21.10.2010

Сè уште се греши сè уште

сподели на пинг

Надредниот знак во македонскиот јазик има ограничена употреба. Се среќава над буквите е и и, и тоа само во кратките заменски форми ѝ (нејзе ѝ), нè (нас нè) и во општата заменска форма сè (зеде сè со себе). Се користи за да се разликуваат овие форми од сврзникот и, негацијата не и од се во значење повратна заменска форма (се смее, себеси се виде во огледалото) или форма од помошниот глагол сум (тие се тука), соодветно.

Другите хомоними во нашиот јазик не се означуваат со надредни знаци.

Надредниот знак се означува со коса црта, која почнува од горе лево и завршува долу десно: è, ѝ.

Обележувањето со коса црта во спротивниот правец (é) е неприфатливо. Оваа ознака е резервирана за бележење на акцентот.

Нè претставува кратка заменска форма за директен објект за прво лице множина и, како што споменавме, се пишува со надреден знак, за да се одвои од негацијата не.

Пример:

Сите ги поканија, а нас не нè викнаа.

Не сака (спротивно од сака) VS нè сака (чувствува љубов кон нас)

На кратката заменска форма ѝ за индиректен објект, за трето лице еднина во женски род, се става надреден знак, за да ја одвоиме од сврзникот и.

Пример:

Книгата (нејзе) ѝ ја оставив на масата.

Нејзе ѝ оставив книга и чоколадо.

Општата заменска форма сè означува целосна опфатеност на нешто. Без надреден знак се пишуваат повратната заменска форма и третото лице множина, сегашно време, од помошниот глагол сум.

Пример:

Таа има сè и не ѝ е доволно.

Тој се израдува на сè што му кажаа.

Тие се тука веќе неколку години.

Честопати, зборувачите кои недоволно ги научиле јазичните правила, прават грешки во обидот да не згрешат. Така, се среќаваат и други заменски форми со надреден знак.

Пример:

Нѝ треба вашата поддршка.

Вчера ѝм се јавив за да ги поканам на состанок.

Секако, ова е погрешно.

Уште една грешка која се јавува, повторно поради хиперкоректноста на зборувачите, е ставање надреден знак и во сложените зборови што содржат сè.

Пример: сèедно, сèвкупно, сèприсутен.

Овие примери всушност треба да изгледаат вака: сеедно, севкупно, сеприсутен. Тоа што треба да се запомни е дека во сложенките сè се пишува слеано со основата на зборот и, притоа, не се пишува надреден знак.

Единствен исклучок е сè уште, кој се пишува разделено и со надреден знак.

Пример: Сè уште го немам гледано филмот.

Во врска со надредните знаци, се јавува проблем и од техничка природа. Кириличната тастатура не ги содржи овие знаци, па корисниците најчесто импровизираат и се снаоѓаат самите, но многу почесто го избираат полесниот начин и го изоставаат надредниот знак.

40 коментари:

  1. Нема причина „Сè уште“ да се пишува така, до сега мислев дека е погрешно. Можеби и е: Проблемот е што кога луѓето сакаат да ја обележат акцентската целост „сеуште“ , наместо знак за акцент ставаат „надредник“ и со тоа го менуваат значењето во „Се (што постои) уште“ . Или сум во грешка ?

    ОдговориИзбриши
  2. @Azder Акцентските целости не се бележат воопшто во македонскиот јазик, така што нема никаква поврзаност меѓу надредниот знак и нив. Како и зошто останало така, не можам да то одговорам во името на креаторите на правописот, меѓутоа сметај го тоа како исклучок. Секое правило има исклучок, нели?
    Така е установено и така се пишува :)

    ОдговориИзбриши
  3. Една причина при правењето вакви грешки - поточно грешката да не се користат è и ѝ кај што им е местото, е што луѓето ги мрзи да побараат со кои типки на тастатурата се добиваат и го оставаат така. А мн е долго да се оди Insert Symbol во Office/OpenOffice и да се бара карактерот, или па да се отвора Character Map апликацијата, пак да се најде, да се ископира и да се пастира во бараниот текст. Чиста вистина :)

    ОдговориИзбриши
  4. @moondowner Да, и плус секој си вика што ќе се мачам јас кога секако лектор ќе ми го прочита текстот :)

    ОдговориИзбриши
  5. Најнапред, комплименти за блогот! Многу е корисен и јас често се навраќам за да научам нешто ново. Посебно затоа што македонскиот не мој мајчин јазик, но сакам да го научам најдобро што можам. Голема благодарност за тоа до вас.

    Имам едно прашање, кое што знам дека не и е местото на оваа тема, но не најдов ни посоодветна.
    Како треба да се пишува кога доаѓат два сврзника еден по друг? Пример: На тој семинар имаше претставници од Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.

    Дали во тој случај треба да нагласам „од Босна и Херцеговина и од Македонија“ (со додавката ОД) или пак може да остане и како на првиот пример?

