19.11.2010

Тангшан земјотресот тресе и во јазикот

сподели на пинг

Добро, можеби не баш тој од Тангшан, ама дефинитивно странски земјотрес (се чини, генерално од англиско говорно подрачје) ни ги раскринкува и најосновните јазични правила. Последиците се нешто што веројатно ниедно логично лингвистичко размислување не би го очекувало.

Бидејќи го споменавме „Тангшан земјотресот“, оттука ќе тргнеме со објаснувањето на проблемот со редот на зборовите, кога се во прашање определен поим и неговиот определувач. Во случајов, земјотрес е определениот поим, а тоа што го дообјаснува е ознаката за местото каде што се случил.

Се поставува прашањето: зошто некој би сакал англиската конструкција: Tangshan earthquake на македонски да ја преведе Тангшан земјотресот? Дали некому така му звучи природно или едноставно повторно станува збор за јазична мрзливост, поради која забораваме дека на македонски локацијата се означува поинаку: земјотресот во Тангшан? Земи го за пример земјотресот во Скопје.

Несфатливо е зошто во свеста на зборувачите (пред сè, помладите, кои се поизложени на англизацијата или поточно американизацијата) јазичниот механизам целосно се менува само затоа што е споменат странски географски поим (во примеров дури не е ни англиски). А ако конструкцијата земјотресот во Тангшан не ти е по вкус, употреби барем конструкција со придавка: Тангшанскиот земјотрес (аналогно и Скопскиот земјотрес).

Во горниот пример имаме две решенија, од кои едното е со развиена определба, со примена на предлог (земјотресот во Тангшан), а второто е со изведување придавка (Тангшанскиот земјотрес). Во нашиот јазик утврдено е дека за неутрален збороред се смета:

1. Определба + определено во случаи кога определбата е придавка: убава книга, зелена трева. Ова го нагласуваме бидејќи во голем број јазици, на пример, во шпанскиот и во францускиот, за неутрален се смета обратниот збороред определено+определба (hierba verde (шпан.), l'herbe verte (фр.) буквално значи трева зелена, но сепак ќе се преведе зелена трева). На македонски овој збороред се смета за стилски обележен.

2. Определено + определба кога определбата е исто така именка: продукцијата Авалон, операторот ВИП, корпорацијата Модна недела Скопје, а не англизираните варијанти Авалон-продукција, Вип-оператор, Модна недела Скопје корпорација...

Забелешка: доколку, сепак, решиш да го употребиш обратниот збороред, имај предвид дека во тој случај определбата и определеното се поврзуваат со цртичка, без празни места пред и по неа (види примери во претходниот пасус).

3. Определено + определба кога определбата е развиена, т.е. станува збор за цела синтагма што се поврзува со определеното со предлог: музичките награди на Ем-ти-ви, технологијата „блу реј“ чаша полна со вода. Погрешни се решенијата Ем-ти-ви музичките награди, „блу реј“-технологијата, со вода полната чаша. Овде мора да напоменеме дека првите два примера се типичен израз на лошиот превод, додека последниот израз напишан во инверзен збороред, кој е целосно домашен, е израз на извитоперување на изразот на дел од зборувачите со цел да звучат „помудро“. За жал, ефектот што се добива не е тој што го сакаат тие. Ваквиот израз е многу присутен во новинарскиот јазик.

Забелешка: Поопширно објаснување за збороредот можеш да прочиташ во Синтаксата на македонскиот јазик од Лилјана Минова-Ѓуркова.

Збороредот во македонскиот јазик е многу важен поради тоа што отстапувањето од него може да доведе до погрешно толкување на значењето. Типичен пример за ова би било:

Марко го удри Стефан.

Стефан го удри Марко.

Кој кого удрил? За да нема дилеми, за неутрален збороред се смета:

субјект + прирок + објект

Пример за погрешно толкување во поглед на преводот на странските конструкции би било: Андроид-апликација. Неупатените или нема да разберат што им зборувате или погрешно ќе го протолкуваат кажаното/напишаното. Станува збор за апликација што се вика Андроид или за апликација наменета за Андроид. За да нема забуни, точната формулација би била апликација за Андроид.

За крај ќе споменеме дека некои изрази преведени според туѓи модели, поради честата употреба веќе се чувствуваат како нормални и функционираат рамноправно со македонските конструкции:

ризик-фактори и фактори на ризик

тумор-маркери и маркери за тумор

11 коментар:

  1. Знам дека ова спаѓа во некој од другите постови, ама како се крати целзиусови степени во мак,
    Ц или C со она кругчено пред него? (или нешто трето?)
    Фала и поздрав

    ОдговориИзбриши
  2. Интернационалната скратеница што се употребува и во македонскиот јазик е °С. Зависно од типот текст каде што се употребува, може да се напише и со зборови и тогаш би било: Целзиусови степени (Ц големо; не со обратен збороред степени Целзиусови)

    ОдговориИзбриши
  3. Фала многу Бисерка.

    ОдговориИзбриши
  4. Ok. C-витамин, прифатено во македонската јазична практика, и не е вистина дека Андроид-апликација не може да биде прифатено. Не дека другиот пример не е точен (апликација за Андроид), но и Андроид-апликација е точен пример).
    Барем мојот пример го има и во Правописот. Јас како лектор би кажал дека Андроид-апликација е ТОЧНО. Тука нема никаков проблем. Тоа е барем моето мислење.

