10.1.2011

Релативните заменски зборови во реченица (1)

сподели на пинг

Релативните (или односни) заменски зборови, за кои веќе дискутиравме, во реченицата упатуваат на некој нејзин член или на цела реченица што е дел од сложената.


Најпрво, треба да се напомене дека не е сеедно кој релативен заменски збор ќе го употребиш бидејќи може да се добие различно значење. Затоа е важно нивната употреба да ја познава секој што го користи јазикот во својата работа, бидејќи лекторот многу често нема начин да утврди што навистина сакал да каже авторот/преведувачот и да ја поправи евентуалната грешка.


Примери:

Пријателот што отпатува вчера ми го даде филмот.

(што, без запирки; значење: од многуте пријатели, филмот ми го даде токму тој што отпатува вчера)

Пријателот, кој отпатува вчера, ми го даде филмот.

(кој, со запирки; значење: од претходниот разговор, на соговорникот му е јасно за кој пријател зборуваме, а информацијата е дека ми го дал филмот (кој исто така му е познат на соговорникот), додека тоа што отпатувал вчера е дополнителна информација што може да биде и изоставена)


Во овие примери, можеби, нема да има страшни последици, но во други контексти, како на пример во правни акти и сл., една запирка и едно „што“, може многу да го сменат значењето.



Во употребата на релативните заменски зборови во реченица се изделуваат неколку случаи со свои специфики.


Најпрво, што може да се употреби на два начини:


# Во првиот случај што може да оди со сите предлози (со што, поради што, при што, за што) и може да се однесува (да ги релативизира) или на показните заменки или на едната од речениците содржани во рамките на сложената.


Примери:

Тоа што го очекував навистина се случи. (се однесува на тоа)

Она поради што дојдовме е одложено. (се однесува на она)

Бендот не допатува навреме, поради што концертот беше откажан. (се однесува на реченицата: бендот не допатува навреме).

Цела зима немаше време за вежбање, што се познаваше по неговата лоша форма (се однесува на реченицата: цела зима немаше време за вежбање).


# Во вториот случај што не може да се врзува со предлози, стои самостојно и се однесува или на подметот или на директниот предмет во реченицата.


Примери:

Девојката што ја повика тој ја заврши целата работа.

Девојката што дојде последна ја заврши целата работа.



Во однос на кој нема ограничувања во поглед на поврзувањето со предлози, но има во поглед на формите за директен и индиректен предмет и формите за род и број (види го претходниот текст на оваа тема; линк на почетокот на овој пост).


# Она кој, кое има форми за директен (кого) и индиректен (кому) објект може да се однесува само на лица.


Примери:

Шефот, кого сите го почитуваа, најави дека заминува на друга функција.

(се однесува на шефот)

Директорот, кој замина во пензија, беше добар менаџер.

(се однесува на директорот)


Забелешка: Честа грешка е употребата на ова кој, т.е. на неговите форми за директен и индиректен објект за посочување кон предмет: Островот, кого го посетив лани, минатата недела бил целосно поплавен. Во овој случај треба да се употреби што: Островот што го посетив лани минатата недела бил целосно поплавен.



# Она кој, кое има форми за род и број (кој, која, кое, кои) може да се употребува и за предмети и за лица, се поврзува со сите предлози (со кој, за кој, на кој, од кој, поради кој...).


Примери:

Куќата во која пораснав сега е урната.

Документот со кој се регулира ова прашање е спротивен на законот.


# Релативната заменка чиј и нејзините форми за род и број (чиј, чија, чие, чии) се употребуваат за означување припадност. Тие може да се однесуваат само на именката (или заменка) со која се означува поседувачот на тоа што е наведено во релативната реченица.


Примери:

Ова е момчето чиј мп3-плеер треба да се поправи.

Ова е девојката со чие момче се сретнавме вчера.


# Посебно ќе ги изделиме и релативните заменски прилози (каде што, кога, колку што, како што). Тие ги вршат соодветните прилошки функции во рамките на релативната реченица.

Примери:

Тоа е местото каде што се случи несреќата.

Задачата ја заврши како што му рекоа.

Ја чекаше пролетта, кога пак ќе може да трча покрај Вардар.

Трошеше толку колку што сакаше.

1 коментар:

  1. Браво девојки. Веќе имате триесет текстови. Само напред!

    ОдговориИзбриши