12.11.2010

Едначење на согласките по звучност

сподели на пинг

Ако го реновирате домот, веројатно патот, меѓу другото, ќе ве наведе и до продавницата за санитарија „Фриго шоБ“. Нам ни се случи токму тоа, но покрај санитаријата вниманието ни го привлече токму името на продавницата (не како единствен, туку само како впечатлив пример за јазична некоректност во имињата на компаниите; во иднина постови ќе им бидат посветени и на други што заслужуваат да бидат издвоени).

Не можевме да се изначудиме од каде стигнало тоа „б“ на крајот на „шоп“, што би требало да претставува транскрипција на англискиот збор shop, што значи продавница. Претпоставената аналогија е следнава - леб, заб се пишуваат со „б“, но при изговорот се слуша „п“ (/леп/, /зап/), па така изговореното „шоп“ станало „шоБ“ на хартија.

Јазичното правило што произлегува од овој пример и што треба да се запамети е дека обезвучувањето на звучните согласки на крајот на зборот се случува само во говорениот јазик и не се бележи при пишувањето. Обратниот процес, пак, т.е. пишано озвучување на странски тренскрибирани зборови кои завршуваат со безвучна согласка е сосема неосновано и е уште еден резултат на човечката хиперкоректност.

А кога веќе ја отвораме темата за звучноста на согласките, ред е да го дообјасниме и нивното едначење по звучност.

Согласките во македонскиот јазик, според звучноста, се поделени на три групи - на звучни, безвучни и на сонанти. Звучните и безвучните согласки се групирани во парови, при што само х нема свој звучен пар. Сонантите, пак, се најзвучни, позвучни и од звучните согласки.

Звучни: б, д, г, в, з, ж, (-), ѕ, џ, ѓ

Безвучни: п, т, к, ф, с, ш, (х), ц, ч, ќ

Сонанти: м, н, њ, ј л, љ, р

Основното правило за едначење на согласките вели дека една до друга не можат да стојат звучна и безвучна согласка. Притоа озвучувањето или обезвучувањето се врши според втората согласка во низата.

Пример: преДседател > претседател (звучното д преминува во својот безвучен парник т затоа што зад него стои безвучната согласка с)

бурек + џилница > бурекчилница

Треба да се напомене дека сонантите не подлежат на правилото за едначење, односно ниту тие се обезвучуваат ниту предизвикуваат озвучување на соседните безвучни согласки.

Пример: компјутер (без проблем стои м до безвучната п)

Најчесто до едначење доаѓа на споеви меѓу деловите на зборот (морфеми) - меѓу префикс и корен, корен и суфикс или меѓу деловите на сложенка.

Примери:

зад + скрие = затскрие пред + пладне = претпладне

бесрамен, потпис

запче, претстава

бесплатно, претходно

претпоставка, потсетник

Исклучоци од едначењето се случуваат кај неколку зборови, а причината за тоа е експресивноста, односно оддалечувањето од значењето на зборот доколку се примени правилото за едначење.

Примери:

бегство, другпат (звучното г останува до безвучното с)

предци, очевидци (звучното д стои до безвучното ц)

вкупно, вчера (в не се едначи пред безвучна согласка)

градски, судство (д не се едначи пред суфиксите -ски, -ствен, -ство)

надежта (едначењето не се бележи пред членската наставка -та)

шестдневен, петгодишен, десетгодишен (т не се едначи во сложените зборови)

И за крај, ќе споменеме уште едно правило поврзано со пишувањето на согласките, односно нивното удвојување. Кога две исти согласки ќе се најдат една до друга, во некои случаи се пишуваат и двете, додека во други едната се губи. Ова важи без оглед на тоа дали станува збор за удвоени согласки што се добиле со обезвучување/озвучување или кои како такви се нашле една до друга при зборообразувањето.

Примери: раззелени, оддели

бесмислен, бестрашен

Принципот според кој се одредува дали ќе се удвои согласката или не е следниов: кога по удвоените согласки следува кој било од вокалите во македонскиот јазик (а, е, и, о, у), се бележат и двете. Кога по удвоените согласки следува уште една согласка, тогаш едната од двете исти се губи.

