07.3.2011

Илјада и една ноќ некогаш поминуваат брзо

сподели на пинг

Усогласувањето на реченичните членови во однос на категориите лице, род и број, веројатно, е едно од основните синтаксички правила што треба секој да ги знае, но и чест предмет на грешки. За да ги разјасниме нејасните елементи што ги вклучува ова правило, овојпат ќе се задржиме на усогласувањето по категоријата број. Веруваме дека постов ќе им биде од помош и на странците што учат македонски, кои го посетуваат блогов.

Основниот (и најлесен) елемент на правилото вели дека со подмет (вршител на дејството) во еднина оди прирок (дејство, глаголска форма) во еднина и со подмет во множина оди прирок во множина.


Примери:

Детето го скрши прозорецот од автомобилот.

Децата го скршија прозорецот од автомобилот.


Тука не би требало да има некаков проблем, а истото важи и за ситуацијата кога вршители на дејството се повеќе субјекти, кои поединечно се во еднинска форма, но заедно формираат множина.


Примери:

Претседателот и потпретседателот на здружението одлично ја организираа промоцијата.



Забелешка:
Кога меѓу вршителите на дејството има еден или повеќе што се надредени и еден или повеќе што се подредени (наместо со сврзникот и, поврзани се со предлогот со), тогаш прирокот по број се согласува само со надредените членови (ако е еден надреден, прирокот е во еднина, и ако се повеќе, прирокот е во множина).


Примери:

Претседателот со потпретседателот на здружението одлично ја организира промоцијата.

Претседателот и потпретседателот со неколкумина членови на здружението одлично ја организираа промоцијата.



# Кога имаме набројување во глаголско-именски прирок, глаголот-врска (т.е. формата на помошниот глагол сум), треба да биде во множина. Погрешно е доколку тој е ставен во еднина.


Примери:

На аукцијата тој потроши куп пари и изнакупи многу непотребни предмети, како што се старо биро, десетина книги и керамички садови.

Погрешно:

На аукцијата тој потроши куп пари и изнакупи многу непотребни предмети, како што е старо биро, десетина книги и керамички садови.


Воопшто, силната врска меѓу бројот на реченичните членови во свеста на зборувачот слабее секогаш кога реченицата излегува од класичните учебникарски примери (кога има инверзија, повеќе определби, повеќе предмети (објекти) други додатни средства). И тогаш се прават грешки.


Примери:

На реализацијата на проектот работат стручњаци од повеќе области, насочувајќи ги разработката и дефинирањето на одделните фази.

Лекот ги регулира ослободувањето на хормонот и крвниот притисок.

Погрешно:

На реализацијата на проектот работат стручњаци од повеќе области, насочувајќи ја разработката и дефинирањето на одделните фази.

Лекот го регулира ослободувањето на хормонот и крвниот притисок.



# Како втора група ќе ги изделиме партитивите. Кога подметот во множина содржи некаква партитивна определба (група, чета, јато, стадо....), на пример, група студенти, јато риби..., се јавува дилема. Во практиката се среќаваат двојни форми, со прирок и во еднина и во множина (односно усогласен со именката што го определува основниот вршител), но сепак науката за јазикот го претпочита прирокот во множина, а ние се согласуваме со таквиот избор (за повеќе детали види во Синтаксата на македонскиот јазик на Л. М. Ѓуркова).


Примери:

Група студенти протестираа пред факултетот.

Наспроти:

Група студенти протестираше пред факултетот.



# Колективните именки (народ, бенд...) означуваат множественост со својата еднинска форма, но сепак со прирокот се усогласуваат граматички, по форма. Тоа значи дека, ако именката граматички е во еднина, без оглед што означува множество, оди со прирок што, исто така, е во еднина.


Примери:

(Бендот/групата) „Депеш мод“ направи одличен концерт.

или:

Членовите на (бендот/групата) „Депеш мод“ направија одличен концерт.

но не:

„Депеш мод“ направија одличен концерт.


Наспроти ова, со прирок во множина се согласуваат збирномножинските форми што завршуваат на суфиксот -је (лисје, класје...). И покрај тоа што во говорната практика често се појавуваат со прирок во еднина по теркот на колективните именки, тие сепак се множински форми и треба да се употребуваат со прирок во множина.


Пример:

Жолтите лисје крцкаат под нозете.

Погрешно:

Жолтото лисје крцка под нозете.



# Важна група се и броевите, кои исто така треба да бидат усогласени со прирокот. Бројот еден, логично, оди со еднина, а сите други, вклучувајќи и нула, одат со прирок во множина. Специфични се броевите што завршуваат на еден (без еден и единаесет), бидејќи во тој случај бројот со именските зборови се согласува по блискост и тие се во еднина, додека прирокот и понатаму се јавува во множинска форма.


Примери:

Еден убав ден беше потребен за да му се врати расположението.

Нула денари беа потребни за да го добие тоа што го сакаше.

Пет убави дена беа потребни за да му се врати расположението.

Дваесет и еден ден беа потребни за да му се врати расположението.



# Многу е важно согласувањето по број, како и правилната употреба на членот кога има повеќе определби на една именка, бидејќи грешка може целосно да го смени значењето.


Примери:

Нашиот и ваш миленик постигна голем успех во натпреварот.

Нашиот и вашиот миленик постигнаа голем успех во натпреварот.


Во првиот пример е членувана само едната определба и така треба да биде секогаш кога всушност зборуваме за еден субјект. Токму затоа и прирокот е во еднина. Втората реченица, каде што се членувани двете определби, значи дека зборуваме за двајца миленици, еден е нашиот, а друг е вашиот. Од тие причини и прирокот е во множина.



# При учтиво обраќање, има две ситуации што треба да се одбележат. Глаголскиот прирок оди во множина, додека при глаголско-именски прирок, помошниот глагол е во множина, а именскиот дел е во еднина.


Примери:

Зошто Вие не дојдовте на прославата?

Вие сте добар лекар.

16 коментари:

  1. Надвор од темата е прашањето. Ми треба објаснување: што значи ЛЕГИСЛАТИВА??

    ОдговориИзбриши
  2. Бојан, лектор08 март 2011 16:24

    Ружин - тоа би било законодавство, законски акт, и слично.

    ОдговориИзбриши
  3. Анонимен08 март 2011 16:25

    Biserka, kolku cini kaj vas lektoriranje od stranica?

    ОдговориИзбриши
  4. @Bojan Ако мислиш да не’ ангажираш, пиши ни мејл :)) Се зезам. Секако, зависи од текстот, за конкретен ангажман конкретно се договараме. Ако навистина ти треба нешто, пиши мејл, бидејќи (мислам) го немаме твојот и нема каде да ти одговориме (финансиите сепак не би ги коментирале тука)
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  5. Анонимен08 март 2011 17:28

    Едно прашање. Кога купувам грозје дали треба да барам зрело грозје или зрели грозје? Однапред благодарам.

    ОдговориИзбриши
  6. @Anonymous Супер што го постави прашањето. Одговорот е зрело грозје. Еве зошто:

    Иако можеби по потекло грозје е збирномножинска форма (грозд + је), формата одамна е лексикализирана и денес има статус на именка од среден род еднина. Значи кога кажуваме грозје, не мислиме на повеќе гроздови (три/многу грозје), туку воопшто на овошјето, а зависно од контекстот, може бројно да станува збор и само за еден грозд. Дополнително, во јазикот на убавата литература (поезија/проза) веројатно е можна и таква употреба, како збирна множина од грозд, но во секојдневниот говор останува да се употребува како именка од среден род еднина (во толковниот дури е допуштена и множинска форма од грозје - грозја иако мислам дека е поретка во практиката).

