15.11.2010

Едно лајче, две лајчина?!

сподели на пинг

Може едно лајче, всушност може колку сакаш лајчина, ама само додека пиеш кафе со комшиката и ѝ раскажуваш некој рецепт.

На роден зборувач на македонскиот јазик нема да му биде тешко да разбере дека станува збор за дијалектна форма на зборот лажиче односно лажички во множина. Но, разбирливоста не е критериумот според кој се раководиме што може, а што не може да се употреби во официјална комуникација.


Дијалектот претставува збир од јазични карактеристики на повеќе нивоа (лексички, граматички, фонетски...) што се типични за одредена географска област во рамките на говорното подрачје на јазикот. Стандардниот јазик се темели на дијалектите, односно е базиран на дел од нив и на дел од дијалектните особености, но голем дел од нив сепак се употребуваат само на локално ниво, во дијалектот.

Дијалектите се неизоставен дел од јазикот и не значи дека дијалектизмите треба целосно да се забранат или да се исфрлат од употреба. Нивната употреба треба да е ограничена, пред сѐ, на приватната, неофицијална комуникација. Од друга страна, со дијалектизмите се постигнува и посебна стилска обоеност, при карактеризација на ликови во книжевни, театарски, филмски дела.... Во официјалната комуникација не им е местото.

Токму затоа и ваквите упатства за употреба, кои никако не се израз на приватна комуникација, исто како и етикетите и декларациите на производите (и каталози, флаери итн.), треба да се напишани на стандарден јазик. Впрочем, и Законот за македонски јазик наложува тие да бидат излекторирани пред да бидат пуштени во јавностa.

Примерот што го одбравме овојпат очигледно не поминал кај лектор. Од низата грешки, освен споменатиот дијалектизам, во продолжение ќе разгледаме уште неколку што не смее да се провлекуваат и ќе наведеме други што ќе ги доразгледаме во други постови (или што веќе биле дискутирани). Оние поситните, во интерес на просторот, овојпат нема да ги споменеме.


# 250 гр. - Скратениците за различни единици мерки во македонскиот јазик се приспособени на интернационалниот систем. Тоа значи дека грам се означува со г без точка, кое може да стои напишано и латинично и кирилично. Значи, примерот треба да изгледа вака: 250 г или 250 g.

Истото важи за сите единици мерки - сите се усогласени со меѓународните:


килограм - кг/kg

милиметар - мм/mm

литар - л/l

тон - т/t


# Во контекст на претходната точка, забележи како се разделени латиничните и кириличните ознаки за единиците мерки. Забележи и како е употребена косата црта во табелата од упатството што го имаме како пример.

Коса црта главно се употребува за разделување зборови кои може да стојат во истиот контекст еден наместо друг или со математичка функција, како во табелата. Без оглед во која функција е употребена, не се остава празно место пред и по неа.

# Количина (и количински) се форми кои не се во зборообразувачкиот дух на нашиот јазик. Соодветните форми што се утврдени со нормата се количество и количествен. Врста, пак, на македонски е вид. Притоа, формулацијата вид на (пример) животно е погрешна и се наметнала поради влијание на други јазици (на пример, англиски - type of...). На македонски тоа се вика вид животно, односно нема потреба од додавање на предлогот на. Tрето, лечи, на македонски е лекува. Четвртиот србизам во ова упатство е гливични (гљива = габа). Кај нас овие заболувања се викаат габични.


# Бележењето на децималните броеви е погрешно, а не се внимава ниту на надредните знаци. Овие две теми веќе беа дискутирани.


# Едначењето на согласките по звучност, исто така, веќе беше дискутирано, а овде не е испочитувано: преДставува>преТставува.


# Терминологија. Во ова упатство имаме два примери за наусогласена терминологија, но бројот на проблематични термини е огромен. Овде среќаваме јаглени хидрати и бета каротин.

Најпрво, јаглени хидрати, во различна литература ќе го сретнете уште во најмалку две варијанти - јаглехидрати и јагленохидрати. Лично го претпочитаме јаглехидрати, но без некој цврст аргумент за поткрепа на изборот, освен тоа дека низ образовниот процес сме навикнале на него.

Вториот, бета-каротИн, треба да е напишан со цртичка, без празни места пред и по него, а може да се сретне и како бета-каротЕн. Во овој случај го претпочитаме второто, веројатно поради аналогијата од англискиот јазик - beta carotene, но друг аргумент немаме ни тука.

