31.1.2011

Болеста е суспектна за адултен пациент од вулнерабилна група

сподели на пинг

Понекогаш се случува токму вака, како во насловот, едвај да има некој македонски збор во реченицата во стручната медицинска литература. И уште на почетокот да расчистиме - немаме ништо против вистинската стручна терминологија, против латинизмите, па и против големиот број англизми што се неопходни за именување специфични поими, состојби и процеси. Тоа што не можеме да го сфатиме и што го сметаме неприфатливо е наметнувањето по секоја цена извештачени зборови, ни англиски ни македонски, или остатоци од старите српски учебници применети на обичните зборови што се среќаваат во која било област и во секојдневниот живот.


Ваквото расфрлање со мутирани англиско-македонски зборови непотребно го отежнува изразот што и онака веќе е сложен поради големиот број навистина потребни латински и други термини. И додека врз говорениот професионален жаргон тешко може да се влијае поради тоа што настанува и се практикува во директната говорна комуникација, недозволиво е прелевањето на овие „стручни изрази“ во литературата. Ако целта на еден (на секој) учебник е да биде помагало за студентите полесно да ја совладаат материјата, треба да се има предвид дека зборови како „адултен“ и „вулнерабилен“ никако не придонесуваат за тоа. На крајот на краиштата, заблуда е и дека пациентите повеќе ги ценат лекарите кога не разбираат ни збор од тоа што тие им кажуваат (демек ги сметаат за постручни (?!)). Разбирливоста е цел во секоја област.


Уште еднаш, користењето полумакедонски-полуанглиски зборови за поими што не се дел од стручната терминологија се најголемиот проблем на медицинската терминологија, кој истовремено е и најлесно решлив. Треба само стручните лица да решат да зборуваат македонски и да се одречат од привидно високиот стил што мислат дека произлегува (а не е така) од употреба на зборови како споменатите.


Наместо нив треба да се употреби:

суспектен > сомнителен

(некогаш и пациентот е „суспектен“, не само болеста)


Пример:

Болеста е суспектна...; или

Пациентот е суспектен за болеста...

Треба:

Постои сомнение/сомнеж за болеста... (кај пациентот)


секвела > продолжена епизода

(Сподели ако имаш подобар предлог)

прогредира/прогресира > напредува

(Дури и кога некој збор е прифатен во нашиот јазик (прогрес = напредок), не значи дека се можни и сите неприродни изведенки од него.)


адултен > возрасен

неонат > новороденче

вулнерабилен > ранлив

инсулт > повреда

рандомизирано истражување > истражување со случаен избор на испитаници (или други елементи)

(Во коментарите очекуваме уште вакви примери)



Друг проблем на медицинската терминологија (но не само нејзин, туку воопшто проблем на стручните терминологии) е мешањето и нижењето на странски и домашни суфикси, за што веќе зборувавме. На ова нема повторно да се навраќаме.



Посебно ќе ги изделиме неусогласените термини по форма. Една група се термини што на латински завршуваат на , а кои во различни современи јазици имаат форма со или без тоа . Најголемиот дел од нив во македонскиот јазик ја имаат формата без . Тоа значи дека:


лимфома > лимфом

саркома > сарком

меланома > меланом

катаракта > катаракт

(Иако по правопис и ова е без -а, поради масовната распространетост на терминот катаракта и речиси целосното отсуство на терминот катаракт, искрено, во моментов не сме сигурни дали можеби е потребна ревизија на наговото правописно пишување.)


Забелешка: Сличен проблем постои воопшто во јазикот, надвор од медицинската терминологија, па се среќаваат и метода, корниза и сл. Точните форми се метод и корниз. Наспроти споменатите термини што се прифатени во машки род, постојат и такви што се прифатени со суфиксот . Треба програма, а не програм; молекула, а не молекул. Проблем претставуваат поими и термини што се релативно непознати во општата употреба, кои не се регулирани со правописот и кои ги среќаваме во две форми: лиганд и лиганда. Лекторот нема механизам да го утврди точниот, па затоа треба конечно да се изработи речник на медицинска терминологија, кој ќе го работат заедно стручни медицински лица и јазичари. И откако ќе биде изработен таков речник, сите да се придржуваат до него.



