11.3.2011

Шарен свет

сподели на пинг

Навидум нема проблеми кога станува збор за пишувањето на имињата на боите како: жолта, бела, зелена, виолетова, портокалова или сина. Но, нашиот шарен свет е обоен во многу повеќе од овие неколку основни бои. Проблемот настанува тогаш кога треба да се означи некоја специфична нијанса.

Примери:

темносин

светлозелен

бледожолт

Зборовите темен, светол или блед се пишуваат слеано со бојата, а причината е што целиот збор означува една боја, т.е. една нијанса.

Во други ситуации, пак, кога се објаснува дека нештото е составено од две бои, во тој случај зборот се пишува со цртичка.

Примери:

црвено-црн

сино-зелен

бело-црвен

Под влијание на англискиот јазик има тенденција да се прифаќаат зборови од англиското говорно подрачје како браон или пинк. Правилно би било доколку за овие бои се употребат кафена и розова (иако можеби пинк и во нашиот јазик полека станува назив за конкретна нијанса на розова). Меѓутоа, има и такви што навлегле во нашиот јазик одамна и си го утврдиле своето место, како окер, беж (или бежова боја), тиркизна и слично.

Кога овие зборови со туѓа форма се поврзуваат со именка се бележат со цртичка.

Примери:

окер-чанта

беж-чевли

7 коментари:

  1. Беж-чевли = чевли за бежање! :-)

    ОдговориИзбриши
  2. Бежанци носат беж-чевли за бежање:)

    ОдговориИзбриши
  3. Бојан, лектор14 март 2011 11:43

    Ќе морам да додадам дека не се вика кафеава, туку кафена. Оваа боја доаѓа од кафето, кое е кафено, а не кафеаво.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  4. @Bojan
    На кој дел од постот се однесува забелешкава, или ти само сакаш да го потенцираш тоа?

    ОдговориИзбриши
  5. Бојан, лектор14 март 2011 13:54

    Маја, само сакав да ги истакнам тоа. Не е забелешка. Само сакав да го нагласам тоа, иако гледам дека и ти го имаш употребено зборот „кафена“.

    ОдговориИзбриши
  6. и јас гласам за „кафена“...но денес во Матица баш го прелистував Толковниот Речник и таму стои само „кафеава“. Од друг лектор денес слушнав дека и двете форми биле прифатени во литературниот јазик...и сега, кој е во право? И како да знае човек кому да верува и на кого или што да се потпре?

    ОдговориИзбриши
  7. @Ана До скоро се признаваше само кафен како дел од стандардниот јазик. И точно е дека во Толковниот е евидентиран и кафеав. Кога сме прашувале за одредени зборови што претходно не биле прифатени од нормата зошто се внесени во толковниот, објаснувањето од авторите е дека има многу ексцерпиран материјал со тој збор, што не може да се игнорира и да се исклучи. Претпоставувам дека од таа причина е вклучен и кафеав.
    Лично го поздравувам таквото поместување на границите, секако, пак според одредени критериуми.
    Инаку, важечка норма секогаш се актуелните речници и правописот, иако некогаш ни треба време да ја „свариме“ новата одлука...
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши