14.3.2011

Интервју со гуруто

сподели на пинг

Модното гуру Елизабет Мусмано, која работела како маркетинг-менаџер за повеќе светски дизајнерски имиња, доаѓа во Скопје.


Оваа вест деновиве беше објавена во повеќето домашни медиуми. Настрана што нѐ радува што некој што е светски докажан доаѓа да помогне за да ни пркне модната сцена, вестите што беа објавени на оваа тема повторно нѐ враќаат на некои стари прашања што треба да се одамна апсолвирани.


Станува збор за именките преземени од туѓи јазици, чија форма не се вклопува во јазичниот систем на македонскиот јазик. Такви се, пред сѐ, оние што завршуваат на и на , а може да означуваат лица или предмети. Проблемот настанува поради тоа што во нашиот јазик именките од машки род најчесто завршуваат на консонант, додека тие од женски род завршуваат на -а (тоа не се единствените групи, но се најголеми - може и од женски род да завршуваат на консонант, како што може и од машки род да завршуваат на ). Именките од среден род најчесто завршуваат на или на , додека суфиксите и ги нема кај именките од домашно потекло). Оттука, како проблематични се јавуваат и туѓите именки што завршуваат на и што се однесуваат на лица, бидејќи по форма се поблиски до средниот род.


Примери:


гуру (духовен водач и, преносно, воопшто познавач и учител во некоја област)

кули (носач, амал во Индија)

крупие (вработен во коцкарница, лице што има улога на банка, претставник на коцкарницата )

макро (подведувач, сводник)



кубе (полутопчест свод, купола)

интервју (разговор)

жири (комисија)

киви (вид јужно овошје)

бифе (просторија во која се служи лесна храна, кафе, сокови)

цунами (џиновски бран)

такси (вид превозно срество)



Заедничко за првата група примери е што сите се однесуваат на лица. Без оглед дали лицето е од машки или од женски пол, т.е. природен род, во нашиот јазик овие именки се прифатени како именки од машки род. Тоа значи дека воведниот пример би требало да гласи: Модниот гуру Елизабет Мусмано...


Проблемите со нивното вклопување во нашиот јазичен систем произлегуваат токму поради непоклопувањето на граматичката форма со таа што треба да ја имаат според значењето. Најпрво, и покрај тоа што означуваат лица, овие именки ги добиваат членските морфеми вообичаени за средниот род -то, -во, -но (крупието, гуруто). Втора работа се множинските форми, кои ги формираат со суфиксите или -ја, кои повторно се вообичаени за средниот род: макроа, крупиеја, гуруа, кулија.


Забелешка: Именките од машки род (вообичаено) формираат множина со суфиксот , па постоеја обиди тоа да се наметне и кај овие туѓи именки (макрои, гуруи), но тоа едноставно не профункционира никогаш. Кај именките што завршуваат на (без оглед дали се однесуваат на лица или предмети) постои тенденција множинските форми да остануваат исти како еднинските, без суфикс, (две киви, двајца кули...). Ова, сепак, не е прифатено.



Третиот проблем кај овие именки е согласувањето со природниот род, кога се однесуваат на лице од женски пол.


Модниот гуру Елизабет Мусмано, кој(а) работел(а) како маркетинг-менаџер(ка) за повеќе светски дизајнерски имиња, доаѓа во Скопје.


За да си го решиш тој проблем и да избегнеш конструкции како претходнава, треба конечно да го сфатиш значењето на изразот „со свои зборови“. Нема потреба од употреба на туѓи конструкции. Истата содржина може да се искаже на повеќе други поприфатливи начини. Да се навратиме на првиот пример:


Елизабет Мусмано, која работела како маркетинг-менаџерка за повеќе светски дизајнерски имиња и која важи за гуру во светот на модата, доаѓа во Скопје.



Втората група примери означуваат неживи поими и предмети и во нашиот јазик се прифатени како именки од среден род. Бидејќи по форма се блиски до домашните именки од среден род, кај нив не би требало да има проблеми. Ги примаат членските морфеми карактеристични за средниот род (кубето, интервјуто, жирито, кивито, бифето, цунамито, таксито...) и прават множински форми со суфиксите -а и -ја (кубеа, интевјуа, кивија, бифеа, цунамија...).



Грешки се случуваат кога под влијание на некои соседни јазици овие именки се третираат како да се од машки род: мојот интервју, страшниот цунами... Наместо тоа треба: моето интервју, страшното цунами...


Забелешка: Сосема непотребна е формулацијата жири-комисија, бидејќи двата збора го означуваат истото. Тоа значи дека треба да се употреби или само жири или само комисија.


За крај ќе споменеме уште две ситуации од истава тема, иако не се однесуваат на групата именки на -у, -и, -о, -е. Кога употребуваме именки-определби чиј граматички род се разликува од природниот род на лицето во чиј контекст се употребени, согласувањето е граматичко.



Пример:

Пред да се пресели во новиот дом, момчето чувало две кученца.

Големата музичка ѕвезда Лени Кравиц долетала на концертот со сопствен авион.


Погрешно:

Пред да се пресели во новиот дом, момчето чувал две кученца.

(и покрај тоа што зборуваме за лице од машки пол, зборот момче граматички е од среден род)

Големата музичка ѕвезда Лени Кравиц долетал на концертот со сопствен авион.

(повторно, зборуваме за лице од машки пол, но ѕвезда е од граматички женски род)


Кај првиот пример не би требало да има нешто спорно, но доколку не ти се допаѓаат формулации како вториот пример, можеш да ги избегнеш многу лесно.

Пример:

Лени Кравиц, кој важи за голема музичка ѕвезда, долетал на концертот со сопствен авион.



Втората ситуација произлегува од зборот мис, преземен од англискиот јазик, во значење титула на избор за убавина. Проблем нема во примери како следниов:


Ана е избрана за мис на Македонија.


Но, со членување, се добиваат несмасни конструкции:


Мисот на Македонија одлета во Кина.


Избегнување е можно со промена на кострукцијата:


Ана, годинешната мис на Македонија, одлета во Кина.


Во обид да се надминат разликите во природниот и граматичкиот род се прават и конструкции како што е мисица, а кои ние ги прифаќаме бидејќи стилот и контекстот во кои се употребува овој збор сосема го дозволуваат тоа. Секако, секогаш кога има простор (значи кога не зборуваме конкретно за титулата или за името на натпреварот), треба да се употребува и македонскиот збор - убавица.

Нема коментари:

Објави коментар