22.11.2010

„Културална“ попара

сподели на пинг

Не е спорно дека туѓите јазици се еден од изворите од кои се збогатува македонскиот јазик. Тоа го наметнува новото време кое со себе носи нова терминологија од различни области, веќе создадена во јазиците со поразвиени култури и општества.

По којзнае кој пат ќе нагласиме дека влезот на туѓите зборови што означуваат нови предмети, поими и појави не е спорен (честопати понеприродно е нивното преведување на македонски по секоја цена). Но, тоа што е спорно е начинот на нивната адаптација.

Досега, како еден од спорните начини со кои се преземаат туѓи зборови, беше наведено нивното оставање во оригинал, на латиница, нетранскрибирани. Овојпат ќе дискутираме за несоодветно приспособување на придавките со употреба на туѓи зборообразувачки суфикси (претежно англиски).


1. Туѓ суфикс + наш суфикс


културален, сегментален, мускуларен


Во овие примери коренот на придавката се совпаѓа на македонски и на англиски, а нему му се додадени англиските суфикси за образување придавки -al, односно -ar, па на нив е залепен и еден од македонските суфикси за образување придавки -ен. Нема потреба посебно да се објаснува дека ваквото непотребно усложнување е сосема неприродно и неприфатливо за нормата. Примерите треба да звучат:


културен, сегментен, мускулен


Случаи за ваква некритичка употреба на туѓите суфикси за образување придавки особено често се среќаваат во различна професионална терминологија, со акцент на медицинската. Тука особено присутен е суфиксот -eal:


фарингеален, ларингеален, менингеален


Со оглед дека овие придавки се изведени од фаринкс, ларинкс, менинга, логичното зборообразување на придавките би било следново:


фарингален, ларингален, менингален


Некој веројатно ќе праша зошто една буква би била спорна, но понекогаш и таа е доволна за да се отстапи од зборообразувачкиот дух на јазикот. Генерално, при образување придавки и воопшто при изведување зборови од други, погрешно е лепењето суфикси еден на друг без цел, а најсоодветно е наједноставното решениe.


2. Како посебен пример ќе ги изделиме глаголските придавки, на пример, рудиментиран-рудиментарен. Глаголската придавка е зборовна група чие значење е својство што е резултат на дејството означено со глаголот од кој се изведува таа. Во примерот тој глагол е рудиментира, а бидејќи глаголска придавка се образува со суфиксот (или -т, кај некои глаголи), логично резултатот треба да биде рудиментиран.

Варијантата рудиментарен е создадена по аналогија на англиското зборообразување - rudimentary и воопшто не е природна, но за жал веќе е влезена во некои македонски лексикони на странски зборови и изрази. Ја препорачуваме употребата на рудиментиран.

Други вакви примери се: фрагментарен > фрагментиран, сегментарен > сегментиран...


3. Некритичко преземање и на туѓиот корен:


вулнерабилен

ексидентален


За жал, се среќаваат и вакви кованици чие присуство во македонскиот јазик е сосема неоправдано. Нема зошто да се дозволи нивно присуство бидејќи воопшто не означуваат нов поим што потекнува од друга култура, а за нив веќе има сосема прифатливи македонски зборови: ранлив, случаен.


4. Суфиксите -онен и -ски:

Како посебна група ги издвојуваме придавките што завршуваат на суфиксот -онен. Неговата употреба не се препорачува. Во духот на македонскиот јазик, се претпочита употребата на придавките образувани со -ски:


деградационен > деградациски

(имај предвид дека постои разлика меѓу деградациски и деградирачки)

информационен > информациски

акционен > акциски

операционен > операциски (оперативен е различно од операциски)


5. На крај ќе напоменеме дека во некои случаи, навлезени одамна, функционираат две варијанти со македонски и со англиски суфикс и, иако ниедна не е погрешна, генерално се претпочита домашната варијанта.

еволутивен - еволуциски

повеќедимензионален - повеќедимензиски

10 comments:

  1. Оф мори мајко... А што сите официјални документи ни се „Акциони“, што правиме?

    Ги лекторира некој нашиве закони?

    ReplyDelete
  2. Анонимен, никој не ги лекторира нашите закони :)

    ReplyDelete
  3. Ќе си дозволам да го изразам своето неслагање токму во однос на примерот од насловот: културален. Англискиот збор cultural во разни ситуации не може да биде преведен со *културен*, од проста причина што македонскиот збор *културен* во тие ситуации си има друго и сосем поинакво значење, па заедно со именката на која се однесува би се добила невообичаена и/или смешна комбинација. Во ниеден јазик не е забрането постоењето на две придавки изведени од ист корен, доколку нивните значења се разликуваат. Во случајов, *културален* нема (секогаш) идентично значење со *културен* и затоа не би требало да се посочува како негативен пример.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Се сложувам дека ’културен’ не е исто што и cultural. Но, мислев дека соответнот збор е ’културолошки’, а не ’културален’.

      Delete
  4. А што е со логорите? Тие се концентрациони или концентрациски?

    Поздрав

    ReplyDelete
  5. Логорите се концентрациони. Во овој случај се прифаќа суфиксот бидејќи има поинкаво значење отколку концентрациски.
    Освен во контекст на логорите, концентрационен се прифаќа и во концентрациона влада, во значење техничка влада.
    Не ми текнува уште некој пример. Ако ми текне, ќе пишам

    ReplyDelete
  6. Уште еден пример за нижење суфикси што вреди да се одбележи:
    епизодичен наместо епизоден

    ReplyDelete
  7. коалиционен и коалициски - ги има двата збора во Правописот.

    ReplyDelete