06.12.2010

Фидбекот од фановите се прелеа на двата стејџа

сподели на пинг

Двајцата диџеи ќе настапат на главниот стејџ.

По концертот отидовме во бекстејџот.

Стејџ, бекстејџ, фидбек, фанови се само некои од англицизмите што редовно ги употребуваат новинарите, најчесто од забавните рубрики. Тие несвесно ги употребуваат странските зборови во текстови и уште повеќе во електронските медиуми под влијание на странските веб-сајтови од каде што ги црпат информациите за своите текстови. Употребувајќи толку многу странски зборови во еден текст, тие мислат дека се „фенси“, но се лажат. Убаво би било доколку ги употребуваат нашите соодветни термини за англиските, како сцена, зад сцената, реакција, обожаватели и слично.

Многу често со употребата на странските термини се добиваат нелогични кованици, а како пример за тоа можеме да ја земеме реченицата: По концертот отидовме во бекстејџот. Доколку се преведе изразот „во бекстејџот“, ќе се добие во зад сцената, па автоматски едниот предлог е вишок. Да не зборуваме за комбинацијата странски збор со македонски член.

Многу посоодветно и ништо помалку „фенси“ звучат примерите:

Двајцата диџеи ќе настапуваат на главната сцена.

По концертот отидовме зад сцената.

Од друга страна, пак, има зборови кои доаѓаат од англиското говорно подрачје, кои навлегле во нашиот јазик толку многу што обидите да се преведат и да се помакедончат изгледаат смешно. Апсолутно се непотребни обидите да им се најде пандан со македонско потекло. Таквите зборови најчесто се имиња на технолошки иновации и логично доаѓаат од општествата каде што настанале и самите предмети што ги означуваат.

Од нив тука ќе ги спомнеме:

тајмаут, аут (во спортската терминологија)

онлајн, офлајн, Интернет

Забелешка: Интернет е име на компјутерска мрежа, кое во себе веќе го содржи зборот мрежа. Оттука, погрешна е кованицата интернет-мрежа. Употреби или само Интернет или (ако имаш потреба од синоним) глобална мрежа, веб и слично. Освен тоа, запомни дека Интернет, како име, се пишува со голема буква и пожелно е да не се членува (Интернетот), додека во сложенки се пишува со мала буква и со цртичка: интернет-страница, интернет-кафе...)

Како трета група ги изделуваме поимите за кои рамноправно функционираат две ознаки - и со домашно и со туѓо потекло.

имејл и електронска пошта, е-пошта

36 коментари:

  1. Со повеќето се согласувам... употребата на литературниот јазик укажува на елеганција и стил. Само, не е секогаш се за преведување. На пример, несоодветно е да се преведува „во бекстејџот“ со „зад сцената“. Имено, бекстејџ е дел од сцената, не директно видлив за публиката, туку за специјална публика (ВИП). Како таква, таа и се одразува во јазикот - бекстејџ не е исто со „зад сцената“ и буквалното преведување би било погрешно. Дури зад бекстејџот почнува она што го викаме „зад сцената“.
    Затоа, има смисла да се каже „бевме во бекстејџот“ (кога би го преведувале би било нешто ко „отидовме во задсцението“)

    ОдговориИзбриши
  2. Бекстејџ = зад сцената, тоа е делот каде што се наоѓаат гардеробите и сите помали простории;
    Ринг на обожаватели или фан-пит, место резервирано за обожавателите;
    ВИП-делот си е ВИП-дел;

    ОдговориИзбриши
  3. Бевме во рингот на обожаватели :) Никој нема да разбере.

    ОдговориИзбриши
  4. Е па во тоа и е проблемот анти.
    Немаме кодификација и осовременување на јазикот, па со изговорот „никој нема да разбере“ упорно продолжуваме да го упропастуваме.

    МОРА да се научиме да „разбираме“, колку тоа да ни делува смешно, бидејќи неразбирањето е всушност непознавање на сопствениот македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  5. „... под влијание на странските веб-сајтови...“

    Добро, немаше ли да биде подобро да употребевте „мрежни места“ наместо „веб-сајтови“?

    ОдговориИзбриши
  6. Со овој Ваш напис ја отворивте пандорината кутија...

