20.12.2010

Празници се ближат...

сподели на пинг

Вчерашниот Свети Никола, а и празниците што следуваат се вистински момент да позборуваме за нив. Овојпат храната и пиењето ќе ги заобиколиме, а ќе зборуваме за најчестите форми што ги користиме кога си ги честитаме празниците. Се надеваме дека постов ќе им дојде добредојден на сите што уште не ги испратиле честитките, но и на оние што не сакаат да пишуваат картички. Ако ништо друго, секој досега испратил барем една СМС-порака со честитка за некаков повод. Освен тоа многу празници се на повидок - Нова година, Бадник, Божик...

Празниците во нашиот јазик се пишуваат со голема почетна буква:

Нова година

Бадник

Божик

Водици

Велигден

Велики петок

И покрај тоа што станува збор за многу често употребувана фраза, изненадува шаренилото од грешки што сè уште ги среќаваме во новогодишните честитки. Тие треба да гласат:

Среќна Нова година! или

Среќна Нова 2011 година! (нема потреба од член: 2011-та година)

Погрешно:

Среќна Нова Година!

Среќна нова година!

Поинаку:

Во новата 2011 година ти посакувам многу здравје, среќа, љубов и успех!

Забележи дека во последниот пример, новата е напишано со мала буква. Тоа е така, поради тоа што станува збор за целата следна година, а не за празникот Нова година.

Во однос на Божик/Божиќ треба да напоменеме дека двете форми се прифатени еднакво од нормата. Причината за тоа е што и двете се застапени низ различни дијалекти.

Посебно ќе ги изделиме верските празници што во своето име ги содржат имињата на светците:

Свети Никола

Света Петка

Свети Ѓорѓи

Како и другите празници, и тие се пишуваат со голема буква, но тоа што сакаме да го нагласиме е дека, кога станува збор за името на светецот (не за празникот), „свети“ се пишува со мала буква:

Пример:

Вчерашниот празник беше посветен на свети Никола.

Посебна група се празниците што ја имаат формата Ден на... Такви се, на пример:

Денот на независноста

Денот на трудот

Погрешно е овие празници да се пишуваат со почетна голема буква во секој збор: Денот на Независноста или Денот на Трудот. Истата форма ја добиваат и ознаките на денови за одбележување (иако не се празници):

Ден на борбата против ракот на дојка

Меѓународен ден на детето

Светски ден на борбата против сидата

Ни остана уште да ги споменеме празниците што во своето име содржат броеви, кои може да ги напишеме на два начина, со букви или со цифра.

1 Мај или Први мај

2 Август или Втори август

8 Септември или Осми септември

Забележи дека, кога празникот е напишан со цифра, тогаш името на месецот се пишува со голема буква, но кога и бројот е напишан со букви, со голема буква се пишува само првиот збор од името на празникот. Дополнително, потсети се дека имињата на месеците (како и деновите во неделата), кога не зборуваме за празници, се пишуваат со мала буква: 1 мај, 2 август....

Придавките изведени од празниците се пишуваат со мала буква:

новогодишен

божикен

првомајски

светиниколски

33 коментари:

  1. А не се пишува 1. Мај, 2. Август, итн. -- со точка после бројот?
    1 Мај јас го читам како „единица мај“, додека точката означува реден број, па би било еднакво на „Први мај“.

    ОдговориИзбриши
  2. @Vanco Ordanoski За ова еднаш веќе пишувавме. Повели линк: http://lektormk.blogspot.com/2010/10/2010.html

    ОдговориИзбриши
  3. Почитувани, убаво што празниците во нашиот јазик се пишуваат со голема почетна буква, но што станува со слеаното пишување на истите.

    Па така, не е Велики петок, туку Велипеток, барем според “Правописен речник на македонскиот литературен јазик“ од Кирил Конески, во издание на “Просветно дело“ од 1999 година.

    Кога станува збор за велигденските пости, тие не се пишуваат слеано, па така, си остануваат Велики пости.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Зошто еднаш засекогаш не го употребите правилно македонскиот јазик, и не напишете Големи пости наместо Велики пости, Голем Петок наместо Велики Петок, Голем ден наместо Велик ден. Празникот е правилно е Голем ден, слеано или не е помалку битно.
      Напишано на српски јазик Велик ден, односно слеано Велигден, е погрешно напишано бидејќи се пишува Великден, но се слуша како Велигден, па од тука и погрешно е напишано како Велигден. Како прво треба да се отфрли овој србизам и останатите српски зборови што сеуште несвесно се користат и употребуваат во македонскиот јазик, за празници итн.
      Воскресението Христово, во Македонија е Голем ден, а во Србија е Велик ден, во Англија е Great day, во Германија е Großer tag, итн.