И токму поради ова, ги повикуваме стручњаците од сите области, а во консултација со лингвисти конечно да си изработат прецизна и усогласена терминологија, секој за својата област. Тоа не можат да го сторат јазичарите наместо нив, можат само да помогнат и да ги насочат, а главниот товар треба да го имаат лица што се специјализирани за областа. Ќе си олеснат себеси, а и на другите што се површно упатени во таа терминологија и особено на учениците и студентите што допрва се специјализираат.


# За употребата на сврзниците за односни (релативни) реченици - кој и што постојат правила, кои овде не се испочитувани. Ние ќе ги разгледаме во некој од следните постови.


# Некои именки, на пример, тие што означуваат имиња на материјал, апстрактни именки и некои други, немаат множински форми. Таков е случајот со растителни смоли и херпеси. И двете треба да си останат во еднина. Во првиот случај, самиот контекст ја означува множественоста што произлегува од постоењето на повеќе видови. Точната формулација е: различни видови растителна смола. Во вториот случај, станува збор за појава/болест и множинската форма нема никаква функција, т.е. е сосема непотребна. Треба да стои: лекува херпес на устата.


# Предлогот при има повеќе значења (овде нема да ги разгледуваме одделно, а можеш да ги погледнеш во четвртиот том на Толковниот речник), но примерот при собна температура не е една од неговите вообичаени употреби прифатени од нормата. Треба да стои: на собна температура.

11 коментар:

  1. Супер, меѓутоа не е вистина дека зборот „количина“ не е стандарден македонски збор. Провери во Правописниот речник и ќе видиш дека се допушта зборот „количина“, но и „количество“.

    Браво. Навистина ми се допаѓа блогов и редовно го посетувам.

    Бојан, лектор по македонски јазик.

    ОдговориИзбриши
  2. Се согласувам! Но, доколку овој блог претставува официјална комуникација, не приватна, 'комшиката' би требало да стане сосетка.

    Поздрав!

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous :) Ова е блог за јазикот во најширока смисла. А јазикот се состои од многу стилови, меѓу кои и разговорниот, така што не отстапуваме од „комшиката“ :)
    Една од целите на блогот, освен укажување на грешките, е и конечно надминување на вечната фобија - ова го исфрлам, ова не е наше. Исфррламе само грешки, што се косат со духот на јазикот, а не и делови од различните јазични стилови. Не знам дали сум јасна во поглед на стилското обојување на изразот (го спомнував и претходно).
    И уште... погрешно би било да стои „комшиката“ во некој член од Законот за домување, а овде е наменски употребена и во други пригоди ќе бидат употребени и низа други типични белези на разговорниот јазик, нормално за соодветно да се покаже нешто :)

    ОдговориИзбриши
  4. Како е според стандарден јазик: флаери или летоци? Сепак тоа се ливчиња што „летаат“ :)
    Што се однесува до јагленохидратите (заради постоењето јагленород во нив, не на јаглен) и бета-каротинот, постои конференција ЈУПАК на која што хемичарите се договориле како да го приспособат јазикот (често прилично брутално) за да бидат прецизни. Значи, секогаш наставките -ин и -ен означуваат различни хемиски соединенија.

    ОдговориИзбриши
  5. @Azder Малку си измешал поими. Прво, елементот не е јаглеНОрод, туку јаглерод. Второ, точно е дека различни суфикси означуваат различни соединенија (на пр. сулфИТИ, сулфАТИ, сулфИДИ...), но примерот со каротенот/каротинот не е од тој тип. Напротив, се среќава сосема истиот термин со различни суфикси. Сепак, не зборуваме на памет - кога наведуваме примери, тие се извадени од реални текстови.
    Хемичарите во светот сигурна сум дека им се усогласени термините. Проблемот овде е што термините во нашиот јазик се, да, брутални, ама не во поглед на приспособувањето, туку на неусогласеноста. И притоа, не зборуваме само за терминологијата на хемијата, туку за професионалната терминологија во речиси сите области.

    Што се однесува до флаери/летоци - еве по стоти пат ќе кажам - НЕ го чистиме јазикот, не промовираме пуризам, не планираме да правиме кованици од типот околупојасен панталонодржач. Не ме загрижува употребата на флаер и на слични на него, туку непознавањето на основите и суштината на јазикот. Се надевам, јасна сум...