    ОдговориИзбриши
  7. Зоки, веб-страница, интернет-страница...ама „мрежно место“? Да не бидеме толкави пуристи.
    Мислам дека е време да се отвори пандорината кутија. Зозе Мургоски има едно речниче на термини, не знам дали автоматски треба да се смета како прифатливо, само тој има издадено повеќе добри речници...Исто и на Министерството за информатичко општество има поимник за информациска технологија (според нив е веб-локација).
    Кога ќе има сериозен заеднички напор да се стандардизира оваа терминологија, тогаш ќе престанам да вриштам на наслови како од овој пост.

    ОдговориИзбриши
  8. @Zoki Мрежно место? :)) Ако сѐ уште има дилема, овој блог е целосно антипуристички настроен :) И апсолутно се залага за што е можно повеќе синоними. Значи мрежно место отпаѓа како опција, но затоа, како што вели @Vich, освен веб-сајт, може да се употребат интернет-страница, интернет-сајт, веб-страница...

    ОдговориИзбриши
  9. интернет-страница мислам дека е најсоодветно, Пандорината кутија - а не „пандорината кутија„


    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  10. Толку многу лектори го прочитале текстов и никој не забележа дека „обожавател“ е српски збор. Правилниот е „обожувач“ (од „обожува“, а не „обожава“!).
    Очекувам поголема одговорност и внимателност од авторката во иднина.

    ОдговориИзбриши
  11. @Anonymous А јас очекувам конечно процената за јазикот да им се остави на јазичарите. Најљубезно Ве замолувам да се држите до својата специјалност. Ако нешто не ви е јасно, прашајте. Но, не ширете во јавност погрешни „вистини“ за тоа што е правилно во јазикот, а што не е.
    Според кој тоа правопис „обожава“ и „обожавател“ не се македонски зборови??!?! Суфиксот -ава (кај глаголите) е сосема вообичаен и не е дискутабилен: дознава, признава, разузнава, обожава... Обиди да се натурат вештачки решенија како „обожува“ или не дај боже „разузнува“ се резултат само на хиперкоректност и на пуристички тенденции. И НЕ СЕ ПРИФАЌААТ!

    ОдговориИзбриши
  12. Добро, нека не е мрежно место. Но, нели сметате дека правите грешка кога поистоветувате веб-страница со веб-место/локација/сајт? Имајте ги предвид поимите webpage и website. Webpage (веб-страница) е документ којшто може да се прикаже преку некој прелистувач (web browser). Содржината што сега ја читате е веб-страница (или интернет-страница). Website (веб-место) е збир од веб-страници и мултимедијална содржина (lektormk.blogspot.com е веб-место, а сите посебни текстови кои се овде објавени се отвораат во посебни веб-страници).

    ОдговориИзбриши
  13. „Според кој тоа правопис...“
    И повторно правите грешка. Ваквата конструкција на реченицата е НЕПРАВИЛНА.
    И интерпукција исто така е неточна. Не постои „?!?!?!“ или како што велите вие, не дај боже „!!!“. Не ме убедивте дека „обожавател“ е точно.
    И за крај, од Вас се очекува дисциплина најмногу, со оглед на тоа што сте се зафатиле со ваква тема.

    ОдговориИзбриши
  14. Немаме ни намера да Ве убедуваме. Ако мислите дека во 21. век треба да се занимавате со тоа дали „обожавател“ е македонски или немакедонски збор, слободно. За нас, тоа е затворена тема, одамна надмината.
    Во меѓувреме децата полесно ќе Ви се изразуваат на англиски и ќе се чудат како да ги решат јазичните прашања што ги носи новото време (на пример, при онлајн-комуникација; или како да транскрибираат странски имиња, а сепак да останат во пребарувачот, ако ме разбирате).
    Крупен проблем во македонската наука за јазикот е што некои душегрижници упорно се трудат да останат заглавени со јазичните проблеми од 1960-тите. Нам тоа не ни е ни предизвик, ни цел.

