21.2.2011

Јазично лицемерие

сподели на пинг

Човечки е да се греши. Кој работи - греши. Никој не е совршен, па ни ние. И не претендираме да бидеме. Муабетов за грешките и несовршеноста е поттикнат од некои коментари што ги прочитавме деновиве по туѓи „Фејсбуци“, кои може да се сведат на тоа дека напразно сме „дробеле“ кога и самите сме правеле јазични грешки во постовите. Добро, можеби не баш со овие зборови, ама тоа е суштината. Штета што ниеден од коментаторите не собра храброст да ни напише што мисли и да ни укаже каде сме згрешиле токму овде на блогот. Можеби ќе се развиеше дискусија, ќе одговоревме, ќе слушневме и други мислења. И притоа фино ќе беше да се потпишат, бидејќи, нели, лесно е да се критикува анонимно.


Да нема недоразбирање - воопшто немаме ништо против критика. Напротив. Но, една од причините за овој пост е тоа што како наши грешки се посочени (на туѓите „Фејсбуци“) зборови што, според нас, неправедно се анатемисани и стигматизирани како немакедонски. Конкретен одговор (контракоментар) на забелешките нема да дадеме бидејќи се оставени на друго место и ние сме ги виделе сосема случајно. Наместо тоа, сакаме да посочиме цела низа такви „проколнати“ зборови, кои не се ништо друго освен жртви на лингвистичко лицемерие.


По којзнае кој пат ќе повториме: јазикот е жива материја, не настанува во лабораторија, не може некој да го крои како ќе посака. Да, постојат норма, граматички, правописни, фонетски правила донесени врз основа на состојбата на јазикот во даден период кога се вршела таа кодификација. Додека овие суштински правила се покрути и помалку менливи (иако дури и тие не се апсолутни и треба да се подложни на приспособувања), лексичкиот (зборовниот) систем мора да биде далеку поотворен. Не може да се нарече поинаку освен јазично лицемерие упорното негирање на зборови што се сеприсутни во јазикот, затоа што некому му звучат како да се туѓи. Дури и ако се со туѓо потекло, нивното присуство во говорениот јазик не може да се игнорира и насилно да се исфрлаат од пишаните форми. И на крај, зошто некому би му било полесно да го прифати брифинг како заемка, а да забрани употреба на даска, збор кој патем има старословенско потекло?


Дали на излегување обично нарачувате мала, средна или голема штица? За појаснување, зборовите даска и штица потекнуваат од истиот старословенски збор дштица (фонетски вака звучел, поинаку се пишувал, но тоа не е важно за овој пост). Од него, низ низа јазични процеси (кои од практичен аспект на зборувачот исто така не се важни, но на јазичарите им се познати) се добиле двете форми даска и штица. За жал, даска сѐ уште е на црната листа на „неподобни“ зборови.


Колкумина од јазичните лицемери/лицемерки влегуваат во бутик и бараат продавачката да им даде помала величина од здолништето во излогот? Ние обично велиме сукња - уште еден анатемисан збор, кој патем потекнува од зборот сукно, вид ткаенина, кој во таа форма го има во повеќето словенски јазици. Јасно ни е од каде доаѓа баучот - некој решил сите суфикси што го содржат гласот /њ/ да бидат прогласени за немакедонски (ајде да прецизираме - да бидат прогласени за српски). Така, правиме драма од сосема регуларниот суфикс за женски род -иња, па наместо црнкиња имаме црнка (не знаеме само дали од молив, на лице или, пак, зеница) и белка (не од јајце) наместо белкиња. Или паѓаме во несвест ако некој напише западњачки/јужњачки стил. Апел до лингвистите - тргнете ја анатемата од гласот /њ/ и пуштете нѐ да си носиме сукњи.


Во ист кош може да ги ставиме и штиклите. Колку пати сте изговориле: „Си купив нови потпетици“? А колку пати сте рекле: „Си купив нови штикли“? (Веруваме дека некому можеби не му се допаѓа и именувањето на чевлите со високи потпетици/штикли само со штикли или потпетици, но ги потсетуваме дека метонимијата е сосема регуларна стилска фигура).


