24.10.2010

Бела врана или црна овца

сподели на пинг

Ако помисли дека овој пост има намера да млати празна слама на тема животни и птици, веднаш да ти кажам дека трчаш како прле пред магаре. Најпрво, не суди за книгата според корицата.

Денешната тема всушност е преводот на фразеологизмите - зборовните состави кои како целина имаат утврдено значење, кое не произлегува од поединечните значења на секој збор. На пример, веќе споменатите би значеле:

# Млати празна слама = зборува нешто без поента, напразно

# Трча како прле пред магаре = избрзува

# Не суди за книгата според корицата = не донесувај заклучок според надворешниот изглед


Како се преведуваат фразеологизмите?

Преводот е сложен процес, кој бара вештина, познавање на јазикот од кој се преведува, како и на културата од која доаѓа извесен текст, но истовремено познавање и на јазикот на кој се преведува и на неговата култура во поширок контекст. Ова важи без разлика што преведуваш - стручен текст, резиме на статија, упатство за употреба на некој производ или белетристика. Сепак, најтешко преведливи се фразеологизмите и токму при нивниот превод доаѓа до израз вештината на преведувачот. Тука е најнеопходна примената на правилото: не преведувај буквално (иако тоа важи општо за секој превод).

Примери:

# Аппетит не по росту (руски; значи: некој е алчен; буквално: апетитот не му одговара на растот) = бунар без дно; (произлегува од старо правило војниците повисоки од 190 сантиметри да добиваат двојна порција, на што другите им завидувале)

# A bird in the hand is worth two in the bush (англиски; значи: подобро помала, но сигурна добивка, отколку поголема што може и да не ја добиеш; буквално: една птица во рака, вреди колку две во грмушка) = подобро врапче во рака, отколку гулаб на гранка

# Prick up your ears (англиски; значи: почни да слушаш внимателно; буквално: штипни си ги, активирај си ги ушите) = претвори се во уво (почесто во минато време - се претвори во уво т.е. почна да слуша внимателно)

# A donde fueres, haz lo que vieres (шпански; значи: кога патуваш, приспособи се на локалните обичаи; буквално: каде и да одиш, прави го тоа што го гледаш) = кога си во Рим, прави како што прават Римјаните (забелешка: овој фразеологизам не е со македонско потекло, но е навлезен во јазикот; доаѓа од англиското When in Rome, do as the Romans do; Римјаните е напишано со голема буква бидејќи се однесува на жителите на Старата Римска Империја, а не на жителите на градот Рим, што се пишува со мала буква - римјани)

# Caras vemos, corazones no sabemos (шпански; значи: не суди по надворешниот изглед; буквално: лицата ги гледаме, но срцата не ги знаеме) = не суди за книгата по корицата (фразеологизмот што беше употребен на почетокот на овој пост)

# Семь пятниц на неделе (руски; значи: брзо менува мислења и одлуки; буквално: има седум петоци во неделата) = тој е дувни ветре; на која страна ќе му дувне ветрот

Преводот на фразеологизмите е отежнат поради комплексноста на процесот. Најпрво треба да го знаеш значењето што одредена фраза (идиом) го има, а потоа треба да побараш соодветна фраза од другиот јазик што ќе го има истото значење. Проблемот е во тоа што фразеолошките речници најчесто се подредени по азбучен ред, по клучен збор, а многу поретко според значењето (дури и да се, не може да бидат по двата принципи истовремено). Тоа значи дека преведувачот треба да има големо искуство и во својата глава да има богата ризница фразеологизми, и од својот и од туѓиот јазикот. Во секој случај, погрешно е да се преведува буквално. Еве уште примери:

# A Dios rogando y con el mazo dando (шпански; значи: не чекај нештата сами да се случат, туку дејствувај, работи сам на случајот; буквално: моли му се на Господ, ама удирај со чеканот) = кој може, Бог да му поможе

# Dupke pun (српски и хрватски; значи: преполн) = игла да фрлиш, нема каде да падне (апсолутно е погрешен преводот полн со дупки (?1) иако може да се сретне во некои „бисерни“ преводи)

# Белая ворона (руски; значи: отскокнува, се разликува од другите; буквално: бела врана) = црна овца (иако секој ќе го разбере и буквалниот превод во овој случај, посоодветно е да се употреби варијантата што е типична за нашиот јазик; меѓу другото, така се постигнува и соодветната стилска обележеност).