Употребата на двојни форми во голема мера создава јазични проблеми. Дали е точна формата титер или титар? До неодамна бевме убедени дека постои само титар, бидејќи во говорената практика лекарите го употребуваат само тој термин. Но, во писмена форма, во некои стручни книги, може да налетате и на титер. Искрено, ние не би ја препознале оваа форма од прва. Дали можеби втората форма што се сретнува само во писмена варијанта е под влијание на катетер, кое така е утврдено со правописот? И пак, за да нема забуни, ни треба медицински терминолошки речник и усогласување на говорената и пишаната практика. Додека не биде утврдено поинаку, ние за валидна ја сметаме формата што е присутна во говорената практика - титар.


Други примери за неусогласени форми:

метаболен/метаболичен > метаболички

(Првата форма, метаболен, ја прецртуваме без двоумење како несоодветна на спецификите на нашиот јазик; и покрај двоумењето меѓу метаболичен и метаболички, сепак го избираме вториот, поради значењата што ги имаат двата зборообразувачки суфикси и значењето што се предава со овој термин).


Евстахиева туба или Евстахиева труба (освен неусогласеноста меѓу туба или труба, често се среќава и фонетска грешка, односно, србизмот Еустахиева, што е погрешно)

сецира > секцира

диазепам > дијазепам

лабиринтитис > лавиринтитис (во македонскиот јазик постои лавиринт, сите други фонетски варијанти не се прифатливи)

анеуризма > аневризам

хипернатриемија или хипернатремија

хипертиреоидизам или хипертироидизам



Во поглед на пишувањето слеано, одделено или со цртичка, постои вистинско шаренило во медицинската терминологија.


алфа-вирус

хепатовирус

херпес-вирус

полиовирус

хуман папилома-вирус

(И покрај широката распространетост на овој термин во оваа форма, се поставува прашањето дали папилома не треба всушност да биде папилом.)


Сите примери што се наведени погоре сме ги среќавале во сите три варијанти: алфа вирус, алфавирус и алфа-вирус. И повторно, во недостиг на терминолошки речник, се одлучуваме за форми што функционираат според јазичните правила што важат за општата нестручна лексика. Тоа значи дека слеано ќе се пишуваат формите чиј прв дел има форма на префикс (полиовирус, хепатовирус), бидејќи сите префикси се пишуваат слеано со основата. Формите чиј прв дел е збор што може да стои и самостојно се поврзуваат со цртичка (алфа-вирус, херпес-вирус, хуман папилома-вирус).



Како грешки што треба итно да се исфрлат од медицинската стручна литература се и некои нелогични зборовни поврзувања:


Пациентот е дијагностициран со мозочен удар.

Некои луѓе се асимптоматски.

Протеинската содржина е со нормално ниво.


Дијагностицирана може да биде само болеста, а пациентот може да има дијагноза, да му е поставена дијагноза. Луѓето не може да бидат ни симптоматски ни асимптоматски, таква може да биде само болеста, а луѓето може да имаат или да немаат симптоми. Одредена течност, материја или нешто друго може да содржи протеини, т.е. во својата содржина да вклучува и протеини, но нормално или зголемено ниво може да има количеството протеини или протеинското количество.


Примерите треба да гласат:

На пациентот му е поставена дијагноза мозочен удар.

Мозочен удар е дијагностициран кај пациентот.

Кај некои луѓе не се јавуваат симптоми.

Болеста е асимптоматска кај некои луѓе.

Протеинското количество/количеството протеини е со нормално ниво.

40 коментари:

  1. еутаназија или евтаназија?

    Инаку кај нас недостигаат речници од скоро сите стручни области, не само медицината а и тие едвај неколку што ги има не се баш за пофалба.

