13.1.2011

Може да е тешко, но и не мора

сподели на пинг

Тие требаат да си ги исполнат обврските.

Ние мораме да се изјасниме по ова прашање.

Тие можат да помогнат, доколку сакаат.

Ако ги погледнеме речениците ќе забележиме дека прирокот е сложен и дека е составен од повеќе глаголи. Глаголите треба, мора и може се модални глаголи. Модални се наречени бидејќи не можат да стојат самостојно во реченица, туку смислата ја добиваат со друг глагол. Токму за нив ќе стане збор во овој пост и ќе тргнеме токму од грешките што најчесто се прават кога се употребуваат.

Модалните глаголи се употребуваат со други глаголи со да-конструкцијата (честицата да + глагол во сегашно време). Тие го покажуваат лицето, бројот и времето, односно начинот, а глаголот во да-конструкција, само лицето и бројот, и секогаш се наоѓа во сегашно време.

Единствено глаголот треба е безличен, и тој го покажува само начинот и времето. Ова се единствените форми во кои тој се јавува.

треба

требаше

требало

би требало

Според тоа, примерот не е точен, а реченицата треба да гласи:

Тие треба да си ги исполнат обврските.

За жал, се сретнуваат и грешки од типот требавте, требале, требавме, чија употреба е недопустлива.

За другите два примера ќе кажеме дека еднакво се точни и двете форми, и личната и безличната. Па, речениците можат да гласат и:

Ние мора да се изјасниме по ова прашање.

Ние мораме да се изјасниме по ова прашање.

Тие може да помогнат, доколку сакаат.

Тие можат да помогнат, доколку сакаат.

Во врска со категоријата лице, во четвртата книга од „Јазикот наш денешен“, Благоја Корубин го изнесува својот став и вели дека се прифатени и личната и безличната форма, со тоа што безличната форма е понова тенденција во јазикот, а тој, сепак, ја преферира постарата.

Нашиот став во врска со ова прашање е дека јазикот, како жива материја, е подложен на многу промени. Со тоа старите тенденции полека се истиснуваат од новите, па нема причина зошто и ние би биле затворени кон нив. Ги прифаќаме и двете гледишта, со мала наклонетост кон безличната форма.

Забелешка: Глаголот може, освен во модална функција, може да биде употребен како синоним за умее, има способност. Во тие случаи е важно дали ќе се употреби лична или безлична форма, бидејќи во зависност од тоа се менува значењето.

Примери:

Тие може да се искачат на Водно.

(Дозволено им е да се искачат, можеби ќе се искачат)

Тие можат да се искачат на Водно.

(Способни се, умеат)

7 коментари:

  1. Ние можиме или ние можеме?
    Вие можите или вие можете?
    Како глагол во смисла на умее. Појаснете го ова. Мислам дека ние од Западна Македонија имаме вакви преблеми кога се обидуваме да 'звучи(е)ме' литературно. На пример се употребува 'се жалЕме'.

    ОдговориИзбриши
  2. ние можеме, вие можете, овие се стандардизираните форми на овие глаголи, секоја друга форма, како што Вие погоре ги наведовте, е дијалектна форма што не е стандардизирана, односно ја нема во литературниот македонски јазик.

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  3. А „Таа требала да оди...тој требал да оди“?

    Знам дека е безличен, ама овие форми некако ми звучат ок. Веројатно премногу продреле во јазикот...

    ОдговориИзбриши
  4. @Vich Ги има во разговорниот јазик, но не се прифатени од нормата. Лично мислам и дека не треба да бидат. Позз

    ОдговориИзбриши
  5. Анонимен26 април 2011 21:06

    Модалниот глагол “треба“ не разликува лица, па во првиот пример нема да биде “требаат“ туку “треба“.

    Наталија, студентка на Филолошки факултет

    ОдговориИзбриши
  6. @Natalija
    Токму така, подолу во постот се објаснува и зошто првиот пример не е точен.
    Поздрав!

    ОдговориИзбриши
  7. "требаат , видаат , купаат , мислаат...." -сеуште ја мразам професорката по историја!

    ОдговориИзбриши