17.12.2010

Да расчистиме кој е кој и што е што

сподели на пинг

Релативните заменки и нивната употреба, можеби, се јазична тема што е меѓу најсложените за совладување. Со оглед на тоа што често се прават грешки поврзани со нив и поради барања во коментарите на овој блог или на други начини, ќе се обидеме во неколку поста да ги нагласиме „стапиците“ на кои најчесто се греши.

Најпрво, треба да се разликуваат прашалните заменки кој, што и чиј (како и заменските придавки изведени од нив) од релативните со речиси иста форма. Прашалните заменки ги употребуваме за да поставиме прашање - кој, кога се однесува на лице, и што, кога прашањето се однесува на предмет (најопшто).


Примери:

Кој ќе дојде вечер?

Кого го виде во клубот?

Што купи во продавницата?

Што се случило?


Од примерот (вториот) може да се забележи дека во оваа функција кој има кратки и долги заменски форми, како и личните заменки, за директен и за индиректен објект (кого го, кому му). (Во Синтаксата на Лилјана Минова-Ѓуркова ова кој е означено со кој1; станува збор за именски заменки, но во интерес на разбирливоста за нејазичари, нема да се задржуваме на стручните називи ).

Освен овие, постојат и придавски прашални заменки - кој и чиј (кај Ѓуркова, ова е означено со кој2). Чиј се употребува кога со прашањето треба да се одреди припадност на нешто. Оваа заменка има форми за сите родови и броеви: чиј, чија, чие, чии. Придавската заменка кој, исто така, има форми за сите родови: кој, која, кое, кои, но затоа, пак, ги нема кратките и долги заменски форми за директен и индиректен објект.


Примери:

Чиј е лаптопот?

Чија е книгата?

Која од вас може да ми помогне?

Кои се луѓето што стојат зад проектот?


Забелешка: Внимавај! Кој и кои не е исто, и покрај тоа што во говорот можеби исто ти звучи. Првото е во машки род еднина, а второто има множинско значење. Погрешно е де напишеш, на пример: Кој се луѓето што стојат зад проектот? Станува збор за грешка што во голема мера ќе го наруши впечатокот за тебе.


Во групата прашални заменски зборови уште се вклучени и заменските придавки: каков, колкав, когашен, кои ги имаат сите карактеристики на придавки (форми за род и број), како и заменските прилози: каде, кога, како и колку.


Овде уште ќе напоменеме дека на секоја од споменатите форми на прашалните заменки има соодветна релативна заменка. Релативните (односни) заменки се употребуваат како сврзници во релативните зависносложени реченици. За нив е специфично што може да имаат по две рамноправни форми.


што и кое(што)

кој1 и којшто

кој2 и кој2што

чиј и чијшто


Забелешка: Доколку решиш да ја употребиш долгата форма, којшто или чијшто, запамети дека овие зборови се пишуваат слеано.


Наспроти нив, релативните заменски придавки се пишуваат разделено: каков што, колкав што (за когашен нема релативна форма), а истото важи и за заменските прилози: каде што, како што и колку што. Овие имаат само по една форма, односно не можат да стојат без што.


Погрешно е, на пример:

Застанавме на бензинската пумпа покрај патот, каде пиевме кафе.

Треба да биде:

Застанавме на бензинската пумпа покрај патот, каде што пиевме кафе.

Забелешка: Исклучок претставува релативниот заменски прилог за време, кога, кој исто така има само една форма, но таа не содржи што. Погрешна е употребата на кога што.


Во некој од следните постови ќе ја дискутираме и употребата на овие релативни заменски зборови во зависносложени реченици.

11 коментар:

  1. Се радувам што има луѓе коишто се загрижени за нашиот јазик и што се обидуваат. Се обидуваат ! ! !

    ОдговориИзбриши
  2. Здраво! Сакам да прашам

    ОдговориИзбриши
  3. Здраво! Сакам да прашам дали е правилно да се напишат слеано когошто и комушто или се пишуваат одделно. Тргнувајќи од правилото кој1 да се пишува слеано со релативниот сврзник што, мислам дека е правилно, но не сум сигурна.

    ОдговориИзбриши
  4. @Савовска Кого и кому одат без што и во функција на релативни сврзници

    ОдговориИзбриши
  5. Деновиве по којзнае кој пат го слушнав смешното паушално и погрешно толкување дека: кој било за лица, а што за предмети. Бидејќи сметам дека не заслужува посебен пост и оти тоа што треба е објаснето во постоечките - еве само краток коментар.
    Ваквото објаснување е на ниво на граматика за трето или четврто одделение. Споменатото правило важи само кога зборуваме за „кој“ и за „што“ како прашални заменки (најпросто - кога се на почеток на прашална реченица) и тоа што стои во овој пост се однесува исклучиво на прашалните заменки. Правилото е неприменливо кога зборуваме за „кој“ и за „што“ како релативни заменки, чија употреба генерално е објаснета тука http://lektormk.blogspot.com/2011/01/1.html

    ОдговориИзбриши
  6. Ако ми дозволите. Наместо пост, објава или напис, наместо лаптоп прирачен, пренослив компјутер.

    ОдговориИзбриши
  7. Па не поддржуваме јазичен пуризам. Пост е објава или напис со конкретни специфики, објава на онлајн-медиум, не е на огласна табла, графит на ѕид или текст во весник. Преносен компјутер, да, но како синоним. Не се откажуваме од лаптоп. На крајот на краиштата овие зборови се одамна одомаќинети во жаргонот на тие што ги користат

    ОдговориИзбриши
  8. Во англискиот јазик „post“ се користи во разни ситуации, објава на огласна плоча, во весник, на интернет и сл.Зошто ние не можеме тоа да го правиме со нашите зборови објава и напис? Ми се чини дека без потреба заменуваме еден сосема употреблив домашен збор со туѓ.Ако веќе го користиме зборот компјутер што ќе ни е уште еден туѓ збор за истата направа. За каков вид на компјутер се работи ќе знаеме од дадената ситуација.Тоа што некои зборови се одомаќинети во секојдневниот говор не ги прави прифатливи во литературниот јазик. Да не поддржуваме јазична окупација.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Ужасно и ограничено размислување. Ние треба да си го збогатуваме јазикот. Да дозволуваме нови зборови, биро да се интернационализми или нови кованици. Зошто да го оставаме јазикот сиромашен? Ваквата ограниченост беше дозволлива во 19-ти век. Сега кога се создаваат нови нешта секој ден ко кретени ќе си ги опишуваме лаптопите како преносни компјутери. Епа ајде тогаш да го крстиме „преносен сметач со алфанумеричка тастатура и екран со течни кристали“. А што правиме со тастатурата? Ај и за нејзе да најдеме нешто, на пример „букви отпечатени на пластични копчиња кои притискаат на мембрански микроконтролери“. А што правиме со пластика? А што со мембрана? А што со микроконтролери боже сачувај?

      ОГРАНИЧЕНОСТ И БЕЗМЕРНА ГЛУПАВОСТ!

      Избриши
  9. Зошто кога инате правилен реченичен ред (прво главна па зависна), ставате запирки?

    ОдговориИзбриши
  10. Здраво, баш ми е мило што се трудите да го подобрите знаењето на својот јазик кај македонскиот народ.
    Јас имам едно прашање,а би можеле за тоа да напишете посебен пост, доколку имате време и желба се разбира; или да ми одговорите овде.
    Зошто во српскиот јазик се користи да-ли одвоено, додека во македонскиот јазик, честичката во прашална форма: „дали„ се користи споено?

    ОдговориИзбриши