21 коментар:

  1. Шоб е нешто со имињата на сопствениците, нема врска со шоп. Исто како што софтверската фирма Еин-Соф (без Т) е некое нордиско божество или сл. Уште на некој да му текнеше дека Енфапен прозорците се ЕНвер-ФАдиљ-ПЕНџер :)

    ОдговориИзбриши
  2. @Kirev Можеби, не сум сигурна дека си во право, но асоцијацијата кај луѓето е друга (не само нашата) :)

    ОдговориИзбриши
  3. @Kirev На линкот и поткрепа на нашето тврдење за шоп-шоб
    http://www.google.com/search?hl=en&source=hp&biw=1280&bih=600&q=%D1%84%D1%80%D0%B8%D0%B3%D0%BE+%D1%88%D0%BE%D0%BF&aq=f&aqi=&aql=&oq=&gs_rfai=

    ОдговориИзбриши
  4. Имам едно прашање. Што е со 'градче'? Кај 'градски' имаме исклучок од правилото, а што е со деминутивната форма? Ќе биде 'градче' или ќе премине во 'гратче'?

    ОдговориИзбриши
  5. @improinfini Деминутивната форма од град ќе биде гратче.

    ОдговориИзбриши
  6. А што е со „одамна“?

    ОдговориИзбриши
  7. Одамна е одамна :) лексикализирано, низ годините сосема се изгубиле составните делови од кои е составен зборот и зборувачите го перципираат како целост, а не како од+дамна. Се пишува одамна

    ОдговориИзбриши
  8. Често се греши и со мирислив и се пишува миризлив.

    ОдговориИзбриши
  9. меѓутоа преДци :) а не претци :)
    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  10. Ако се едначи според втората согласка зарем не треба да биде бурегџилница?

    ОдговориИзбриши
  11. Кога се прават отстапки тоа е во функција на експресивноста на формата (наш пропуст што не сме го изделиле посебно). Бурекчилница или бурегџилница е поблиску до (продавница за) бурек? Инаку, кога би било обратно, би имале озвучување (к би преминало во г), но нормата ја избрала првата варијанта.
    Сличен е примерот Велигден (велик + ден), но избрано е спротивното решение - формата е поекспресивна ако велик стане велиг отколку ако ден стане тен.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Велигден си е обично едначење според звучноста на втората согласка. Кај бурекчилница нема никакво едначење бидејќи турската основа е бурекчи. Значи, нема отстапки во наведениве примери.

      Избриши
  12. Бидејќи едначењето се врши спрема втората согласка од бурек и џилница се добива бурегџилница.Во Правописот никаде не стои дека се менува втората согласка при едначењето по звучност.Во српскиот јазик, кој го има истото правило и скоро исти корелативни парови, во овој случај се доаѓа до бурегџиница.

    ОдговориИзбриши
  13. На стр. 35 во Правописниот речник на Кирил Конески (што е актуелен) ги имаш преимерите бурекчија, бурекчилница. Не можеш да го споредуваш развојот на зборовите/гласовите меѓу различни јазици. Важат сосема други правила.
    Позз

    ОдговориИзбриши
  14. Би сакал да знам дали Конески покажува како се дошло до бурекчилница или само го наведува.За бурекчија ми е јасно,затоа што тука нема едначење по звучност, бурек и наставката чија дава бурекчија. Слично како со ќебапчија. Бурекчилница може да се добие со спојување на бурек и чилница(во тој случај не станува збор за едначење по звучност) доколку ваква наставка постои.Инаку онака како што Вие го наведовде примерот секогаш ќе биде бурегџилница затоа што правилото е јасно, едначењето се врши спрема втората согласка, никогаш спрема првата. Поздрав.
    P.S.
    Ја дадов споредбата со српскиот јазик за овој пример, затоа што се работи за исто правило и ист корелативен пар.

    ОдговориИзбриши
  15. А која е најзвучната согласка во македонскиот јазик?
    Благодарам однапред

    ОдговориИзбриши
  16. :) Е тоа ќе треба да прашаш стручњак за фонологија. Иако не гледам зошто е тоа прашање битно од практичен аспект :) Позз

    ОдговориИзбриши
  17. Vich, во допир со сонантите не се врши едначење по звучност: милослив, милосница, мирислив.

    Ангела

    ОдговориИзбриши
  18. Анонимен18 март 2015 03:07

    безхартиено или бесхартиено? :)

    ОдговориИзбриши
  19. Анонимен07 јули 2015 15:24

    Според мене едначење по звучност е непотребно и глупаво бидејќи ја одразува мрзеливоста на зборувањето која потоа се пренесува во пишаниот јазик.

    Никој не спори дека луѓето можат да кажуваат претседател место председател (малку потврдо во вториот случај), но дека треба тоа да се пренесе во пишаниот јазик и да се уништат оригиналните зборови - тоа е детски и мрзеливо.

    ОдговориИзбриши
  20. Авторот го отстрани коментаров.

    ОдговориИзбриши