08.10.2010

Поради тебе и заради твое добро

сподели на пинг

Не се јаде сè што лета и не е србизам сè што звучи немакедонски. Еден од зборовите што неправедно добиваат ваква етикета е и заради, кој честопати погрешно се заменува со поради.

Заради твоето невнимание, го изгубивме правецот на патот.

Послушај ги советите поради твое добро.

Станува збор за два сврзници, кои се употребуваат во различни зависносложени реченици. Поради се употребува во причински реченици и ја најавува причината поради која се врши некое дејство.

Не отидовме на прошетка поради лошото време.

Од друга страна, заради има целно значење, односно ја означува целта заради која се врши дејството.

Не фрламе ѓубре на улица заради почиста околина.

Освен неправедното етикетирање како србизам, уште една причина за оваа грешка е и невниманието на авторот на текстот или на зборувачот, кој не обрнува внимание за граматичката точност на тоа што го кажува. И тогаш низ целиот текст преовладува само едниот од сврзниците, а најчесто тоа е причинскиот.

За да бидеш сигурен кој сврзник да го употребиш, едноставно прашај се - од која причина се извршило дејството или со каква цел.

Сега веќе би требало да ти е јасно дека почетните примери би требало да звучат вака:

Поради твоето невнимание, го изгубивме правецот на патот.

Послушај ги советите заради твое добро.

9 коментари:

  1. Браво за блогов! Сега го открив, редовно ќе си го читам :)

    Искрено се израдував кога видов дека постои ваков блог. Но од друга страна, откако ги прочитав сите постови и некои коментари сфатив дека е жално што сè е оставено на дискусии меѓу лектори, македонисти, преведувачи и што прашањава не се третираат со поголема внимателност од страна на овластена институција. Сè е замрено во тој поглед...
    (Дури институциите како МВР одат во спротивност со правописот и на пасошите нели наместо, на пример Kocjovski, пропишано е да стои Kochovski), значи не постои никаква координираност.
    Поздрав до двете,
    Вики

    ОдговориИзбриши
  2. Objasnuvanjata se konfuzni. CEl nasprema pricina. Cel moze da bide i pocista okolina, cel moze da bide i gubenjeto na patot - koj del e ultra konfuzno. Velish so Zaradi ima celno znacenje, a shto e celta vo prviot primer! Gubenjeto na patot? Atakuvanjeto na toj zaradi koj se izgubil patot?!

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous Првите два примери се дадени како пример за грешки. Точните варијатни се дадени на самиот крај. Прочитај повнимателно.

    Разликата меѓу целта заради која се врши дејството и причината поради која се врши е повеќе логичка отколку лингвистичка:
    - причината веќе постои и таа го предизвикува вршењето на дејството
    - целта е нешто што сакаме да го постигнеме со дејството, значи не постои пред вршењето, туку треба да биде последица (не е последица, туку се очекува да биде)
    :)

    ОдговориИзбриши
  4. Покојната Јадранка вака ми ги разграничи заради и поради, па и на сон да станам ги разликувам :)

    ЗАРАДИ = „за да“
    Одам на кино заради гледање на филм (за да гледам филм)
    ПОРАДИ = „бидејќи“
    Не доаѓам на работа поради боледување(бидејќи сум на боледување.

    Едноставно, нели...

    ОдговориИзбриши
  5. Браво, nikejaa. Лесно, едноставно и разбирливо!

    ОдговориИзбриши
  6. Браво Никеја, поубаво објаснување за разлика од тоа погоре што го прочитавме.

    ОдговориИзбриши
  7. Анонимен19 мај 2011 22:29

    Дали некој може да ми направи фонетска транскрипција на неколку зборови. Ако некој биде љубезен да ми помогне нека остави маил на кој ке може да контактираме. Доколку е потребно и ке го платам направеното.

    ОдговориИзбриши
  8. Анонимен17 јуни 2011 15:09

    Здраво,
    работам на превод и лекторот ми кажа дека не можам да ги употребам зборовите „започни“ и „прилагодување“ бидејќи не постојат во македонскиот јазик,или барем не се употребуваат во пишана форма.

    ОдговориИзбриши
  9. Прилагодување > шриспособување
    ЗапчнИ е дијалектизам, треба започнЕ. Не е точно дека започне не постои во македонскиот јазик, тоа е префиксирана варијанта од почне, но во пишана форма лекторите препорачуваат да се употребува непрефиксираната варијанта „почне“, бидејќи значи исто, а со неа стилот е постегнат и подобар.

    ОдговориИзбриши