04.10.2010

Илјада зошто, зашто сакам сѐ да знам

сподели на пинг

Зашто отпатува порано? Морав да заминам, зошто состанокот ми го презакажаа за утре, наместо за среда.

Во циклусот постови посветени на погрешната употреба на зборовите што имаат слична форма, но различно значење, на дневен ред стигнаа зошто и зашто. Причината поради која луѓето го избегнуваат зашто е тоа што мислат дека е србизам и погрешно го употребуваат во двете ситуации.

Зошто е прашален збор, што значи дека неговото место е во прашалните речници. Со него прашуваме за причината поради која се случило дејството.

Зошто не ми се јави вчера?

Исто така, може да биде употребено и во сложена реченица во која едниот дел е прашална реченица. Со нив не прашуваме ништо, туку кажуваме некаква констатација.

Има многу причини зошто не ја сакам зимата.

Од друга страна, зашто е сврзник и се употребува во сложени причинско-последични реченици.

Задоцнив на работа зашто ми избега автобусот.

Како показател за тоа дали во реченицата треба да стои зашто, може да се искористат другите причинско-последични сврзници: поради тоа што, затоа што, бидејќи. Штом може да стојат во истиот контекст, нема место за двоумење и нема место за зошто.

Оттука јасно е дека примерите на почетокот на овој пост се погрешни и треба да изгледаат вака:

Зошто отпатува порано? Морав да заминам зашто состанокот ми го закажаа за утре, наместо за среда.

7 коментари:

  1. Киро Велковски04 октомври 2010 12:04

    Зошто? Зашто :)
    Туку најлесно е да се запамети дека ЗАтоа ШТО = ЗАШТО

    ОдговориИзбриши
  2. Одлична тема. Во новинарството многу често има потреба од зашто

    ОдговориИзбриши
  3. Мислам дека имаше некаде во граматиката на Круме Кепески дека зашто не треба да се користи, туку да се замени со: затоа што, бидејќи, ... Не знам дали „оти“ е добра замена.

    ОдговориИзбриши
  4. Предлог за тема на некој нареден пост:

    Нешто околу значењето на кирилицата, би било доста потребно, бидејќи многумина мислат дека причините се исклучиво патриотски, а бидејќи се навикнати на латиницата, тие причини не би биле доволни за да ја сменат навиката. Но не знаат дека љубов кон прецизното изразување и личната своја писменост, се можеби доста важни причини.

    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  5. сакаш да кажиш дека не треба да користиме "затоа што" и треба да го замениме со "зашто"?

    ОдговориИзбриши
  6. Уф, не. Сакам да кажам дека и зашто се употребува, а не како што мислат некои дека е србизам и дека треба да се замени со зошто. Покрај затоа што, се употребува и зашто.

    ОдговориИзбриши
  7. А зашто е исправен? Може да се употребува наместо затоа што?

    ОдговориИзбриши