09.12.2010

Си купи дивиди од настапот на диџејот

сподели на пинг

Темата со погрешната употреба на скратениците неодамна ја отвори Филип Стојановски на својот блог „Развигор“. Тој тргна од акронимите (скратеници составени од првите букви на фраза/име), поточно од погрешното пишување зборови со сите големи букви како да се акроними, иако не се, наведувајќи ги примерите СОРОС и ЗОО. Освен овој, постојат уште неколку други проблеми поврзани со пишувањето на скратениците во македонскиот јазик, особено оние што доаѓаат од туѓи јазици.



Еден од нив се поврзува со лексикализацијата на скратениците. Лексикализација е јазичен процес со кој поединечните компоненти на еден јазичен израз го губат своето значење и заедно образуваат ново значење или, пак, загуба на врските меѓу значењето на целиот израз и неговите составни делови. За ова веќе дискутиравме во контекст на фразеологијата. Истиот процес се случува и со некои скратеници.


Примери:

диџеј

дивиди

сида

цеде


Кога зборуваме за некој од споменативе примери, ретко или воопшто ги немаме предвид нивните составни елементи и уште помалку значењата на составните елементи - диск џокеј, компакт диск, digital versatile disc односно digital video disc, синдром на стекната имунодефициенција (или AIDS - Acquired ImmunoDeficiency Syndrome). Напротив, кога велиме диџеј имаме предвид лице што пушта музика (најопшто, нека не ни замерат диџеите за непрецизноста). Кога велиме цеде, пак, мислиме на конкретен носач на звук или, во случајот со дивиди, на дигитален носач на видеосодржини. Точно е дека во последниве два примери значењето на некој начин ги опфаќа и компонентите, меѓутоа во перцепцијата на зборувачот тоа значење се именува со зборовите цеде и дивиди, а не со скратениците од кои произлегуваат. Во однос на сидата, не ни е баш најјасно ни како е добиено името, кога очигледно не е акроним, за разлика од англиското AIDS или во споредба со ХИВ, кое и кај нас функционира како акроним од англискиот назив (Human Immunodeficiency Virus).


Оттука произлегува дека е погрешно да се пишува СИДА, со сите големи букви, ЦД и ДВД (сеедно латинично или кирилично) или, пак, ДЈ, ди-џеј, це-де итн. Потврда за лексикализацијата на овие скратеници е фактот што целосно се вклопиле во нашиот јазичен систем. Најпрво, добиваат член, кој како и кај сите други зборови се пишува слеано, а не сo цртичка: диџејот, сидата, цедето, дивидито. Погрешно е: ди-џеј-от, СИДА-та, ЦД-то... Овие именки имаат и регуларни множински форми (освен сида, која како апстрактна именка што означува име на болест, има само еднинска форма): диџеи, цедеа, дивидија (не цедиња, дивидиња, ЦД-ња...)


Други типови грешки при пишувањето скратеници се прават во поглед на начинот на кратење, со точка или со цртичка. Дел од овие примери веќе беа спомнувани во други постови или во коментари. Тоа што сакаме сега да го нагласиме е дека не се мешаат двата начини: или се крати со точка или со цртичка. Со цртичка се бележи кога се крати така што се пишуваат почетокот и крајот на зборот (букви или слогови):


д-р = доктор

м-р = магистер

г-ѓа = госпоѓа

г-ца = госпоѓица


Со точка се крати кога се крати по првата буква, првиот слог, со согласки од почетокот и средината на зборот и сл.


в.д. = вршител на должноста

н.е. = новата ера

т.н. = таканаречен

с. = село

арх. = архитект

стсл. = старословенски

ден. = денари

мин. = минута

итн. = и така натаму


Погрешно е комбинирање на точката и цртичката: д-р. м-р.; изоставање на точката во втората група скратеници: ден, мин...; или бележење од типот: тн., и.т.н., и т.н. или и тн.

20 коментари:

  1. Целосно се сложувам за погоренаведените примери!

