), тоа би важело за секаде. Мислам дека тоа би било поголем проблем - некој што му е тешко да ги научи правилата на македонскиот јазик, да ги научи правилата на сите други јазици за пишување.
    Како и да е, утврдено е дека во м. ј. треба да се транскрибира. Се надевам дека со уште неколку наредни постови, ќе разјасниме некои спорни работи околу транскирпцијата.

    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  6. @Ana Блогот е јавен и отворен за сите и сите се добредојдени да се вклучат :)
    Слушнавме за здружението. Со мене никој не контактирал (веројатно зашто работам како новинар, а не како лектор), а на Маја и стигнуваат некои покани со доцнење, откако состанокот веќе е поминат. Така што не сме многу во тек :)
    Поздрав и се читаме :)

    ОдговориИзбриши
  7. Го читнав текстот, но таму се споменати лични имиња. Кога е споменат „Гугл“ велиш може да се линка.

    Но тука има два проблеми. Се работи за содржина каде изобилуваат странски зборови кои не можат да се линкаат, пример од прва во текст има Google Goggles. Сега тоа треба да го напишам како Гугл Гаглс? Тоа е проблематично заради следново:
    1. Појавување на интернет пребарувачи. Ако некој бара „Goggles“ (никој нема да бара „Гаглс“) ќе биде доведен на македонски тест за Goggles. Но ако јас транскриптирам тогаш се остранувам од интернет пребарувачот, нели?

    Споменав и претходно ако користам загради како „Гуглс Гаглс (google Goggles)“ имам проблем бидејќи имам многу термини кои бараат загради и постојано дуплираме содржина. Може да се користи оригиналот во заграда на првото споменување и потоа имаш транскрипција, но пак се работи за многу загради...

    2. се работи за нешто што ако го јас транскриптирам тој што го чита тексот кога ќе кликне на линкот кој ќе го одвете на некој пример англиски сајт нема да може да се снајде бидејќи транскрипцијата и тоа што е таму ќе бидат 2 различни нешта.

    Пример, зарем Create New List треба да е „Криејт њу лист“ (наводниците се обавезни нели)? Не може да биде „Направи нова листа“ бидејќи не секој знае како тоа изгледа на англиски за да го најде. А ако е транскрипција нема да изгледа како што е на англиски. Пак, ќе повторам не секој знае англиски. Create New List изгледа едноставно, можеби, но што ако имам покомплексен термин?

    Некоја идеја pls, пошто ми е доста проблематично срање ова?

    ОдговориИзбриши
  8. @Viktor Се сложувам дека транскрипцијата е проблем кога е во прашање професионалната терминологија, особено од област како што е ИТ, бидејќи во најголем дел доаѓа од друг јазик (англиски). Тука веројатно треба да се прави баланс во секоја област одделно, а критериумот да биде разбирливоста, односно да се постапи на оној начин што ќе направи текстот да е најразбирлив за публиката за која е наменет. Ќе пишам пост во врска со ова деновиве.

    Лично, кога пребарувам содржини од македонски сајтови, тоа го правам кирилично и според транскрибираните називи (пробувам и со оригиналот ако има потреба, но така се мешаат резултатите со немакедонски сајтови, па треба да додаваш дополнителни одредници за да го најдеш тоа што го бараш). Од друга страна, знам и дека на многумина им е полесно да прифатат „јазична дембелана“ - напиши тоа што ти е најлесно, а не тоа што е најсоодветно. Но, тоа не значи дека така треба. Сепак, примената на јазикот оналајн е навистина необработена и нестандардизирана област, пред сѐ зашто и Интернет е релативно нова појава во нашето секојдневие :) Значи, сите можеме да придонесеме за изнаоѓање практични решенија.

    Е сега, кога може цели пакети со апликации, пребарувачи, програми да се преведени целосно на македонски, би требало да се најде соодветно решение и за онлајн-медиумите.
    Еве некои предлози што можеби ќе ти помогнат:
    - во таговите/етикетите на текстот нека стојат оригиналите заедно со транскрипциите; така нема да се преоптоварува текстот и нема да се отстраниш од пребарувачот (така мислам, ако грешам, исправи ме :) ); или
    - на местото каде што првпат се спомнува поимот, нека е во оригинал, без заграда, без транскрипција, а секаде понатаму нека оди транскрипција (првото решение лично повеќе ми се допаѓа)
    За втората точка - сам кажуваш дека не секој знае англиски. Токму затоа треба да му понудиш содржина на македонски. Ако го оставиш поимот во оригинал, не гледам како ќе му помогнеш на тој што не знае англиски да прочита или да разбере.
    Конкретно, Create New List (и покомплексните термини) спаѓа во термини што пренесуваат повеќе значење ако се преведат, отколку ако се транскрибираат (како што се преведени менијата на мобилните, на Мозила на македонски итн.) (во следниот пост и за ова) Мислам дека станува збор само за навика - на пример, ако корисникот со години користи мобилен со македонско мени, преводите на термините воопшто не му се проблем. Дополнително, сметај дека текстот е доволно оптоварен бидејќи е стручен, изобилува со термини, па ако уште се и на друг јазик...

    Уште еден аргумент што се однесува на општо познатите термини. За посредба земи, на пример, „палома“, „шардоне“ и „нокија“. Сигурна сум дека првите две нема да ги напишеш во оригинал, додека третото ќе го напишеш Nokia. А исто е, сите три се марки/брендови и сите се широко распространети во нашиот јазик (единствен аргумент за оригиналот овде е тоа со отстранување од пребарувачот, ама тоа го коментирав погоре).

    Како и да е, се надевам следниот пост ќе доразјасни уште некои работи. И се надевам дискусијава ќе продолжи до изнаоѓање решение кое ќе биде добро од сите аспекти и кое понатаму ќе може да им го препорачуваме на сите :)

    ОдговориИзбриши
  9. Правилата во нашиот правопис се многу арбитарни некако, небаре се од ракав тресени.

    И освен тоа, луѓето што ги дале тие правила никој не ги овластил, барем не преку демократски процедури.

    Во доцните 40ти и раните 50ти години од минатиот век, комунистичката власт без демократски инпут од гласачите го кодифицирала јазикот.

    И зошто сега треба да гледаме идолопоклонички кон нешто очигледно арбитарно и недемократско?

    Зошто овие правила не смееме да ги подложиме на сомневање и преиспитување?

    Нешто слично на тоа има пишувано во првата точка од колумната „Ти мене војводо, јас тебе сердаре“ http://blogatash.wordpress.com/2010/04/11/♦-ти-мeнe-„вojвoдo“-јac-тeбe-„cepдape“/

    Кој ги описменил описменувачите?

    ОдговориИзбриши