13.2.2011

Работи по малку, помалку од лани

сподели на пинг

Слеаното и разделеното пишување често се проблем за просечниот зборувач. Дел од грешките произлегуваат од непознавањето на правилата, кои ги има во поголем број, но и од хиперкоректност и од примена на погрешна аналогија. Во некои случаи слеаното или разделеното пишување може и целосно да го смени значењето.


Пример:

Оваа година имам помалку работа отколку лани.

Секој ден завршувам по малку од работата.


Помалку, напишано слеано, претставува компаратив од придавката малку, односно првиот споредбен степен. Конкретно, количеството работа од оваа година е споредено со тоа од минатата. Вториот споредбен степен, суперлатив, се добива со префиксот нај-, кој исто така се пишува слеано со придавката, а притоа споредбата не се однесуваа на конкретен поим (на пример, минатата или предминатата година) туку воопшто на сите од истиот вид (во случајов, на кој било друг временски период).


Пример:

Оваа година имам најмалку работа. (никогаш не сум имал помалку работа)


Забелешка: Споредбените форми на придавките секогаш се пишуваат слеано. Всушност, воопшто сите префикси се пишуваат слеано, сеедно дали се од домашно или од странско потекло: над-, под-, без-, против-, контра-, микро-, ултра-, супер-...


Примери (не заборавај го едначењето по звучност):

наддавање

потпретседател

безимен

противаргумент

контрапротест

микрочип

ултрамодерен

суперуспешен


Да се вратиме на воведните примери, односно на вториот од двата: Секој ден завршувам по малку од работата. Вака напишана, оваа реченица значи дека субјектот има одредено количество работа и секој ден сработува еден мал дел од неа. Во овој случај по е предлог и не треба да се меша со префиксот по- за компаратив. Во говорениот јазик, овие форми се разликуваат и по акцентот:


пóмалку (акцентот е на о)

по мáлку (се формира акцентска целост, а акцентот е на а)


Доколку направиш грешка и во овој пример го напишеш по слеано со придавката, ќе се добие сосема поинакво значење: количеството работа на субјектот континуирано се намалува, односно во секој нареден ден има помалку работа отколку во претходниот. Нема потреба да нагласуваме дека во многу контексти промената на значењето може сериозно да се одрази врз ситуацијата.



Како што спомнавме на почетокот, постојат повеќе правила за слеаното и разделеното пишување, но овде ќе споменеме само уште една грешка, која е последица на хиперкоректност. Многу често по аналогија на кратките заменски форми, кои се пишуваат разделено (ме виде, го сретнав, ѝ реков, вас ве, не те познав...), се среќаваат разделено напишани и суфиксите со кои се образуваат глаголските времиња: Сака те вино?, Ги видов ме во паркот. Вакви грешки особено се среќаваат во неформалната пишана комуникација - во СМС-пораки, на социјалните мрежи, приватни мејлови... Јасно е дека примерите треба да бидат напишани: Сакате вино? Ги видовме во паркот. Без разлика што станува збор за неформална комуникација, ваквата грешка е резултат на основно непознавање на јазичните правила. Освен тоа, ако ја има во неформалната, лесно може да се најде и во официјална комуникација што не ја прегледал лектор.

5 коментари:

  1. Мислам дека веќе еднаш ги имаше и овие примери кои според мене најчесто се грешат: незнам и неможам (треба: не знам, не можам) или сите за споредба, не само по малку и помалку, туку грешат со по добар, нај добар, итн.

    Уште еднаш браво за блогов :)

    ОдговориИзбриши
  2. Ccc zarem uste ima tolku nepismeni luge koi pisuvaat "saka te" namesto "sakate" i ne pravat razlika pomegu po malku i pomalku :( I komparativite i superlativite gi pisuvaat oddelno. Auuuu, uzas.

    ОдговориИзбриши
  3. Ок, наведениве примери се за корекција (живи срамои), дури и во разговорна секојдневена употреба.
    НО.
    Еве јас на пример си имам “патентирано“ еден израз кој што не би требало да ми биде забранет во неформален секојдневен муабет или виртуелна комуникација на форум, твитер, фејс...
    Кога сакам некого/ја да пофалам ама онака ептен ептен, да го/ја пофалам јас си употребувам НАЈПОБОЉИ. :)
    ПОБОЉИ го патентираше Трендо во една негова дамнешна колумна: „...за еден сум побољи од тебе“
    Е сега кога некој е најдобар, од неколку што се за еден подобри од други, тој автоматски станува НАЈ-ПОБОЉИ. Чиста логика нели. :)))
    Еве вие на пример сте ми НЈАПОБОЉИ. :) Зошто?
    Па бидејќи има нели повеќе лектори и јазичари кои што укажуваат дека ТРЕБА да се работи за да се сочува јазикот итн. итн и остануваат само на повремени кукања, укажувања и жалопојки како тоа ни се разнебитува јазикот. Но вие наместо тоа , први направиве блог и еве конкретно, активно, работите и делувате. Продолжете така.

    ПОЗ.
    VoniVaraS

    ОдговориИзбриши
  4. @VoniVaraS Супер што ја отвори темава, бидејќи не беше за пост, ама таман е за коментар - и сленгот може да звучи погрешно :) Да, може да биде смешно кога намерно и свесно правиш саркастични кованици базирани на туѓи јазични грешки (како најпобољи). Но...
    Иако одамна се навикнав да го слушам овој србизам како дел од сленгот (лично го избегнувам), никако не можам да се навикнам на „боље“ како неменлив збор, иста форма за сите родови: овој филм е боље од тој. Коса ми се крева секојпат... :)

    ОдговориИзбриши
  5. Дали е дозволено префикси како „супер“ и „ултра“ да се користат со именки (во контекст на суперуспешен, ултрамодерен)? На пример, „супертерминал“ (во смисла огромен терминал)...

    ОдговориИзбриши