09.11.2010

Писменоста на младите - одраз на (не)писменоста на општеството

сподели на пинг

Дебата посветена на нивото, квалитетот, етиката и јазикот на младите во јавната комуникација, со акцент на комуникацијата преку новите медиуми, се одржа денеска во просториите на Американското катче во библиотеката „Браќа Миладиновци во Скопје, во организација на Младинскиот образовен форум. Ми беше задоволство што воопшто е отворена таква дебата и уште повеќе што учествував во неа заедно со Сеад Џигал, Катерина Тодоровска, Билјана Бејкова, Петрит Сарачини и модераторката Бранкица Георгиевска (благодарност до Дона Костуранова за поканата).

Со оглед на опширноста на темата и мноштвото начнати потпрашања, нема да се обидам да сумирам сѐ што беше кажано. Во продолжение следуваат дел од моите ставови на оваа тема поврзани, пред сѐ, со јазикот.

Најпрво, не би можело младите да се одделат како старосна група во однос на писменоста. Нивото на писменост кај младите всушност е реален одраз на општото ниво на (не)писменоста во нашето општество, кое реално не е многу завидно. Притоа, под писменост се подразбира не само јазичната туку воопшто оспособеност за квалитетна комуникација на различни нивоа.

Генерално, нашето општество е секогаш опседнато со нешто „побитно од основните образовни прашања. Имено, образовниот процес не нуди речиси никаква едукација за формите на комуникација, за комуникациските средства, за бонтон при различни видови комуникација. Тоа малку што младите може да го научат во процесот на својата едукација е сведено на некои прастари форми, пропишани во некое друго време кое нема допирни точки со потребите на современата комуникација, пред сѐ, мислам на електронската и на онлајн-комуникацијата. Освен тоа, со години на часовите по македонски се учи повеќе литература отколку јазик со огромен процент во корист на литературата.

Како втора критична точка во однос на нивото на писменост би ги посочила одделните професионални групи, на пример, лекарската фела, правниците итн. Кај дел од професионалните групи, постои некој неприфатлив и необјаснив тренд или максимално да го србизираат својот професионален жаргон (затоа што учеле од српски учебници) или, како друга крајност, максимално да го американизираат (зашто сега го дополнуваат своето знаење од извори на англиски јазик). Значи од една страна може да сретнете реченици без ниту еден употребен член, акцентирање на четвртиот слог од крајот, повеќе србизми во реченицата отколку македонски зборови, а од друга неконтролирано уфрлање англиски зборови среде реченица и редење македонски зборови во типични англиски реченични конструкции. Веројатно за ваквото однесување има повеќе причини - од јазична дембелана, т.е. мрзливост да се изнајде соодветен превод, до увереност дека така звучат попрофесионално (што е апсурд). Но, најстрашното во ова е нивниот став и генералното неприфаќање на укажувањата дека грешат, со одговорние така си викаме“. Првото нешто што им се пренесува на младите од конкретната професија, пред да им се пренесе знаење, е токму тој став.

На ова се додава генералната негрижа за јазикот - политичарите во официјални институции зборуваат на дијалекти и користат уличен сленг, електронските медиуми воопшто не внимаваат на јазикот што го користат, а богами ни на етиката, јавните личности од естрадата мислат дека ќе бидат повеќе ѕвезди ако кажат: полесно ми е на англиски, не знам како да го кажам на македонски... Додека се случува ова, јазичните инспекции, задолжени да се грижат за спроведувањето на Законот за македонски јазик, спијат. Не се сеќавам дека некој некогаш бил казнет.

Во вакво општествено опкружување што да очекуваме од младите? На кого тие да се угледаат? Најчесто нивното однесување секаде, па и на социјалните мрежи, и во поглед на писменоста, зависи од нивните лични убедувања, од сопствената свест за овие прашања и од домашното воспитување. И многу ми е драго што, сепак, можам да кажам дека познавам млади луѓе од различни професии, чии јазична писменост и способност за комуникација се многу солидни.

Со оглед на тоа што Интернетот и социјалните мрежи се релативно нова појава, младите главно се препуштени самите на себе во поглед на осознавањето на нивната функција, начините на користење и избор на соодветен начин на комуникација во конкретната пригода. Многу често тие се во позиција да ги едуцираат своите родители и професори наместо обратно. Младите се снаоѓаат индивидуално. За тој што сурфа, што е постојано активен и лесно ги осознава и ги прифаќа новите комуникациски модели, новите медиуми, за тој што веќе сфатил дека Интернет може да биде одличен извор на дополнителна едукација која не ја нуди образовниот систем - за него е полесно прифаќањето, на пример, на бонтонот за однесување онлајн, и во поглед на етичноста и во поглед на писменоста при комуникацијата. Други учат на потешкиот начин, откако ќе се изгорат, т.е. откако ќе си нанесат себеси или на некој друг непоправлива штета со недолично однесување на Интернет.

