21.3.2011

Чудна жена беше Вера

сподели на пинг

Ни текнува на примеров секогаш кога ќе избришеме вишок на во реченица, особено ако станува збор за некоја конструкција што воопшто не е вообичаено јазично средство за македонскиот јазик. Чуден тип на жена VS чуден тип жена VS чудна жена (беше Вера) - авторските права за овој пример одат кај еден професор од Филолошки. Ако уште не ти е јасно, темата на овој пост е употребата на предлогот на таму каде што не му е местото.


Предлозите се службени зборови, чија функција е да ги дефинираат односите меѓу членовите на реченицата. Во секојдневната практика повеќето од нив може да се сретнат во контексти каде што не треба да се употребуваат. Ова, веројатно, особено важи за предлогот на, кој има повеќе значења и употреби - просторно (на маса), временско значење (на празник), присвојно (книгата е на Ивана)..., но и чисто граматички, како што е на пример во функција на индиректен предмет (ѝ рече на Ивана)... Истовремено, може да биде погрешно употребен на повеќе начини, а овде ќе ги издвоиме трите што се најприсутни.



# Лош превод на туѓи конструкции. Освен влијанието на туѓата конструкција, веројатно голем дел од вината отпаѓа на потребата за поголема експресивност на изразот, која во свеста на зборувачот се добива со употреба на повеќе или подолги јазични средства. Да се вратиме на воведниот пример. Неретко среќаваме конструкции како оваа:


Таа е чуден тип на жена.


Кој било со повеќе од просечни јазични познавања, веднаш ќе ти каже дека станува збор за директно влијание од англиската фраза type of или kind of. Кај нас примерот би звучел, како што веќе кажавме:


Таа беше чудна жена.


Но, во други ситуации, кога треба да се употреби одредницата тип за додатно да се опише нешто, имај предвид дека во таа конструкција нема место за на.


Примери:


тип јадење

тип материјал

тип машина


Во истата група ќе ги вброиме и следниве конструкции:


вид на (животно)

категорија на (акциски филмови)

група на (студенти)

големиот број на (пријавени кандидати)

Во сите нив предлогот на е вишок. Еве како треба да звучат:


Зајакот е вид животно што бара специфични услови за чување во домашна средина како милениче.

Во категоријата акциски филмови победи....

Група студенти од овој факултет ќе заминат на студиски престој во Лондон.

Листата е проширена поради големиот број пријавени кандидати.



# Глаголски именки. За да го објасниме ова, ќе одбереме најпрост пример, но сѐ што ќе биде кажано важи за сите глаголски именки.

Пример:

Секое попладне по еден час ѝ е резервиран за читање книга. (1)

Секое попладне по еден час ѝ е резервиран за читање на книга. (2)

Во читањето книга ужива секое попладне по еден час. (3)

За читањето на книгата одвојува по еден час секое попладне. (4)

За читање на книгата одвојува по еден час секое попладне. (5)



Кога имаме конструкција со глаголска именка и именка врз која се пренесува дејството именувано со глаголската именка, предлогот на се употребува само кога втората именка е членувана. Тоа значи дека меѓу првиот и вториот пример точен е само првиот (1). Примерите, пак, (3), (4) и (5) покажуваат дека членувањето на глаголската именка нема улога во употребата на на, туку само членувањето на именка врз која се пренесува дејството. Сите три примери се точни - за (4) и (5) е и практично невозможна варијанта без предлогот, така што тука нема опасност од грешка, но примерот (3) би бил погрешен кога би бил употребен со на: Во читањето на книга ужива...


Сето ова важи и доколку пред именката што го трпи дејството стои атрибут (придавка):

Секое попладне по еден час ѝ е резервиран за читање интересна книга.


# Директен предмет. Директен предмет (објект) е реченичен член врз кој директно се пренесува дејството означено со глаголот. Тоа „директно“ подразбира дека нема употреба на предлози што ја дообјаснуваат релацијата со глаголот.


