02.12.2010

Шана уште шие на машина

сподели на пинг

Што е тоа Шана?

Вакво прашање постави ќеркичката на една наша колешка, второодделенка по новиот деветгодишен систем на основно образование, а веруваме дека го поставуваат и голем број други седумгодишни дечиња на почетокот на своето описменување. Всушност, добро се сеќаваме дека пред повеќе од дваесет години и нам истото не ни беше најјасно.


Станува збор за текст во учебникот по предметот Македонски јазик за второ одделение, од авторките Добрица Петрушевска, Снежана Васиљевиќ и Билјана Кртолица, објавен во 2008 година, преку кој децата треба да ја научат буквата „ш“. Медиумите веќе пишуваа за грешките, не само во овој учебник, а министерот за образование Никола Тодоров најави дека од идната година спорните учебници ќе бидат повлечени, поради тоа што содржините се неприспособени за возраста.


Но, никој не го спомена фактот (или барем нам тоа не ни падна во очи) дека, за да биде добар еден учебник, не е битно само да биде без грешки и содржините да се приспособени на возраста. Тие мора да се приспособени и на новото време, не за да тераме мода, туку за да им олесниме на најмалите и најмили полесно да се описменат. За да не им се создаде отпор кон македонскиот јазик затоа што на часовите се чувствуваат како да изучуваат туѓ, а не мајчин јазик.


Конкретно Шана (текстот е земен како пример, но секоја забелешка може да биде применета многу пошироко, на содржини од овој учебник и од други), таа си шие на својата машина многу подолго отколку што можеме ние да посведочиме. На неа се сеќаваат многу генерации пред нас, со единствена разлика што порано учебникот се викаше Буквар. Учебникот е преобјавен многупати, а последното, актуелно издание е од пред две години. Толку ли се неинвентивни?


И за да биде апсурдот поголем, авторките не успеале ни точно да ја препишат веќе антологиската приказна за Шана:



Шии Шано, само шии. (?!)


Каде и како ли само утврдиле дека заповедниот начин од глаголот шие треба да биде шии?! Ако сакаш да ѝ заповедаш на Шана да шие, тоа треба да го сториш на следниов начин: Шиј Шано! (или шијте во множина).


Ќе ја искористиме пригодава да објасниме неколку основни правила поврзани со заповедниот начин во македонскиот јазик. Најпрво, тој има форми само за второ лице еднина и множина. Се образува со следните суфикси:


еднина ....................множина

........................-ете

.........................-јте


Со суфиксите -ј, -јте заповеден начин образуваат:


1. Сите глаголи од а-група:

црта - цртај, цртајте

трча - трчај, трчајте

освојува - освој, освојте


2. Глаголите од е-група и и-група, чиј корен завршува на вокал (самогласка):

а. е-група

пие - пиј, пијте

мие - миј, мијте

лее - леј, лејте (не полиј ги цвеќињата!)


б. и-група

стои - стој, стојте

брои - број, бројте

удвои - удвој, удвојте


Со суфиксите -и, -ете заповеден начин образуваат сите други глаголи од групите е и и, односно оние чиј општ дел завршува на консонант (согласка):


а. е-група

каже - кажи, кажете

дојде - дојди, дојдете

најде - најди, најдете


б. и-група

носи - носи, носете

оди - оди, одете

забележи - забележи, забележете


Забелешка 1: Глаголската група се определува според тоа на кој вокал завршува глаголот во неговата основна форма, а тоа во македонскиот јазик е третото лице еднина во сегашно време.


Забелешка 2: Забележи дека кај глаголите од и-група со општ дел на консонант, формата за заповеден начин за второ лице еднина се поклопува со основната форма на глаголот, т.е. со трето лице еднина во сегашно време. Честа грешка поврзана со заповедниот начин во секојдневната практика е мешањето на формата за второ лице множина од заповедниот начин со формата за второ лице множина од сегашното време: носи - носете (з. н.) - носите (с. вр.).


Примери:

Носете ги кутиите (з. н.)

Вие носите премногу товар. (с. вр.)


Забелешка 3: За преостанатите лица, за кои нема посебни форми за заповеден начин, заповед се искажува со синтаксички средства - описно: нека носи, нека оди, (кажи му) да дојде...


