07.2.2011

„Џиџе“ за една употреба

сподели на пинг
Информатичката терминологија е особено специфична, бидејќи поимите што ги вклучува најчесто се однесуваат на предмети создадени во поразвиените земји. Оттаму и целата терминологија речиси без исклучок е со туѓо потекло.

Во таква ситуација, постојат три можности. Од една страна, постои опасност непотребно да го преоптовариме изразот со странцизми (главно англизми), а од друга - да забегаме во пуризам, што никогаш не било и не е цел на македонистите (една од јазичните шеги што се последица на јазичниот пуризам типичен, на пример, за хрватскиот јазик вели дека кочијаш на хрватски се вика високо седајуќи у реп гледајуќи господин; не ни е потребен ваков или сличен „луксуз“). Третата можност е таа кон која тежнееме - соодветно и избалансирано приспособување на термините во функција на разбирливоста.

Поимникот на зборови од информатичката технологија на Министерството за информатичко општество би требало да понуди решение за стандардизирање на оваа терминологија. Наместо тоа, дава аргумент зошто не е сеедно кој прави речници и со дел од решенијата создава забуна кај корисниците. ИТ-стручњаците имаат доста забелешки на сметка на овој поимник, но бидејќи ние не сме стручни за областа, ќе оставиме тие да си ги кажат забелешките од својот аспект во коментарите. Ние ќе се задржиме главно на јазичниот аспект.


Речник по чија употреба ти треба друг речник не е многу од корист. А за да се изработи речник (каков било), најпрво е потребно да се изработи методологија, т.е. правилник (најпросто кажано) според кој ќе се обработуваат поимите што се вклучени. Тоа што прво паѓа во очи е дека поимникот на МИО нема методологија - нема критериум при изборот на зборови, па вклучени се дури и сосема неутрални, кои не се дел од ИТ-терминологијата:

clock = часовник
rule = правило
task = задача
user = корисник


Потоа, зборовите што се вклучени не се толкувани на ист начин - некои се преведени (folder = папка, desktop = работна површина), а некои се описно објаснети (online = вклучен на линија, offline = исклучен од линија). Принципот на толкување во еден речник треба да биде ист, одреден со методологијата Во спротивно се создава забуна - дали авторите сакаат да ни кажат да употребуваме исклучен од линија и вклучен на линија? Или само објаснуваат што значат термините? Ако сепак првото им е целта, тогаш длабоко загазуваат во пуризам што е тешко прифатлив и за јазичарите и за зборувачите. Едноставно овие зборови треба да се прифатат како неологизми.


Токму тоа, неологизам, е и зборот гаџет, кој можеби е најсмешното решение во овој поимник. Според МИО, гаџет треба да се именува со џиџе, збор кој инаку потекнува од детскиот говор и значи симпатична (привлечна, шарена, светкава...) дреболија, од каде што е пренесен и во разговорниот јазик. Со овој поимник тој се официјализира на ниво на стручен термин (апсурд!). Второто објаснување што стои кај гаџет е украсен уред или украсна програма. Зборува ли некој вака? „Кое џиџе (украсен уред) за слушање мп3 е најдобро?“. Нас тоа многу нѐ потсетува на господинот што седи високо од вториот пасус. Од друга страна, гаџет, напишано вака, кирилично, многу јасно и прецизно кажува за каков тип уред станува збор (никој нема да помисли дека зборуваш за бела техника, ако кажеш гаџет). За многумина, тој збор веќе не е ни неологизам, а општо за просечниот зборувач ќе стане сосема вообичаен (како што е денес компјутер) за многу кратко време. Па, да не си ги кршиме јазиците непотребно...