    ОдговориИзбриши
  2. Еутаназија. И траума, а не травма :).
    Точно е дека недостигаат. Планираме да се задржиме на терминологијата од барем уште неколку области. Добредојдени се и предлози :)

    ОдговориИзбриши
  3. е првпат слушам дека и травма постои!
    Ама барем сега сум си мирна дека сум била во право за еутаназијата.

    А ако можам некако да помогнам околу некоја терминологија, тука сум. Не сум стручно лице од некоја област, само еден напатен преведувач со недостиг на соодветни речници :)

    ОдговориИзбриши
  4. @Ana :) И тоа сум го среќавала во текстови, за жал :). За еутаназија/евтаназија - некои луѓе имаат потреба да го исфрлат У од секаде каде што може и не може. Искрено, не гледам зошто.
    За помош, слободно, со примери, коментари, сугестии. Може ќе успееме да придвижиме некои работи. Поздџрав :)

    ОдговориИзбриши
  5. Никако не можам да прифатам дека кај нас е правилна употребата - катаракт! Зошто тогаш да не е егзем, туку е егзема?! Кај „травматологија- травма“ мислам дека станува збор за аналогизам со „неврологија - неврон“. Како и да е, се согласувам дека ни се неопходни речници за да не талкаме и да не бидеме принудени самите да изведуваме зборови! Исто така, неопходно е да се воведат и народни зборови за медицинските термини. Така преведувачите од други јазици нема да мораат да студираат медицина за да можат да ги преведат (копривњача, темељача, знојнице...) Среќа што го имаме „старечкото перде“ за „катаракта“! Поздрав!

    ОдговориИзбриши
  6. Тоа што мене ми сметало е кога ќе тропнат „процесуира“ за „процесира“ т.е. изворно обработува и на забелешката дека не треба у одговараат „има различно значење“, а всушност и на двете значењето е обработува.

    Ова егоглупистичко однесување само го отежнува разбирањето помеѓу луѓето, освен кога целта е навистина да се прикрие сопственото незнаење со квазистручни поими, за што за жал, не знам дали има лек и кој е.

    ОдговориИзбриши
  7. „Лекторот нема механизам да го утврди точниот, па затоа треба конечно да се изработи речник на медицинска терминологија, кој ќе го работат заедно стручни медицински лица и јазичари. И откако ќе биде изработен таков речник, сите да се придржуваат до него“.

    Добра ти е идејата Бисерке, ама ти ептен отиде далеку. Дај да направиме нешто да се спроведува Законот за македонскиот јазик, зарем некој сега се грижи за тој речник со медицински изрази! А да не почнам да зборувам за медицинскиот персонал, колку па тие се грижат за нашето здравје - толку се грижат и за правописот, ако ме разбираш што сакам да ти кажам. Ти мислиш на медицинскиот речник, а никој не помисли за 80 отсто од лекторите што седат дома. Здравството ни е во „фрка“, и верувај ми дека на болниот правописот му е последното нешто на кое тој внимава и се грижи - кај нас ова што го велиш ти е апстрактно, јас го поздравувам, но толку многу работи треба да се направат пред да се направи тој речник. Во државава имаме околу 300 лектори, кои се моментно овластени да ја вршат таа дејност - кои би можеле да бидат ангажирани. Кога тие лектори, во согласност со одредбите од Законот за македонскиот јазик, би можеле да бидат ангажирани да ја вршат својата дејност, е тогаш ќе можеме да лекторираме стручни речници и да дојдеме до тоа ниво. Доколку се спроведува Законот, мислам дека сите лектори во Македонија би имале работа, во тоа сум длабоко убеден.

