28.2.2011

Два дена и пет месеци

сподели на пинг

Избројаната множина не е толку проблем меѓу зборувачите колку што е предмет на натегање меѓу лекторите. Еве и зошто: станува збор за појава во исчезнување, по потекло од старословенската двоина, која сѐ повеќе станува факултативна. Прашањето е до кој степен е факултативна. Но, да објасниме од почеток.

Именките во македонскиот јазик имаат три вида множина: обична, избројана и збирна. Избројаната множина се јавува кај едносложни именки од машки род што образуваат обична множина со суфиксите -ови/-еви и се образува со суфиксот . Се нарекува избројана, бидејќи оди заедно со броеви и прилози за количество.


еднина ............обична множина ...........изборјана множина

лав ...............лавови .........................((два, неколку) лава

ден ............. .денови ..........................(два, неколку) дена

цвет ........... .цветови ........................(два неколку) цвета


Дилемите околу тоа каде сѐ треба да се употребува избројаната множина доаѓаат од фактот што се развила од старословенската двоина, која била присутна кај сите именки, покрај двата основни броја еднина и множина. Низ развојот на современите словенски јазици од старословенскиот, двоината различно се развивала кај секој од нив, а во македонскиот постепено почнала да исчезнува. Нејзините остатоци во различна мера се задржале низ различни дијалекти.


Што се однесва до стандардниот јазик, дел од јазичарите сметаат дека формите на избројана множина треба да се применуваат секогаш кога именка од машки род доаѓа во контекст со бројка или со прилог за количество: (два, повеќе, неколку) претседатела, студента, месеца, јазика... Ние не се согласуваме со тоа и ги претпочитами формите на обичната множина: (два/двајца, неколку) претседатели, студенти, месеци, јазици...


Првиот аргумент што го приложуваме е нестабилноста односно факултативноста на појавата. Тоа што некогаш било регуларно сега е на исчезнување. Со наложување и со правила може да го спречиме и да го забавиме, но крајниот резултат ќе биде ист. Значи, се придржуваме до единственото правило што стои во правописот, а тоа е дека избројана множина имаат само едносложните именки од машки род што образуваат обична множина со суфиксите -ови/-еви. Појавата таа да се јавува и кај некои повеќесложни именки му ја оставаме на разговорниот јазик. Исто така, сметаме дека позицијата на изборјаната множина значително слабее кога меѓу именката и бројот (или именката и прилогот) стои придавка.


Пример:

Поминав седум прекрасни дена во Лондон.

Поминав седум прекрасни денови во Лондон.

Поминав неколку прекрасни денови во Лондон.

Поминав неколку прекрасни дена во Лондон.

Тоа значи дека и двете варијанти на примерите ги сметаме за точни и во ваков случај не инсистираме на избројаната множина. Особено, сметаме дека не треба да се коригира стилот на авторот, бидејќи многу често втората варијанта зборувачите ја употребуваат за да ја нагласат содржината (како што впрочем се случува секогаш кога се избира повеќесложно јазично средство за сметка на помалкусложното).

16 коментари:

  1. Цепи Влакновски01 март 2011 00:21

    Зошто да го негуваме, кога можеме да го осиромашиме.Тоа е заклучокот што може да се добие читајќи ја вашата последна објава.Ако добро разбрав, според вас, треба да велиме: два претседатели, два студенти, два месеци, два јазици! Ајде сега по тој приод да видиме што ќе стане, да речеме, со именките од спортот.Наместо два бека вие претпочитате два бекови, наместо два центархалфа вие претпочитате два центархалфови, наместо два крилни центра вие предлагате два крилни центри!
    Воопшто не ме чуди состојбата на македонскиот јазик,кога оние што треба да го познаваат и негуваат, истрчуваат со вакви ставови.

    ОдговориИзбриши
  2. @Цепи Влакновски Обично не одговарам на коментари што не го разбрале текстот, ама еве ќе направам исклучок за тебе. Значи никаде не пишува викај/пишувај вака, а немој така. Препораката е да се препушти зборувачот сам да направи избор, бидејќи станува збор за појава што сѐ уште е во одвивање.
    Втора работа, странските заемки не може по секоја цена да се подведат на некои правила што важат за зборовите со домашно потекло. Сигурно нема да кажам (и не сум чула некој да вика така) два бека, а уште помалку центархалфа или крилни центра (?!). Кога се објаснуваат јазични правила обично не се користат странски заемки како примери - тие се посебна категорија.
    Ако и по ова не е јасно, навистина не можам да ти помогнам...