Други примери за зборови што се насилно преведени (пак ќе прашаме: кој зборува вака?!):

provider = испорачувач (на кој интернет-испорачувач си?)
laptop = пренослив компјутер (да, синоним, не и замена)
аccessibility wizard = волшебник за пристап
character spacing = меѓузнаковно растојание
server = опслужувач (додуша стои и сервер како опција)
check box = поле за избор (тоа е всушност квадратчето што го означувате за да изберете некоја опција)
wallpaper = тапет (во некои контексти ги викаме постери, а во ИТ обично се однесуваат на заднина за десктоп или нешто слично)
question mark = знакот прашалник (тоа што на англиски е question mark кај нас е само прашалник, нема потреба од знакот)
tile image = сликоред (а што е пак ова?)
authentication = автентикација (или подобро докажување, проверка, потврда на автентичноста)
grayscale = сиво (да не беше ова ознака за црно-белиот спектар?)
gutter = белина за подврзување (или за да разберат сите - маргина)
restart = престартување (досега го рестартиравме компјутерот, отсега ќе го престартуваме (?!); патем и во решението на МИО е употребен зборот старт во коренот)


Други недоследности и непрецизни решенија:

ampersand = знак за сврзникот „&“ (сврзникот е „и“, а знакот „&“ се вика амперсенд)

add-on и add in = двете се преведени како додаток, општо и непрецизно
banner = реклама и плакат (Дали реклама на ТВ или во весник се нарекува банер? Патем зборот банер одамна функционира во јазикот како банер).
CD Player = ЦД-уред, додека CD-burner = ЦД-режач и CD recorder=ЦД-снимач (за разлика од другите две, првото е со најопшто и непрецизно значење и не кажува ништо, додека ЦД-плеер дава реална слика за што зборуваме)

Тоа што е најтажно во целата приказна е што на поимникот стојат низа имиња на луѓе што биле вклучени во неговата изработка, меѓу кои и стручњаци и за ИТ и за јазик.


Најопшто, ИТ-термините ние би ги поделиле на зборови што ги употребуваат исклучиво стручни лица од областа и такви што преку крајните корисници на технологијата продреле во секојдневниот живот. Имајќи предвид дека јазикот на науката (во секоја област) ги надминува бариерите на природните јазици и оти основната цел на секоја комуникација е разбирањето, сметаме дека првата група термини, оние што ги употребуваат само ИТ-стручњаците, треба да останат и да се употребуваат исклучиво во оригиналната форма (на пример, како што е случајот со латинизмите во медицината). Таквите зборови во ниедна форма не би имале значење за зборувачот што не е, на пример, програмер, па нивното преведување/транскрибирање нема функција во контекст на разбирањето (слободно помогни ни со примери за оваа категорија, која не ни е блиска).


Втората група зборови, оние што ги употребуваат и корисниците на ИТ-технологија што не мора да се ИТ-професионалци, со оглед на тоа што често се среќаваат и во неутрални текстови, неопходно е да бидат приспособени на еден или на друг начин. Некои од нив ги преведуваме - тогаш кога имаме соодветен превод и кога тој превод придонесува за разбирливоста, особено за нестручњаците (прелистувач, пребарувач...). Други само ги транскрибираме, онака како што се изговараат, т.е. ги прифаќаме како неологизми со туѓо потекло. Дел од нив подоцна сосема се одомаќинуваат во македонскиот јазик (компјутер, цеде-плеер одамна се сосема обични зборови), додека преостанатите остануваат во ограничена употреба (блур, јаваскрипт, кодек) или исчезнуваат штом ќе застари и предметот/поимот што го означуваат (дискета веќе е архаизам).

Добрата процена што и како да се преведе, а што да се транскрибира, е важна во функција на разбирливоста.

18 коментари:

  1. Нешто неповрзано со ИТ терминологијата.
    Дали е одомаќинуваат или одомаќуваат.

    „Правописниот речник“ на Кирил Конески од 1999 го содржи само зборот: одомаќен; нема одомаќинет.
    Како е правилно ???

    ОдговориИзбриши
  2. Браво за анализата.
    Не знам дали знаете, постои и мал речник од Зозе Мургоски за интернет термини.

