29.11.2010

Новинари ли се новинари, лекторски маки големи

сподели на пинг

Во секојдневната практика, лекторите среќаваат најразлични текстови и коригираат многу типови грешки. Се чини посебна анализа заслужува токму јазикот на новинарите, токму поради тоа што со редовните јазични грешки во текстовите им задаваат најмногу мака на лекторите. Истовремено, тука е и нивната одговорност пред јавноста, бидејќи директно влијаат врз јазикот на поединецот.

Оправдувања за грешките на новинарите има многу. Тие секогаш се наоѓаат во трка со времето, имаат „дедлајн“, информацијата што ја знаат е многу побитна од тоа како е напишана и, на крајот на краиштата, лекторот е тука за да си ја заврши својата работа. Сепак, работа на лекторот не е да чита мисли и да дешифрира, а уште помалку од него треба да се бара одговорност за евентуално погрешно дешифрирање.

Новинарските грешки особено доаѓаат до израз во електронските медиуми, кога одат директно во етерот и кога лекторот не може да интервенира. Сепак, во печатените медиуми, пред да го предаде текстот, новинарот треба добро да си го прочита уште еднаш и да си го исчисти од такви елементарни пропусти, бидејќи и онака ќе останат низа други работи што лекторот ќе треба да ги коригира.

Многу често новинарите си имаат „омилени“ грешки, кои не ги учат и покрај укажувањата и кои може да се провлечат и десетпати во текст од дваесет реда, што е премногу. Во денешниот пост ќе ги посочиме србизмите што се дел од најчестите новинарски грешки, а тоа ќе биде само првиот од серијалот посветен на јазикот на седмата сила.

на лице место > на самото место

Пример: Возачот на автомобилот загина на лице место на несреќата.

Треба да биде: Возачот загина на самото место на несреќата.

опоравува > заздравува, закрепнува

позадина > заднина

прилика > можност, шанса; пригода

Пример: Ќе ја искористам оваа шанса да го кажам тоа што го мислам.

Свечените тоалети се носат за свечени пригоди.

гужва > метеж, турканица

пракса > практика

касни > доцни

делува > дејствува, влијае; изгледа, се чини

Пример: Времето влијае врз расположението на луѓето.

Овие лекови не дејствуваат врз мојата болка.

гуши > задушува

ваљда > веројатно

така да > така што

допринос > придонес

новчаник > паричник

22 коментари:

  1. Висок политичар. Им се обраќа на колегите и бара да не се ВРЕЃААТ меѓу себе. Ова го повторува на повеќе седници. Никој не му укажал на грешката. Но, зар за него не е навредливо некој да му укажува. Зар уште не сфатил дека ВРЕЃАЊЕ е српски збор, на македонски тоа е НАВРЕДУВАЊЕ. Во една друга пригода, истиот политичар ја брани Македонија. Во врска со името. Вели дека нема да дозволиме компромис што ЗАДИРА во нашиот идентитет и во нашиот јазик. А што значи тоа - ЗАДИРА?! Во Речникот на македонскиот јазик одбележан е овој збор но со поинакво значење. На македонски ЗАДИРА значи - СЕ ЗАДЕВА, СЕ ЗАФАЌА. Оттука произлегува и именката ЗАДРОГАЗ, човек што постојано се ЗАДИРА, се ЗАДЕВА. Во некои краеви од Македонија постои и именка ЗАДОРИЦА. И таа е изведена од истиот глагол. Човек што се ЗАДИРА, се ЗАДЕВА.

    Ова што сакаше да го каже нашиот политичар е сосема нешто друго. Тој го зел српскиот глагол ЗАДИРЕ и сака да го помакедончи, односно, не знае дека не е македонски. Во српскиот јазик постои глагол ДИРАТИ. Тоа значи дека некој нешто пипа, пофаќа, допира. Има и други значења, но сега нема да се задржуваме на нив. Во конкретниов случај политичарот сакаше да каже дека нема да прифатиме компромис кој ЗАФАЌА во нашиот јазик и во нашиот идентитет, кој ЧЕПКА во нашиот идентитет, кој ДОПИРА таму, кој го ЗАСЕГА. Ова може да се каже и со други зборови. Постојат многу можности и варијанти. Ете, го одбрал српскиот глагол ДИРАТИ, односно изведенката - ЗАДИРЕ. Наместо Е на крајот ставил А и мисли дека на таков начин српскиот глагол станува македонски. Оваа грешка ја практикуваат повеќемина. Особено политичарите. Зборот ДИРА (ЗАДИРА) со вакво значење го нема во нашиот јазик и не треба да се употребува.

    ОдговориИзбриши
  2. Многу често во Парламентот сме чуле и тоа дека некој од нешто бил ЗАПРЕПАСТЕН. И тоа е туѓ збор, српски. ВЏАШЕН, ВЧУДОВИДЕН, тоа се нашите зборови.