Сумирано, македонската младина генерално лошо стои со македонскиот стандарден јазик. Стандарден е претпочитаниот термин, а не литературен, кој повеќе се однесува на јазикот на убавата литература, додека стандарден е јазикот што е нормиран и пропишан за официјална употреба. Не би рекла дека социјалните мрежи се показател за нивото на употреба. Најпрво, мора да се разбере дека јазикот се состои од многу стилови и сите тие се потребни и имаат определена сфера на употреба. Не смееме да бараме да се исфрлат разговорниот стил и дијалектите, зашто тие носат своја посебна обоеност и експресивност. Секако, не им е местото во Собранието или во каква и да е официјална комуникација, но навистина не гледам зошто некој би сакал да ги исфрли од социјалните мрежи. Додуша, сѐ зависи од тоа за што се користат овие нови медиуми.


Од
сѐ досега кажано, излегува дека, за жал, сѐ поблиску сме до тоа да станеме аналфабетско општество иако се надевам дека нештата ќе се сменат. Тоа не значи да го чистиме јазикот, да наметнуваме пуристички решенија, туку да се приспособиме на новото време. Но и тука ред мора да постои. А со уфрлањето странски зборови среде реченица, со нетранскрибирање непреведливи поими со мешање дури латиница и кирилица во еден збор, на пример, туѓо име напишано со латиница и македонски суфикс (Down-ов > Даунов) се постигнува само хаос.

Во ниеден јазик во светот што користи писмо различно од латиницата нема да сретнете мешање на писмата освен кај нас (руски, украински, српски, арапските јазици, азиските - кинески, јапонски...). Повеќето имаат алтернативна латиница за да се разберат со светот или барем утврдена соодветна латинична транслитерација, но нема мешање баби и жаби. Ова го наведувам како пример, а ситуацијата е слична со сите подобласти на јазикот.

Точно е дека голем дел од јазичните прашања што ги наметнува новото време не се утврдени со прописи ниту, пак, се ревидирани некои постари правила за кои очигледно има потреба од ревизија. Тука како виновници директно би ги посочила властите, не овие или претходните, туку сите што досега биле на позиција и за кои јазикот не бил интересно прашање што им носи гласови и политички поени. Имено, Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет и Институтот за македонски јазик, двете носечки институции кои се одговорни за јазичната норма и едукација, не се сеќаваат кога последен пат примиле подмладок. Им треба свежа крв за да се справат со предизвиците што ги носи комуникацијата на новото време.

Од друга страна квазидебати, како онаа од Собранието од пред некој ден, каде што нејазичари дискутираа за тоа колку ни е загрозен јазикот, не се многу конструктивни. За јазичните прашања треба да дискутираат јазичарите, како што за физика дискутираат физичари. Можам да дадам некаков личен став, на пример, за глума, но тоа нема да е меродавно ни релевантно, зашто глумата не ми е специјалност. И конечно во дискусиите треба да се вклучат младите, студентите по македонски јазик и постидпломците, како и сите други млади луѓе што се свесни за важноста на квалитетната комуникација. Сигурна сум дека ќе имаат што да кажат.

9 коментари:

  1. За жал, ништо нема ни да се смени. Основен проблем е што разговорниот јазик е многу оддалечен од јазичната норма, што е природен процес. Кој уште „потстрижува кркми“, носи „кок“, менува „светилка“... А за „догорче“ и за „пепелница“ да не правам муабет! Затоа кога децата го учат мајчиниот јазик во училиштата се чувствуваат како да усвојуваат стански јазик!

    ОдговориИзбриши
  2. „Веројатно за ваквото однесување има повеќе причини - од јазична дембелана, т.е. мрзливост да се изнајде соодветен превод до увереност дека така звучат попрофесионално (што е апсурд). “

    Првин зборуваме за (не)образованието, потоа тие што се учени од таму ги нарекуваме „дембелана“ и квази-професионалци. Баш би сакал да ги чујам другите причини.

    Како креативно да се изразува некој кој што не знае да склопи обична реченица? :)))

    ОдговориИзбриши
  3. @Viktor Не си ми баш најјасен. Каде прочита квазипрофесионалци? Некој може да е Нобеловец за хемија, а да нема врска од ИТ и обратно. Истото е и за јазикот. Кај нас генерален проблем е што сите мислат дека се експерти за сѐ. Е не оди така :)

    ОдговориИзбриши
  4. не мислев на вештините и знењето на луѓето. Мислев во контекст на твојoт коментар кој го цитирав, на тие што користат зборови да звучат попрофесионално, заради икс причини, иако често не кажуваат ништо, пример, експерти пред камера знаат да забегаат со паметни-и-учени зборови...