Примери:

вози велосипед

чита книга

пее песна

гледа филм

пишува пост

го виде Филип

го нахрани мачето


(во овие примери, велосипед, книга, песна, филм, пост, Филип и мачето имаат функција на директен предмет)

За разлика од директниот, кај индиректниот предмет, дејството од глаголот не преминува директно туку е насочено (или наменето) кон поимот што е именуван со него. Веќе споменавме, граматичката улога на посредник кај индиректниот предмет ја има токму предлогот на:


Примери:

му рече на Филип

ѝ испрати подарок на Ана

(Филип и Ана се во функција на индиректен предмет, а подарок во вториот пример е директен предмет).


Употребата на на со директен предмет, кога станува збор за живо суштество, е присутна низ повеќе (особено западномакедонски) дијалекти, но не е прифатена од нормата (изненадени сме од фреквентноста). Тоа значи дека се погрешни конструкции како:


Го виде на Филип.

Го нахрани на мачето.


Ваквата употреба на директниот предмет претставува балканско влијание. Присутна е во повеќето јазици од романската група (македонскиот јазик трпел влијанија од балканските - романскиот, влашкиот и албанскиот), но кај нив ваквата употреба е сосема регуларна. Ние ќе ја илустрираме оваа појава преку шпанскиот, каде што со предлогот a/al се употребуваат и директниот и индиректниот објект (и тоа без разлика дали станува збор за живо суштество или предмет):

Él vio a Felipe... (го виде - директен)

Él dijo a Felipe... (му кажа - индиректен)

И покрај сите влијанија, македонската норма не го прифаќа ова дијалектно обележје.

9 коментари:

  1. Има грешка/превид кај „следниве конструкциите". Поздрав!

    ОдговориИзбриши
  2. Анонимен21 март 2011 17:01

    Во последно време среќавам „текстот е лектУриран“ (веројатно од зборот лектура), напишано од лектори.
    Само мала дигресија од постот.
    Исто, имам една забелешка. Потрудете се да одговарате, ако не на сите, барем на повеќето поставени прашања во коментарите, особено на оние што ви го надополнуваат постот. Поздрав.

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous Секако дека одговараме кога се бара одговор или кога треба да реагираме на нешто. Не одговараме кога нема што да се одговори зашто 1) коментарот е на место или 2) коментарот не заслужува одговор :) (а има и такви нели). Некогаш можеби не одговараме веднаш, но тоа е само затоа што имаме и други обврски :). Ако нешто сме пропуштиле, не било намерно.
    Инаку за лектУрира - лично не сум го сретнала и, секако, не е во ред.
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  4. Анонимен22 март 2011 18:05

    Имам едно прашање, односно дилема.
    Која од следниве конструкции е точна:

    Мора да бидам добар, или
    Мора да сум добар.

    Треба да бидат фини, или
    Треба да се фини.

    Фала однапред!

    ОдговориИзбриши
  5. Двете конструкции се сосема во ред. Јазикот не е шаблон и често постои повеќе од едно точно решение :)

    ОдговориИзбриши
  6. Дали насловите и поднасловите во еден научен труд (на пр. магистерски или докторски труд) треба да се членуваат?

    ОдговориИзбриши
  7. Во однос на употребата на предлогот ,,на" кај индиректен предмет, дали е правилно да се употребуваат и формите ,,на него му реков" наместо ,,нему му реков" и ,,на неа и' реков" наместо ,,нејзе и' реков"? Некои тврдат дека двете форми биле правилни а јас колку што се сеќавам сум учела за ,,нему му" и ,,нејзе и' " во индиректен предмет као единствени форми. Предлогот ,,на" како што спомнавте во блогот се употребува со именки во индиректен а не со заменските форми. Ви благодарам

    ОдговориИзбриши
  8. Вашиот блог ми е отворен секогаш кога работам. Искрено би платила да го читам. Чисто злато ви се постовиве, без претерување. Дилема во однос на темава. „Наведете го бројот на нововработени мажи“ бидејќи е заповеден начин или „Наведете го бројот нововработени мажи“?

    ОдговориИзбриши