    Однапред благодарам,
    Едмонд

    ОдговориИзбриши
  6. Проблемите со техничка природа ги има со Виндоус Икспе. Кој има Виста или Виндоус 7 си ги нема проблемите што ги наведувате:

    http://blogs.msdn.com/b/michkap/archive/2006/09/14/753569.aspx

    ОдговориИзбриши
  7. @Едмонд Благодариме за убавите зборови.
    Точна формулација би била втората: претставници од Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија, но не поради сврзниците, туку затоа што правило е предлогот (во случајов „од“) да стои и пред последниот елемент од набројувањето. Ќе го истретираме поопширно ова прашање во некој од наредните постови.

    Поздрав и убав ден :)

    ОдговориИзбриши
  8. Благодарам за брзиот одговор! :)
    Убав ден и вам!

    ОдговориИзбриши
  9. @Edmond Реченицата треба да гласи: На тој семинар имаше претставници од Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија. Кога има набројување предлогот се повторува само пред последниот збор.
    Инаку, и е сврзник, а од е предлог.

    ОдговориИзбриши
  10. Маја & Бисерка,
    сега ми е многу појасно во врска со ова прашање. Благодарам уште еднаш!
    Ќе следат уште прашања ;)

    Едмонд

    ОдговориИзбриши
  11. @Бисерка Нормално дека не треба да се бележат, но изгледа тие што природно не ги користат во таков обид го „востановија“ тој исклучок :)
    Сепак, ме интересира, кои се правилата според кои што треба да одиме? Дали може еден пост за кои книги да (не) ги користиме како референци ?

    ОдговориИзбриши
  12. http://agora.org.mk/goodbytes/char/?s=1101

    ОдговориИзбриши
  13. Кодови за специјалните знаци во кириличната абука http://azder.blog.com.mk/node/46171
    (благодарност до @Аждер)

    ОдговориИзбриши
  14. @kirev,
    а ѝ каму е? плус искористиле копче кое го нема на многу тастатури == fail.


    Плус, колку за референца, Unicode кириличните букви се:
    ѐ 0x450
    ѝ 0x045d
    Ѐ 0x400
    Ѝ 0x40d

    И за референца, во Linux:
    стискаш ` ништо не се појавува (dead grave)
    стискаш е и се појавува ѐ,
    или
    стискаш и и се појавува ѝ
    или
    стискаш уште еднаш ` за да биде `

    ` е копчето лево од кецот, или над Tab-от

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Благодарам многу за референцава во Linux, веќе 1 година се мачам со ctrl+shift+u+450 и ctrl+shift+u+45d. :D

      Избриши
  15. Дамјан, не се сомневам во совршеност на Линуксот (кхм ;), но ете Виндоус ги има ѝЍ и ѐЕ на глупави места, ама ги има. Не навивам за Миркософт, ама ете, 99% од луѓето користат Виндоус.

    ОдговориИзбриши
  16. За референца, во мојот Убунту:
    стискам ` ништо не се појавува (dead grave)
    до ваму е точно, после ова
    ни ѐ, ни ѝ, па ни `
    :(

    ОдговориИзбриши
  17. Кога се користи им со надреден знак (им јавив) или ни (ни треба ваша поддршка), тоа се викаше хиперкоректност? Кога сакајќи да ти изгледа текстот што покоректно, правиш грешки употребувајќи одредени правила и таму каде што не треба...?

    ОдговориИзбриши
  18. Зошто е правилно „сè уште“ а не е правилно сеуште? Во прашањево акцентот е на зборот „зошто“. Не прифаќам објаснување од типот „така пишува во ...“

    ОдговориИзбриши
  19. Еве едноставно решение за брзо испишување на наредниот знак за сите што користат Windows:
    Со помош на www.autohotkey.com направив мала скрипта што овозможува пишување на è и ѝ на ист начин како во Linux.

    Се што треба е да се стартува програмата, ќе си додаде икона во tray-от (до часовникот) и треба да работи во позадина.

    За да се напише è се притиснува на ` па на е, и тоа е тоа :)

    За да се извршува на секој рестарт, треба да се отпакува NaredenZnak.zip и да се пушти install.cmd. Тоа само ја копира скриптата со Start Menu\Startup\


    Download на: http://dl.dropbox.com/u/3350757/NaredenZnak.zip
    Кодот се наоѓа на http://pastebin.com/f4VJdLMe

    За било што контакт на http://www.twitter.com/WhACKO ;)
    П.С. не сум програмер, ова ми падна во очи зошто се фалеа колку било лесно да се истипка нареден знак на линукс :P

    ОдговориИзбриши
  20. Напротив, кажав горе: кај мене на Ubuntu не работи ...За да се напише è се притиснува на ` па на е, и тоа е тоа ...

    ОдговориИзбриши
  21. @Azder,
    кирилична тастатура? utf8 locale?

    ако не работи, само кај тебе не работи.