      Избриши
    2. Зошто еднаш засекогаш не го употребите правилно македонскиот јазик, и не напишете Големи пости наместо Велики пости, Голем Петок наместо Велики Петок, Голем ден наместо Велик ден. Празникот е правилно е Голем ден, слеано или не е помалку битно.
      Напишано на српски јазик Велик ден, односно слеано Велигден, е погрешно напишано бидејќи се пишува Великден, но се слуша како Велигден, па од тука и погрешно е напишано како Велигден. Како прво треба да се отфрли овој србизам и останатите српски зборови што сеуште несвесно се користат и употребуваат во македонскиот јазик, за празници итн.
      Воскресението Христово, во Македонија е Голем ден, а во Србија е Велик ден, во Англија е Great day, во Германија е Großer tag, итн.

      Избриши
  4. @Anonymous Велипеток се пишува слеано, бидејќи и по форма е таков тип сложенка, првата компонента е скратена. Но, тоа не го исклучува Велики петок како форма. И двете се сосема прифатливи и во ред.
    Во секој случај, благодариме за дополнувањето.
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  5. Нема проблем, и понатаму редовно ќе ве читаме и дополнуваме...

    Поздрав од една блиска канцеларија... :-)

    ОдговориИзбриши
  6. @Маја Катарова: Благодарам за дообјаснувањето, иако не се сложувам сосема со правилата. На пример, зошто да не може датумите да се пишуваат и со коси црти (21/12/2010)? Велите, било англицизам. Па, она со точки е германизам! Или, смешното правило за пишување на датуми без водечки нули.
    Македонските лингвисти како да се плашат да го збогатуваат јазикот. Зошто да не важи нешто што е општо прифатено? Кој денес не употребува компјутер и странски програми кои стандардно користат вакви нотации? Нешто што е секојдневно и, згора на се', сосема јасно, треба да стане стандардно. Нашиот јазик, фала богу, сеуште е жив и здрав, и треба постојано да се проширува.
    Се разбира, ни јас не се согласувам со американската нотација во која месецот доаѓа прв, па потоа денот, но сето останато е сосема чисто.

    ОдговориИзбриши
  7. @Ванчо Никој не вика дека има само едно решение. Но, од повеќето можни одбрани се тие што се. Значи пак не е е едно, неколку се, и секогаш ќе има некој што баш би сакал да биде поинаку (и демек кога би било поинаку, не би се бунел) :) Веќе сме го коментирале тоа - правописот е како закон, не ти се допаѓа секогаш, ама го почитуваш, во интерес на разбирањето.
    Конкретно за датумот, не е англицизам бележењето со коси црти, туку бележењето прво на месецот, па на денот. Ако се дозволи тоа, ќе настане попара. Дали 3. 4. ќе значи трети април или четврти март? Во англискиот се знае конкретно правило и зборувачите го почитуваат, само ние овде бараме што лично не ни се допаѓа, по можност само за нас, ако може да се смени. Е не оди така :)

    Косите црти, од каде и да доаѓаат, не се типични за нашиот јазик, а не гледам па ни зошто треба да прифатиме нешто што е типично за друг јазик (кој и да е тој). На крајот на краиштата, експанзијата на англискиот јазик и компјутеризацијата се од понов датум, правописот е малку постар и не се менува преку ноќ, особено не затоа што некому не му се допаѓа. Да, јазикот е жив, но неговото збогатување се одразува на некои други нивоа, не во сржта. Ако нѐ читаш, ќе знаеш дека токму тоа и ни е целта.

    И ова веќе го пишувавме - општо прифатено и секојдневно не значи тоа што важи за англискиот јазик или тоа што е утврдено како правило во компјутерски апликации. Тоа дури не е наметнато како правило ни во други поголеми јазици од нашиот. И други помали јазици користат компјутери, зборуваат и англиски, па не го менуваат својот јазик поради тоа. Не познавам родени зборувачи на друг јазик што наместо да ги научат правилата на својот јазик, бараат причина зошто да не ги сменат по нивно. Десет различни луѓе - десет различни желби за иста работа. А многу полесно ќе биде ако некој се потруди да научи што пропуштил.