    П.С. Би требало да знаете дека јазичната комуникација онлајн користи поинакви средства во недостиг на интонација и акцент. Е токму тоа треба да е тема на муабет - дополнување на правописот со правила што ги засегаат тие нови прашања

    ОдговориИзбриши
  15. @ Анонимен...пријателе, земи го Правописниот речник или Правописот и провери ги овие зборови. Значи, ОБОЖАВА Е МАКЕДОНСКИ ЗБОР, ИСТО КАКО И ОБОЖАВАТЕЛ, мислам дека тука нема никакви проблеми. Се' што звучи дека е српски збор, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ТОА НЕ Е МАКЕДОНСКИ ЗБОР. Имаме доста заеднички зборови. Доколку не сте сигурни, прашајте некој што знае или некој што може да ви даде точна информација. Благодарение на Правописниот речник на Кирил Конески, нашата задача како лектори се „олеснува“, бидејќи можеме веднаш да провериме дали зборот е стандардизиран или не.

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  16. Пријателе, ако ништо друго, не е неоснован мојот сомнеж за правилноста („...Крупен проблем во македонската наука за јазикот е што некои душегрижници упорно се трудат да останат заглавени со јазичните проблеми од 1960-тите...“). Нешто заостанало. И не ми се допаѓа начинот на кој се објаснувате. Прво, пробувате да ме дисквалификувате како некој кој не е стручен, за после 3 коментари да добијам нормален одговор. Не е потребна толкава суетност. Истовремено се извинувам за мојата.

    И ќе ми одговори некој за реченичната конструкција „ Според кој тоа...?“?

    ОдговориИзбриши
  17. Како и што мислев, одговор нема.

    ОдговориИзбриши
  18. Нема проблем, значи барем јас не сакав тоа да го сторам. Мразам кога некој некого дискредитира, мислам дека тука сите треба да се однесуваме коректно и да се надополнуваме со знаењето за оваа проблематика. За второто прашање... напиши ја целата реченица за да можеме да ти помогнеме. Биди ми поздравен.

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  19. Anonymous, многу лошо се постави со првиот коментар. Целта на блогов, како што кажа Бојан, не е да се дискредитираме, сите сме на иста страна. Значи не беше во право за „обожава“ и „обожавател“ и пак продолжуваш со истиот тврд став. Ако беше стручен/стручна (во што не сум уверена) барем ќе провереше во речник пред да напишеше коментар.
    И ДА, коментариве НЕ МОРА да се напишани на стандарден македонски, затоа не наоѓај маани во секоја реченица.
    Смири се малку.

    ОдговориИзбриши
  20. Бојан, мислев на реченицата „Според кој тоа правопис...?“. Не мора ни да се доврши понатаму, бидејќи според мене проблематична е позицијата на „тоа“.
    Vich, ако не на блог за јазикот, на кој друг блог треба да се примени тоа за што се зборува во него?

    ОдговориИзбриши
  21. Добро, земи излекторирај ги сите коментари напишани до сега. Почни од овој.

    ОдговориИзбриши
  22. Здраво! Поздрави за можноста да се научи нешто во што не сме сигурни или не го знаеме преку овој блог.Сакам да се консултирам во врска со кратенката
    б.б.(без број). Мислам дека тоа е правилната форма, а не бб. (или не сум во право)?

    ОдговориИзбриши
  23. hehe, @anonymous...мислам и дека нема да добиеш одговор на: „Според кој тоа правопис...“, затоа што и не постои. Едноставно е извлечен од нервозата, суетноста и жаргонот. Стандардизираниот македонски јазик во услови на наплив на емоции видливо се заборава.

    поздрав.

    ОдговориИзбриши
  24. Decki, odlicno e sto Vie vaka komunicirate (ili debatirate na temata), ama nekako da dojdese seto ova do tie sto gi prezentiraat anglicizmite vo javnosta ( novinarite, radio voditelite.......)? Nekoja ideja za toa?
    Pozdrav

    ОдговориИзбриши
  25. Како лектор чувствувам должност да нагласам дека англизми е македонски збор, англицизми е српски.Поздрав за иницијативата.

