18.3.2011

Негов или свој

сподели на пинг

Влатко го шеташе неговото куче во паркот.

Чие куче всушност шетал Влатко? Вака како што е напишана реченицата излегува дека кучето му припаѓа на некое трето лице, кое нам треба да ни биде познато од контекстот. Реченицата има смисла, на пример, во следнава ситуација:

Иван замина на викенд во Маврово и го остави своето куче кај Влатко. Влатко го шеташе неговото куче во паркот.

Проблемот во врска со присвојната заменска придавка негов (нејзин) и повратната присвојна заменска придавка свој произлегува од нивната неправилна употреба. Многу често се среќава негов таму каде што треба да стои свој. Така, доколку во почетниот пример станува збор за куче што му припаѓа на субјектот (Влатко), реченицата е неправилно напишана, бидејќи на местото на неговото треба да стои повратната заменка своето.

Влатко го шеташе своето куче.

Забелешка: Се греши и при употребата на присвојните заменски придавки за трето лице, односно се употребува формата нивен, иако таа е обележје исклучиво на разговорниот јазик и не е прифатена од нормата. Зборувачите ги буни тоа што формата за трето лице множина, кога предметот е од машки род еднина се поклопува со формата за трето лице множина кога и предметот е во множина.

Примери:

Тој е нивни син. (не: Тој е нивен син.)

Тие се нивни синови.

За да ги разграничиш контекстите во кои се употребуваат овие две различни присвојни заменски придавки, треба да имаш предвид една работа. Повратната заменска придавка (и воопшто кој било збор со повратна функција, без оглед дали е тоа повратната заменка себе или повратен глагол, на пример, се чешла, се мие...) може да се употреби само доколку дејството се враќа врз вршителот. Во однос на присвојните заменски придавки тоа значи дека свое може да биде само нешто што му припаѓа на вршителот на дејството во реченицата. Во тој случај не може да се употреби негов или нејзин, кои пак се употребуваат секогаш кога нештото му припаѓа на некое друго лице, а не на подметот во реченицата. Во однос на повратната заменка себе и на повратните глаголи, тоа значи дека подметот во исто време е и предмет во реченицата, односно вршителот на дејството во исто време го трпи дејството.

Забелешка: Повратната заменка себе, поради експресивност, почесто се јавува во формата себеси, која се пишува слеано - не себе си. Разделено се пишуваат кратките заменски форми за директен и за индиректен објект: себеси се и себеси си.

Примери:

Себеси се виде во неговите очи.

Себеси си рече дека тоа не е вистина.

Нема коментари:

Објави коментар