15.10.2010

Како да напишеш семинарска

сподели на пинг

Не гледај на семинарската работа само како на уште една студентска обврска што треба да ја направиш колку за да поминеш. Нештата што можеш да ги научиш подготвувајќи ја, ќе ти користат на повеќе начини при идните професионални ангажмани.

Изработката на семинарската работа не би требало да ти претставува посебен проблем ако имаш на памет неколку нешта што ќе те водат. Затоа, пред да седнеш да правиш што било, направи концепт за тоа како сакаш да изгледа твојата семинарска. Притоа, имај предвид дека јазичната писменост е исто толку важна како и самата содржина.

Секоја семинарска мора да ги содржи деловите, како што се вовед, изложување на темата, заклучок и користена литература. Тука нема да се задржуваме поединечно на секоја точка, бидејќи веќе постојат многу други извори од кои можеш да научиш повеќе за нив. Тоа на што сакаме да укажеме овде се најчестите јазични пропусти.

# Наводници. Наводниците во македонскиот јазик имаат строго утврдена форма и се долни и горни. Секој наводник е завртен на надворешната страна.

Пример: универзитет „Свети Кирил и Методиј“

Многу често, под влијание на англискиот јазик, се среќаваат само горни наводници или, пак, завртени на погрешна страна. Тоа не е прифатливо и многу е веројатно дека нема да му се допадне на твојот професор.

Пример: универзитет “Свети Кирил и Методиј“

# Големи букви. Нема потреба битните делови, дефиниции или одредени поими да ги пишуваш со сите големи букви или, кажано со компјутерската терминологија, во CAPS LOCK. Голема буква се пишува само на почеток на реченицата и во оние зборови (лични имиња, географски поими и сл.) за кои со правопис е утврдено дека се пишуваат со голема почетна буква.

Дополнително, доколку сакаш да истакнеш одреден дел, употреби ги масните букви (болд) или косите (италик).

# Цитати. Доколку сакаш да цитираш одреден автор, неговиот текст стави го во наводници.

„Кого не можеш да го научиш да лета, научи го што побргу да падне“, вели Фридрих Ниче во книгата „Така зборуваше Заратустра“.

# Референци. Литературата што ти послужила при изработката на семинарската најчесто се наведува на крајот од текстот во делот Користена литература. Дури и ако користиш фусноти, во кои на дното на самата страница ги наведуваш референците, пожелно е на крајот, сепак, да ги сумираш на едно место.

Референцата треба да ги содржи името и презимето на авторот на книгата, годината и местото на објавување на книгата и издавачката куќа што стои зад изданието.

Пример: Правопис на македонскиот литературен јазик, Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, Р. Угриновска-Скаловска, Скопје, Просветно дело, 2005

Имај предвид дека користената литература се наведува во оригинал. Тоа значи дека, ако си користел странска литература, и податоците во референцата ќе треба да ги наведеш онака како што стојат и на самото издание.

Пример: Milan Kundera, Nesnesitelná lehkost butí, Gallimard, 1984

# Насловна страница. Откако ќе ја подготвиш содржински семинарската работа, редно е да ѝ се посветиш на насловната страница. Најгоре треба да стои името на универзитетот на кој студираш, а во средината - насловот на семинарската. Долу во левиот агол треба да стојат твоето име и презиме, а во десниот агол името и презимето на твојот ментор. Најдолу во средината треба да стојат местото и датумот на изработката на семинарската.

Забелешка: Во најголемиот дел од јазиците, па и во македонскиот, правило е прво да се пишува името, а потоа презимето. Обратниот редослед се применува само во некои административни форми и во официјални списоци подредени по азбучен ред според почетната буква на презимето.

# Печатни грешки. Пред да ја предадеш семинарската, убаво провери ја уште еднаш и исправи ги печатните грешки, кои речиси сигурно ти се провлекле. Пропуштените и преметнатите букви се навидум ситни грешки, кои во голема мера го уриваат впечатокот за тебе и за твојата стручна подготвеност. Консултирај правопис и речници и не дозволувај јазичните грешки да му ја намалат вредноста на твојот труд.