    ОдговориИзбриши
  26. Анонимен18 март 2011 12:05

    Мислам дека јазикот треба да ни се мени од корен. Ако не сега, кога тогаш тоа ќе се направи. Еве два примери за можна замена на странски зборови:


    Internet - Сета мрежа (Семреж, Семрежа), Семрежје, Семрежна, Семрежно

    Install - Вгради


    Патем, што правиме со Фудбал? Ако велиме РАКОмет зошто тогаш велиме Фудбал наместо НОГОмет? Да прашам и друго нешто. Што е правилно, лед или мраз? Доколку мраз е правилно, што правиме со сладоЛЕД? И уште нешто. Што е правилно, прашање или питање? Ако прашање е правилно, што правиме со исПИТ и со исПИТНИТЕ сесии на факултетите?

    Не сум лектор и сакам да го слушнам вашето мислење во врска со предложените примери и поставените прашања.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  27. Не сум дојден да солам памет пошто не сум компетентен да навлегувам во суштината на 99% од граматичките проблеми. Блаже би се вртел пропелер да знае што се имам пишано и затоа нема да глумам лудило.

    Сепак, сакам да изразам незадоволство до сите јазичари, лектори, лингвисти и што ли да се. Незадоволството се однесува пред се за специфична група на ИТ зборови.

    Не може некој што технички не ја разбира суштината на зборот да врши превод на него! 100% сум сигурен дека во преведувањето на овие поими не се консултирани ИТ професионалците. Затоа имаме нецелосни, штури и зборови со тројно значење - односно 3 различни поими кај нас се преведени во еден.

    Мојот став е дека треба да се прифатат што е можно повеќе интернационални термини, а доколку се преведува некој збор, тоа да се прави заеднички со некоја ИТ комисија.

    Еве ќе му верувам на авторот на постот дека зборот "имејл" е исправен според правописот и дека не е тој крив што ги почитува правилата. Но која будала го измислила тоа? Според која логика? Што е следно, Лајк?

    Затоа препорачувам да го разлистате ИТ поимник на МИО кој не е совршен, но сепак е многу пологичен од тие ваши мутанти.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  28. @Pipovski http://lektormk.blogspot.com/2011/02/blog-post_07.html
    Повели пост за поимникот
    Транскрипцијата не е страшната работа, пострашно е латинично-кирилични повеќејазични попари. Ред мора да има и, да, сѐ е работа на договор, само тие што прават договори (како што ќе прочиташ во постот за поимникот), очигледно не си ја завршиле работата како што треба. Не би рекла дека не се консултирани
    Во секој случај, можеш да ја продолжиш дискусијата под тој пост :)

    ОдговориИзбриши
  29. @Pipovski Заборавив за имејл. Имаш избор, а тоа е добро, нели? Ако повеќе ти се допаѓа е-пошта или електронска пошта или само мејл, слободно користи ги нив. Само немој да ми кажеш дека единственото што „го разбираш“ е e-mail, бидејќи тоа би било одраз само на јазична дембелана :)
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  30. Сега се препрочитав и морам да се дополнам дека под "вашите мутанти" не мислев на авторите на блогов, него на тој што го одобрил тоа.

    Лично преферирам е-пошта, а за линкот т.е. врската :) ќе се искажам приквечер пошто и јас имам еден куп замерки за поимникот (цела вечер на блогов си ги барав грешките што ги правам па морам да одморам)

    фала на одговор

    ОдговориИзбриши
  31. За бекстејџ, стејџ, фан, вип ... се воздржувам од коменар. Зборовите од англиски јазик се викаат англизми, а не англицизми.

    ОдговориИзбриши
  32. Знам дека во правописот Интернет стои со голема буква? Но, ѕошто? Па нели е медиум? Дали и телевизија и радио треба да се со голема? Не. Дефинитивно интернет треба да е со мала буква.

    ОдговориИзбриши
  33. Ќе може ли мала помош?
    Се работи за изразот „performatory utterance“ го среќавам единствено како перформаторен исказ. Има ли во македонската граматика соодветен термин? или ваш предлог ...

    ОдговориИзбриши
  34. што значи „спинување“ ?зборов сега скоро го сретнав и неам поим што значи :D англицизми нешто...

    ОдговориИзбриши
  35. Мартин,
    мислам дека линков ќе ти разјасни: http://on.net.mk/zhivot/drugi-raboti/umetnost-na-spinuvanje

    ОдговориИзбриши