24.1.2011

Кој е крив за „Орканските ’височини’“?

сподели на пинг

Омилена книга ми е „Оркански височини“.

Ваквата изјава едноставно не може (по којзнае кој пат) да не ни ги спои жичките, не толку поради тоа што важната личност со читање стигнала „дури“ до Емили Бронте (а мисли дека е спремна за Нобелова награда), туку од неколку јазични причини. А најмногу поради тоа што овој галактички бесмислен превод што беше пуштен пред неколку години во јавноста толку навлезе во свеста на луѓето, што сега тие се убедени дека така треба.


Ако сѐ уште не ти е јасно за што зборуваме, еве појаснување. Оригиналниот наслов на многу познатото дело на средната од сестрите Бронте е Wuthering Heights, објавено пред повеќе од век и пол. На овие простори многу добро и од многу одамна е познато како Оркански висови.


Ако пак не е јасно, еве ја суштината на проблемот:

вис = планински врв

височина = растојание од земјата до одредена точка во вертикала


Да, точно е дека во одреден контекст, зависно од стилот на авторот, двата збора може да бидат и синоними. Проблемот произлегува, пред сѐ, од фактот што сосема соодветен превод на македонски на ова дело постоеше пред некој мудрец да реши да ја преобјави книгата (беше дистрибуирана преку дел од дневните весници; за жал, немаме точни податоци за преведувачот, лекторот и за тоа кој ја издава) и да го „исправи“ насловот што го „згрешиле“ генерации претходно (или може едноставно не му се допаѓал).


Тоа му доаѓа исто како некој да реши да ја преобјави „За кого бијат камбаните“ на Хемингвеј (For Whom the Bell Tolls) и да ја крсти „За кого ѕвони ѕвоното“. Или да реши дека „Предвечерје“ е подобар наслов од „Спроти новите дни“ на Тургењев (Накануне). Можеби ваквите преводи би биле сосема во ред ако зборуваме за некое дело што првпат се преведува на македонски. Тогаш, одговорноста за преводот паѓа на екипата што го подготвува - преведувач, лектор, уредник, издавач... Но, да решиш да преименуваш дело што веќе е општо познато е навистина неодговорен и бесмислен потег.


Бидејќи новата „подобрена“ верзија беше масовно дистрибуирана и рекламирана, новиот превод масовно и допре до јавноста. Ефектот? Стигматизирање на уште еден збор (вис) како немакедонски и неподобен. Дури и да не се каже тоа јавно, со промената на нешто што било општо познато и што треба да е фиксно, како што е наслов на светски познато дело, во потсвеста на луѓето се создава токму такво мислење. Да не знаеш дали да плачеш или да се смееш кога ќе ти го постават прашањето: „Па нели ’вис’ е српски?“ (?!). И уште еден, задоцнет ефект - кога новите генерации што научиле дека треба да велат „височина“, а не „вис“, ќе пораснат доволно за да ја отворат устата, ќе почнат да цивкаат како им е сиромашен јазикот и како им е полесно да се изразат на англиски (?!).


За среќа, преведувачки небулози од ваков калибар се случуваат поретко, но затоа цела низа издавачки куќи работат без лектор, па и покрај тоа што насловот можеби е во ред, уште по првата прочитана страница ќе те тресне од земја јазикот на содржината меѓу кориците (во коментари чекаме примери што тебе ти го расипале уживањето во читањето).


Хорор-преводи во филмовите, и на самото сценарио и на насловите, се многу почести во практиката. Тука нема да се задржиме на правописно погрешните наслови како „Денот после утрешнината“ наместо „Денот по утрешнината“ (The Day After Tomorrow - ако уште не ти е јасна разликата меѓу после и по, погледни тука). Нема да ги коментираме ни примерите како што е „Единаесетмината на океанот“ наместо „Единаесеттемина на Оушн“ (Ocean's Eleven - Оушн е презиме), бидејќи, за среќа, тие предизвикуваат само смеење/одбивност кон туѓата глупост, а ретко влегуваат во општа употреба (и за ова чекаме примери во коментарите).


Забелешка: Членот на броевите што ја содржат партикулата -мина се пишува по бројот, а пред партикулата. Точната форма е единаесетТЕмина, а не единаесетминаТА.


