03.3.2011

Одолжува и оддолжува

сподели на пинг

Уште еден пост ќе посветиме на оние зборови кои на изглед се многу слични, но, сепак, содржински се разликуваат. Иако ги двои само една буква, двата збора се сосема различни. Она што е заедничко за нив е тоа што и двата се глаголи, но затоа не се внимава во каков контекст тие се употребуваат. Оттука и настануваат грешки во смислата на реченицата.

Пример:

Никогаш не можеме да им се оддолжиме на своите родители.

Наспрема тоа имаме:

Пример:

Процесот се одолжуваше веќе неколку месеци.

Оддолжува значи да се врати некому со иста мера, наспроти одолжи, кој значи нешто да се завлечка, да не се дојде до крајниот исход.

Интересно е да се напомене дека зборувачите или пишувачите на текст, најчесто не ја гледаат разликата во значењето, па секогаш му даваат предност на оддолжи и го употребуваат и онаму каде што треба да стои одолжи. Веројатно причината и тука, како и во многу други случаи, е хиперкоректност, односно зборувачот поведен по други примери, за кои често го прекоруваат дека треба да пишува удвоени согласки, ги удвојува по аналогија и таму каде што не треба.

Слична ситуација со значење што се менува во зависност од тоа дали согласката е удвоена или не имаме кај броевите: петина наспрема петтина, десетина наспрема десеттина.

Броевите со суфиксот -ина, кои се пишуваат без удвоена согласка, означуваат приближна бројност, додека примерите со удвоената согласка означуваат дропки (една петтина).

3 коментари:

  1. Анонимен04 март 2011 15:04

    Тука треба да се пикнат и поддршка - подршка, оддржи - одржи...

    Интересни теми чепкате. Главно се согласувам со речиси сѐ што имате напишано. Како лектор и јас се соочувам со истиве проблеми, а најмногу проблеми имам кај употребата на транскрипцијата (тука донекаде не се сложувам со вас, ама ќе напишам едно коментарче во врска со работите со коишто не се сложувам, т.е. прилично сум либерален во поглед на употреба на латиница).

    Употребата на странските зборови не ја гледам како многу проблематична зашто колку и да се трудиме да наметнеме некој збор, јазичната ситуација на теренот ќе надвладее (односно, одредени зборови ќе ги има само во пишана форма). А и многу работи зависат од типот текст што се лекторира во однос на ова прашање.

    Она што многу луѓе не го забележуваат (меѓу нив и едно чудо јазични пуристи) е синтаксата. Лесно е да се забележи грешка кај лексиката. Што да правиме со конструкциите што доаѓаат од српскиот, а во последно време од англискиот?

    Поздрав,
    Војкан

    п.с. не си го лекторирав коментаров, така што... :)

    ОдговориИзбриши
  2. Odlicen post. Mnogu mi se dopaga Vashiot blog i ucam od nego.
    Fala !
    Maja

    ОдговориИзбриши
  3. Значи, одолговлекува е синоним со одолжи.

    Исто, има збунка и со „одложи“ (презакажа):

    Процесот се одложи /одолжи...мала промена, сосема друго значење.
    Мало надополнување:)

    ОдговориИзбриши