    Немаме обичај да ги именуваме личностите што ги направиле грешките. Но, овој пат ќе направиме исклучок и ќе го споменеме министерот за правда. Тој најдобро ги знае законите и веројатно знае дека постои закон, според кој, во Македонија, службен јазик е македонскиот. А тој?! Слушаме едно интервју. Објаснува министерот дека во затворот Идризово ќе се урнеле старите КАПАЦИТЕТИ и ќе се граделе нови КАПАЦИТЕТИ. Го повтори тоа повеќе пати. Па знае ли тој што е тоа КАПАЦИТЕТ?! Ни старите згради ни новите што ќе се градат не се КАПАЦИТЕТИ. Тие имаат или ќе имаат свој капацитет. Да речеме дека ќе располагаат со толку и толку легла, но зградата не е КАПАЦИТЕТ, како што не се КАПАЦИТЕТИ централите, фабриките, хотелите, за кои исто така слушаме да се нарекуваат КАПАЦИТЕТИ. Сме го слушале тоа и од министерот. Тој употребува збор ПОНАВЉА. Срамота е ова да го објаснуваме. Наместо СЛУЧАИ, тој вели СЛУЧАЕВИ. И што ли уште не. Употребувајќи вакви погрешни зборови и со едно крајно погрешно акцентирање, му дава на јазикот карикатурална форма. А се знае, дека во македонскиот јазик кај повеќесложните зборови акцентот паѓа на третиот слог однапред, а тој, кај четворосложните зборови го акцентира првиот слог однапред - ЗАТВОРИТЕ, СУДОВИТЕ, СУДИИТЕ, ГРАЃАНИТЕ и уште безброј, безброј погрешни акцентирања. Не се само овие грешки на министерот и не само на министерот. Кога се донесува некој нов закон министерот практикува да вели - ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Тоа е ЗАКОН, а не ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Законски решенија се сите решенија што имаат законска основа. Решение за годишен одмор, решение за работен однос и така натаму. Кога е на дневен ред некој ПРЕДЛОГ - ЗАКОН министерот практикува да рече ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ. И тоа е грешка. ПРЕДЛОГ - ЗАКОН е ЗАКОН, предложен да влезе во процедура да се гласа за него. А не станува збор за ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ, Парламентот не работи според НЕЗАКОНСКИ ПРЕДЛОЗИ.

    Министерот најдобро знае дека кршењето на законите се санкционира. А ЗАКОНОТ за јазикот?! Одговара ли некој за кршењето на тој закон?! За жал, никој! Кога би имало одговорност, ќе биде потребен уште некој “КАПАЦИТЕТ”, зар не, господин министре?!

    Македонскиот јазик го подисчистивме од турцизмите. Но, некои зборови останале. И треба да останат. Многу соодветно ги именуваат нештата. Еден од тие зборови е - РЕЗИЛ! РЕЗИЛ!!! Таква е состојбата во нашиот јазик.

    ОдговориИзбриши
  3. Кога се донесува некој нов закон министерот практикува да вели - ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Тоа е ЗАКОН, а не ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Законски решенија се сите решенија што имаат законска основа. Решение за годишен одмор, решение за работен однос и така натаму. Кога е на дневен ред некој ПРЕДЛОГ - ЗАКОН министерот практикува да рече ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ. И тоа е грешка. ПРЕДЛОГ - ЗАКОН е ЗАКОН, предложен да влезе во процедура да се гласа за него. А не станува збор за ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ, Парламентот не работи според НЕЗАКОНСКИ ПРЕДЛОЗИ.

    Министерот најдобро знае дека кршењето на законите се санкционира. А ЗАКОНОТ за јазикот?! Одговара ли некој за кршењето на тој закон?! За жал, никој! Кога би имало одговорност, ќе биде потребен уште некој “КАПАЦИТЕТ”, зар не, господин министре?!

    Македонскиот јазик го подисчистивме од турцизмите. Но, некои зборови останале. И треба да останат. Многу соодветно ги именуваат нештата. Еден од тие зборови е - РЕЗИЛ! РЕЗИЛ!!! Таква е состојбата во нашиот јазик.

    ОдговориИзбриши
  4. А кога „пракса“ се употребува во смисла - „студенти на пракса“...?
    Не ми се верува со колку зборови сум грешела досега- делува,гуши,позадина...
    Не'едуцирате бре! :)

    ОдговориИзбриши
  5. Колега(шке) коментатор Vich, можеби некогаш ќе се дообразуваме и се повеќе ќе употребуваме од сопствениот македонски лексикон, но во моментов, поизгледно ми е името „Министерство за образование„ да биде заменето со „Министерство за едукација“. Ретко кој во жестината на расправата се самолекторира.

