28.1.2011

Отиде во продавница, купувајќи млеко

сподели на пинг

Глаголскиот прилог во македонскиот јазик се образува од глаголи од несвршен вид и со додавање на суфиксот -јќи. Тој е нелична глаголска форма, што значи дека не може да се менува по лица и ја има истата форма за сите лица.


шета – шетајќи

пее – пеејќи

учи – учејќи


Забелешка: Не заборавај дека и ќ е буква/глас во македонската азбука, па примерите од типот шетајки, пеејки, учејки ќе бидат погрешно напишани зборови според правописот.


Глаголскиот прилог се прави исклучиво од несвршени глаголи, а секој обид да се направи од свршен глагол е нелогичен и неточен. Па, така примерите од типот прошетајќи, прочитајќи, видувајќи се неприфатени.

Негацијата со глаголскиот прилог се пишува разделено, но за тоа веќе пишувавме во еден од претходните постови.


Глаголскиот прилог се употребува за да покаже исто дејство, кое е паралелно и рамноправно на тоа во главната реченица.


Примери:

Шетав низ паркот и ја видов твојата пријателка.

Шетајќи низ паркот, ја видов твојата пријателка.

Читав книга и заспав.

Читајќи книга, заспав.

Марија слуша музика и си потпевнува.

Марија потпевнува, слушајќи музика.


Но, сепак, во практиката глаголскиот прилог е извор на многу правописни грешки, бидејќи не е форма што се употребува во секојдневниот говор, па луѓето често погрешно го применуваат кога сакаат да му дадат тежина на својот стил, т.е. да звучат посериозно, постручно или да се изразат на повисок стил. Грешките произлегуваат кога со глаголскиот прилог се предава дејство кое реално не е рамноправно со дејството од главната реченица. Најчесто таквите дејства се во причинско-последичен однос или се временски последователни.


Примери:

Задоцни на работа, успивајќи се.

Отиде во продавница, купувајќи млеко.


Треба:

Задоцни на работа, зашто се успа.

Отиде во продавница за да купи млеко.

Отиде во продавница и купи млеко.


Грешки се случуваат и кога дејството го вршат различни субјекти во примерите од типот:


Марија уживаше во прекрасниот ден и во синото небо, осветлувајќи го сонцето.


Во примерот напишан на ваков начин излегува дека Марија го осветлува небото, што реално не е така, бидејќи сонцето го прави тоа.

Примерот би требало да гласи:

Марија уживаше во прекрасниот ден и во синото небо, кое го осветлуваше сонцето.


Погрешна употреба на глаголскиот прилог има и во следниот пример:

Почетната цел на акцијата е да се спречи повторно собирање во паркот, отстранувајќи ги клупите од него.

да се спречи - безлично употребена пасивна форма

отстранувајќи - нејасно е кој го врши дејството


Примерот би требало да гласи:

Почетната цел на акцијата е да се спречи повторно собирање во паркот, со отстранување на клупите од него.

5 коментари:

  1. Гледам во монитор, читајќи го постов.
    Кој зборува вака? :))

    ОдговориИзбриши
  2. Марија уживаше во прекрасниот ден и во синото небо, кое го осветлуваше сонцето.

    Маја, и ова некако ми личи на грешно. Некако ми иде како небото да го осветлува сонцето.
    Да не подобро вака?

    Марија уживаше во прекрасниот ден и во синото небо, кое што беше осветлено од сонцето.
    или
    ..., кое што сонцето го осветлуваше.


    Додека сум тука да си прашам нешто. :)
    За да не бидам погрешно разбран (кога пишувам на форум) употребувам многу долги реченици кои што содржат објаснувања и дообјаснувања одвоени со запирки, како и делчиња ставени во загради како погоре. Реченицава еве е соодветен пример. :)
    Прашањето ми е дали има правило една проширена, ама стварно проширена, реченица колку запирки може да има?
    Кои правила да ги следам за да се изразувам со помалку зборови односно со пократки реченици?

    Однапред благодарен.
    VoniVaraS

    ОдговориИзбриши
  3. @VoniVaras Реченицата е сосема во ред и е во активна форма. Тој пример што ти си го дал е пасив. Нормално дека може и така.
    Што се однесува до твојот стил на пишување, можам да те советувам да употребуваш пократки реченици, зашто преку нив полесно се искажува мислата. Таа реченица што е долга, обиди се да ја скратиш на две или на три помали реченици. Запирките во реченицата точно се знае каде и кога се пишуваат. Не се пишуваат произволно, така што не можам да ти кажам колку запирки може да содржи една речницица.

    ОдговориИзбриши
  4. Марија потпевнува, слушајќи музика.

    На оваа реченица не и треба запирка. Мислам дека запирката треба да стои само кога глаголскиот прилог е напред.

    ОдговориИзбриши
  5. - Марија уживаше во прекрасниот ден и во синото небо, кое го осветлуваше сонцето. - навистина значи дека синото небо го осветлувало сонцето, што нема смисла.
    Затоа сметам дека најлогично би било: Марија уживаше во прекрасниот ден и во сонцето, кое го осветлуваше синото небо. (за да се зачува активната форма). Поздрав :)

    ОдговориИзбриши