11.2.2011

Приближно околу триесетина

сподели на пинг

Многупати во текст, при обид да се опишат некои работи, се употребуваат повеќе зборови, кои, иако звучат различно, всушност, во себе ја содржат истата информација.

Таквото редење зборови за да се искаже иста работа со различни средства се нарекува редунданција во јазикот. Терминот редунданција наједноставно се објаснува како вишок информации. Зборувачите вообичаено користат вакви средства кога сметаат дека не се доволно експресивни, па сакаат да го нагласат, да му дадат значење на тоа што го кажуваат.

Вишокот јазични средства најчесто се среќава во следниве ситуации:

1. Приближна бројност

Пример:

Во училницата има околу триесетина ученици.

Во овој пример бројот на ученици не е точно одреден, што значи е даден со приближна бројност. Проблемот е што таа приближна бројност е означена со две различни јазични средства - со суфиксот за приближна бројност -ина и со зборот околу, кој е уште начин за искажување на истата неодреденост. Примерот треба да гласи:

Во училницата има околу триесет ученици.

Или:

Во училницата има триесетина ученици.

2. Двојно определување

Пример:

Сестра ми моја најмногу сака да јаде слатки.

Во реченицава имаме двојна информација за присвојност, сестра ми наспрема мојата сестра. Ваквите примери се прифаќаат како стилски обележени.

3. Редунданција во релативните реченици

Во турканиците пред театарот ја видов твојата пријателка, која ја гледаше и таа претставата.

Релативната заменка која веќе упатува на твојата пријателка, така што сосема е непотребна употребата и на личната заменка таа во зависната реченица.

Реченицата треба да гласи:

Во турканиците пред театарот ја видов твојата пријателка, која, исто така, ја гледаше претставата.

4. Редунданција со предлогот против

Се употребува со глаголи како што се гласа, дејствува и зборува, кои во себе не содржат негативна компонента.

Пример:

Сите од групата гласаа против тој предлог.

Често може да се слушне измиксирана варијанта: кампања против борбата против сидата, реченица која е логички неисправна. Примерот може да биде формулиран: кампања против сидата или кампања за поддршка на борбата против сидата.

5. Глаголи со вградена негација

Ваквите глаголи содржат негација во своето значење. На пример, глаголот забрани значи не дозволи. Тоа значи дека нема потреба од уште една негација во контекст со него

Примери:

- забрани

Тој му забрани да не оди на натпреварот.

Треба:

Тој му забрани да оди на натпреварот.

Тој не му дозволи да оди на натпреварот.

- спречи

Марија го спречи да не влезе во куќата.

Треба:

Марија го спречи да влезе во куќата.

Марија не му дозволи да влезе во куќата.

6 коментари:

  1. "Овогодинешниот“ евросонг...

    ОдговориИзбриши
  2. Bi sakal da dodadete Following na blogot da ne izgubam nekoj post.

    ОдговориИзбриши
  3. @Srgjan Пишува дека се’ уште е експериментален гаџетот, не е пуштен за сите блогови (освен ако има уште нешто друго што не ни е познато; во тој случај сподели линк, инфо...). Штом ќе го имаме на располагање, ќе го наместиме. Во меѓувреме - РСС :)

    ОдговориИзбриши
  4. За да не се мачите со се’ еве го решението:
    ѐ
    Alt+0232 in EN
    Alt+1104 in MK (Tahoma)
    Ѐ
    Alt+0200 in EN
    Alt+1024 in MK (Tahoma)

    Едноставно е! Сè што треба е да ја запомнете комбинацијата бројки :)

    ОдговориИзбриши
  5. Заемно содејство > заемно дејство или содејство

    ОдговориИзбриши
  6. Redundacijata vo vtoriot primer ja koristi mojata trigodisna kjerka. Mislev deka e samo detski govor.

    ОдговориИзбриши