17.1.2011

Релативни реченици (2)

сподели на пинг

Од аспект на зборувачот што не е јазичар по професија, во поглед на темата релативни заменски зборови во реченица треба да се нагласат уште неколку специфики.



# Согласување на категориите во зависната реченица

Лицето на глаголската форма од зависната реченица треба да се согласува со оној реченичен член што го релативизира (на кој се однесува). Често се прават грешки, па согласувањето се прави според вршителот на дејството од главната реченица.


Примери:

Јас сум тој што поставува услови.

(Зависната реченица се однесува на тој, заменка во трето лице еднина, па затоа и глаголот поставува е во трето лице еднина, и покрај тоа што вршителот на дејството од главната реченица, јас, е во прво лице еднина.)

Погрешно би било:

Јас сум тој што поставувам услови.


Честа е и појавата на грешка со погрешно усогласување на родот. Треба да се има предвид дека заменката кој (која, кое, кои), стои веднаш зад реченичниот член што го релативизира, па родот треба да биде усогласен со тој член.


Примери:

Бубамарата е инсект, која има црни точки на црвените крила.

(Примерот е погрешен; релативната реченица може да се однесува само на инсект, не и на бубамара, и затоа заменката треба да е во машки род; или може биде употребена замнеката што.)

Точниот пример би гласел:

Бубамарата е инсект, кој има црни точки на црвените крила.

Или:

Бубамарата е инсект што има црни точки на црвените крила.



# Зависната реченица пред главната

Стилски необележениот редослед е кога зависната релативна реченица е втора во сложената реченица. Сепак, постојат и случаи на инверзен редослед, кои се особено карактеристични за разговорниот народен јазик.


Примери:

Што си сака, тоа му се слуша.

Кој сака да помогне, ќе најде начин како да го стори тоа.

Каде што владее љубомората, за разумот нема место.


Карактеристично во ваквите реченици е тоа што секогаш се одделени со запирка од главната. Нивната употреба не е погрешна, но е поретка наспроти неутралниот редослед на речениците, кој се среќава многу почесто.


Примери:

Му се слуша тоа што си сака.

За разумот нема место каде што владее љубомората.



# Различни начини за изразување иста содржина

Повеќето типови релативни реченици може да бидат заменети со други релативни или со некој друг вид сложени реченици. Тоа што треба да се нагласи е дека истата содржина се изразува еднакво точно на повеќе начини, а изборот зависи само од стилот на авторот.


Примери:

Се врати на местото каде што се сретнаа првпат.

Се врати на местото на кое се сретнаа првпат.


Ќе дојдеме тогаш кога ќе почувствуваме дека треба.

Ќе дојдеме во оној момент во кој ќе почувствуваме дека треба.

Ќе дојдеме штом ќе почувствуваме дека треба.


Успехот беше огромен, што се должеше на нивната бескомпромисна упорност.

Успехот беше огромен, а тоа се должеше на нивната бескомпромисна упорност.


Освен што може да бидат заменети со други сложени реченици, содржината од релативните реченици може да биде изразена постегнато, т.е. зависната реченица да биде заменета со предикативен атрибут, кој не е предикат во вистинската смисла, или со некаква друга определба.


Примери:

Расправата што почна на денешната средба ќе продолжи утре.

Расправата почната на денешната средба ќе продолжи утре.


Братот што е постар од неа ја донесе со автомобилот. (претпоставуваме дека има двајца браќа, од кој само едниот е постар)

Постариот брат ја донесе со автомобилот.

Нема коментари:

Објави коментар