05.11.2010

Каде точка, а каде запирка

сподели на пинг

Бројките се едно од основните средства за изразување на содржините во области како што се математиката, физиката, економијата и сл. Сепак, и покрај тоа што овие области можеби не се твоја професија, треба да ги знаеш правилата за пишување броеви, бидејќи многу често имаш потреба од нив во неутрален текст.

Точката (.) и запирката (,), освен во функција на реченичната интерпункција, имаат своја улога и во пишувањето на броевите.

Досега, во контекст на броевите, точката ја споменавме за означување редност (2. = втор). Но, точка се пишува и за означување на илјадите во повеќецифрените броеви.

1.000

10.000

100.000

Забелешка: Непростлива јазична хиперкоректност претставува обидот да се изговори илјада така како што е напишано (истото важи и за Билјана, Лилјана...). Составот лј се изговара приближно исто како љ, па токму така треба да се изговорат и овие зборови - /иљада/, /Биљана/, /Љиљана/.

Запирката, пак, се употребува за одделување на децималните места во децималните броеви.

5,2

6,01

Забуната најчесто доаѓа поради засиленото влијание од англискиот јазик, што се должи главно на зголемениот пристап до содржини од англиско говорно подрачје преку Интернет. Во англискиот јазик бележењето е обратно: со запирка се одделуваат илјадите, а точка се пишува кај децималите.

1,000

5.2

За да не предизвикуваш недоразбирања, придржувај се до правилата на јазикот што го користиш во моментот.

Уште една честа неприфатлива грешка во поглед на означувањето на повеќецифрените броеви е употреба на празно место за одделување на илјадите:

100 000

Забелешка: Точка не се пишува во броевите што означуваат години: 2010 година, а не 2.010 година.

Во поглед на броевите уште ќе го изделиме и пишувањето на часовите. Во точната варијанта часот и минутите се одделени со точка - не со запирка и не со две точки (иако можеби токму две точки ти трепкаат на дигиталниот часовник). Ако напишеш запирка, всушност, несвесно си напишал децимален број.

20.30 ч. (точно)

20,30 ч. (погрешно)

20:00 ч. (погрешно)

По бројот што го означува часот, задолжително треба да стои „часот“ или скратеницата ч. Неправилна е формулацијата во која одделно се пишува часот, а одделно минутите.

20.30 часот (точно)

20 часот и 30 минути (погрешно)

За крај, ќе споменеме уште едно правило, кое важи за неутрални текстови, но не и за математички, банкарски и слични контексти каде што е неопходно сите броеви да се напишани со цифри. Значи, во неутралниот текст, пожелно е броевите од нула до десет да се пишуваат со букви, додека од 11 нагоре се употребуваат цифри.

Кај некои поголеми броеви, како што се илјада, милион и милијарда, можни се двете варијанти, а неретко се среќаваат и комбинации.

30 илјади

триесет илјади

25 милиони

Забелешка: не употребувај билион наместо милијарда. Двата називи за истата бројка потекнуваат од различни бројни системи. Кај нас е прифатен вториот.

11 коментар:

  1. уф, ама си не просветлија Лекторе, свака част

    ОдговориИзбриши
  2. Ако треба да се напише период, како е правилно?
    На пр.
    од 8 до 12 ноември или
    од 8. до 12. ноември или
    од 8-ми до 12-ти ноември или некој друг начин?
    Исто и за часовите.

    ОдговориИзбриши
  3. од ова знаев се, освен за часот...шо убо вака кога попoлнувате дупки во знаењето...

    ОдговориИзбриши
  4. @Daniel
    Тоа е објаснето во постот „Се случи во октомври, 2010 година“
    http://lektormk.blogspot.com/2010/10/2010.html

    Од примерите во коментарот само првиот е во ред

    ОдговориИзбриши
  5. Комплименти за постот!
    Секогаш едвај чекам да научам нешто ново од овој блог.

    Само напред!

    ОдговориИзбриши
  6. Ова со часовиве ич не го бендисувам. Премногу правила за нешто што е интернационално прифатено -- 20:00
    Нема ништо појасно од тоа.

    Или, комплицираме за да комплицираме?

    ОдговориИзбриши
  7. @Ванчо Па не е баш дека е интернационално прифатено така. Напротив, бележењето на часовите е доста различно во различни јазици, ама нам ни е „интернационално“ дигиталното. :) Дури и во англискиот има неколку правила за бележење на часовите во неутрален текст.
    И генерално, ни се чини дека во нашиот јазик има премногу правила (можеби и има), но не е дека другите јазици се којзнае колку поедноставни. Туѓите јазици ги перципираме на друго ниво, не навлегуваме во значењето и во правилото како што го правиме тоа со својот јазик, што е и нормално, туку едноставно ги прифаќаме и ги учиме како такви.

    Можеби полесно би било да ги прифатиме и нашите правила. Не велам да не се бараат објаснувања, но тешко може на сите индивидуални барања да им се удоволи. Правописот е како закон, не ти се допаѓа секогаш, но го почитуваш :)

    А конкретно за часовите, во неутрален текст (весник, книга итн. од која и да е област, значи не дигитален часовник или часовникот на компјутерот) лично сметам дека бележењето со точка 20.00 ч. е и естетски подобро отколку 20:00 ч. (иако ова е лично мислење и не е релевантно за правилото)

    ОдговориИзбриши
  8. Се согласувам со последниот коментар на Бисерка. Имам и факти зошто е тоа така. 20:00, мене барем така ми личи, се поклопува со резултат што стои на некој семафор на некој кошаркарски натпревар, или ракомет (иако ретко е да се види ваков резултат на еден ракометен натпревар), односно се поклопува со интерпунцискиот знак - : (СПРЕМА), па, оттука, навистина, сметам дека 20.00 часот е подобро решение од 20:00 часот.

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  9. Околу ИЛЈАДА.На стр.116 во Граматиката на македонскиот јазик од Блаже Конески е убаво објаснето како се изговара илјада.Никако иљада,Биљана,Лиљана туку иљјада,Биљјана,Лиљјана.

    ОдговориИзбриши
  10. А како се пишуваат дропките?

    ОдговориИзбриши
  11. Кога се работи за правилно пишување на броевите, математиката не дозволува точки за одделување кај повеќецифрените броеви. Што значи, ниту еден математичар не смее да напише 15.500, туку 15 500. Зошто при јазичната практика да важи обратното?

    ОдговориИзбриши