20.1.2011

Истиот

сподели на пинг

М.Т. беше повикан на суд. Истиот не се појави во судницата.

Во примеров е употребена една форма што е типична за административниот говор и за говорот на правото. Кога оваа форма се употребува во секојдневната практика, звучи многу лошо и несоодветно. Особено што за лице не може да се каже истиот, бидејќи лицето не може да се смени или да биде различно. Ваквото изразување е резултат на едно шаблонизирање на јазикот. Од правните акти полека навлегло во секојдневниот говор, иако таквите форми би требало полека да се исфрлаат од јазикот. Во реченицата, наместо истиот, треба да стои личната заменка тој.

Примерот треба да гласи:

М.Т. беше повикан на суд. Тој не се појави во судницата.

За македонскиот јазик не е карактеристична употребата на ист за посочување (јазична референција) на некој претходно употребен поим. Постојат повеќе начини со кои се постигнува такво посочување, но најчесто се употребуваат показните или личните заменки.

Наспроти тоа, ист е придавка и највообичаена е нејзината употреба за дообјаснување на некоја именка, на сличен начин како што тоа би се направило со придавките еднаков, идентичен, сличен, што значи за да се направи споредба со друг поим.

Примери:

Секогаш купувам од истите две продавници.

Шалот и капата ги има во двете исти продавници.

Во зависност од тоа на кое место се наоѓа зборот ист, така се менува и значењето на речениците. Првиот пример значи дека зборувачот купува само од двете продавници што ги спомнува, кои се претходно спомнати во текстот и кои не мора да бидат исти меѓу себе.

Вториот пример значи дека постојат две идентични продавници, во кои ги има шалот и капата.

Придавката ист во македонскиот јазик може да врши уште една улога во реченицата. Се јавува во случај на супституција, т.е. заменување на еден елемент со друг.

Примери:

- Ќе нарачам салата и минерална вода.

- И за мене истото.

Во овој пример ист има улога на именка.

6 коментари:

  1. Одлично.
    Навистина не ми е јасно како речиси сите новинари го форсираат овој збор таму каде што не треба. Никако да го погодат место, за знаење каде треба не станува збор.

    ОдговориИзбриши
  2. М.Т. беше повикан на суд. Истиот не се појави во судницата.

    М.Р. беше повикан на суд. Истата личност не се појави на суд.

    Е, вака веќе може.

    Горан ја удри Наташа. Истиот тој и'ја зема топката.

    Мислам дека со овие примери овој збор може да се примени.

    Е, сега, во овие примери зборот „истиот“ е комбиниран со показна заменка - истиот тој, алудирајќи на „таа“ иста личност, а во првиот пример - истата (личност) - е сега не знам зошто не би можело „истиот“ како збор да стои самостојно, кога веќе од горенаведените примери може да се заклучи дека се работи за истата (личност) или за истиот (тој) човек што не дошол во судницата.

    Јас само гласно размислувам и не наоѓам премногу голем грев во употребата на истата, истиот - кога веќе се знае за кого се работи.

    Јас понудив решение - Истата личност (и за двата пола - машки и женски).

    Доколку можете дајте ми референца за овој збор, кој е употребен во оваа ситуација. Дали е ова ваше лично мислење, или веќе некој друг се изјаснил за ова како лекторска грешка?

    Поздрав, Бојан - лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  3. @Бојан, се обидовме да најдеме нешто на темава во писмена форма и интересно е што најдовме само на едно место. Можеш да погледнеш во билтенот за јазични прашања „Каде грешиме“, објавен од Македонското радио - Центар за говор и правоговор. Како уредници се наведени Михаил Белдедовски и Стефан Зиглин. Тие го пишуваат истото што стои и во постов и уште објаснуваат дека ваквата употреба на „истиот“ е германски канцеларизам (бирократска форма, форма на административниот јазик), која во македонскиот јазик стигнала преку српскиот.

    Без оглед што во поновите книги никој не ја спомнал оваа тема, јазичарите не го препорачуваат (така ми го предавале и на факултет, а често го има и во лекторски испит).

    Инаку, личен став ми е дека навистина нема потреба од вакви неприродни изрази што не се типични за нашиот јазик. Особено ми пречи во јазикот што не е административен (кај новинарите, на пример, во стручна литература или во секојдневен неформален разговор). Го менувам кога наидувам на него. Позз

    ОдговориИзбриши
  4. Нешто сосема надвор од темава. Ве молам да ми кажете како е правилно: ПИЈАТ или ПИЈААТ ??
    Однапред Ви благодарам.

    ОдговориИзбриши
  5. Пијат анонимен!

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  6. Фала анонимен :))
    Поздрав

    ОдговориИзбриши