    ОдговориИзбриши
  6. Можеби сум измешал поими. Сепак од искуство, најчестиот проблем е моето поинакво гледање на работите и неможноста да го претставам соодветно. Ај да се пробам:

    1. Леток ми е познат збор уште од детство, додека флаер го научив откако дојдов во Скопје. Нормално, поставувам вакви „цепидлачки“ прашања:
    „Како е според стандарден јазик: флаери или летоци?“
    не затоа што имам конзервативен поглед на јазикот или сум пуристички настроен. Се надевам не сум до толку конзерва(тивец) :) Можеби големиот број синоними како флаери, летоци, летки и сл. даваат колоритност и флексибилност на јазикот во неговата употреба, но од техничка страна обоеноста само додава мали непрецизности. Лично, секој ден пишувам на јазици каде што и минималните грешки од типот „немање заграда“ значат пропаст, па инстинктивно сакам да си ги проверам вакви разлики. Но, ако сметаат вакви прашања, нема повеќе да ги поставувам, за да не се замараме на пуритански основи :) Сепак и одговори како: првиот, вториот, двата... можат само да останат како дополнителна информација за идните посетители на странава.

    2. Не мислев дека термините во нашиот јазик се брутални, туку, хемичарите се брутални спрема јазикот со цел да добијат прецизност. Сепак наставките -ин, -ен, -ол означуваат различни видови соединенија, кои што најчесто се наоѓаат во храна, лекови и сл. Можно недоразбирање со овие термини може да биде со кобни последици по човечкото здравје. Претпоставувам затоа е и бруталноста.

    3. Сум забележал, често хемичарите, го користат името „ЈаглеНОрод“, но за жал, тешко се наоѓаат примери по Интернетов за да го потврдам името. Википедија користи „Јаглерод“, но користам текстови од Википедија само кога има соодветни квалитетни референци во фуснотата. Овој пат нема, но тоа не значи дека нема да си проверам ако некогаш најдам меродавен извор.

    Се надевам дека ја доловив суштината (иако опширно) без дополнително да замарам. Толку од мене.

    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  7. прво :) хемичарот е ник

    јаглен е руда,јаглерод е елемент, нитрат и нитрид не е исто, постојат и двете (како погоре сулфат), во бензинот нема октани, но постои октанска вредност на бензините, окта не е рафинерија ЗА нафта туку за деривати, значи рафинерија НА нафта,бившата борис кидрич сега окта

    ОдговориИзбриши
  8. нешто во врска со хемија:
    Alkane - Алкан
    Alkene - Алкен
    Alkyne - Алкин

    што значи дека различен завршеток се користи за различно хемиско соединение..

    ОдговориИзбриши
  9. Вака, во врска со стручните области и нивната терминологија на македонски, може да се најде доста интересен материјал во МАНУ. Од 1971 година, па се' до кај средината на 90тите години, тековно се издавал тн. Билтен на одборот за изработување на македонска терминологија. Секоја година излегувале по неколку броја, и се опфаќале се' повеќе и повеќе полиња: архитектура и градежништво, хемија, физика, социологија, анатомија, физиологија, психологија/психијатрија, право, економија, правосудство, биологија и неа сродните (биохемија, биофизика), земјоделство, рударство, овоштарство, итн. Онаму кадешто постои и меѓународно употребуван термин (најчесто од латинско потекло), тој е допишан, а често пати таму стојат и преводите на неколку светски јазици, како и на српскохрватски.
    Неколкупати сум го користел, и можам да кажам дека е доста солиден извор, само што недостасува библиографија, па морате да барате од почеток до крај дури не најдете. Тоа е добар пример за соработката помеѓу филолозите и стручните лица од најразлични области. Нормално дека еден дел од него денес е надминат (науката постојано се развива, а со тоа и терминологијата), дека не опфаќа клучни области како информатичка технологија и слично, ама сепак мислам дека е корисен за превод и дури при лектура на стручни текстови. Доколку има интерес, може да се организира една мала дигитализација, т.е. изнајмување на Билтенот од библиотека и скенирање, за да биде достапен за сите.

    ОдговориИзбриши
  10. SIDA e isto akronim vo francuskoto govorno podracje, a najverojatno i vo Spanija. SIDA = syndrome immuno-déficitaire acquis.

    ОдговориИзбриши
  11. „Примерот што го одбравме овојпат очигледно не поминал кај лектор“.
    А со „овојпат“ шо прајме? :)

    ОдговориИзбриши