    Тоа што го велиш ти е супер, но не е приоритет, земи го примерот со проектот „Скопје 2014“ - Скопје ќе стане метропола - убави споменици, странецот кога ќе дојде и ќе се „утепа“ од сликање, ќе има што да се види, но ќе го види и сметот на улиците, ќе ги види и неисчистените улици, ќе ги види „циганчињата“ како просат на улиците, ќе ја види лошата инфраструктура. Знаеш, ко да требало нешто попрво да се заврши (за да се напиеш вода прво треба да ја измиеш чашата, па потоа да се напиеш, а не да се напиеш, па да му ја мислиш дали чашата била валкана или не), а самиот проект и речникот никој не ги спори.

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  8. @Bojan Не ми е толку битно како зборуваат меѓу себе лекарите, туку за стручната литература што се објавува. Здравството е посебен проблем што е надвор од нашиот домен. За тоа друг нека пишува и нека дејствува.
    И не се согласувам дека една по една треба да се решаваат работите. Способни сме, мислам, за повеќе проекти одеднаш, има доволно стручни лица и треба да им се даде можност.
    Законот секако е приоритет, но не значи дека за се’ друго треба да молчиме додека не почне тој да се спроведува.
    Патем, ова е прв од серија постови за терминологијата во различни области. Нема да останеме само на медицинската :) Слободно вклучи се. Бидејќи си лектор, напиши нешто ако имаш желба, ќе ти го објавиме како гостински пост :)

    ОдговориИзбриши
  9. Ти благодарам за поканата. Доколку имам повеќе време со задоволство нешто би објавил. Те молам немој да ме разбереш погрешно за мојата „мала статија“. Нормално дека секој си има свое мислење за работите и јас тоа го прифаќам дека е така. Ако ти мислиш дека работите не треба да се решаваат една по една - тоа е во ред. Јас мислам дека треба да се почне со самата примена на законот, па потоа се' останато - во ред, речникот ќе се направи, ќе се излекторира - и што понатаму? Јас би рекол - ТРЕБА ДА СЕ АНГАЖИРА ЛЕКТОР, А НЕ ДА СЕ АНГАЖИРА РЕЧНИКОТ, ние речникот ќе го направиме - а што па со лекторите понатаму? Ниту лекторите ќе бидат вработени ниту ќе се подобри самата ситуација околу оваа проблематика. Проблемот е суштински, а не субјективен (за речникот е лесно, дај да видиме што ќе правиме со овие 300 лектори што чекаат работа, дај Боже да има работа за сите, дај Боже да се прават 100 речници, каде што ќе бидат ангажирани сите). Но јас не зборував за здравството, туку за некои други приоритетни работи што би требало да се спроведат. Јас ќе напоменам уште еднаш - речникот е одлична идеја (инаку има и речник со IT-термини, кој е исто така многу корисен, а и излекториран е, ти го препорачувам да го погледнеш на www.mio.gov.mk , мислам дека е добар и е многу корисен), но многу ми смета тоа што на лекторите им нудат лекторирање на страница за 10 денари (ко да сме ние социјала, па работава е „тејк ит ор лив ит“, или ко што ме праша еден познаник: „Шо бе, факултет треба да завршиш за да бидеш лектор!?, АР ЈУ КИДИНГ МИ?“

    Зборот ми беше - знаеш каква е ситуацијата со самата примена на македонскиот јазик. Кога ќе почне да се применува Законот за македонски јазик, тогаш јас би бил пресреќен. Би имало работа за сите. А во меѓувреме нека се печатат речниците. Туку дај да видиме кои луѓе ќе работат на речникот и колку ќе биде хонорарот за тоа :)

    Поздрав!

    ОдговориИзбриши
  10. @Бојан Цената е проблем сам по себе. Но, тоа нема да се реши се’ додека општиот стандард е таков каков што е. Кога не би имало армија невработени лектори и кога на луѓето не би им било неопходно да прифатат „пошто-зашто“ да работат заради сопствената егзистенција/подобри услови, цената би пораснала. Исто е во сите бранши. Не можеш да му замериш некому што работи за ситни пари - сигурно не би го правел тоа ако има избор :)
    И да, во право си, ако се вработуваат лектори секаде каде што е пропишано со Законот, ќе има повеќе работа за сите и повисоки цени.
    За поимникот на МИО - имам што конкретно да кажам на таа тема, ама во некој од следните постови.

