03.2.2011

Глукозаеденфосфатурилдитрансфераза

сподели на пинг

Го прочита насловот? Искрено, и нам тешко ни оди. Претпоставуваме дека уште помалку го разбра, освен ако не си хемичар (а можеби ни тогаш). Сепак, според Правописот на македонскиот јазик, тој е напишан точно.

Правилото вели дека сложените хемиски соединенија треба да се пишуваат слеано. Нема да навлегуваме од каде и како произлегло правилото, но ќе потсетиме дека постојат многу типови хемиски соединенија. Некои од нив имаат навистина сложени називи, составени од по пет-шест компоненти.


Повеќето стручњаци од областа на хемијата, па и повеќето лектори, ќе се согласат дека нешто чкрипи во примената на ова правило - просечниот зборувач има проблем да ги регистрира, а потоа и да ги изговори овие километарски зборови, како што се: аланинаминотрансфераза, алфакетоглутарат или калциумхипохлорит. За селективна примена на правилото не сме во никој случај, па затоа не го поддржуваме ниту слеаното пишување на соединенијата со само две компоненти, на пример, натриумхлорид, сребројодид.


Горните примери ќе изгледаат многу почитливо и поразбирливо во следната форма:

глукоза 1-фосфат урил-2-трансфераза

аланин аминотрансфераза

алфа-кетоглутарат

калциум хипохлорит

натриум хлорид

сребро јодид


Во продолжение ќе се обидеме да го образложиме ваквото решение и да поставиме рамка според која во иднина би можело да се коригира сегашното правило, кое не кореспондира со реалната практика.



# Компонентите, кои според општите јазични правила, имаат форма на префикс, да се пишуваат слеано, како што впрочем е случајот со сите префикси. Такви компоненти се амино-, кето-, фосфо-... Затоа слеано ќе се пишуваат аминокиселина, аминотрансфераза, кетоглутарат, фосфосулфат, фосфоаденозин...


# Кога името на соединението содржи бројка, наша препорака е таа да биде напишана со цифра, која со следната компонента ќе биде поврзана со цртичка. Доколку претходната компонента е префикс, бројката и со неа ќе биде поврзана со цртичка.


глукоза 1-фосфат урил-2-трансфераза

3-фосфоаденозин 5-фосфосулфат

пентан 2-амин


Доколку, сепак, решиш бројката да ја напишеш со цифри, важи истото правило за поврзување со цртичка.


три-фосфоаденозин пет-фосфосулфат

пентан два-амин


Со цртичка уште ќе се поврзуваат компоненти што се означени со по една буква, сеедно од која азбука (алфа-, бета-, А-, Б-...), како што е случајот со алфа-кетоглутарат.


# Одделено напишани ќе стојат компонентите што можат да стојат како посебни зборови. Во претходните примери такви се глукоза, аланин, калциум, натриум, хлорид, сребро, јодид, фосфат...


# Посебно ќе изделиме уште една појава што им го привлекува вниманието на лекторите. Во некои примери има мешање на мали и големи букви во скратеница. На пример, во иРНК (информациска рибонуклеинска киселина) предлагаме „и“да биде одвоено од РНК со цртичка, и-РНК.


Освен нерешените правописни правила, и хемиската, односно биохемиската терминологија има проблем со неусогласени форми. Нешто веќе споменавме претходно, а овде ќе издвоиме уште еден пример што често се среќава. Имаме проблем со термините нуклеарен наспрема нуклеински и нуклеусен. Очекуваме некој стручен да се вклучи во дискусијата и да дообјасни, па конечно да разграничиме некои работи. Која е разликата меѓу овие термини? И кој од следните примери е точен:


центронуклеарен - центронуклеусен - центронуклеински

мононуклеарен - мононуклеусен - мононуклеински

полиморфонуклеарен - полиморфонуклеусен - полиморфонуклеински

11 коментар:

  1. Добар прилог Маја!

    За се' се согласувам, бидејќи така налагаат и правописните правила - нормално!

    Меѓутоа, не сум сигурен за овие последниве примери што ги наведе т.е. ќе пробам во меѓувреме малку да истражувам и да ги објасниме термините нуклеарен, нуклеински и нуклеусен.

    Поздрав!

    Бојан, лектор по македонски јазик и преведувач

    ОдговориИзбриши
  2. Според мене, најточно ми звучат: центронуклеарен, мононуклеарен, полиморфонуклеарен. Барем така се користат сега.
    „Нуклеински“ се користи за „нуклеински киселини“.

    Инаку сакам да ве прашам, дали антитело и антигени мора да се преведуваат во противтело и противгени? Мислам дали може да се остават со анти?