Генерално, кај филмовите ситуацијата е поалармантна, бидејќи пиратеријата цвета, а филмови преведува кој ќе стигне, без контрола, и притоа лектор речиси никогаш не ги погледнува преводите пред да бидат пуштени во јавноста. Сепак, ќе го издвоиме само, можеби, најневеројатниот, „Кршенгрб Планина“ или „Кршогрб Планина“, кој во овие форми се влечкаше и по некои медиуми додека беше актуелен. Јасно е дека станува збор за оскаровецот „Броукбек Маунтин“ или, ако повеќе ти се допаѓа, „Планината Броукбек“ (Brokeback Mountain). За топонимите веќе зборувавме, па повеќе на таа тема можеш да пронајдеш тука). Немаме што да додадеме на тоа.


И на крај, не се само преводите на книги и филмови извор на бесмислени преведувачки грешки. Една таква веќе беше наведена во коментарите на овој блог, употребата на скратеницата ХАСАП, која не значи ништо, наместо оригиналот ХАЦЦП. Погрешната форма речиси неповратно е пуштена во јавност и не можеме да ги замислиме напорите што би биле потребни за таа целосно да се избие од свеста на луѓето. Објаснувањата за потеклото и за значењето може да ги најдеш во дискусијата што почнува тука.


Наместо резиме, уште еднаш ќе потсетиме дека секој што го употребува јазикот јавно носи и општествена одговорност. Ова особено важи за преведувачите, издавачите и за медиумите, бидејќи многу често имаат можност први да го пуштат во употреба преводoт на некој поим. Што да се прави во недостиг на одговорност? Прво, да се спроведува без отстапки Законот за употребата на македонскиот јазик и да се казнува секој што ќе објави нелекториран материјал, како и секој што се нафаќа да врши преведувачка или лекторска работа без да е компетентен за тоа. Второ, конечно да се подели предметот Македонски јазик и литература, на Македонски јазик и Македонска литература. И да се обрне сериозно внимание на процесот на описменување на новите генерации воопшто, без оглед кон која професија ќе се насочат. Меѓу другото, тоа значи и воведување предмет Македонски јазик во текот на целокупното студирање, на сите факултети.

28 comments:

  1. Со сЕ се согласувам. Но, има нешто што малку ме боцна во текстот. Во делот „и да се казнува секој што ќе објави нелекториран материјал, како и секој што се нафаќа да врши преведувачка или лекторска работа без да е компетентен за тоа“, сакате да ми кажете ако јас објавам нешто и тоа е погрешно треба да бидам казнет? Што ако го објавам тоа на мојот блог или на интернет страница која опфаќа публика од 100 читатели? И тогаш треба да бидам казнет? Ова со казните е бесмислица, како ќе се казни тој човек? На која основа ќе казните некој за вакво нешто?

    ReplyDelete
  2. @Misterioz Па не е баш така. Блогот сам по себе како форма не може да подлежи на лекторирање и дефинитивно делот со казните не се однесува на блогерите. Се мисли на сите медиуми, вклучувајќи ги и интернет-страниците што не се блогови, издавачи, официијални преведувачи на различни функции итн. Во друга пригода ќе му се посветиме повеќе и порецизно на Законот за македонски јазик, на тоа што опфаќа тој, како и на споредба како се некои работи поврзани со јазикот регулирани во други земји :)

    ReplyDelete
  3. @Бисерка, јас со години се трудев да учам и да научам нешто за нашиот јазик, ама џабе научив. Зошто? Затоа што луѓето се толку многу инертни и твојот глас не се слуша од другите незаинтересирани гласови, кои патем се многу погласни од твојот и мојот :)
    И тука е целиот проблем. Затоа сметам дека најдобро ќе поминеме ако уште како мали ги учат децата на своите одговорности за сопствениот јазик.
    А за интернет страниците и нивните казни за објавување на погрешни текстови скоро и не е можно да подложи на казна. Секој има правно да го користи јазикот на кој начин сака и може. К-15 не можеме да ги казнеме оти зборат не дијалекти во нивните скечеви :)
    Ја имате мојата поддршка но не и во делот на казните :D