Неодамна се просветливме дека на црната листа бил и зборот шешир, а богами и обод. Наместо шешир некои заговараат шапка, а наместо обод - раб или стреа. Да разграничиме - шапка има многу пошироко значење. Кога ќе се каже шешир, се добива јасна претстава дека се зборува за специфичен тип шапка со обод. Исто така, кога ќе се каже обод, се знае дека се мисли на стреата на шеширот, додека стреа сама по себе попрво нѐ асоцира на покрив над отворен дел од објект (тераса, влез, веранда...)


Додека сме кај модата, искрено се израдувавме што во Толковниот речник е тргната клетвата од пунџа, која до скоро требаше да биде кок. За жал, ретко кој од зборувачите и никој од тие што носат или прават пунџи не знаеше што е тоа кок.


Интересно, некому му пречат и (се) спрема и користи, а наместо тоа заговара дека требало да се употребуваат (се) подготвува и употребува/ползува.


Добрата работа е што ланец тргнал да се симнува од црната листа - внесен е во Толковниот речник, иако не е толкуван, а од него само се упатува кон синџир. Очекуваме во следното коригирано издание неправдата да биде целосно исправена.


Исправање на неправдата имаме и кај боца, која по долги години, е одобрена со Толковниот речник и значи сад со гас под притисок, што значи дека не треба да се меша со српското боца што кај нас е шише. Но, што правиме со плинската боца? И тука се наѕира дестигматизација иако нецелосна. Плин е внесен во Толковниот речник, но со назнака разговорно. Прашањето е - кој би рекол плинска боца, макар и разговорно, ако мисли на боца со кислород или на боца со хелиум или кој и да е друг гас? И покрај тоа што на некои други јазици плин значи гас, кај нас овој збор добил специфично значење и именува конкретен гас, па кога ќе се каже плинска боца, нема шанса некој да помисли дека зборувате на пример за боца со кислород за нуркање.



Со радост ги дочекавме и:


прашина (порано беше само прав)

глумец (едно време имаше само актер и артист, и покрај тоа што сите три имаат различни значења; истовремено глаголот глуми беше прифатен)

иње (дури и не знаеме како поинаку би го нарекле, освен можеби сињак, кое допрва треба да биде или да не биде прифатено во наредниот том на Толковниот)

лед (во еден период лед беше „српски“, имавме само мраз и не знаевме што да правиме со сладолед; притоа лед претставува старословенски корен, кој е присутен во речиси сите словенски јазици)

млаз (се чудевме што со млазните авиони)

...


Дополни ги во коментари примерите од сите групи.


Настрана од тоа што е внесено/испуштено во речниците и другите јазични прирачници (нели, ниеден речник не содржи с
ѐ), дополнителни непотребни збрки понекогаш создаваат и лекторите (секоја чест на исклучоците). Така, секогаш кога не се сигурни и кога некој збор им е сомнителен, најлесно решение им е тој да „летне“. Меѓутоа тоа и не е решение.
Времето н
ѐ гази многу побрзо отколку што ги решаваме јазичните прашања и проблеми. Ниеден друг јазик во светот не се занимава со чистење зборови што се присутни меѓу зборувачите. Напротив, GLM (global language monitor) го прифати зборот викиликс како општа именка во англискиот јазик, во значење доверлива информација што брзо протекува во јавноста. Како критериум за прифаќањето на зборот, по само неколку месеци присуство на глобалната сцена, наведени се распространетоста меѓу зборувачите и фактот што во тие неколку месеци е употребен повеќе од 300 милиони пати само на Интернет.


Во англиските речници со реноме се прифатени зборови како unfriend (брише некого од листата пријатели; првично се однесува на „Фејсбук“), to tweet (твита, објавува кратка порака, првично се однесува на „Твитер“) или to google (гугла, пребарува на Интернет со Гугл) и секоја година се прифаќаат нови зборови што произлегуваат од разговорниот јазик, а се резултат на појавата на нови предмети и поими. Речници на англискиот јазик, како Оксфорд, без проблем и дилема толкуваат француски зборови што се навлезени во употреба и кај зборувачите од англиско говорно подрачје.