    Банкарскиот систем не е тема на дискусија овде, како ни математичките правила. Тој што ги користи, знае како се пишува датум банкарски и ги знае и другите математички отстапки.

    ОдговориИзбриши
  8. Ти благодарам, Бисерка, на одговорот. Иако неодамна го открив вашиот блог, сега сум веќе редовен читател.
    Има многу вредни работи да се прочитаат, а често ве користам и како потсетник кога пишувам нешто.
    Тоа што понекогаш не се согласувам со се' што е напишано, е само мојот обид критички да ги гледам работите (не критизерски, само критички).

    Се согласувам со тебе, во основа, дека јазикот не треба да се менува импулсивно, но компјутерџијата во мене не може да прифати "споро" :)

    ОдговориИзбриши
  9. Во врска со дополувањето на јазикот: „"WikiLeaks" enters the English language“ http://reut.rs/dPCCil

    Колку академици треба да се фатат за гуша, колку јазичари да соберат храброст и колку томови книги да се напишат за нашето „културно богатство“, за да се случи вакво нешто во македонскиот јазик?

    ОдговориИзбриши
  10. @Ванчо Николку. Треба да се доврши толковниот речник, работа што други генерации претходно не ја завршиле и за што не треба да им се префрлува на сегашните бидејќи тие ја тераат работата со натприродна брзина (во споредба со силите и ресурсите). Потоа може да зборуваме за формално дополнување на речникот. А не можеме да се мериме со брзината на Оксфорд од повеќе причини, не само поради човечки фактори.

    Нормално дека јазикот тековно се дополнува, и покрај тоа што зборовите не се внесени во речник, купишта нови зборови се употребуваат непречено.
    Ама! Зборовниот фонд и неговото надополнување немаат врска со основните јазични правила. Кога тоа основно непознавање на јазикот би било надминато, голем дел од работата ќе биде завршен. Ги разбирам и луѓето што протестираат, не се тие криви, јазичното образование е мизерно во најголемиот дел од образовниот процес, ама тој што сака, сепак, успева да научи. Не ни е јазикот ни сиромашен ни затворен за нови зборови, само ние не си го познаваме и ние сме поотворени за туѓи правила отколку за нашите. Мислиме дека во англискиот (или во други јазици) не постојат правила, ама тоа само затоа што и нивното познавање е или на бедно ниво или учиме тоа што ни е дадено и не прашуваме зошто.

    ОдговориИзбриши
  11. Божик? А да не е Божиќ, Божиќни? Поздрав и среќни празници.


    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  12. @bojan И тебе, исто така, среќни празници. Прифатени се и постојат и двете форми, Божик/Божиќ, божикен/божиќен. Придавките изведени од празниците, секако, се пишуваат со мала буква.

    Поздрав!

    ОдговориИзбриши
  13. Да, Маја, поздрав и до двете лекторки и ви посакувам многу успех и во наредната 2011 година. Би апелирал, не како критика, туку како надополнување, да ги наведувате сите форми на некои зборови. Точно е дека и двете форми се точни, но мене некако „Божиќ“ ми е повеќе употребуван во јазичната практика; не го фаворизирам овој збор, меѓутоа му давам предност, бидејќи е многу поупотребуван за разлика од „Божик“. Наведувањето на една правилна форма, а притоа не наведувајќи ја втората точна верзија, предизвикува забуна за тоа кој збор е правилен, а кој не!

    Се надевам нема да ми замерите за забелешкава! Срдечен поздрав, Бојан - лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  14. @Bojan Споменати се двете форми :) Погледни го пасусот над примерите за имињата на верските празници

    ОдговориИзбриши
  15. замерите * - ЗАБЕЛЕЖИТЕ! Еве да се коригирам! :)

    ОдговориИзбриши
  16. Истава дискусија ја имав пред некој ден за Божик/Божиќ. Сакале или не, нормата е таква и употребувајте ги двете имиња, не е прашањето „кое име мене поубаво ми звучи“.