    ОдговориИзбриши
  11. Единствениот речник за медицински поими што го знам е овој http://www.tabernakul.com.mk/artikal.asp?ID=83

    Го имам користено одамна, ама не се сеќавам каков беше, а скапичок ми е да го купам сега :)

    Пред некое време имаше оглас за медицински преводи - во огласот се бараа ДОКТОРИ И ФАРМАЦЕВТИ што имаат слободно време да преведуваат?! Треба нормално да бидат консултирани или да работат заедно со преведувачи и на крај лектори, ама никако да им се остави самите да преведуваат!
    Тука сме за никаде, значи, мешаме баби и жаби.

    ОдговориИзбриши
  12. @Vich Не сум чула за овој и не знам колку е корисен, во смисла на обем и квалитет. Ако потрепоставиме дека е добар, е тогаш навистина не ми е јасно како успеваат да бидат толку неусогласени стручните медицински книги :(

    ОдговориИзбриши
  13. Инсулт(ако се мисли на insult) е навреда а на повреда.

    ОдговориИзбриши
  14. Често го среќавам во значење повреда, не толку во физичка смисла туку што и да е што му нанесува штета на организмот. Веројатно некој постручен ќе даде и подобар превод. Во секој случај, во медицинскиве контексти не станува збор за навреда

    ОдговориИзбриши
  15. Лекари и фармацевти што имаат слобода да преведуваат?! Значи преведувањето се сведува на хоби во слободно време или?
    Но не ме чуди...минатата година имаше еден проект со стручна тематика (машини и сл.) и личноста, нема да ја именувам сега, бараше исклучиво луѓе од електро или машински факултет, бидејќи нели, тие се разбираат од тематиката. А дали сега тие луѓе имаат познавања од граматика, синтакса, морфологија, ма што е важно тоа, важно е термините да ги погодат. Но за жал, и стручните деца од гореспоментатите факултети мака мачеа со термините и за повеќето немаа соодветен превод.
    И не само на овој превод, денес преведуваат сите, освен оние што навистина треба. Гледам кој преведува за нашиве телевизии, кој ни ги преведува книгите, да не зборувам за лудите рокови што се наложуваат и смешната сума на пари. Жално...

    А за поимникот на МИО...прашајте стручни IT лица...се смеат на добар дел од преводите.

    ОдговориИзбриши
  16. *слобода = слободно време :)

    ОдговориИзбриши
  17. Ова често го сретнувам...именката телевизија нема множина.Значи ако сакате да направите множина ќе биде телевизиски куќи а не телевизии. Слично, нема бензини, елити, политики...

    ОдговориИзбриши
  18. Нема никаква причина зошто телевизија не би имала множина, ни формална, ни правописна... никаква. Молам да не се шират дезинформации, особено не без потпис

    ОдговориИзбриши
  19. Телевизија спаѓа во редот на апстрактните именки кои се употребуваат само во еднина, слично со радио.Радија како радио апарати, но само радио како медиум. Кога сте чуле на нашите радија?

    ОдговориИзбриши
  20. Едно од значењата на „телевизија“ е тип електронски медиум, како што се други типови медиум радио, списание, весник итн. Секако дека овие зборови имаат множински форми - телевизии, радија, весници, списанија.
    На пр. Во Македонија има 5 телевизии.
    Во апстрактното значење „зрачење во етер“ и да сака некој не може да употреби множина.
    Така што уште еднаш молам без дезинформации.