    ОдговориИзбриши
  2. Сето ова е во ред, но јас работам на преводи на упатства за технички производи и кажете ми како можам да ги преведам следниве кратеници а сепак да бидат разбирливи:
    WMF, LCD, PBC, DivX, OSD, MP3, JPEG, Blu-ray, AVCHD, HDMI, DTS-HD, iPod, .cdr, .tiff, .txt

    ОдговориИзбриши
  3. @Devol Не се лексикализираат сите скратеници, особено не оние што се наменети, пред сѐ за лица што имаат познавања од конкретната област. Како и да се обидете да ги преведете/транскрибирате, нема да ги направите поразбирливи за тие што не се упатени во нивното значење.
    Имајте предвид дека објаснувањата се однесуваат за употреба на зборовите во текст, но на пример амбалажата на дивидијата, јасно е дека нема поента ваквата ознака.
    Од споменативе примери би ги издвоила:
    - технологијата „блу реј“, како термин што треба да се транскрибира
    - „ајпод“ (како и „ајфон“ итн.), вака ќе стои во неутрален текст посветен на производот, но кога станува збор за ознаката на конкретниот производ, мислам дека тоа подлежи на лиценца и дека останува во оригинал
    - мп3 - препорачуваме да се пишува со мали букви, кирилично; кога влегува во состав на сложенки, се поврзува со цртичка: мп3-плеер

    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  4. Бисера,

    Сида во македонскиот доаѓа од францускиот акроним SIDA (syndrome de l'immunodéficience acquise) што е еквивалент на англискиот AIDS. Во секој случај не треба да се пишува со големи букви :)

    Поздрав, Андриана

    ОдговориИзбриши
  5. сакам да ја поздравам дискусијава...
    темата е многу жива и многу важна...
    лично сметам дека науката (не тесно науката за јазикот), ами нужно науката од која терминот се „регрутира“ треба и да го реши јазичниот проблем: воведување нов (технолошки?/ технички?) термин во македонскиот јазик...
    проблемот е што кај нас термините доаѓаат и се усвојуваат веќе како готови „техничко/ технолошки“ термини (производи?), па лексикализацијата е единствениот избор, што зборува дека самата наука е на многу незавидно ниво... кога, условно, македонската наука/ индустрија би ги вовела овие термини самостојно тогаш не би имале потреба да преземаме туѓи скратеници за да бидеме поразбирливи... не е првенствена задача на еден јазичар да ги преименува, да ги именува, или да ги транскрибира/ опишува работите што не ги знае и не ги разбира, особено кога станува збор за сложени научни поими и скратеници...
    шарената состојба се одржува и поддржува сепак,и поради фактот што кај нас има многу малку (нема?) тесно специјализирани речници кои ќе воспостават одредена норма, во скаменета форма, и оставено е на повеување според познавање на општите јазични правила, личното чувство и знаење...
    инаку, за правописот на одредени скратеници кај нас, чест е случајот за „господин“, да се јави скратеницата „г-дин“ (аналогно на г-ѓа, и г-ца), наместо правилното „г.“
    се надевам не ја застранив дискусијава и дадов мал придонес во неа...
    поздрав... :)

    ОдговориИзбриши
  6. Полека, полека го подготвувам лекторскиот испит и овој блог дефинитивно многу ми помага. Се надевам дека ќе ми помогнете побрзо да ги надминам сите проблеми со кои се соочувам и ќе се соочувам. Би сакала да знам кога се употребуваат КОЈШТО,КОИШТО, итн. Ви благодарам

    ОдговориИзбриши
  7. @Marija Има неколку аспекти што би сакале да ги нагласиме во поглед на сврзниците за односни реченици и ветуваме дека ќе го направиме тоа во некои од наредните постови. Сепак, тие се едно од основните јазични прашања и веројатно нема да бидат доволно само нашите постови (ние се задржуваме на спорни и проблематични аспекти, а за полагање на лекторскиот испит потребно е целосно познавање на материјата). И за ова прашање ја препорачуваме Синтаксата на Л. Минова-Ѓуркова.
    Со среќа на испитот :)

    ОдговориИзбриши
  8. Знам дека е потребно одлично познавање на материјата, но имам проблем токму со овие сврзници за односни реченици. Сакам да сфатам каде се употребуваат и кога. Имам проблем токму со нив. Се надевам дека набрзо ќе има нешто и за нив.
    Инаку, целосно го поддржувам овој блог затоа што навистина недостигаше (недостасуваше???) :)))) нешто вакво, нешто за македонскиот јазик.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  9. цедеа, а го нудат и следното решение - КОМПАКТ-ДИСК, КОМПАКТ-ДИСКОВИ во множина. Убаво решение.