# Бить баклуши (руски; значи: безделничи, не прави ништо корисно; буквално: цепи трупци) = тепа време

# Брать быка за рога (руски; значи: се фати здраво за некоја работа, презеде мерки; буквално: го фати бикот за рогови) = се фати во костец со (проблемот)

Доколку не можеш да пронајдеш соодветна фраза, преведи со свои зборови, но погрижи се да го пренесеш значењето што го има фразеологизмот, а никако буквалното значење на зборовите од кои е составен тој.

# Put the wood in the hole (англиски; значи: затвори ја вратата; буквално: стави го дрвото во дупката); нема соодветен фразеологизам, па ќе се преведе со затвори ја вратата)

# A riddle wrapped up in an enigma (англиски, значи: проблем, загатка кои се многу сложени за решавање; буквално: загатка обвиена со енигма); нема соодветен фразеологизам; ќе се преведе описно, како сложен проблем

Постојат и универзални фразеологизми, со библиско или митолошко потекло или такви што потекнуваат од литературата, кои се идентични во повеќето јазици:

# Ахилова петица (слаба точка)

# Од дедо Ное (многу старо)

# Гордиев јазол (нерешлив проблем)

# Тото, не сме повеќе во Канзас (се вели кога некој ќе се најде на место што не го познава - од „Волшебникот од Оз“)


Релативно понови се тие што произлегуваат од познати филмови, музика и сл.

# Понуда што не може да ја одбие (му се закани, го уцени - од „Кум“)

# Искрено, мила баш ми е гајле (прави што сакаш, јас изгубив интерес; од „Однесено од виорот“ - фразата повеќе е популаризирана со филмот отколку со книгата)

# Уште една цигла во ѕидот (another brick in the wall - „Пинк флојд“; значи: се претопува во толпата и станува безначаен)


Препорака

Во контекст на сѐ што беше досега кажано ја препорачуваме книгата Македонска фразеологија со мал фразеолошки речник на авторката Снежана Велковска од Институтот за македонски јазик. Објавена е во 2008 година и се состои од два дела - студии за македонската фразеологија и фразеолошки речник во кој единиците се подредени по азбучен ред на клучен збор. Иако насловот вели мал, речникот содржи приближно 5.000 единици, што воопшто не е малку кога е фразеологија во прашање. Може да се најде во Институтот за македонски јазик, како и во книжарниците „Табернакул“, „Или-или“ и во некои други. Чини помалку од 700 денари (не замерувајте ни за непрецизноста).

Оваа книга всушност се надоврзува на книгата Белешки за македонската фразеологија од истата авторка, објавена во 2002 година, во која се собрани и доработени написи што биле објавувани во јазичното катче во прилогот Лик на старата Нова Македонија (архивата од тоа време не е достапна онлајн). Оваа книга нема речник, но затоа фразеологизмите што се употребени во неа се подредени во индекс, по азбучен ред според почетниот збор, што исто така може да биде многу корисно. И таа може да се најде во Институтот за македонски јазик, во Култура и во некои други книжарници (немаме податоци за цената).

Причината што ги препорачуваме е тоа што, освен што се извонредни прирачници за учениците и студентите по македонски јазик, овие книги се напишани на јазик што е многу близок до читателот што не е јазичар по струка. Исклучително се корисни за преведувачите, но и за секој што изучува странски јазик или го користи јазикот на кој и да е начин.

Што се однесува до странски фразеолошки речници, препорачуваме неколку онлајн, за англиски, руски и шпански, но сигурно, доколку просурфаш, и самиот ќе најдеш уште повеќе (за секој јазик).

4 коментари:

  1. И Речник на литературни изрази од Тодор Димитровски е исто така корисен.

    ОдговориИзбриши
  2. Lollipop lady е сообраќајна полицајка, а не е девојката со лижавчето... И одобрете ми го стариот коментар :)

    ОдговориИзбриши
  3. @kirev Не цензурираме коментари, сѐ оди директно на нет. Ако не ти прикажува некој коментар, пиши го повторно.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  4. Бисерка, цензурирате. Т.е. платформата цензурира. Има линк во мојот коментар, и автоматски не може да биде објавен, туку мора да го одобрите вие. Заради спречување на спамот. Значи, и пак да го напишам, нема да се појави :)

    ОдговориИзбриши