12.10.2010

Мисли на македонски!

сподели на пинг

Кога почетник почнува да учи странски јазик, обично го советуваат: Мисли (на пример) на англиски! Не смислувај реченица на мајчиниот јазик за потоа да ја преведеш, туку директно формулирај ја на странскиот јазик.

Тешко е да се поверува, ама дојде ред да се каже и спротивното: пробај да мислиш малку на македонски. Можеби така изразувањето ќе ти биде полесно и нема да ти недостигаат зборови.

При превод, неприфатливо е директното преземање реченични конструкции типични за странскиот јазик и изолирано преведување и редење на зборовите што се употребени.

Примери:

Мичиген испитувачки тестови

Здравствено поврзаните ефекти на алкохолот

Чикаго базирана компанија

Просечен зборувач на англискиот јазик (англискиот го земаме како пример и понатаму во текстот, но истото важи и за секој друг јазик) без никакви проблеми ќе ја препознае конструкцијата од која си преведувал: health connected effects, Michigan research tests, односно Chicago based company.

Наспроти тоа, текстот ќе биде многу поразбирлив и поприемлив за читателот/соговорникот, доколку ја пренесеш смислата на оригиналот со јазични средства што се вообичаени за македонскиот јазик. Примерите треба да изгледаат вака:

Ефектите од алкохолот поврзани со здравјето

Мичигенските испитувачки тестови

Компанија со седиште во Чикаго

Да разјасниме еден факт - преводот не е наивна работа. За да преведуваш од англиски на македонски и обратно не е доволно да го зборуваш туѓиот јазик само колку што треба за да си фатиш дечко-странец (односно девојка). За да направиш добар превод, треба сосема да ги разграничиш двата јазика и добро да ги познаваш средствата што ги користи секој од нив. Тоа понекогаш значи дека ќе треба да употребиш повеќе зборови отколку што има во оригиналот, целосно да го измениш збороредот или да употребиш фраза која нема никаква допирна точка со буквалниот превод на оригиналот, но затоа пак ја пренесува истата смисла. А токму тоа е суштината на преводот - верно да ја пренесеш смислата на текстот на друг јазик.

Еве уште неколку примери за погрешно редење зборови во туѓи реченични шаблони.

Десет проценти се идентификувани со злоупотреба на алкохол.

Робинс основи на патологијата

Тaa е 21, а тој е 24.

Манитол 20 процентен раствор

Глазгов кома резултати

Тангшан земјотресот

Инфилтрација на менингите со неоплазма

(Не треба многу напор за да сфатиш дека е преведувано од: 10 percent are identified for alcohol abuse; Robbins basis of pathology; She is 21, he is 24.; 20 percent mannitol solution; Glasgow Coma Scale results; Tangshan earthquake и meningeal infiltration with neoplasma).

Точниот македонски превод треба да гласи:

Злоупотреба на алкохол е утврдена кај десет проценти.

Основи на патологијата според Робинс

Таа има 21 година, а тој има 24.

20-процентен раствор на манитол

Резултати според Глазговската скала за кома (евентуално скалата Глазгов)

Земјотресот во Тангшан

Инфилтрација на неоплазма во менингите

Сосема е нормално да ти недостигаат зборови ако се обидуваш да преведуваш на овој начин. Истото ќе се случи и ако од македонски преведуваш на друг јазик - другиот јазик ги нема јазичните средства што ги користи македонскиот, но затоа има свои, поинакви.

И на крај, ако познавањата на македонскиот јазик ти се скромни, твојот превод ќе биде далеку од добар дури и ако си убеден дека совршено го зборуваш странскиот (иако е тешко веројатно туѓиот јазик да го зборуваш подобро од мајчиниот).

13 коментари:

  1. Девојки, колку продуцирате текстови, не можам да постигнам да ги прочитам. :-)

    ОдговориИзбриши
  2. Е поради/заради сите овие причини погоре, кога купуваш книга одвојуваш 200~300ден. + и си читаш во оригинал. И не плаќаш на пола Скопје за хоби “преведувам книга во слобоно време“ :)

    ОдговориИзбриши
  3. Немојте друг пат да користите медицински термини. Од лично искуство знам дека најголем дел од лекарите се (граматички) полуписмени. И колку и да се обидував да им укажам да побараат стручен совет, одговорот секогаш беше „тоа ние така го викаме“ А баш сакам да видам (и да се смеам) на некој буквален превод на Артур Конан Дојл