На крај, бидејќи и онака ќе се повлекуваат учебниците, би им порачале на новите автори топло добредојде во 21. век во поглед на изборот на содржини. Се надеваме дека ќе бидат и доволно стручни за да ја знаат барем граматиката за второ одделение.

13 коментари:

  1. Зарем уште Шана е како пример?
    :-)))))

    ОдговориИзбриши
  2. Тате и Мите местат антена. Помина тетка Тана или Дана? Како беше? :)

    ОдговориИзбриши
  3. стварно страшно

    ОдговориИзбриши
  4. Овој пример ми го кажуваше мајка ми која има 47 години. Баш се зачудив кога прочитав дека уште е даден како пример...

    ОдговориИзбриши
  5. За мене не е страшно тоашто Шана се уште шие, затоа што Шана е македонско/словенско женско име.Освен муслиманските име друго на ш кај нас нема...Зарем ако беше Шила, Шелја ќе беше подобро... Страшно е тоа што авторите ја заборавиле заповедната фирма, односно место шиј ставиле шиј, па ни рецензенти не го виделе тоа, ни лекторот го забележал (ако воопшто лектор го читал текстот....А мајките, татковците и учителките се тука да им објаснат на децата што е Шана, што е машина за шиење.

    ОдговориИзбриши
  6. Во овој буквар има и многу други проблеми кои еднаш се обидов да ги анализирам - погледнете на http://rodvood.blog.com.mk/node/93795. Многу нешта треба да се земат предвид кога се пишува учебник, но кај нас тоа никако да се случи.

    ОдговориИзбриши
  7. Овие новинариве од Време пишуваат нечитливи написи, ни втор ред ни ништо..да ти се отчита.

    ОдговориИзбриши
  8. @dasaf Тана беше :)

    @Anonymous Не е работата за странски имиња. Земаат огромни пари за објавување учебници, а реално само препишуваат. Времето ги гази од година во година, а тие не смениле ништо повеќе од 50 години (?!). И згора на тоа, грешно препишале!
    И уште нешто - тие деца се премали за да се соочат со архаизми и со историјата на јазикот, имаат подоцна време за тоа. Им треба нешто поопипливо и блиско. Ги повлекувам тврдењето ако се најдат барем три жени со името Шана, помлади од 70 години (ако воопшто има барем една жива).

    @bluessence сум го читала постов и апсолутно се согласувам. Наметнувањето модели создава само отпор и не носи ништо добро. Детето има време подоцна самото да формира ставови и да ги запознае моделите од минатото.

    ОдговориИзбриши
  9. Кое е значењето на скратениците како „з. н.“ и „с. вр.“?

    Не мислам само на овие два примери. Општо, секогаш сум имал проблем (непознавање) на слични скратеници кога сум читал во лексикон или некоја статија.

    Претпоставувам, тие што завршиле соодветен факултет немаат проблем, но, ретко кој од останатите би го знаел нивното значење.

    ОдговориИзбриши
  10. @Azder Правило е кога се употребуваат скратеници што не се општо познати, барем при првото спомнување да биде наведено нивното значење. Овде мислам дека е многу јасно за што станува збор бидејќи целосните називи се споменати во истата реченица.
    (под скратеници што се општо познати ги подразбирам сите што се наведени во Правописот и оние за кои нема потреба да си стручен за да ги разбереш)

    ОдговориИзбриши
  11. Azder,
    з.н. заповеден начин,
    с.вр. сегашно време.

    Која е таа Шана бре, прв пат слушам. (слаба меморија).
    Шии Шано шии...дал да плачам ил да се смеам?

    ОдговориИзбриши
  12. Ајде сега објавете го името и презимето на лекторот на овој учебник? Веднаш да му се одземе дозволата за лекторирање, бидејќи со него нема да можеме да ги „одбраниме“ македонскиот јазик и неговиот правопис. СКАНДАЛОЗНО, СРАМОТА.
    Значи... немам коментар! ШИИ, ШИИ, ШИИ...

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  13. Lekturata e na Elena Tosheva....Sramotilaci...

    ОдговориИзбриши