25.3.2011

Луј Витон VS „луј витон“

сподели на пинг

Сигурно досега сте носеле патики од марката „најки“ или сте јаделе чоколада „сникерс“, но дали сте се запрашале како правилно се пишуваат тие. Едно од интересните прашања и болка на лекторите е пишувањето на имињата на марките и производите што тие ги опфаќаат. Досега при пишувањето на имињата на компаниите што стојат зад овие марки никој не згрешил, а тоa е со голема почетна буква и во наводници, бидејќи главно ги доживуваме како лични имиња.

Примери:

„Ауди“,

„Најки“,

„Марлборо“,

„Луј Витон“,

„Хуго Бос“

Проблем настанува бидејќи многу често имињата на компаниите се идентични со имињата на брендовите. Според Правописот на македонскиот јазик, тие треба да се напишани со мала буква, повторно во наводници.

Пример:

автомобил „ауди“

патики „најки“

цигари „марлборо“

чанта „луј витон“

костум „хуго бос“

Меѓутоа, тука сакаме да нагласиме уште една разлика што, според нас, треба да се земе предвид, а која не е утврдена со правописот. Кога го употребуваме името на брендот, постојат две ситуации. Во првата ги именуваме производите од конкретната марка, како што е дадено во горните примери, и тие треба и понатаму да се пишуваат со мала буква. Во втората, пак, ја именуваме самата марка и сметаме дека во тој случај треба да добие статус на лично име, како што впрочем и се третира кога се заштитува како марка, па оттаму и да се пишува со голема буква. Ова го предлагаме како дополнување на правописот од две причини. Прво, во свеста на зборувачите марката има статус на лично име, додека производот од таа марка веќе станува општа именка. Второ, во сите јазици што нам ни се познати, марката има статус на лично име (какво што реално и е).

Примери:

Купи чанта „луј витон“.

Таа ги обожава чантите на „Луј Витон“.

Компанијата „Луј Витон Моет Хенеси“ ќе се шири на нови пазари.

Во првиот пример зборуваме за предмет што носи одредена етикета. Во вториот пример зборуваме, не за компанијата, туку токму за брендот „Луј Витон“. Третиот пример и воопшто не е спорен, бидејќи тука зборуваме за самата компанија.

Еве и локален пример:

Модната куќа „Беас С“ најавува ревија на новата колекција од брендот „Астибо“.

Во овој пример „Астибо“ е бренд, а не компанија. Нашиот став е дека во ваков случај не би требало името на брендот да е напишано со мала буква, иако постоечкиот правопис вели обратно.

Она што од друга страна ги збунува луѓето е тоа што меѓу марките има лични имиња, кои во овој случај се пишуваат со мала буква, како општи именки. Притоа, тие го означуваат производот, а не личноста што го носи тоа име, ниту компанијата што го произведува.

Ќе го изделиме примерот со физичарот Рентген и апаратот рендген. Бидејќи првото е лично име, дури и не подлежи на правилото за едначење по звучност, како што е случајот со апаратот, чие име е општа именка.

Забелешка: При пишувањето на марките, збороредот е следниов: прво се пишува описот на производот, па името на марката, а не обратно. На пример, правилно е да се каже патики „најки“ или цигари „марлборо“, а не „најки“ патики или „марлборо“ цигари.

10 коментари:

  1. Бојан. лектор25 март 2011 15:12

    Компанијата е „Кока-Кола“, а пијалакот кока-кола... така беше!?

    ОдговориИзбриши
  2. Анонимен25 март 2011 17:32

    Мала забелешка.Nike се изговара најки а не најк.

    ОдговориИзбриши
  3. Анонимен25 март 2011 19:46

    Nike се изговара Најк. Најки е само уличен жаргон.

    ОдговориИзбриши
  4. Анонимен25 март 2011 20:14

    Слушнете го изговорот во било која реклама на „Најки“ и самите уверете се.

    ОдговориИзбриши
  5. @Anonymous Ти благодарам за забелешката. Коригирано!

    ОдговориИзбриши
  6. Ко обичен смртник примерот со Рентген ме замисли малце за некои лични имиња. Општо мислам дека со изговорот кај народот е каша попара (и јас сум еден од нив).

    1. Дали е правилно Дон Жуан/Хуан/Јуан ако се знае дека на шпански се пишува Don Juan, a на италијански Don Giovanni (Дон Џовани)?

    2. Javier (Хавиер)

    3. Xabi (Чаби)

    4. Seedorf (Сидорф/Зедорф)

    5. Carew (Кару)

    .... и уште милион имиња што стварно ме бунат дали треба да ги изговараме според тоа како се напишани или по слух.

    Ако е премногу комплицирано за објаснување, може и некој линк до извор, па сам да си склопам логика и правило :)

    поздрав

    п.с. search копче добро би ви дошло.

    ОдговориИзбриши
  7. @Pipovski Најпрво search-копче имаме :) Најгоре, лево, од самиот Blogger.
    Е сега...
    Дон Жуан кај нас е навлезено како такво и така и останува (нема поента допрва да се менува). Инаку, не знам на памет, треба да се провери, дали е навлезено во таа форма преку друг јазик (на пример, француски)или затоа што оригиналниот изговор е таков (на некој од јазиците што се зборуваат во Шпанија). Дон Жуан е по потекло од Севилја, а на шпански (кастилијански) се изговара Дон Хуан. Дон Џовани би било локална, италијанска варијанта, што значи најмалку прифатлива.
    Хавиер е шпански изговор, меѓутоа може да има и поинакви изговори на истото име од друга почва (каталонска, на пример). Чаби е токму таков пример (овде претпоставувам мислиш на Чаби Алонсо, бидејќи Чави од Барса е со в :) (б во шпанскиот - под шпански овде ги подразбирам сите 4 јазици што се зборуваат во Шпанија - е глас меѓу нашите б и в).
    За Сидорф, го твитав ова скоро. Холандскиот изговор е најблизок до Седорф, а францускиот е Зедорф. Како и да е, мој став е дека, кога еднаш ќе навлезе некое име, не треба да се менува. Во сите јазици постои појава некои туѓи имиња да отстапуваат од оригиналниот изговор, поради приспособување...
    Инаку, генерално, важи правилото најблиску до оригиналот. Прочитај ги постовите со тагот „транскрипција“

    ОдговориИзбриши
  8. Анонимен29 март 2011 10:46

    Кога ги лекторирам спортските вести, јас, лично, го пишувам Сидорф. Во неколку светски јазици некои имиња на некои фудбалски великани се пишуваат РАЗЛИЧНО. Не е Роналдо, туку на португалски би било РУНАЛДУ. Верувајте дека јас никаде го немам сретнато името Роналду, туку РОНАЛДО. Затоа немојте да губте нерви, ниту пак да си задавате дилеми за некои имиња на фудбалери. Верувајте ако некој ми забележи за Сидорф, око нема да ми трепне :) Сидорф е и крај :) Pozdrav

    ОдговориИзбриши
  9. Почитувани, пишувајќи еден информативен текст, влегов во дилема слична на темата за која зборувате овде. Имено, кога зборуваме за имиња на телевизии, дали претпочитате да ги транскрибираме кирилично? На пример: „Најголема приватна телевизија во Германија е РТЛ, во сопственост на Групацијата РТЛ. Оваа групација е сопственик и на каналите: RTL, RTL II, Super RTL, n-tv и VOX.“ Што ви изгледа најмакедонски? Данкешен :)

    ОдговориИзбриши
  10. @Даниел Веќе сме го коментирале ова. Побарај ги постовите со таг транскрипција (и коментарите под нив). Поздрав

    ОдговориИзбриши