    ОдговориИзбриши
  22. корисен текст...
    убаво е и во интернет комуникацијата да се почитуваат правописните правила...
    лично, кога треба да ставам надреден знак, а пишувам, на пример, ваков коментар- тогаш го ставам знакот (`) редовно...
    во однос на посочените хиперкорекции, се согласувам што се однесува за примерите со сложените зборови кои содржат се`...
    имам мала забелешка во однос на заменската форма ни`, која мора да се разликува од разделниот сврзник ни (ни лук јал, ни лук мирисал)... претпочитам да се пишува со надреден знак, како и и`... за „им“ со надреден знак, нема никакво оправдување...
    во наведената реченица, покрај предлогот „од“, често би ставил дури и запирка пред сврзникот „и“, која едноставно со редењето на сврзници се чини оправдана...
    поздрав... :)

    ОдговориИзбриши
  23. Честитки за блогот, навистина корисно нешто, меѓутоа имам едно прашање: „Нè претставува кратка заменска форма за директен објект за прво лице множина“... Од кога велиме директен објект, а не директен предмет? :)

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  24. Отсекогаш. Објект е интернационалниот термин, предмет е типично македонски. Се употребуваат двата, како што се употребуваат и субјект/подмет, предикат/прирок, честица/партикула...

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  25. Апсолутно се согласувам дека употребуваме и објект и субјект, но во дадениот контекст во никој случај...

    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  26. “Сеуште“ да се пишува како “Сè уште“ (два збора) е анахронизам кој треба веднаш да биде елиминиран од македонскиот јазик, тамам така да е одредено и со Светото писмо.
    “Сè уште“ е бугаризам сличен со:
    Все едно
    Все пак
    Все така
    и, се разбира, ист со “все още“.

    Во македонскиот јазик сложенките во кои член е општата заменска форма сè треба да се пишуваат слеано:

    сепак,
    сетики
    сеедно
    сеуште

    Така, слеано, се пишуваат и во речиси сите јазици во светот.

    ОдговориИзбриши
  27. Дали ваквата реченица е правилна?
    "а не и на литературата"
    Дали треба да има апостров?

    ОдговориИзбриши
  28. Сè ми се чини дека во основно нè учеа дека правилно се пишува „сеуште“ (во 80-тите)... Имате ли информација дали се работи за промена на правописното правило? (Можеби е само слаба меморија од моја страна. Сепак, многу ме интересира.)

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Анонимен01 јули 2015 22:16

      И мене ова навистина ме интересира. Јас сум од тие кои се сигурни дека го учевме како сеуште.

      Избриши
  29. http://www.makedonski.info/search/%D1%81%D0%B5%D1%83%D1%88%D1%82%D0%B5?where=undefined&position=undefined

    овде е напишано слеано...

    ОдговориИзбриши
  30. Мислам дека надреден знак треба да стои и над зборот „ни“ кога се работи за кратката заменска форма од „нам ни“ со цел да се одвои од сложениот сврзник „ни...ни...“. На пример: „Ни нѝ ги даде книгите, ни нѐ покани на забавата“.

    ОдговориИзбриши
  31. Да, и јас би прашал околу нѝ бидејќи како што посочи погоре коментаторот, можат да настанат забуни кога ни и нѝ се во иста реченица или еден до друг. Со сигурност нѝ не се пишува со апостроф? Бидејќи како да го памтам така од школо.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. И јас така го памтам.

      Избриши
  32. Често сум ја среќавал именката „од“ напишана „ôд“

    ОдговориИзбриши
  33. Во македонска поддршка ѐ - се наоѓа веднаш до левото копче shift, а ѝ - се наоѓа помеѓу (под)escape и (над) tab

    ОдговориИзбриши
  34. Авторот го отстрани коментаров.

    ОдговориИзбриши
  35. А па да не зборуваме за фактот дека да напишеш “сеуште“ е три пати полесно одошто “сè уште“, особено на компјутерска тастатура :-)

    ОдговориИзбриши
  36. Сеуште нема освестување дека е глупост “сеуште“ да се пишува како “сè уште“ (два збора).
    Зборот “сеуште“ е поим што означува состојба - дека нешто трае иако се очекувало дека ќе престане.
    Значи, сржта на поимот “сеуште“ е поврзана со поимот “уште“, кој значи “нешто повеќе“ од “нешто постоечко“.
    Поимите “нешто постоечко“ и “нешто повеќе“ се нешта кои се ПОМАЛИ од поимот “сè“ кој означува ненадминливост, крајност.
    Ако претходно си се согласил дека “сè“ е ненадминливо, глупост е да кажеш “сè уште“ бидејќи така кажуваш дека постои нешто кое е повеќе од “сè“!
    Значи, во структурата на поимот “сеуште“ не смее да учествува именката “сè“.
    Во структурата на поимот “сеуште“ учествуваат глаголот “сум“ во облик на трето лице множина “се“ и прилогот “уште“ во слеано значење дека нешто “е уште“ иако се очекувало дека нема да биде.
    Никој досега не дал објаснување зошто во Речникот на македонскиот јазик е нормирано да се пишува “сè уште“ (два збора) како што јас давам објаснување зошто треба да се пишува “сеуште“.

    ОдговориИзбриши