Веруваме дека, ако ние употребиме гугла, ризикуваме да бидеме прогласени за јазични еретици. Mногу повеќе позитивни ефекти би добиле ако, наместо да чистиме зборови што секако се присутни во јазикот, се погрижиме новите што доаѓаат со развојот и со новото време да бидат соодветно приспособени. Зашто, откако еднаш ќе влезат во некоја форма, тешко се менуваат и се исправаат. А осиромашувањето на јазикот нема да донесе ништо добро освен револтирани генерации кои, за жал, тврдат дека полесно им е да се изразат на англиски.

27 коментари:

  1. Кои (и колку) заемки се "дозволени" ме потсетува на "дали од еднаш се станува педер"...
    Ептен жива материја. Дури и би прифатил латиница ако сите се договориме.

    ОдговориИзбриши
  2. Грешка сте.

    Зборот „даска“ е изведен од прасл. *dъska (позајмен од стгерм. tisc од лат. discus).

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous Прајазик означува хипотетички јазик, незасведочен во пишана форма, претпоставен. Значи на исто ниво со прасловенскиот би бил прагермански, додека старогерманскиот е на исто рамниште како старословенскиот. Притоа, и едниот и другиот имаат заеднички предок - праиндоевропскиот. Се развивале паралелно и независно, низа зборови во овие јазици се слични (како што е случајот и со другите индоевропски јазици) и тоа е нормално, зашто имаат заеднички предок, а не зашто едниот позајмувал од другиот. Патем, потеклото и развојот на даска и штица се добро познати во лингвистиката и не ги измисливме ние, само ги пренесовме.
    @Kirev Друго е темата овојпат, не се заемките.

    ОдговориИзбриши
  4. Малку сте непрецизна. Прајазик е јазик реконструиран со помош на споредбениот метод. Неговата структура е хипотетичка. Не доаѓа во прашање дали се зборувал некој прајазик или не — тие се реконструираат само за да се овозможи класификацијата на живи јазици и да се одредат етимологиите на нивните зборови.

    Типфелер беше тоа, мислев на прагерманскиот.

    Не постоел старогермански јазик.

    Нивниот развиток бил независен, но имале влијание еден на друг. Бидејќи знаете англиски, би ти препорачал да ја прочитате оваа статија: http://en.wikipedia.org/wiki/Proto-Slavic_borrowings

    Прасловенскиот позајмувал доста зборови од германските јазици.

    „Даска“ е од прасл. *dъska (конечно од лат. discus), додека „штица“ упростен облик од прасл. *dъštica (диминутив од *dъska).

    ОдговориИзбриши
  5. Најчесто (речиси секогаш) се сложувам со текстовите напишани тука, но овој пат не се сложувам. Јас сум за ЈАЗИЧНОТО ЛИЦЕМЕРИЕ, како што е погоре именувано! Не сум лингвистички метузалем и јазикот е жива материја, но мора да се има граници. А тенка е линијата...
    Па, затоа, и не ги прифаќам повеќето од примерите, ни како лектор, ни како обичен говорител.
    Особено за глумците. Дури и актерите не сакаат да бидат нарекувани глумци, си пишува убаво зошто кај Милчин.

    ОдговориИзбриши
  6. Треба да ја знаеме разликата помеѓу книжевниот (литературен, стандарден) јазик и разговорниот јазик (вкл. дијалекти).

    Книжевен јазик по дефиниција е прескриптивен, а разговорниот може само да биде дескриптивен.

    ОдговориИзбриши
  7. Еве уште прашања - зошто чанта, а не ташна? Зошто чинија, а не тањир? Сите четири се со туѓо потекло и сите се присутни во разговорниот јазик (ташна дури и повеќе од чанта). Кој е критериумот според кој некој туѓ збор е подобен за да биде прифатен, а друг не е?