    ОдговориИзбриши
  6. Azder,
    Па затоа треба да сме отворени за сугестии и поправки и немам срам да кажам дека сум згрешила.

    Иако сум преведувач, свесна сум дека познавањето на македонскиот не ми е на завидно ниво.
    Затоа сама си ги пополнувам дупките во знаењето.

    Преку глава ми е да слушам жалење.
    Гледајте да се едуцирате сами колку можете и тие околу вас. Затоа двете девојки од блогов иако не ги познавам, многу ја почитувам нивната заложба.

    А ова „министерство за едукација“ многу би ме заболело :)

    ОдговориИзбриши
  7. гледајте да се *едуцирате* сами ...парадокс :)

    ОдговориИзбриши
  8. Мене ми е најактуелен - шешир!

    ОдговориИзбриши
  9. Сите употребуваат ТАКА ДА наместо ТАКА ШТО. Тој србизам гледам дека е најмногу навлезен во нашиот јазик.

    ОдговориИзбриши
  10. Овогодинешниот Евросонг... Или е годинашниот или е овогодишниот.
    Се осудува да му каже во лице. Или се осмелува?

    ОдговориИзбриши
  11. Kirev, "овогодишен" и "се осмели" се стандардни. Мислам дека „осуди“ не треба да се користи како повратен глагол „се осуди“ (туку само во смисла “осуден е на смрт“) ама нека ме поправат лекторките ако не сум во право.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  12. Анонимен22 јули 2011 19:57

    Здраво,
    не знам дали писшувам во точната рубрика но дали може некој да ми каже дали „испрасти Недела“ е србизам и што точно значи?

    ОдговориИзбриши
  13. на лице место > на самото место

    Пример: Возачот на автомобилот загина на лице место на несреќата.

    Треба да биде: Возачот загина на самото место на несреќата.
    Грешка! Не треба: самото место, туку на местото на настанот. Што значи САМОТО - ништо, нема никакво значење, преземен е од српскиот јазик

    ОдговориИзбриши
  14. Здраво,
    не знам дали писшувам во точната рубрика но дали може некој да ми каже дали „испрасти Недела“ е србизам и што точно значи?
    Те молам, цитирај ја целата реченица за да добиеш точен одговор

    ОдговориИзбриши
  15. Анонимен05 март 2012 14:36

    Гужва, пракса,прилика и гуши веќе се прифатени, а и отсекогаш сме ги имале.Патем Министерот за правда убаво си кажал за капацитетите (во смисла на објекти итн.). Тоа што некој има положено лекторски испит не значи дека е писмен!

    ОдговориИзбриши
  16. Честитки за вашите просветителските напори. Жалам што кај многу лектори во Македонија постои извонредно низок праг на толеранција кон влијанија и збогатувања од српскиот, иако со децении и веќе толку многу генерации се одомаќиле во јазикот, па по секоја цена се настојува со примери од типот „обострано“ не било „македонски“ – иако се среќава во неверојатно голем дел од мак. говори, а владее апсолутен молк кон англомутациите (од А како апликација и апликант до Ш како шоу и шоутајм). Ни германските позајмици од А-ауспух до Ш-штрафцигер и шофершајбна никому на му пречат. Но, штом ќе се употреби збор кој има и најмала сличност или сродност со јазикот на соседите, веднаш се алармира, зацрвенува и прецртува. За крај еден пример, една лекторка ме поправаше дека именката „остава“ (помошна просторија со алатки за чистење) не можам да ја користам, бидејќи била од српска провениенција, наместо тоа требало да го користам „шпајз“ (што исто така означува помошна просторија, но за чување јадења!). Очигледно помалку ѝ пречеше тоа што доаѓа од германскиот односно австрискиот Speisekammer т.е. Speise=јадење. И не е единствената. Поздрав

    ОдговориИзбриши
  17. Како е правилно: "КАЗНЕНО-ПРАВНА ОДГОВОРНОСТ" или "КАЗНЕНОПРАВНА ОДГОВОРНОСТ"?
    Исто, "КАЗНЕНОПРАВНИ САНКЦИИ" ИЛИ "КАЗНЕНО-ПРАВНИ САНКЦИИ".
    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  18. Што е со увијачи, вешалици, ражичи...какво е македонското решение?

    ОдговориИзбриши
  19. Се извинувам,ражничи.
    поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  20. на оние лектори на кои им пречи увијач и ражнич, не им пречи ролетна, ролка, ролат, ниту им пречи сувлаки, гиро, ниту шашлик и кебап ;-)

    ОдговориИзбриши
  21. анонимен220 мај 2016 16:55

    Увијачи нема во Србија, значи зборот е авентично македонски.

    ОдговориИзбриши
  22. анонимен220 мај 2016 16:59

    Режнич е раженче. Коренот е ражен.

    ОдговориИзбриши