    Слична е ситуацијата и со цвеќе. И тоа е по потекло збирна множина од цвет (+ је), но низ времето се лексикализирала како именка од среден род еднина, па имаме, на пример, жолто цвеќе, а не жолти цвеќе. Овде множината дури е повообичаена - цвеќе-цвеќа. (Во градината растат шарени цвеќа.)

    Не ми текнува во моментов на други примери. Ако ми текне ќе допишам (или ако му текне на некој друг, нека напише).
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  7. Бојан, лектор09 март 2011 11:30

    @ Бисерка, јас сум веќе лектор по македонски јазик, така што мене, лично, лектор не ми треба, но доколку има повеќе работа т.е. доколку не можам јас да стигнам, секако дека би ве препорачал. Колку што знам вие (ти и колешката) сте лекторки во Нова Македонија, така што имате еден куп работа.

    Поздрав и секое добро.

    ОдговориИзбриши
  8. @Bojan Се зезав само де, не се лути :) Блогот (мејлот што е оставен) е контакт за секој што сака лекторски услуги, па слободно посочи го на тој што му треба. Со секого поединечно се договараме за цени и рокови.
    Патем, (ѕирни ги профилите на блогот) јас работам во Нова Македонија, но како новинар, не како лектор. Маја е лекторка во Шпиц. Не знам од каде друго инфо :)

    ОдговориИзбриши
  9. Бојан, лектор10 март 2011 10:46

    :) Не знам како може некој преку електронска комуникација да ги види гестикулациите на некој, или да почувствува дали се лути или не. Па секако дека не се лутам, но ако видиш погоре јас не сум тој што бара лектор... туку овој анонимниов :)

    Поздрав и убав ден :)

    ОдговориИзбриши
  10. @Бојан Хахахаха, е не знам како ми се смешале брзините :)))
    Како и да е, одговорот важи и за него - контакт по мејл :)
    Sorry :)

    ОдговориИзбриши
  11. Анонимен10 март 2011 14:23

    Мала дигресија под овој текст: дали глаголите што завршуваат на -ИРА во трето лице минато време остануваат како и во сегашно или им се додава наставката -ШЕ? Или пак тоа има врска со траењето на дејството?

    На пример: Министерот апелира/апелираше да почнат преговорите.

    Ви благодарам за љубезниот одговор, продолжете и понатаму вака!

    ОдговориИзбриши
  12. Во минато определено несвршено време се додава -ше, а во минато определено свршено, не се додава. Многу малку се почитува ова во практиката. Искрено, иако се трудам да го почитувам, малку ми е дискутабилно како правило бидејќи не произлегува од јазикот што се зборува, туку е обид да се наметне со одлука. Сепак, додека важи актуелниот правопис, тоа е правилото

    ОдговориИзбриши
  13. Ако го земеме, на пример, глаголот дипломира ќе видиме дека не би требало да го употребиме во минато определено несвршено време, зашто не е повторливо дејството. Еднаш се случило и завршило во минатото. Тој дипломира, а не тој дипломираше. Проблемот со овие глаголи е тоа што зборувачот не може да сфати дека формата за трето лице еднина за минато определено свршено време се совпаѓа со формата за трето лице еднина во сегашно време и чудно му паѓа како за минато време да каже нешто што звучи дека се врши сега во моментот.
    Што се однесува до примерот Министерот апелира/апелираше..., мислам дека може да се употребат двете форми, во зависност од стилот на зборувачот, односно кое време го употребил, минато определено сврешено или несвршено.

    ОдговориИзбриши
  14. Читајќи ја темава, препоставувам дека точно би било:

    „Мнозинството од овие лица не се способни да читаат и пишуваат.“

    ОдговориИзбриши
  15. Дали е правилно:
    САД ќе биде...
    или САД ќе бидат?

    ОдговориИзбриши
  16. Јас мислам дека правилно е : САД ќе бидат, бидејќи сепак се зборува за повеќе држави. Соединети Американски Држави.

    ОдговориИзбриши