    ReplyDelete
  4. @Misterioz Се сложувам дека образованието е најважно, оттаму почнува сѐ. Нормално, дека нема да се казнуваат К-15 зашто зборуваат на дијалект или, пак, Трендо. Сите јазични стилови имаат своја функција, па и дијалектот. Треба да се санкционираат грешките, тие за кои нема оправдување. Знаеш ли колку лектори се вработени формално во државниве институции, во собрание, влада...? Па сепак речиси ниеден закон не е лекториран. Тоа подлежи на казна. На казна треба да подлежат и суштинските правописни и граматички грешки (и) на онлајн-медиумите, бидејќи се медиуми, без оглед што се онлајн. Не жаргонизмите и дијалектизмите со кои авторите постигнуваат некаква цел. Но, во друг пост, сето ова поопширно :)
    Фала за поддршката у убав ден! :)

    ReplyDelete
  5. @Misterioz И ова заборавив да додадам - познавам куп луѓе што немаат документ за положен лекторски испи, а богами немаат ни диплома од Филолошки на групата Македонски јазик, луѓе со дипломи од книжевност, од други јазици, од Педагошки факултет и сл., кои ме прашувале која тарифа да ја кажат за да лекторираат - што е неприфатливо. Исто и преведувачи од втора рака, преведуваат од српски дела што во оригинал се на англиски, француски итн. Такви треба да се казнуваат без компромис. Не сум чула некој да е адвокат без диплома и тоа треба да важи за секоја професија.
    Им се чудам само на тие што се спремни да платат, без да се уверат за што плаќаат. Ем да дадат пари, ем пак да не добијат квалитет :)

    ReplyDelete
  6. Уште еден пример,
    Charlotte's Web -толку убаво преведена книга за деца од Драги Михајловски како „Пајажината на Клементина“...а Филмската верзија во Рамстор се прикажуваше како Мрежата на Шарлот?!

    ReplyDelete
  7. Имам зачувано една убава колумна од Драги Михајловски, ако сакате ќе ја постирам во коментари. Зборува за оваа проблематика, меѓу другото, и за преводот на филмот на Мел Гибсон The Passion of Christ, како првично беше преведен како „Страста на Исус“ :)

    ReplyDelete
  8. Ја најдов :)
    http://star.dnevnik.com.mk/default.aspx?pbroj=2407&stID=30810

    ReplyDelete
  9. @Vich Одлична е колумната, а и примерите супер што ги додаде :)

    ReplyDelete
  10. Човек и пол е Драги! :)

    ReplyDelete
  11. Пример од минатонеделниот квиз Најслабата алка: Прашање: Кој е единствениот орган кај човекот што може да се регенерира?
    Одговор на натпреварувачот: Црниот дроб
    Живкица (прекорно): Не е точно, јетрата е!!!

    Ја имаш и мојата поддршка Бисера :)
    Поздрав, Андриана

    ReplyDelete
  12. Голема благодарност за ова просветлување.
    Мора да признавам дека и јас досега книгата ја знаев како „Оркански височини“ (ја имам книгата од комплетот пред неколку години на Дневник и Весник.


    Поздрав,
    Едмонд

    ReplyDelete
  13. Го гледав квизот зашто другар ми се натпреваруваше.
    Според Живкица точниот одговор беше јетра, ама го прифати и црн дроб, зашто било истото.

    ReplyDelete
  14. За чудо, и јас го гледав квизот тој ден. Слатко си се изнасмеав!

    ReplyDelete
  15. А што е со оние преведувачи без диплома што ги бива? Или оние преведувачи со диплома што се за никаде?

    ReplyDelete
  16. Хах, и јас можеби имам талент да бидам адвокат, ама нема да ми дозволат да влезам во судница и да застапувам некого. Ако некој е добар, нека полага за некој од меѓународните сертификати за познавање на конкретниот јазик, па нека преведува.
    А, патем, не значи дека ако некој добро го зборува јазикот дека ќе биде и добар преведувач. Впрпчем, колумната што е постирана погоре, зборува и за тоа меѓу другото

    ReplyDelete
  17. Воопшто не ни мислев на добро зборување/познавање на јазикот. Дури и фино си кажав: преведувачи што ги бива. Лектори, со децениско искуство, беа воодушевувани од мои преводи, а оние грешки што ми ги посочуваа веќе никогаш не ги повторив. Само затоа што немав доволно пари за да го платам факултетот мене треба да ми се забрани да работам како преведувач? И покрај речиси цела деценија инвестирање во моето знаење и „стручност“ во оваа професија?