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous Повеќепати сме напоменале - ниеден речник не може да ги содржи сите зборови и форми. Јас не гледам зошто кој и да е од овие два би бил спорен и „забранет“.
    @Vich Знаеме, овојпат се задржавме на официјалниов. Инаку има и некои други помали индивидуални проекти.
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  4. Не можев да издржам а да не искоментирам, всушност и што е важно на кој јазик зборува технологијата, технологијата примарно е за развој, а кога се работи за развој па и за задоволство, сосема неважно е на кој јазик ја користиме технологијата. Со цела почит за вашата работа како јазичари, лектори, лингвисти,вашата работа е да го чувате јазикот и да влијаете да се користи Македонскиот чист литературен јазик. Само сакам да нагласам дека компјутерските термини, односно софтверите не се преведуваат туку се ЛОКАЛИЗИРААТ, со цел локалното население да има еден разбирлив софтвер прилагоден за тоа поднебје. Се извинувам за долгиот коментар :)

    ОдговориИзбриши
  5. @Ivica Не сум сигурна дека те сфатив добро, нашата грешка е што употребуваме превод, наместо локализација? Ако е така, тогаш станува збор за само за терминологија, а тоа не би требало да влијае врз крајниот ефект за корисниците. Ние често ги поедноставуваме работите, избегнуваме и стручни лингвистички термини, со цел да бидеме разбирливи за поширока публика. Ако е нешто друго во прашање, те молам дообјасни.
    Не се извинувај и не се воздржувај од коментари :), токму тоа се бара :)
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  6. @Ивица: Локализација е супер работа, но начинот на кој што е тргната ќе го преведете и „локализација“ во... не ми текнува соодветно смешен израз во моментов.

    Инаку, со компјутери се занимавам од 1995. Иако ниту тогаш не беа ексклузивен луксуз за некаква си елита, сепак не беа којзнае колку чести. Од тогаш до денес компјутерската терминологија толку има навлезено во мојот речник што јас не можам да кажам „врска“ наместо „линк“ или „јазиче“ наместо „таб“ без да ми се згужва лицето како да сум лижел лимун.

    ОдговориИзбриши
  7. Да, токму така - Локализација што не значи да се преведува на чист Македонски јазик, локализацијата подразбира токму она што го напиша лицето пред овој коментар - Link=Врска, но никако и мене не ми оди да кажам врска, а при локализацијата Линк напишан на кирлица е сосема разбирливо. Под превод подразбирам превод од еден на друг јазик при што преводот треба да е чист литературен јазик, а под локализација подразбирам прилагодување од еден на друг јазик при што може да има да речеме и Англицизми напишани на кирилица, имам неколку апликации локализирано и никогаш Link не го напишав како Врска туку едноставно тоа е широко прифатено да се вика Линк и го напишав на кирилица :) - @„ Не сум сигурна дека те сфатив добро, нашата грешка е што употребуваме превод, наместо локализација?“ - Не немате никаква грешка, баш супер што пишувате на оваа тема, било да викате превод или локализација е сосема во ред, Јас само сакам да појаснам како поефективно би работеле во локализиран софтвер отколку во преведен, преведениот изгледа смешно, а локализираниот е сосема друго.

    ОдговориИзбриши
  8. @Ивица @Anonymous Тогаш сме на иста линија - и ние не сметаме дека треба да се вика врска, туку линк. Тоа што ти го викаш локализација, ние го викаме (јазично) транскрипција, пренесување на странскиот поим со кирилично писмо, така како што се изговара во оригинал :)

    ОдговориИзбриши
  9. Колку да се речи дека давам пет пари за зборовите во IT кај нас http://at.azder.mk/fXCBVy