    Во суштина, мислев дека „дембелана“ и тие што „сакаат да звучат попрофесионално“ не знаат како правилно и кои македонски зборови да користат бидејќи воопшто не се образовани.

    Појди од прво одделение до 4-та на факултет и ќе налеташ на книги на српски, нејасни и неквалитетни книги, учители, професори, часови...

    „дембеланата“ не е крива, туку нема избор и извор на зборови. (или преводи како што пиша)

    Не секој е експерт, боже мој повеќето не сме ни блиску, но тие што се прави експерти се статични и некреативни. Почнувајќи од образованието пред се...

    ОдговориИзбриши
  5. Еве и јас да се вклучам во дискусијата, или поправилно би било - разговорот? :)

    Сакам да го поздравам излагањето на модераторот и навистина да се согласам, а да ги поздравам и сите оние што беа присутни во Собранието на РМ во врска со расправата за употребата на македонскиот јазик, дека стандардниот литературен јазик и неговата употреба се во ќор-сокак. Значи, дефакто, Законот за употребата на македонскиот јазик не се применува, иако тој е усвоен многу одамна.

    Сакам да дадам едно мое гледање на работите; Во ред, младите не се доволно упатени за важноста и за примената на македонскиот јазик. И јас се сложувам со тоа дека е така. А решенија за проблемите? Сите даваат критики, состојбата била таква, ваква, итн. Треба решенија, и тоа СЕГА!

    Јас чув дека се формирало Здружение на лектори, кое ќе имало некакви активности, се избрал претседател на здружението (јас сум лектор и јас не си го знам претседателот). Тоа Здружение би требало да дава предлози, да започнува активности и, претпоставувам, да го реши проблемот со ангажирањето на лекторите - ТУКА „ЛЕЖИ“ проблемот! Доколку вие не ангажирате лектори што ќе го контролираат јазичното мутирање и неправилно употребување на нашиот јазик, тогаш постоењето на овој Закон е безначаен. Тука не треба само да има дебати, тука треба со потписи од сите македонисти во Македонија, сите поддржувачи на таа кауза да потпишат декрет, декларација, апел или не знам што, до Владата на РМ, за итно расправање по ова прашање. Ова прашање има и економска димензија - вработување на многу лектори на кои им стојат признанијата и дипломите дома, ништо не работат и се прашуваат: „и што сега?“. А политичарите навистина би сакале сега еден таков добар маркетинг, кога би кажале:„еве сега ние ќе ви го решиме проблемот“. Веќе знам како одат работите во оваа држава. Мора секогаш некој некого да турка за да се избориме до некоја одлука или до некоја позитивна вест.

    Ми беше чест што сум дел од овој блог. Поздрав до модераторот и до сите македонисти во државава.

    ОдговориИзбриши
  6. 1. Ај, провери ги во Толковниот речник „осозна“ и „додуша“. Го немам на работа. Кај Правописниот на Конески од 1999 година ги нема!
    Јас ги менувам со „созна“ и „навистина“.

    ОдговориИзбриши
  7. Честитки за напишаното.Да се надоврзам на приказната ќе речам дека проблемот има многу длабок корен. Односно, ако се навратам на моите училишни денови, воопшто не се сеќавам дека некогаш видов толковен речник по македонски јазик, ниту пак во читанките имаше објаснување на зборови кои за нас беа непознати, што би требало да биде основно помагало во наставата по македонски јазик. Оттаму луѓето немаат навика да користат речник, па затоа веројатно при читање на странска литература го прават истото и едноставно учат дека нештото се нарекува така и така, без да проверат од каде доаѓа зборот и директно го преземаат.Второ, се огласувам со тоа дека нејазичарите си земаат преголема слобода да коментираат за прашања што се јазични и должност на јазичарите да дадат одговор за нив, а не тие.Тоа што сите зборуваме македонски не значи дека можеме да дискутираме за јазични прашања.На крај би кажала дека треба да главно да се внимава на јазикот во медиумите (весници и телевизија), затоа што по училиштето, тие се вториот најголем учител на децата во поглед на јазикот што е во употреба. А доколку нешто погрешно се научи, тешко може да се исправи.

    ОдговориИзбриши
  8. @Anonymous (првиот коментар)
    Па, ако викаме дека ништо нема да се смени, и нема да се смени. Браво за оптимизмот.
    Јас ќе доживеам катарза ако во денешно време се изведе барем еден нов македонски збор (наместо странски) по примерот на Хрватска и се форсира по медиуми, учебници и не знам се каде, се додека не влезе во секојдневна употреба. Радикално ама успешно решение.

    ОдговориИзбриши
  9. Награден квиз-
    пронајдете ги грешките:

    http://sphotos.ak.fbcdn.net/hphotos-ak-ash2/hs564.ash2/148605_10150090949396532_134731976531_7217935_6225315_n.jpg

    ОдговориИзбриши