    Што се однесува до меѓународниот сертификат за познавање на јазикот, што ќе смени тој? И ти и јас тврдиме дека доброто познавање на јазикот не прави автоматски и добар преведувач. И повторно сѐ ќе се сведе на моето оригинално прашање: Дали преведувачот го прави дипломата или знаењето/талентот?

    Не е дека не ја разбирам фрустрацијата од лоши/нелекторирани преводи. Но, на пример, јас никогаш не сум се нафатил да преведувам филмови, знаејќи колку се (претерано) потплатени тие преводи. А само еднаш имам прифатено да преведувам книга под стандардната цена затоа што стануваше збор за превод на автор со кој што имам израснато и кој, до тогаш, воопшто не е преведуван на македонски.

    ReplyDelete
  18. Секоја чест, не можам да зборувам за исклучоци. Разбирам и што сакаш да кажеш, но треба да постои начин да се регулира кој може, а кој не може да преведува. Токму за да се заштитат добрите преведувачи. Инаку, на црни очи секој може да тврди дека е добар.

    ReplyDelete
  19. Надвор од контекст на кажаното,би сакала да добијам одговор на едно прашање.Кога имаме дадено именка, во случајов тргнувам од англискиот, пр.axon (s), со што во заграда се означува множинска форма на именката, на македонски дали е прифатливо да стои само наставката за множина, во слуајов (и) или треба да се напише целата именка во множина, аксон (аксони)?
    Ви благодарам

    ReplyDelete
  20. @Sanja Дај ни ја конкретната реченица за да ти одговориме точно. Општо, во македонскиот јазик и еднината и множината може да имаат генеричко значење, така што најчесто и не е потребно да се нагласува дека кажаното важи и за еднина и за множина. Сепак, за најточен одговор, го чекаме точниот контекст.
    Позз

    ReplyDelete
  21. Може малку доцнам, ама еве еден пример од македонски превод на книга, што буквално ме вадеше од кожа додека ја читав и ми го расипа впечатокот на инаку одлично напишана книга.
    Се работи за „летот 800“ во издани на Матица.
    На импресумот во книгата е напишано:

    Превод: Тамара Арсовска
    Томе Арсовски
    Лектура: Тамара Арсовски

    Не е грешка, така е напишано.

    Еве неколку случајно одбрани примери, кои буквално ги има на секоја страница.

    140 стр
    „Проблемот со тоа да неправиш ништо е дека незнаеш кога си се вклучил“

    Во оригиналот стои:
    “The problem with doing nothing is not knowing when you’re finished.”

    231 стр.
    На враќање оттаму, оној што возеше, можеби го прегледал записот, за да види дали ја снимиле катастрофта на небото. Ако ја виделе експлозијата низ визурата, ќе сакаат да ја видат на екранот.

    Possibly, during the ride back from the beach, whoever was not driving looked in the video viewfinder to see if they’d recorded what they’d seen happening in the sky. Assuming they saw this explosion in their viewfinder, they’d want to see it more clearly on the TV screen, to be certain.

    Затоа го вклучиле адаптерот во видео камерата и потоа во шалтерот на ѕидот,

    So, they plugged the AC power adaptor into the video camera, then into a wall outlet

    295 стр
    Бев задоцнет две години и два месеци, но никогаш не е доцна да преразгледаш стар случај.

    I was five years and two months behind the curve on this one, but it’s never too late to re-open a case.

    451 str.
    Ме разбудија во петнаесет до осум.

    My wake-up call came at 6:45


    Долго време ми требаше да сватам дека кратенката ЦРУ е всушност ЦИА, што ме наведува дека преводот не е правен од оригиналот на англиски, туку од руски или бугарски.

    И бонус за оној што ќе погоди што значи кратенката НЈПУ :)

    Поздрав,
    Даниел

    ReplyDelete
  22. @Даниел За Матица конкретно сум забележала дека на многу нивни книги, наместо лектура, стои јазична редакција. Некој во коментари спомна (не знам точно на кој пост) дека тоа го користат зашто им „лекторираат“ луѓе што немаат ни завршено на катедрата Македонски јазик (најчесто книжевници), па значи автоматски немаат положено ни државен лекторски испит (само македонисти имаат право да полагаат).

    Конкретно, сега ја читам Eat, Pray, Love, кај нас преведена „Јади Моли се Уживај“ (со сите големи букви како што напишав овде и без запирки). Превод: Павле Илиевски, Дарко Миовски. Јазична редакција: Паскал Гилевски.