    ОдговориИзбриши
  10. @Аждер Во однос на твојот текст би издлила неколку работи:
    - „Активни серверски страници“ мене воопшто не ми звучи како туѓа конструкција, напротив. Не знам од каде впечатокот :)
    - Се сложувам дека контекстот и повеќезначноста мора да се земат предвид, како и должината на приспособената/преведената варијатна во функција на нејзината применливост
    - Примерот со taskbar (и други слични на него)супер покажува зошто не ни треба неприроден, изнасилен превод; ако веќе се преведува зошто да не биде само „задачи“, а тоа add to taskbar > додади во задачите; тоа ми звучи природно и применливо, додека кованица како задачник, според мене, е осудена на пропаст уште пред да биде пуштена во употреба; лента за задачи не е ни за коментирање - кој зборува така?
    - Секако дека не треба да се генерализира и оти еден пост не е решение, ама е добро да се дискутира. Лично сметам дека можело многу подобро да се одработи овој поимник, за да биде применлив. Вака, од јазичен аспект зрачи со фушерај од прв поглед до потемелно читање; каков е од ИТ-аспект кажуваат ИТ-стручњаците и фактот колку (не) се применува

    Во секој случај си дал повеќе од пет пари :) Фала за вклучувањето во дискусијата

    ОдговориИзбриши
  11. „додади во задачите“ е непрецизно затоа што задачите можат да си бидат додадени и во позадина, додека задачникот е јавен интерфејс наменет за преглед и контрола на истите, но не мора да биде единствен, има и џиџиња и статусници, тракатанци... :)
    Но, не мора уште нероден Петко да го осудуваме на пропаст. Но, ако не се обидеме да го родиме, нема да знаеме :)

    П.С. ете одомаќинет неологизам/англицизам - Интерфејс

    ОдговориИзбриши
  12. Mi se dopagja blogov :)
    Lokalizacija e strucen poim, prevod i transkripcija isto, samo vo druga profesija. ;-)
    l10n & i18n

    ОдговориИзбриши
  13. http://www.youtube.com/watch?v=T8uew3HBcCs

    „Мојот фендер го знаеш батка, со два пик-апа шалер, Флендзер со дисторзија и тремол.
    Да ти кажам сеа земав и дат-семплер со секфенција без модул и хармонајзер со квантазер и уграден дилеј„
    Од муабетов на Тошо околу неговата гитара не разбирам ама баш ништо. Без разлика дали ќе ми преведеш нешто или само вака во транскрипција на кирилца да го читам, јас пак нема да разберам нешто, бидејќи појма немам од областа на електрични гитари. :)
    Според мене.
    Во секоја стручна област, било тоа да е IT, хемија или муабет како во примеров, за евентуално преведување на некои поими или само транскрипција во кирилица, треба да се произнесат стручни лица од соодветната област.
    Бидејќи тие секојднево ги употребуваат и само тие можат да кажат како им е полесно да се изразат а при тоа да се разберат и да бидат разбрани од соговорникот односно читателот.
    Потполно се сложувам дека логичните и разбирливи термини треба да се преведат и стандардизираат (да се стават во речник) но некои кои кога ќе ги преведеш и звучат ептен смешно или пак треба да се премногу описни (долги) подобро да се пишуваат само транскриптирани, но тие (непреведените) сепак да се сведат на некој оптимален минимум.
    Сите зборови за кои што се постигнал договор помеѓу стручните лица и јазичарите и се внесени во речник, треба да се инсистира на нивна што поширока употреба и за брзо време многу од нив кои на почетокот ни звучеле смешно и “вештачки“ ќе се навикнеме и со задоволство ќе ги употребуваме, бидејќи се наши.
    Добро ми е позната и одбивноста на луѓето кон секоја промена и исмевање на некои обиди за превод и воведување на “нови“ зборови во јазикот за некои термини, но сето тоа се надминува со нивна широка употреба на ТВ и во весниците и списанијата.
    На Хрватите им се смеевме (и сеуште им се смееме де) ама сепак мислам дека нивниот пример е позитивен. Сепак тие успеаја да си го збогатат јазикот и кај нив сите “нови“ зборови си се употребуваат и се општо прифатени.