    Бојан, лектор

    ОдговориИзбриши
  5. @Bojan И во постот стои дека некои примери функционираат по двата модели, па витамин Ц и Ц-витамин би бил еден од тие.
    За Андроид-апликација имавме реална ситуација кога лекторка на која технологијата не ѝ е блиска област сфатила дека станува збор за апликација што се вика Андроид (што нели е погрешно) и сакаше да го смени со апликацијата Андроид. Двосмислено може да се протолкуваат и други примери. Во таа смисла, препораката е дека македонскиот јазик си има свои средства за прецизно изразување на односите, додека туѓите модели пренесени во нашиот јазик може да бидат повеќесмислени. Не е грешка Андроид-апликација, но подобро е апликација за Андроид (според нас).
    Значи станува збор за препорака, а не за квалификација на нешто како грешка.

    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  6. Драго ми е што наидов на овој блог, и се надевам дека - наспроти `мрзливите` - ќе се зголемува бројот на тие што ќе се трудат да бидат поодговорни кон мајчиниот јазик.

    ОдговориИзбриши
  7. Во очи ми падна “оправдувњето“: „имавме реална ситуација кога лекторка на која технологијата не ѝ е блиска област“.
    Според мене на лекторите блиска и позната област треба да им е јазикот и неговата граматика.
    Одговорноста за нешто правилно да се разбере според мене паѓа кај преведувачот, кој што треба да има познавања од областа од која се нафатил да преведува нешто. Корекциите на лекторот не би требало да го изменат значењето на преведениот текст ако е тој соодветно преведен.
    Пример на кој што пред некое време налетав на некоја од нашиве интернет страни.
    Текст превземен од српска интернет страна и демек преведен.
    Текстот беше за млад сликар (15 годишен) кој што станал инстант популарен и за еден ден продал слики во вредност од 150.000 фунти.
    Поради неговиот квалитет и успешност „критичари су га назвали малим Монетом“
    Е ова кај нас беше преведено „критичарите го нарекоа малата Монета“
    Овде лектор евентуално би интервенирал за големата буква на (М)онета, а основното непознавање на преведувачката на уметноста и тоа што таа во животот не слушнала за “некојси“ таму француски сликар Моне (Claude Monet) не е одговорност на лекторот.
    Незнам како иде процесот на лекторирање на некој текст и дали сте секогаш во можност да се консултирате со авторот односно преведувачот за некои нејаснотии, како погоре споменатата со андроид-апликација, но сепак мислам дека тоа не е ваша одговорност.

    Поздрав и продолжете така, со задоволство ве читам и учам.
    VoniVaras

    ПС. Каде може да поставувам некои прашања а да не идам надвор од темата (Off topic) за да не ја нарушувам дискусијата.

    ОдговориИзбриши
  8. @VoniVaras Драго ни е што нѐ читаш со задоволство :)
    На место ти се забелешките. Тоа со преводите на падежи од српски и хрватски е страшно, а нивото на општа (не)култура - уште пострашно.
    За процесот на лекторирање - зависи за кого лекторираш. Кога не може да се направи консултација директно, обично им оставаме забелешки.
    Што се однесува до прашањата, засега можеш да ги поставуваш на мејлот што е назначен, макар што мислам не пречи и под самиот текст, иако е на друга тема. Ќе се обидеме да најдеме начин да се овозможи поставување прашања на едно место што ќе ги прикажува на блогот (на мејл, за жал, ги гледаме само ние).

    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  9. Анонимен06 јуни 2011 16:49

    А како на мк би било HD, LCD, HDTV? Дали е ха де, ха-де или треба да остане HD? Поздрав, супер сте!

    ОдговориИзбриши
  10. Тоа се ознаки што остануваат исти. Само најчесто нема потреба да стојат во латиница туку ХД, ЛЦД, ХДТВ.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  11. Хмм, ама не се изговараат ХД, туку се изговараат ХА-ДЕ. ЦЕДЕ, итн. Мислам дека треба да си го зачувуваме јазикот онаму каде што имаме достапни поими, но онаму каде што немаме, треба да се обидеме да ги транскрибираме како што ги слушаме. На пример, англиското USB. Сите го викаме УЕСБЕ, а не УСБ. Дури, мислам дека и претходно споменатата збунета лекторка што нема познавања од технологија повторно би се збунила на македонската кратенка. Ако ние всушност немаме називи за нашите букви по теркот на англискиот јазик (еј, би, си, итн.), како може да транскрибираме кратенка со помош на истите тие букви???
    Овој проблем постои подолго време, но јас мислам дека основен проблем е што не постои национална стратегија. Има повеќе решенија, но треба да се избере едно, најлогично, и да се следи доследно. Ист е случајот и со транскрибирање на македонските гласови (ќ, ш, ѕ, џ, љ) со странските азбуки. Додека некои се едноставни (како ш и ч), некои се сложени и предизвикуваат забуна (како ѕ, ќ и џ). Во консултација со професори од катедрата за превод, добив одговор matter of preference (превод: по твој избор). МВР и другите инстанци (дури и другите држави) имаат различни одговори по ова прашање, што е доказ дека некакво унифицирање треба да постои.
    А дека треба да си го чуваме јазикот, треба... А дека постои англизацијата, постои... А дека некогаш не можеме да се бориме, не можеме... :)
    поздрав, англо-македонист

    ОдговориИзбриши