    ОдговориИзбриши
  21. артефициелен/артифициелен > вештачки

    ОдговориИзбриши
  22. Сега и јас го забележав ова инсулт - да, тоа во превод би било навреда, а не повреда. Повреда би било injury или нешто слично. Тука преводот и не е најсоодветен, но ја разбираме пораката на лекторката! :)

    Бојан, лектор по македонски јазик

    ОдговориИзбриши
  23. Околу телевизија.Сетете се кога првпат сте чуле телевизии, убеден сум дека оваа множина е од понов датум.ЈРТ беше составена од осум ТВ-куќи а не телевизии. По осамостојувањето на Македонија се отворија многу ТВ-канали а не телевизии.
    Множинска форма за радио, весник, списание да, но затоа што се работи за материјални, опипливи нешта. Апстрактните поими радио, телевизија, печат немаат множина. Телевизиски куќи, телевизиски канали а не телевизии.

    ОдговориИзбриши
  24. Insult како медицински поим означува телесна повреда. Преводот е соодветен.

    Викторија,
    преведувач

    ОдговориИзбриши
  25. Телевизија
    1. Систем за репродуцирање подвижни слики во форма на електрични сигнали.
    2. Телевизиски програми и нивната содржина.
    3. Претпријатие за емитување телевизиска програма.

    Оттука, според третото објаснување, постојат и телевизии.

    Дај не го осакатувајте јазикот, има многу поважни проблеми на коишто треба да се посвети време.

    ОдговориИзбриши
  26. Поздрав до авторките на блогот! Секоја чест за времето што го одвојувате и за темите што ги постувате. Се согласувам дека множинската форма телевизии не е спорна во нашиот јазик, исто така и дека insult во конкретниот пример е со значење на повреда, но мене ме збунува траума наспрема ревма... Тоа ме и нелогичност во нашиот јазик, бидејќи и двата медицински термина се со грчко потекло, и во оригинал се читаат ревма/травма! Кај нас, доколку во употреба е траума, тогаш аналогно би требало да се употребува и реума, а не ревма! На тој начин би се униформирало правилото и не би се случувале грешки.
    Поздрав, и продолжете и во иднина да работите на вашиот блог!
    Бојана

    ОдговориИзбриши
  27. Минатата година, лекторирав книга напишана од професорка по медицина. За цело време укажував дека не може да се пишуваат така зборовите, а таа не прифаќаше мои забелешки затоа што „студентите и колегите нема да го разберат тој јазик и мора да биде како што јас сум напишала. Јас предавам така 40 години и сите ме разбираат“.
    И сега лекторот е крив!Не ги коригирал медицинските термини како што треба!
    Ете тука е нашиот проблем. Ако имаме речник на медицински зборови, како што се предлага погоре, ќе имаме на што да се повикаме.
    Зорица

    ОдговориИзбриши
  28. @Зорица Поддршка за лекторите да не отстапуваат пред притисоците од типот „ние си викаме така“ и да не дозволуваат името да им стои на материјал што не го одобриле.
    Инаку, @Vich погоре напиша дека веќе имало некој медицински речник,ама изгледа поголеми проблеми се суетата да се прифати дека можеби и докторот на науки што предава 30 години не е секогаш во право и непризнавањето на стручноста на лекторите. За мене е навредливо таквото објаснување - јас сум доктор на науки. Да, но на друга област. А јас сум стручњак за јазик. Па или да најдеме заеднички јазик или мојот потпис нема да стои на таа книга. Е тука доаѓа јазичната инспекција, која по закон може и да заплени нелекторирани книги и да го казни авторот.
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  29. ТВ-канал е фрекфенција што ја гледате на одредена телевизија, односно телевизиска куќа. Една телевизиска куќа има може да има повеќе канали: МТВ, МТВ2, МТВ3 - НЕ МЕШАЈТЕ БАБИ И ЖАБИ. Тука веќе има една грешка - значи кога ќе кажеш „на која телевизија?“ се мисли на која телевизиска куќа - тоа не подразбира на кој тв-канал е програмата! Значи ако кажеш дека е на Eurosport, ништо не си кажал - имаш Eurosport 1 и Eurosport 2.