    ОдговориИзбриши
  8. Здраво Бисерка, овде Бојан, колегата :)

    Да ти кажам дека немав нерви да го дочитам постов, бидејќи знам за што се работи - за НЕјазичните лицемери. Не за џабе така ги нареков, бидејќи претпоставувам дека сите тие што даваат забелешки за нешто што било напишано на постов, или нешто што било кажано од вас (или од не знам кого на „Фејсбук“), НЕ СЕ ЛЕКТОРИ И НЕ СЕ СТРУЧНИ ДА ДАВААТ ЗАБЕЛЕШКИ. Добро е да дадат мислење, но мислам дека нивното мислење нема да се земе предвид - стручно мислење даваат стручни лица, а не ЛАИЦИ.

    Во ред, секој греши - ЗАРЕМ НЕ? Што е проблемот тогаш? Искрено мразам кога некој некого покажува со прст, или доколку јас, како лектор, направам грешка, тоа значи дека јас не сум стручен и дека не си ја знам работата.

    Со ова ќе го завршам моето излагање: Во денешните дадени лекторски решенија - правописни правила, правописни речници и граматика, НЕМА СТОПРОЦЕНТНО ПОКРИТИЕ И РЕШЕНИЕ за секој јазичен проблем, што значи дека ние, лекторите, ќе треба да најдеме соодветно решение, кое би требало да ги задоволи моментално, по правилата, нерешливите јазични проблеми.

    Оттука, како колега, ја имате мојата 100-процентна поддршка во тоа што го правите. Јас досега сум грешел, па сум се коригирал - зарем тоа е страшно? Не е, така само повеќе ќе научиме.

    Срдечен поздрав!

    ОдговориИзбриши
  9. @Бојан, погрешен впечаток сме оставиле. Не е за нас постот, за тоа и немаме намера да се оправдуваме :) Темата се зборови што, според нас, се неправедно исфрлени :)

    ОдговориИзбриши
  10. Зошто се буните околу што туѓо или наше. Нема таков критериум во мак. јазик.

    Пуризмот станал тема за разговор само откако ИТ-от стигнал нај нас.

    ОдговориИзбриши
  11. Мојот пост нека си стои - за секој случај :) Сепак од овие „неправедно исфрлени“ зборови, според мене, има некои што се сепак праведно исфрлени - јас не кажувам потпетици, но знам дека ШТИКЛА е нелитературен збор. За СУКЊА, исто така, мислам дека не е литературен збор, и тоа не мислам, туку сум 100 отсто сигурен дека е српски збор. ПРАВ и ПРАШИНА можат да бидат синоними, но во одреден дел од значењето.

    Поентата ми беше - ВО РЕД, ете и така да биле напишани, ќе треба да се даде до знаење за можните решенија за истите тие зборови што се наведени погоре.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  12. „Прав“ е како герм. Pulver, „прашина“ е како герм. Staub.

    ОдговориИзбриши
  13. Слободан Аризановски21 февруари 2011 20:32

    Дали е во ред и во духот на утврдените јазични норми кога се примаат туѓи зборови и изрази за кои имаме свои соодветни? Дали ние имаме право да го браниме јазикот од затрупување со јазични решенија од туѓа култура?
    Дали приметуваме дека кај нас денес користиме опција наместо избор, решение и можност, и на тој начин заменуваме три сосема добри домашни се еден туѓ збор. Нашите политички водачи станаа лидери и од нив се очекува лидерство наместо водство. Колки ли убаво ќе звучи кога ќе стигнеме до глаголот лидерува наместо води. Нашата држава се откажа од своите важни цели во корист на приоритетите.
    Изразот „имај убав ден“ полека но сигурно навлегува во секојдневниот говор, а наскоро ќе заборавиме дека приредбите и концертите на стартуваат туку започнуваат во одредено време.
    Ние не само што не создаваме нови зборови во склад со нашата културна и јазична посебност, туку ги ЗАМЕНУВАМЕ нашите со туѓи!
    P.S.
    Зошто во вашиот напис им давате предност на пост, претендира, игнорира и апел наместо соодветните домашни, побарајте одговор сами.

    Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  14. Браво за текстов, апсолутно се согласувам со тебе, Бисерке, бидејќи знам дека одлично ја познаваш историјата на јазикот. Драго ми е што наидов на уште некој што се залага за истото што и јас - унапредување на јазикот! Да не заборавиме дека основната функција на јазикот е комуникацијата на луѓето, а тоа подразбира разбирливост на пораката што сакаме да ја пренесеме. Е, тоа е малку тешко кога употребуваме догорче, здолниште, кок, кркми, забошотување, ципи... и уште многу слични примери, кои, верувајте ми, не ги разбираат! Кога лекторирам, се чувствувам како да преведувам од туѓ јазик на некој архаичен јазик, кој има само пишана форма, бидејќи говорната звучи сосема поинаку!

    ОдговориИзбриши
  15. Браво за блогот!

    Имам две забелешки.

    Прво, имате напишано, по којзнае кој пат (третиот пасус), а треба да гласи којзнае (по)којпат, како што е наведено во списанието „Јазикот во практиката“, издадено од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, чинам 2000 год.

    Второ, во примерот „Си купив нови потпетици“? треба да се напише прво прашалникот а потоа наводниците. Проверете во Правописот на македонскиот литературен јазик.

    Срдечен поздрав

    ОдговориИзбриши
  16. @Anonymous Првата забелешка ја прифаќаме - наш пропуст. За наводниците мислам дека во случајов треба да се пред прашалникот, бидејќи прашалникот се однесува на целата реченица: А колку пати сте рекле...? Наводниците се однесуваат само на цитатот. :) Кога би била целата прашална реченица во наводници, да, прашалникот оди во нив. :)
    Позз

    ОдговориИзбриши
  17. Ве молам, во наредниот пост напишете нешто за тоа како младите не знаат каде треба , и .

    ОдговориИзбриши
  18. Цепи Влакновски22 февруари 2011 20:13

    Во блогот „Исхрана“ прочитајте го новиот пост за пост!

    ОдговориИзбриши
  19. И пракса го додавам на листата неправедно отстранети зборови (истиот суфикс како кај такса, а се прифаќаат и странски заемки како профилакса). Практика е во ред, но и на пракса ништо не му фали

    ОдговориИзбриши
  20. Mislam deka i avtorkite ke treba ednas asalno da prifatat kritika! Ako ste pogresile - kazete deka ste pogresile bre luge... sto majka sega ke stavame nepravedno otstraneti zborovi ili ne znam sto ... ako stikla e sprski zbor - srpski zbor e... ne mi e mene gajle kolku frekventno nie go koristime - i skopjani vikaat celo vreme ozbilno, ozbilno - pa treba li da go staime na listata za "nepravedno otstraneti zborovi"? Mislam prifatete ednas kritika - prifatete go faktot deka ovie zborovi se NELITERATURNI ZBOROVI... pozz

    ОдговориИзбриши
  21. :) Авторките многу сакаат критика, релевантна и конструктивна. За таква не сме се побуниле никогаш.
    „Озбилно“ не може да биде прифатен бидејќи нема (јазична и научна) основа за тоа. Овие што ги спомнуваме ние не се таков случај. И не е критериум само фреквентноста. Ама ако почнеме да образложуваме зошто и како во детали, ќе треба научен труд да непишеме - тоа им го оставаме на лингвистите што работат во научни јазични установи. На јазичарите повеќето од тие работи им се познати.
    Позз :)

    ОдговориИзбриши
  22. "И пракса го додавам на листата неправедно отстранети зборови (истиот суфикс како кај такса, а се прифаќаат и странски заемки како профилакса). Практика е во ред, но и на пракса ништо не му фали"

    Полека, полека, многу погрешен заклучок за овие два збора. Прво, не можете да направите паралела помеѓу овие 2 збора (локализирани зборови). Тие се англизми - едниот доаѓа од practice - што значи вежбање, практична работа, искуство што го применуваш и сл., а такса, пак, доаѓа од зборот tax - што значи данок, давачка, такса, данок кон некого... и имајќи го предвид потеклото на овие два збора - како може да се прави паралела дека ако на македонски се викало такса - тогаш може и пракса?!? Од каде логиката? такса може да се нарекува и давачка, данок и сл., а practice практична работа, практика и слично.