    ОдговориИзбриши
  4. Еве ви уште еден пример кој иако на мнофумина му го објаснував изгледа никој не го сфати зошто поверојатни им беа медиумите кои само ја мултиплицираа погрешката,

    Големиот Хадронски Колајдер или Големиот Хадронски Судирач

    наместо

    Големиот судирач на хадрони

    ОдговориИзбриши
  5. Имам директни контакти со повеќе преведувачи... и она што континуирано можам да го сфатам од нив а и самите тие (секако оние поискусните) го посочуваат е дека најчест проблем при преведот не е непознавањето на странскиот јазик, туку елементарните непознавања на македонскиот.

    Секој кој разбира што се збори во филмот и што има речник во компјутер не може, и не треба, да биде преведувач. За тоа постои и зборот адаптација кој бара пред се креативност, познавање на сопствена но и на културата на јазикот од кој се преведува.

    ОдговориИзбриши
  6. @Darko156 Апсолутно си во право :) Преведувачите-аматери ја намалуваат и цената на професионалците и уште толку ја снижуваат јазичната култура на обичниот консумер на филмови, книги итн.
    Затворен круг што трае со години. Време е да се прекине :)
    Позз

    ОдговориИзбриши
  7. Кога веќе ги споменуваме преведувачите, не дека нема се и сешто да прочиташ и да чуеш, но некогаш навистина се оставени сами на себе. Во најдобар случај, еве да го земеме законодавството на ЕУ. Што се не се направи за да се усогласи терминологијата на користење за сите преведувачи, имаше правилници и обуки и семинари.. Џабе. Самите правилници на неколку места беа контрадикторни, на семинарите и обуките, само уште повеќе се виде дека всушност, далеку сме од сето тоа. Како да доцниме со сета таа стандардизација.
    Немојте да сфатите дека обвинувам некого, всушност, нема овде виновна страна. Веројатно, од толку што сакавме да го зачуваме јазикот, останавме на едно многу незавидно ниво, стоевме во место и тоа долго време. Конкретен и актуелен пример: HACCP стандардите.. Кај нас се преведува ХАСАП. Во оригинал HACCP е Hazard Analysis and Critical Control Point. Ако се работи за транскрипција, не знам од каде е „А“ во целата таа кратенка, ако е превод, а не е, јасно е тоа, што ќе се прави..
    Уште еднаш, не обвинувам никого и сум пријатно изненадена од овој блог... Ни требаше нешто вакво, ако ништо друго, барем маките да си ги кажеме..

    ОдговориИзбриши
  8. Не се вика „20-процентен раствор на манитол“, „30-грамен песок“ итн. туку според македонските правила за SI системот правилно се пишува „раствор на манитол од 20 проценти“, „песок со тежина од 30 грама“.

    Единиците и процентите не може да се користат за да се образуваат глаголи, како во овој случај.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  9. @nikejaa Ме замисли за ова ХАСАП. Никогаш не сум му обрнала внимание, бидејќи не ми беше познат ни оригиналот.
    Но, не сметам дека грешките се случуваат поради тоа што „многу сме сакале да си го сочуваме јазикот“.
    Многу е тешко кога нешто ќе биде пуштено во употреба, потоа да се запре. Кога се прават стручни преводи, решението треба заеднички да го донесат, лектор, стручњак од областа од која е терминот и преведувач. Навистина не знам кој професионалец од сите овие три области би препорачал решение што нема врска со оригиналот и што не значи ништо.
    Благодариме за убавите зборови за блогот и се читаме

    ОдговориИзбриши
  10. Долго време медиумите го нарекуваа ХАСАП и дури по едно 4-5 месеци им текна дека е погрешно, мислам дека Дневник први го исправија и пишаа ХАЦЦП или го оставаа во оригинал HACCP.

    ОдговориИзбриши
  11. некаде во текстот прочитав: „безначаен“. Слободно поправете го во: „беззначаен“.

    (хихи)


    поздрав

    ОдговориИзбриши
  12. Здраво! Во Правописот од 1999 година, на 28 стр. пишува дека безначаен е исклучок од удвојувањето на согласките. Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  13. Здраво!
    Во Правописот од 1999 година, пишува дека безначаен е исклучок од удвојувањето на согласките. Значи, не беззнчаен, туку безначаен.

    ОдговориИзбриши