    @Vich ... Insult не може да биде медицински поим? Insult како збор се употребува во неколку термонологии, па дури и во медицинската! Доколку ти не знаеш дека се работи за медицинска терминологија, како ќе знаеш дали се работи за повреда или за навреда? Има голема разлика нели? И јас сум преведувач, па знам кој збор во која пригода како да се преведе...


    Бојан, лектор по македонски јазик и преведувач

    ОдговориИзбриши
  30. И што е проблемот, Бојан?

    Прво напиша дека insult значи навреда, а дека повреда било injury, после велиш ако си го знаел контекстот ќе си го знаел и преводот.

    Јас само истакнав дека зборот во медицинската терминологија се употребува, во најширока смисла, како повреда на телото.

    Па нормало дека се' зависи од контекстот, тоа се подразбира.

    Многу ти се несредени мислите, не знам што ти е поентата, да се натпреваруваме кој повеќе знае? Ако не знам нешто, јас си кажувам, не нагаѓам.

    ОдговориИзбриши
  31. @Vich, само сакав да напоменам дека insult не мора да значи дека може да биде преведен како повреда, секако дека може да биде и навреда. Значи во зависност од смислата на реченицата и темата на самиот текст, самата ќе знаеш за што се работи. Нема тука никаков проблем. Значи, многу добро знам што зборувам, и јас не напаѓам како што напаѓаш ти. Не знам дали се работи за его или за нешто друго. Преведувачи, кога веќе знаат дека се работи за некаква повреда на некој дел од телото, попрво би напишале injury, отколку INSULT; и јас сум преведувач и понекогаш се чудам за некои преводи (каков што е овој случај), иако тие се точни. Со други зборови - тебе кога некој ќе ти спомне INSULT на што помислуваш прво? На физичка повреда на телото или на некоја вербална навреда? Еве ќе се обложам дека ќе помислиш на второто. Затоа и забележав. Еве јас се извинувам - точен е преводот, но повеќето од нас преведувачите не би помислиле дека insult e стручен медицински назив за телесна повреда - со мене работат 5 преведувачи - ги прашав: кога некој ќе ви каже insult на што ве асоцира тоа? во превод? Сите одговорија на вербален напад. Никој не одговори дека тоа се работи за телесна повреда. Е, мислам дека сега ќе ме разбереш поубаво.

    Кога ќе кажеш injury, се знае за што се работи, но кога ќе кажеш insult, тој збор има неколку значења, па да нема забуни затоа и искоментирав дека можеби посоодветен превод тука би бил зборот injury, а не insult.

    Не сакам со никого да се натпреварувам, бидејќи не ја гледам целта на тоа, а посебно не со тебе. Нема причина за тоа.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  32. Ми го зеде зборот за егото.
    Не те напаѓам воопшто, само имаше два спротивни кометара, затоа и го напишав тоа што го напишав.

    Нормално дека првото значење на insult е навреда, не зборуваме воопшто за тоа, тоа е јасно.
    Зборуваме за зборот во медицински контекст.

    Не може тука посоодветен превод да е injury затоа што тој збор воопшто не се споменува, туку постот ги објаснува несоодветно употребените латински или англиски изрази - во случајов инсулт- којшто не може да се преведе како injury (нема ни смисла реченицава, ете затоа велам дека ти се несредени мислите).

    Значи се согласуваме дека insult има повеќе значења, меѓу кои и ова медицинсково, повреда. Тоа е битното.

    Ми текна сега на изразон (иако нема врска со ова)
    Don't add insult to injury :)
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  33. @Vich ke te citiram: во случајов инсулт- којшто не може да се преведе како injury, pa neli medicinski insult e povreda, a injury sto e...? Razberi deka tie dva zbora se sinonimi... znachi i ti ne znaes sto zboruvas! I dosta veke polemiziranje... mrazam vakvi glupavi diskusii..,.


    Pozdrav ! Bravo za lektorkite za blogot...

    ОдговориИзбриши
  34. Ах, Данчо. Читаш ли во заграда?
    Објаснувам што кажал Бојан. Ако не разбираш до крај, не се вмешувај.
    Фала што ми кажа дека се синоними, ме просветли.