    Поздрав,Боки, лектор по македонски јазик и преведувач

    ОдговориИзбриши
  10. Честопати при превод наидувам на проблем од следниов тип: The Hong Kong Independent Commission Against Corruption (ICAC)

    Прашањето ми е поврзано, пред се’, со акронимот, но и со тоа дали е неопходно да го ставиме и оригиналното име во заграда. Дали најсоодветно би било да се преведе во целост Независна комисија за борба против корупција/та/ на Хонг Конг и оттаму акронимот да биде НКПК (па да се отвори нова заграда и да се остави оригиналниот назив)? Ова ме мачи, бидејќи сум среќавала секакви решенија. Некои ги оставаат акронимите во оригинал на латиница, некои прават само нивен препис на кирилица, па на крајот сето тоа е една голема каша-попара.

    Голем поздрав

    ОдговориИзбриши
  11. @Bisera Сметам дека би било погрешно да се донесе универзално решение за сите скратеници. Критериумот треба да биде, пред сѐ, разбирливоста.
    Во конкретниот пример не станува збор за скратеница што е општопозната, па најдобро би било да се преведе изразот и од него да се направи наша скратеница, како што наведуваш или евентуално: Независна антикорупциска комисија на Хонгконг (НАКХ).
    Од друга страна, скратеници што се општо познати како УНИЦЕФ (Детскиот фонд на ОН), УНФПА (Фондот за население на ОН) итн. се појасни вака, отколку ако направиме нови скратеници од преводите на имињата.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  12. Ви благодарам! Моето прашање се однесуваше токму за непознатите имиња на институции. За оние кои се веќе длабоко навлезени во нашиот јазик, без сомнение, ги користиме акронимите во оригинал. Патем, Хонгконг или Хонг Конг?

    Голем поздрав

    ОдговориИзбриши
  13. Ви благодарам! Моето прашање се однесуваше токму на непознатите имиња на институции. За оние кои се веќе длабоко навлезени во нашиот јазик, без сомнение, ги користиме акронимите во оригинал. Патем, Хонгконг или Хонг Конг?

    Голем поздрав

    ОдговориИзбриши
  14. Хонгконг, еден збор. Повеќе такви топоними се пишуваат слеано кај нас, и покрај тоа што во оригинал се одвоени (во моментов ми текнува на Костарика, Порторико...)

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. А Лос Анџелес,

      Избриши
    2. Лос Анџелес е разделено, како што е и во оригинал

      Избриши
  15. Го изготвувам извештајот за училиштето во кое работам. Дали постои „консензус“ во поглед на сложените поими како „ДВД плеер“, „ЛЦД проектор“, видеорекордер, „МП3 плеер“ и сл. Дали треба да бидат напишани како дивиди плеер и елцеде проектор?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Токму тоа е објаснето во овој пост. Скратениците што го изгубиле значењето на скратеници и се претвориле во општи именки, т.е. се лексикализирале, ги пишуваме така како што ги изговараме (дивиди, цеде, диџеј...). Во случајот со ЛЦД не може да стане збор за лексикализација, така што таа скратениза си останува во формата што ја има (ЛЦД-проектор)

      Избриши
  16. СИДА е акроним преземен од францускиот јазик (со истото значење како и AIDS, се разбира). Можеби, кога бил преземен звучел повеќе како именка од женски род во македонскиот јазик. Она што е важно е дека ниту СИДА ниту AIDS не е име на болест, туку е токму тоа што го кажува целата синтагма - синдром на стекната имунодефициенција. Би било сосема погрешно од тоа да се направи именка и да се измисли болест (болест, односно инфективно заболување е самата ХИВ-инфекција). Ако тоа беше оправдано, и во англискиот ќе се пишуваше aids, а не AIDS. Од друга страна, ХИВ не функционира како акроним во македоснкиот јазик, бидејќи синтагмата Human Immunodeficiency Virus не може да се преведе со истите латинизми и по истиот редослед. Можеби би можело да биде „хуман имунодефициенциски вирус“ или „хуман имунодефицитски вирус“, но така не вели никој. Освен тоа, проблематичен и самиот термин „хуман“, иако тој се употребува кога се вели „хуман папилома-вирус“ (како и да се пишува ова, не сум сигурен). ХИВ е „вирус на имунодефициенција кај човекот“ или „вирус на човечка имунодефициенција“ или „вирус на имунолошки недостаток кај човекот“ итн. Понекогаш се вели „хуман имунодефициЕНТЕН вирус“ (токму за да се совпадне со акронимот), но тоа е сосема погрешно. Според тоа, и ХИВ и СИДА би требало да се третираат како и наведените општо познати примери (УНИЦЕФ, УНФПА) и подобро е да не се членуваат.

    ОдговориИзбриши