    И уште едно прашање, кај протеините постојат примарна, секундарна, квартерна и терциерна структура. Дали на македонски треба да се преведат во првична, вторична, третична и четвртична структура? Мислам дека е безсмислено да се преведуваат на тој начин.

    Студент од оваа област

    ОдговориИзбриши
  3. @Студент :) А мене па токму тие ми се најсомнителни :) Би било добро ако можеш да ни ја објасниш разликата меѓу нуклеарен и нуклеусен (еве нуклеински да го оставиме настрана, како термин со соецифична употреба - макар што мислам дека сите се различни форми од други јазици, кои кај нас се сведуваат на зборот „јадрен“, што се однесува на јадро; но бидејќи е навлезено во употреба го оставам настрана).
    Нуклеарен, како форма, претставува преземање на англиското nuclear, што значи токму тоа што веќе го спомнав - нешто што се однесува на јадро. Оваа на македонски се употребува, во контекст на атомско јадро, па имаме нуклеарна физика, нуклеарна реакција итн. Прашањето е - дали овие хемиски и биохемиски поими се однесуваат на истото (атомско јадро) или на некакво друго јадро. Моите скромни познавања од оваа област ми велат дека станува збор за други јадра. И ако е така, сметам дека треба да се разграничат термините (како што нуклеински е веќе разграничен) и да се употребуваат формите со нуклеусен - од нуклеус = јадро во најопшта смисла (настрана од англиската придавска форма nuclear). Ако погрешно ги толкувам работите, чекам објаснување, ама не од типот „мене ми звучи“, туку со факти :)
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  4. центронуклеарен и полиморфонуклеарен се однесуваат на јадро на клетка.

    мононуклеарен, во таква форма, немам сретнато. Тоа би значело клетка со едно јадро, што многу лесно би се превело (а и така се користи) еднојадрена клетка.

    Полиморфонуклеари се вид на леукоцити, и и тука нуклеари се користи во функција на јадрото на клетката. Тоа им е тривијално име и не може да се расчленува и де са преведува, туку како таков се користи.

    ОдговориИзбриши
  5. Ако може едно прашање надвор од темата...
    Како се пишува:

    1) Национален парк Галичица
    2) национален парк Галичица

    3) Национален парк „Галичица“
    4) национален парк „Галичица“ или

    5) „Национален парк Галичица“? :)

    Го среќавам во сите варијанти, а колку што можев да разберам од Правописот, втората варијанта би требало да е точна?

    ОдговориИзбриши
  6. Во консултации со професорка по хемија,барав да ми каже кој термин е правилен, но наидов на страшни критики за блогов, а во врска со конкретниов прилог погоре. Ми објасни дека „постои номенклатура и терминологија за органски и неоргански соединенија т.е. системски називи на соединенија. Само хемичарот е компетентен да прави поправки на вакви термини. Вие како лектори, ќе биде подобро да не се впуштате, зошто сигурно ќе погрешите“.
    Зорица

    ОдговориИзбриши
  7. @Zorica Реално, така и би требало да биде. Но...
    многу често материјалите што ги добиваме за лектура се во очајна состојба, дури и откако наводно ги поминал стручен читач). Така што подобро би било, наместо да скокаат во стилот „не се мешајте“, да соработуваат со јазичарите. Номенклатура постои, останува уште да се применува. Се’ уште среќавам еден ист поим во три различни варијанти во стручна литература... Нека се договорат конечно дали е исправно јаглехидрати, јаглени хидрати или јагленохидрати (ова е само пример, куп вакви неусогласени има).
    Всушност, просфесорката изгледа не ја сфатила поентата на постов - критиката е за постоечкиот правопис, а не за хемичарите. Од хемичарите се бара само соработка...

    ОдговориИзбриши
  8. За ЈАГЛЕХИДРАТИ сум сигурна дека е точно и потврдено од хемичар и се пишува заедно, но никако јагленохидратати.
    Потоа, точно е јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, јаглеводород.
    Поздрав,
    Зорица

    ОдговориИзбриши
  9. @Зорица Да, но муабетот ми беше дека се среќаваат сите три во материјалите. Затоа се потребни лектори и затоа е потребно некои работи утврдени со номенклатурата да бидат потврдени и со правописот :)

    ОдговориИзбриши
  10. @Anonymous - за прашањето надвор од темата, да, второто е точно. Галичица е географски поим, не треба да е во наводници. Национален би било големо само на почеток на реченица или на табла (сообраќаен знак)бидејќи нема друг збор пред него

    @Студент - сега гледам дека не сме одговориле за натиген и антитело - не треба да се преведуваат

    ОдговориИзбриши