    ОдговориИзбриши
  35. Znachi, da zakluchime, pogore ne znaese sto zboruvas. Bojan ti objasnuval, pa sakav i jas da ti doobjasnam bidejki gledam deka ne sfakas so saka da kaze coekot... Vikas: insult - kojsto ne moze da se prevede ko injury... hahahaha pa toa e edna od najglupavite recenici sto u zivotov gi imam procitano. Ako si preveduvac... pojma nemas.. ako si lektor pa uste poveke vrska nemas, a ako ne si lektor...jas ne znam sto majka komentiras koga ne si kompetentna toa da go pravis.

    I sram da ti e... drska si i se pravis deka se znaes... e od takvi mi se gadi! ajde pozz

    ОдговориИзбриши
  36. Бог да чува и да брани - гледаш дека во заграда напишав дека РЕЧЕНИЦАВА „инсулт- којшто не може да се преведе како injury“ велам ДЕКА НЕМА СМИСЛА... Прекомплицирано е за тебе ова!

    Ај жити се препрочирај го цел пасус и сфати веќе еднаш.

    Да, компетентна сум и преведувач сум, и знам дека insult значи повреда во медицинска смисла, а Бојан тоа не го знаеше, и ја испреврти малку дебатата, затоа реагирав.

    Толку од мене, не го заслужи ни ова објаснување.

    И дрска сум со такви како тебе, што не дочитуваат, а коментираат. Не знам се', туку го потенцирав баш спротивното.
    Тебе не ти е местото тука очигледно, не можеш да се потрудиш ни на кирилица да коментираш.

    Драги гледачи,
    крај на дебатата

    ОдговориИзбриши
  37. Кога сме веќе кај вработување на лекторите, па знаете само колку нестручни лица се претставуваат како лектори и лекторираат текстови? Затоа и цената е потценувачка и ниска. Кога и се обратив на една моја колешка којашто три пати паѓаше на лекторскиот испит, како може да лекторира кога нема положен испит знаете што ми одговори? Дека пишува дека правела јазична редакција ??? А за јазичната инспекција- кажете колку луѓе се казнети досега? И каква гаранција имаме дека некој на кого му е потребна лектура нема да отвори која било книга и да го потпише името на лекторот од таа книга?
    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  38. Хаха, ако мисли на уреднички корекции, тоа не исклучва лектор. По уредничките корекции, лектор треба да го види текстот.
    За потпишувањето без дозвола, тоа е класична злоупотреба, кривично дело или како таму се нарекува со правна терминологија. Не верувам дека некој би се дрзнал да направи такво нешто. Од друга страна, знам дека има лектори што доброволно прифаќаат пари и си го ставаат потписот на книга без да ја погледнат, зашто на авторот му се брза. Е тоа не можам да го сварам.
    За казните - имаше неколкумина, мислам дури и познати книжевници што беа казнети зашто лекторирале без да имаат дури и Македонски јазик завршено, а да не зборуваме за лектроски испит. Тоа беше, мислам, приближно во периодот на последните измени на Законот за македонски јазик. За жал, кај нас сите закони се спроведуваат само три дена по донесувањето :/
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  39. Што слатко си се изнасмеав за дебатава.


    Бојан

    ОдговориИзбриши
  40. До Vich,
    Според третото објаснување можеме да заклучиме дека постојат претпријатија за емитување на телевизиски програми.
    До останатите.
    Сите оние кои тврдат дека телевизија има множина ги предизвикувам да ми покажат напис во весник постар од 10 години каде е употребено телевизии(или барем обидете се да се сетите). Апстрактните именки во најголемиот број случаи немаат множина, значи кога во весниците пишуваат за елити,политики,телевизии грешат.Исто така ќе сретнете бензини, дроги а во вчерашниот „Дневник“ пишуваа за паники! Што е следно, дневни печати?

    ОдговориИзбриши