    ПРАКСА овдека не е во ред, ПРАКТИКА, ПРАКТИКУМ, ПРАКТИЦИРАЊЕ - ОВИЕ ЗБОРОВИ НЕ МОЖАТ ДА СЕ ИЗВЕДАТ ОД ЗБОРОТ ПРАКСА...

    позз

    ОдговориИзбриши
  23. Тапетарот Петар09 март 2012 09:43

    @Бисерка: Се согласувам потполно со твоите ставови. Нереалните пуристички инсистирања за небулозна „чистота на јазикот“ неизбежно ме потстеуваат на здодевните трактати на Илија Милчин и нему сличните „јазични полицајци“. Таквиот (одлепен од реалност јазичен пуризам) резултираше со „литературни пцости“ во современите македонски драми и филмови -- монументални глупости како „по ѓаволите!“ Долги години предавав македонски на странци и им велев дека „здолниште“ постои само во речниците. „Сукња“ е зборот реално постои во говорниот јазик. Немам ништо против “здолниште“. Но „сукња“ е не помалку добар збор -- се работи и за разлика во регистри. Ништо повеќе. Првиот е (супер)стандард, а вториот е колоквијален. Кога било кој голем автор (македонски или странски) би се ограничил на она што било пропишано или постоело во стандардот, литературата би била убиствено здодевна. Или ептен досадна. Или жива сафра.

    ОдговориИзбриши
  24. „Гуглање“, за жал, во нашиот разговорен јазик има едно друго, непријатно значење... И браво за сукња! Попрво не би носела сукња, отколку да ја нарекувам здолниште. :)

    ОдговориИзбриши
  25. Следнава моја објава (соодветна замена за пост),не би сакала да биде сфатена како критика туку како прашање кое ќе ги разјасни моите недоумици.Се работи за зборот величина што вие го употребивте во контекст на прашањето ,,Која величина е здолништето?'',па сакав да дадам еден коментар дали е поправилно да се употреби зборот големина,можеби ќе ми одговорите дека зборот велик (со краткиот вокал јор на крајот од зборот) потекнува од старословенскиот јазик,следува дека македонскиот јазик потекнува од старословенскиот јазик и според тоа,следува дека употребата на зборот величина е оправдана.Зошто тогаш не употребуваме болии за компаратив на голем туку си имаме наша,македонска,компаративна форма - ПОГОЛЕМ.Со самото тоа сметам дека зборот величина треба и мора да го замениме со големина.Ќе напоменам повторно дека ова не е критика,само е разјаснување на моите недоумици.Ако во мојата објава забележите грешки,поправете ме,но имајте предвид дека јас сум само втора година на Филолошкиот факултет и се' уште учам и се надоградувам. Ви благодарам.

    ОдговориИзбриши
  26. Не ми се верува како на некои ЛЕКТОРИ пред се' по професија не им пречи употребата на ''западњачки'' и други слични зборови.Па ако лекторите не упатуваат на правилен македонски јазик,кој друг ќе упатува? Разочарана сум од повеќето ваши постови а најмногу од овој,жал ми е.Ако некој не ја извршува функцијата на лектор онака како што треба да биде,подобро и да се откаже.Не умира македонскиот јазик само од малдината која употребува сленг туку и од самоназначени лектори кои дури не прифаќаат критика.Колку и да знаеш нешто секогаш ќе се најде некој што знае повеќе од тебе,а во овој случај тоа е и тоа како видливо.Поздрав :D

    ОдговориИзбриши
  27. Ѓорѓи.

    Често пати се „сугерира“ да се прифати реалноста, односно, дека даска, сукња, ФЛАША... итн итн се зборови кои веќе ги истиснаа некогашните штица, чаша... итн. Па, јас не користам ни флаша, ни даска... итн, односно, не подлегнувам на толпата, неуката толпа да ми го крои јазикот.

    Уште повеќе што тоа не се зборови кои се користат од дамнина, туку се дојдени со сериозната србизација на Македонија (Вардарска) последниве 100-на години, а особено по ’45.

    ПС: Хаљина ми е врв на се.

    ОдговориИзбриши