18.2.2011

Недостиг од средства и технички недостаток

сподели на пинг

Недостиг и недостаток претставуваат уште една двојка поими што слично звучат, но имаат различно значење и често се случува мешање на нивната употреба.

# Недостиг значи

- отсуство на нешто

Пример:

Недостигот од соодветен кадар е очигледен.

# Недостаток значи

- мана

Пример:

Половина од стоката во дуќанот има технички недостаток.

Важно е да се прави разлика меѓу овие два збора блиски по форма зашто во многу контексти нивната замена сосема го менува значењето.

Пример:

Оваа година заработи помалку поради недостигот од јаболката.

(немаше доволно јаболка)

VS

Оваа година заработи помалку поради недостатокот на јаболката.

(јаболка имаше, ама беа црвливи, имаа мана)

Иако постојат обиди да се разграничат и глаголите недостига и недостасува, во смисла првиот да означува физички недостиг (на пример, ми недостига време), а вториот да означува чувство, потреба за нечие присуство, сепак ваквата дистинкција не е регулирана во Толковниот речник. Напротив, објаснувањата велат станува збор за различни форми со исто значење, а практиката покажува дека просечниот зборувач го мисли истото.

Од друга страна, пак, во разговорниот јазик, за недостига многу често наместо недостига или недостасува се употребува глаголот фали. Во македонскиот стандарден јазик глаголот фали значи кажување добро мислење или давање добра оцена за некого/нешто. Во разговорниот јазик се употребува и за искажување отсуство на нешто или копнеж по него. Ваквото значење треба да остане во разговорниот јазик.

Пример:

Учителката ги фали учениците.

(кажува убави работи за нив)

VS

Ми фалат годините од детството.

Треба:

Ми недостасуваат годините од детството.

3 коментари:

  1. Како може да фалат годините од детството? Може само да ни фалат случките, убавите настани од детството.

    ОдговориИзбриши
  2. Во примерот погоре треба да стои недостигот од јаболка наместо недостигот од јаболката.

    ОдговориИзбриши
  3. Бидејќи молчењето е знак на согласување претпоставувам дека Маја Катарова се согласува со моите забелешки.

    ОдговориИзбриши