    Тука уште би спомнал и дека кај нас недостигаат односно немаме стандардизирани многу зборови и во областа на спортот.
    Гејм, сет - во тенис
    Офсајд, корнер, аут, фаул... - во фудбал (дури и ФУДБАЛ е “странски“ :) ).
    фрејм - во снукер.
    Легс - во пикадо
    *
    *
    *
    Има уште многу примери кои што според мене можат и треба да се преведат и стандардизираат.

    Поз.
    VoniVaraS

    ОдговориИзбриши
  14. Анонимен18 март 2011 22:46

    @Biserka&Maja
    некои т.н. „јазичари“ со нивниот јазик добро се снаоѓаат само во улога на змија, за исфрлање на отровот од себе.

    ОдговориИзбриши
  15. После долго време, го препрочитувам постов, и ми текна една работа што ја видов на матурата кога полагав, конкретно за информатика правам муабет:

    Во преводите (локализациите) на програмите WinRAR и/или WinZip (не знам која беше точно, одамна не сум ги користел на македонски, за жал - или за среќа, можеби?), правењето (креирањето) архива, односно .zip датотека, беше крстено како Архивирање.

    На матурата, под поимот архивирање се мислеше на процесот правење дупликат (копија) на одредени податоци кои што сакаме да ги зачуваме, а програмите кои што се користат беа наречени бекап програми.

    Овде настанува конфликт: Програмите од видот на WinRAR не се наменети за правење бекап на податоците туку нивно компресирање и веројатно полесно менаџирање со нив. Програмите за бекап (како тие вградените во Windows оперативниот систем, или пак посебни како Acronis True Image, Norton Ghost и други) прават копија на податоците (една или повеќе), која што би била искористена ако оригиналите се уништат или оштетат.

    Wikipedia на англиски (нема на македонски сеуште) го вели ова:
    http://en.wikipedia.org/wiki/Archive
    http://en.wikipedia.org/wiki/Backup
    http://en.wikipedia.org/wiki/File_archiver

    Ме интересира ваше мислење за овој проблем, како би постапиле?

    ОдговориИзбриши
  16. @Номче Супер пример зошто е многу битно локализацијата да се направи системски, темелно, промислено, сто пати проверено и аргументирано. Такво преклопување на поими не смее да постои. Токму поради тоа не би сакала да давам паушални процени како би требало да бидат на македонски терминиве за кои зборуваш. Без многу мислење на памет ми паѓа следново: архивирање може да се однесува на какво било, општо ставање во архива, бидејќи реално тоа и значи. За зип и рар-програми прво на памет ми паѓа „пакување“ (сум го користела: на пр. сликите ти ги пратив спакувани и сл.). Треба да се провери дали има пречка ова да биде официјално вклучено во македонскиот ИТ-лексикон. За последното, мислам дека не одговара ништо освен заштитна/резервна копија, макар што лично користам „бекап“ или „бекап-копија“, кој е многу распространет во таа форма и би го прифатила како таков.
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  17. Првиот курс по информатика го завршив 1981 година на Стохолмскиот Универзитет и тоа воедно беше почетокот на ерата на персоналните компјутери.Беа воведени зборови во шведскиот јазик како на пример сурфање, линкување, линкови итн кои во тоа време беа несватливи и глупаво звучеа за повеќето луѓе. Денеска 31 година подоцна се општо прифатени и се употребуваат со точното значење од секој што има барем малку општа култура. Така да сметам дека зборови како “џиџе, виџет, гаџет, лаптоп“ нема да бидат проблем за разбирање во иднина доколку точно се знае што значат.
    Убеден сум дека во случај да Македонскиот “ вршник“ станеше светска омилена направа Американците ќе го преведеа како “the vrsnik" и ќе си го употребуваа со мерак.
    Само да не ја дотераме до таму со јазикот како онаа хрватскана: “ меѓу ножно гурало“ - велосипед

    ОдговориИзбриши