    За преводот, бидејќи го немам оригиналот пред себе, не можам да зборувам, а досега не сум налетала на некоја апла-небулоза, што се препознава и без него. Не ми е јасно само која е функцијата на „уживај“ во насловот, бидејќи, според мене, компонентата „сакај“ = love има многу поголема функција во приказната (имено врските на главниот лик не може да се занемарат). Затоа, пак, првите 100-ина страници (до таму стигнав) се преполни со јазични грешки. Читање таква книга ме заморува, бидејќи автоматски ја читам како што требало да биде отпечатена, ја лекторирам читајќи (верувам дека на повеќето лектори им се случува истото). И многу ми е криво, бидејќи книгата е навистина преубава, дури и стилот на писателката (Елизабет Гилберт) е хедонистички, како и самата содржина. Штета...

    Поентата на муабетов ми беше, прво, дека јазична редакција прави уредникот на изданието (без оглед дали е уредник во медиум или во издавачка куќа). Тоа не значи дека книгата е лекторирана. По уредникот, материјалот треба да го прочита лектор, а ако уредникот има забелешки на лектурата, пред да направи промена, треба да се консултира со лекторот, за да најдат заеднички јазик.

    И второ, најчесто во работата на лекторите се мешаат книжевниците (некои од нив само со диплома од книжевност, други веќе афирмирани како писатели). Жалам што ќе им кажам дека и нивните авторски текстови имаат потреба од лектура, што значи не е само формална причината поради која немаат право да лекторираат.

    Знам и дека некои од нив беа казнети за лекторирање без сертификат. Книгава што ја спомнав е издание од 2007 година. Немам информација дали практиката да се прави „јазична редакција“ без лектура се применува се’ уште.

    ReplyDelete
  23. @Даниел Заборавив да прашам, што е бонусот за НЈПУ? :))

    ReplyDelete
  24. Околу јазичната редакција, баш сега проверив и тоа на следната книга од истата авторка, незнам како се викаше, сопругата ја чита, исто пишува јазична редакција а не лектура. А изданието е 2010.

    А за „летот 800“, фино стои
    Лектура: Тамара Арсовски
    Колку дотичната е лектор, незнам. Дали лекторите имаат некој регистар или здружение каде тоа може да се провери???
    Јас го барав оригиналот за да проверам за што всушност се работи, бидејќи реченицата од првиот пример ми нема никаква логика и не ја разбирам. Значи не граматички или лексички неточна, туку суштински погрешна. А другите примери, даваат погрешна информација за текот на самата приказна.
    На кратко, упропастена оригиналната книга и понатака продолжувам со српските преводи. А матица и онака без некој концепт објавува книги, ова е трета книга oд серијалот со Џон Кори, а единствена објавена од нив...

    Даниел

    ReplyDelete
  25. Не знам дали спомна некој, ама македонски јазик како предмет на факултет е доцна реакција. Логиката и навиките за правописот се создаваат во средно, па и во основно образование. Тоа што грешките се забележуваат најмногу во студентскиот период, не значи дека е резултат на моментален недостик на учење на правила, туку од целосно неостварено учење на правилата во минатото.

    ReplyDelete
  26. Еден човек не е стопан на јазикот та другите луѓе од него да купуваат право да го употребуваат за авторско или преведувачко пишување. Секој човек е сопственик на секој јазик.
    Како тогаш може било кој да му приговори дека пишува неправилно?
    Значи, секој може да биде автор и да преведува на секој јазик.
    А дали тоа кое го објавил ќе му биде купено и признато како вредност, тоа е негов проблем.
    Успех на лекторите е тоа што се наметнавте како сопственици на македонскиот јазик и без ваша верификација да не може да се објави ниту една книга на тој јазик.
    Ама, има капиџик за бегање од вас: јас во секоја моја книга со авторски текстови или преводи ќе нагласам дека е напишана на трафалмагорски јазик, иако сите ќе ме убедуваат дека го препознаваат како одличен македонски.
    Ај сега да ве видам :-)

    ReplyDelete
  27. "The day after tomorrow" e задутре, тоа би бил убав првод

    ReplyDelete
  28. Кој е "крив"? Според мене, покапитална грешка сте направиле со КРИВ(ВИНОВЕН).

    ReplyDelete