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Анонимен10 мај 2016 04:19

      Почитувана Бисерка, со задоволство ве читам, блогот е одличен, но, овој пат една сосем мала забелешка: коментарите немаат способност да разбираат било што ;) Поздрав!

      Избриши
  3. *ОК, два бека можеби поминува (не и другите)

    ОдговориИзбриши
  4. Анонимен01 март 2011 14:58

    Се пишува „океј“.

    ОдговориИзбриши
  5. Цепи Влакновски01 март 2011 19:40

    До Бисерка Велковска.
    „Пообична е употребата на избројаната множина од едносложните отколку од многусложните именки“, вели Конески на стр.247 од Граматиката. Значи не е точно вашето тврдење дека избројана множина имаат само едносложните именки од машки род.„Не е обична употребата на формата денови со број (обично три дена, три дни и сл.)“Конески, стр.251.Значи, не седум денови туку седум дена, дни.
    Ако не се користат странски заемки кога се објаснуваат јазични правила, тогаш зошто ги употребивте зборовите лавови и студенти?
    Ќе претпоставам дека е ненамерна грешка вашата прва реченица каде велите „ коментари што не го разбрале текстот“, веројатно сте мислеле на коментатори.

    ОдговориИзбриши
  6. @Цепи Влакновски Да беше јазикот музејски примерок, ќе имавме една јазична библија и немаше да нѐ интересира како понатаму се развива јазикот. Веројатно знаеш која година е објавена Граматиката на Конески, ама веројатно не знаеш дека потоа се обајвени купишта научни трудови што ги следат новите процеси. Особено, не може да се занемарат кога е во прашање јазична појава во одвивање.

    Патем, како е македонскиот збор за лав или за студент?! Смешки!

    Браво - прва награда што си успеал да протолкуваш дека се мисли на коментари на луѓе што не го разбрале постот, а сигурно си и горд на себе што си пронашол таква катастрофална грешка. Еве, лично ти честитам.

    П.С. Доволно време ти посветив, така што ако мислиш да продолжиш да цепиш влакна, ќе мораш сам

    ОдговориИзбриши
  7. Цепи Влакновски01 март 2011 23:44

    До д-р Бисерка.
    Цитатите од Конески се од последното важечко издание од 2004 г.
    Бидејќи не се обидовте да ги оповргнете моите наводи ќе заклучам дека немате аргументи.
    Околу лав и студент.Секој може да прочита дека јас не барав македонски превод за овие зборови, туку ви го посочив фактот дека вие користите странски заемки да објасните јазични правила а истото мене ми го замерате. Прави како ти викам да правиш, а не како што јас правам!
    Се надевам дека ќе ми доделите уште една прва награда ако ви посочам дека пост скриптум секогаш се пишува со латиница.
    Некои од „овие“чуле за Твитер, а вам, ако не можете трпеливо да расправате на јавно место со оние кои размислуваат поинаку од вас, би ви препорачал да си го затворите блогот за себе и за своите избрани истомисленици и црцорци на Твитер.

    ОдговориИзбриши
  8. Анонимен02 март 2011 00:13

    Еј Цепи ај цепи на друго место. Да не мислеше дека ја преработуваат граматиката пред да преобјават ново издание?

    ОдговориИзбриши
  9. Анонимен02 март 2011 01:09

    Тоа не значи дека тврдењето важи за таа година и понатаму. Конески почина во 1993.

    ОдговориИзбриши
  10. Анонимен02 март 2011 01:50

    Граматиката на Конески е основа. Над основата има изградено уште многу до денес...

    ОдговориИзбриши
  11. Анонимен02 март 2011 10:07

    Настрана од дискусијата погоре, една работа околу множината, што не ми е јасно зошто е така.
    Ако е:
    Стол - столови
    Бон - бонови
    Поп - попови
    Сок - сокови
    Нож - ножеви
    зошто не е
    Коњ - коњови????

    Поздрав,
    Даниел

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Анонимен18 мај 2013 02:25

      Даниел, затоа што зборот „коњ“ е именка од машки род која што формира множина со наставка „-и“ (обична множина), а не со наставките „-ови/-еви“.

      Избриши
  12. Анонимен02 март 2011 11:28

    Даниеле, за сè има отстапувања и исклучоци. Живите јазици не се алгебра.

    ОдговориИзбриши
  13. Зошто Цепи Влакновски не остава празно место по запирка, точка или некој интерпункциски знак?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Анонимен10 мај 2016 04:31

      И јас ќе го прокоментирав истото. А знае да заборави да стави и по некоја запирка.

      Избриши