    И мене понормално ми звучи миризливо, ама правилно е мирисливо и нема што да се дискутира за веќе утврдените правила и зборови.

    И така имаме многу неутврдени терминологии, да не се навраќаме на она што е веќе усвоено како норма.

    ОдговориИзбриши
  17. Па доколку ние одевме по тоа „што мене поубаво ми звучи“, ќе направевме една каша-попара од правописот. Многу јасно. Се знае што е јазична норма, се знае што се правописни правила, но мислам дека јазикот, како жива материја, не ги препознава категориите „норми, правила и мене ова вака поубаво ми звучи“, бидејќи стандардите се менуваат. Погледнете само колку правописни правила се променија во овие 20-30 години. Значи ајде да зборуваме за јазичната практика од пред 20 години, и ајде да зборуваме за практиката денес. И тие норми што ги имаме денес, некои за кои ние денес тврдиме дека се фиксирани, ќе се променат, барем некои од нив. За мене тоа е нормално.

    Во наредните години ќе видиме како ќе се развива нашиот јазик, а јас во 2011 година ќе очекувам подобрување на хаосот во врска со примената на македонскиот јазик.

    П.С. Би сакал да си го сретнам самопрогласениот претседател на Здружението на лектори.

    ОдговориИзбриши
  18. Здраво, едно прашање до лекторките, а не е поврзано со темава.

    Како е правилно: Тие мора да бидат убави, или Тие мораат да бидат убави? Јас мислам дека е второто, бидејќи Тие е заменка во 3 л. множина, па оттука треба да биде...Тие мораат... а не тие мора... може малку образложение? Благодарам!

    ОдговориИзбриши
  19. здраво, дали зборот „напомена“ е македонски збор? или повеќе оди „забелешка“? фала

    ОдговориИзбриши
  20. Зошто „овојпат“ е напишано слеано?

    ОдговориИзбриши
  21. Лекторките се на заслужен одмор! :)

    ОдговориИзбриши
  22. Анонимен, зборовите што ги содржат овие единици: -пат, -пати, се пишуваат слеано, но и не мора. Јас, лично, љубам да ги пишувам слеано.

    Примери: првпат, вторпат, овојпат, неколкупати (можат да се пишуваат и разделно - неколку пати, прв пат).

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  23. @anonymous Реченицата треба да гласи: Тие мораат да бидат убави. Поопширно објаснување ќе имаме во следниот пост.

    ОдговориИзбриши
  24. И забелешка и напомена се македонски зборови, а синоними се само во дел од значењата

    ОдговориИзбриши
  25. @Бисерка, не можев да го најдам зборот напомена во Правописниот речник на Кирил Конески. Зарем го пропуштиле? За забелешка сум сосема сигурен дека е македонски збор, ама напомена ми е многу сомнителен, морам да признаам.

    ОдговориИзбриши
  26. @ Fala Maja, bi sakal nesto poveke za toa, no mislam deka dilemata e otstraneta. Site pishuvaat: Tie mora vaka, tie mora onaka, a na mora ne se obrnuva vnimanie deka treba da bide vo mnozina... moraat, 3 l mnozina...mnogu jasno. No dokolku imate nesto poveke da napishete za ova, slobodno! fala!

    ОдговориИзбриши
  27. @Anonymous Го има во толковниот. А дури и да го нема - секој речник е ограничен, не може да ги содржи сите зборови и тоа не мора да е пропуст на авторите. Едноставно не постои речник што ќе ги содржи сите зборови што ги има јазикот. Нема основа зошто напомене, напоменува, напомена би биле немакедонски

    ОдговориИзбриши
  28. Ако може нешто надвор од темата - Пр:
    Од досега кажаново, следи дека.....
    Од досега кажаново, следува дека....
    Кое е правилно?
    Мојот професор викаше дека следува- порција макарони, и правилно е следи, ама многу често особено на телевизииви за емисија што доаѓа по друга емисија пишува следува.

    ОдговориИзбриши
  29. Следува нешто што логично произлегува од нешто, што доаѓа по нешто и сл. (да, и во значењето со порцијата макарони)
    Следи - оди по трагите на нешто или поддржува нечија идеја, движење и сл.

    ОдговориИзбриши
  30. Благодарам, значи за емисија што доаѓа по друга емисија треба следува.

    ОдговориИзбриши