18 коментари:

  1. Фу(с)ноти, треба да доаѓа от footnotes, правилно е тоа? или случајна грешка

    и како со референците кон статија на интернет, знаеме дека доста материјали веќе живеат само online и.т.н дали само со име и презиме на авторот + локацијата или целосен директен линк. Чудно ми падна само. :)

    ОдговориИзбриши
  2. Фуснота доаѓа од германската терминологија и значи fuss - подножје и note - белешка, а футнота е преземено од англискиот јазик. Кај нас е утврдено како фуснота.
    Инаку, кога станува збор за референците од интернет, нормално дека ќе се наведе директниот линк во текстот. Ова е мал пропуст во постот, ти благодарам за забелешката.

    ОдговориИзбриши
  3. Вистина не знаев за фуснота. thx

    ОдговориИзбриши
  4. зошто во италик буквата Т е напишана како во бугарската азбука? тоа е печатна грешка или?

    ОдговориИзбриши
  5. Одамна престанав да читам блогови- сега го читам овој и монополски ми е омилен :)

    ОдговориИзбриши
  6. За Т во италик - грешка е, но не наша, туку на креаторот на буквите за македонската тастатура

    ОдговориИзбриши
  7. „Тоа не е прифатливо и многу е веројатно дека нема да му се допадне на твојот професор.“ ...ако е писмен.

    ОдговориИзбриши
  8. @Biserka
    проблемот не е до тастатурата, туку повеќето Windows апликации, а и windows фонтoвите немаат правилна имплементација на локализирани букви.

    Во Ubuntu заедно со DejaVu фонтовите тоа функционира прилично добро (скоро во сите апликации).

    ОдговориИзбриши
  9. @Damjan Хм, фала за исправката. Навистина не ги разбирам многу овие работи. Реално ме интересира практичната страна. Има ли начин тоа да се исправи?
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  10. Постов е препорачан на насловната на Пинг.мк.

    ОдговориИзбриши
  11. @Бисерка,
    „Има ли начин тоа да се исправи?“

    во Windows тешко дека ќе стане стандард користењето на асални API-ја во програмите

    за Windows фонтовите за жал исто сум скептик - иако работата не е захтевна, можда MS-македонија да се ping-а, иако...

    Во Linux работите се многу подобри, посебно во Gnome.

    ќе пишам блог пост за ова

    ОдговориИзбриши
  12. За интернет страни како референци, во академски трудови, многу важно е да се наведе и датумот на кој е преземена референцата од интернет страната. Така може да се прегледа оригиналот кој обично се чува во интернет архивата.

    На Wikipedia не се гледа како на валиден извор (но на некои подобри страни има добри референци).

    Генерален пребарувач на статии:
    http://scholar.google.com/

    Информирајте се и на вашиот факултет или библиотека за достап до разни стручни вертикални пребарувачи (како Web of Knowledge).

    ОдговориИзбриши
  13. https://authors.aps.org/STYLE/

    А ова е баш ако сакате тип топ стандард. :)

    Пишувано е од физичари, но формата е 95% генерална.

    За техничките науки, каде што текстот изобилува со математички изрази, ви го препорачувам LaTeX, наместо Word.

    ОдговориИзбриши
  14. PDF верзија за полесно читање, пишувана во LaTeX, http://forms.aps.org/author/styleguide.pdf

    ОдговориИзбриши
  15. е да, во LaTeX и italic кирилицата е ко што треба :)

    на пр.
    http://damjan.softver.org.mk/italic/italic.tex.txt

    ОдговориИзбриши
  16. Почитувани, во врска со наводниците ме интересира дали адресата се пишува во наводници или не.

    на пример:
    ул. Гоце Делчев бр.4 или
    ул.„Гоце Делчев“ бр.4
    Која е правилна?
    Поздрави

    ОдговориИзбриши
  17. # Печатни грешки. Пред да ја предадеш семинарската, убаво провери ја уште еднаш и исправи ги печатните грешки, кои речиси сигурно ти се провлекле. Пропуштените и преметнатите букви се навидум ситни грешки, кои во голема мера го уриваат впечатокот за тебе и за твојата стручна подготвеност. Консултирај правопис и речници и не дозволувај јазичните грешки да му ја намалат вредноста на твојот труд.

    Наместо оваа забелешка, јас би ставил: АНГАЖИРАЈТЕ ЛЕКТОР! :)

    ОдговориИзбриши