11.4.2011

Уште 5 лекторски заповеди

сподели на пинг

Јазичните грешки што ги опфаќаме во овој пост не се воопшто помалку важни во споредба со првите пет што ги наведовме пред неколку постови. Напротив, многу се присутни во практиката, а спаѓаат во истата група непростливи пропусти.



1. ВО ПРЕДВИД > ПРЕДВИД

Самиот збор предвид во својата структура веќе го содржи предлогот пред (тука префикс). Конструкцијата во предвид, буквално протолкувана дава бесмислен спој што вели дека нешто се наоѓа и во и пред нечиј вид. Ваквата погрешна употреба се должи на влијанието на српското у обзир.


Пример:

Имај го предвид нашиот договор.

Ќе ги земам предвид вашите забелешки.


Забелешка: Во македонскиот јазик постои и зборот обѕир, кој се пишува со ѕ, а не со з. Притоа, тој поретко се употребува во контексти како српското обзир и македонското предвид, а почесто значи внимание, почит (тој има обѕир кон твојата работа).



2. ВАЉДА > ВЕРОЈАТНО


Ова веројатно е еден од најчесто употребуваните србизми. Нема што посебно да се објаснува. Едноставно, обиди се да го употребуваш што е можно помалку, најдобро воопшто.


Пример:

Ана и Марко јавија дека ќе задоцнат поради сообраќајот. Веројатно ќе стигнат до вечер.



3. ПРИЛИКА > ПРИГОДА, ШАНСА, МОЖНОСТ


Во зависност од контекстот србизмот прилика може да биде заменет со неколку наши зборови. Кога имаш толку избор, зошто да направиш грешка?


Примери:

Ќе го дискутираме тоа во друга пригода.

Нема да имаш друга шанса да ја разрешиш збрката.

Ова беше последна можност да се конкурира за стипендија.



4. ПРИЛИЧНО > МОШНЕ, ВО ГОЛЕМА МЕРА, ДОСТА


Ова логично се надоврзува на претходната точка: како и именката, не е прифатена ни прилошката форма. И за неа имаме неколку замени, зависно од контекстот, од стилот и од желбата на зборувачот. Еден од изразите што ги препорачуваме е описен, всушност, прилошка определба - во голема мера. Другиот можеби звучи архаично, мошне, но немој да имаш предрасуди. Напротив, откако ќе го употребиш неколкупати, може да ти стане и симпатичен. Впрочем, јасно е дека мошне му дава малку повисок стил на јазикот во кој е употребен, така што е јасно дека неговата употреба е посоодветна токму во текст со повисок стил, отколку во муабет со другарите.


Примери:

Патувањето низ Европа беше мошне интересно.

Таа во голема мера го совлада францускиот јазик.

Девојчето доста пораснало од вашата последна посета.



5. СВАТИ, СВАЌА > СФАТИ, СФАЌА

Глаголот што значи разбира се пишува со ф, колку тоа и да ти звучи чудно зашто цел живот те учеле дека се пишува в, а не ф, во вторник, овца, свеќа... Сепак, тука зборуваме за збор, во чиј корен е глаголот фати и нема јазични околности поради кои овој глас би требало некако да се промени.


Пример:

Сосема погрешно ја сфати целата работа.


Забелешка1: Со корен со в се пишуваат зборовите сват, сваќа, сватови, но тие означуваат свадбари, учесници на свадба.


Забелешка2: Не секое ф што се слуша при изговорот преминува во в во пишувана форма. Постојат и други зборови како сфаќа, каде што ф е дел од коренот на зборот: нафта, чаршаф...

26 коментари:

  1. Анонимен11 април 2011 05:03

    Повеќето луѓе сметаат дека е полесно глаголот „сфаќа“ да го пишуваат со В поради правилото на едначење по звучност. Ние, што сме поминале низ ситото на малку недообликуваната граматика на Конески, знаеме дека тоа правило се состои од повеќе исклучоци отколку што содржи правила, но оние што имале можност да учат грамитика само во основно училиште, имаат проблем да го научат тоа, без оглед на коренот на зборот (С+Ф = СВ, така се изговара, а граматиката „демек“ треба да ни биде чисто фонетска, со повеќе исклучоци нели, отколку правила).
    Прашање: Зошто „прилика“ не е литературен збор?

    ОдговориИзбриши
  2. „Правописен речник на македонскиот литературен јазик“ стр. 364: „Приличен (доста голем), приличниот“

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous Прилика го има во македонскиот јазик, но со поинакво значење, од личи, како во фразеологизмот слика и прилика.

    @Внукот Хм... интересно е што го има приличен во правописниот, кога повеќето јазичари претпочитаат да не се употребува. Особено што и прилика кај нас има друго значење (види погоре). Дискутабилни се повеќе вакви зборови што се навлезени и фреквентни во јазикот, и покрај тоа што имаат соодветни домашни еквиваленти. Лично сметам дека, дури и да се допушти нивна употреба во разговорниот јазик, го снижуваат нивото на изразување и во пишана форма пожелно е да изостанат.

    ОдговориИзбриши
  4. @Бисерка ако некое дете на сурат е прилично на комшијата, да не го користиме зборот?

    ОдговориИзбриши
  5. @Аждер види го коментарот погоре за прилика. За придавската и за прилошката форма, не ми е природна таква употреба

    ОдговориИзбриши
  6. Бојан, лектор11 април 2011 17:06

    Здраво Бисерка, го поздравувам прилогот што го имаш напишано, со една мала забелешка - приличен (доста голем), приличниот, и прилично, збор што го ИМА во правописниот речник. Прилика знам дека не е македонски збор, за него има други посоодветни и помакедонски зборови, а прилично отсекогаш сум го знаел како природно македонски збор. (види страница 364 од Правописниот речник на Кирил Конески).

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  7. Цепи Влакновски11 април 2011 17:52

    Забелешка под 3. Од кога е ШАНСА наш збор?

    ОдговориИзбриши
  8. @Bojan Погледни ги коментарите погоре. Знам дека го има. Ама сметам дека е недоследност во правописот, особено ако се има предвид значењето во кое се среќава прилика во нашиот јазик

    ОдговориИзбриши
  9. Цепи Влакновски11 април 2011 23:57

    Забелешка под 3. Од кога ШАНСА е наш збор?
    Ова го напишав, а зошто лекторката го избриша, можеби таа ќе ни објасни.

    ОдговориИзбриши
  10. 1. Не бришеме коментари (освен ако не содржат навреди или говор на омраза насочени кон кого било или обиди за политизација на блогов). 2. „Блогер“ ти го детектирал коментарот како спам, ќе ти го вратевме, ама си пишал пак, така што... 3. Патем, и баклава е турцизам, па сепак е наш збор

    ОдговориИзбриши
  11. Бојан, лектор12 април 2011 11:23

    ПРИЛИЧНО > МОШНЕ, ВО ГОЛЕМА МЕРА, ДОСТА

    Цитирам: Ова логично се надоврзува на претходната точка: како и именката, не е прифатена ни прилошката форма.

    Именката не е прифатена, но прилошката форма е прифатена. Има, сепак, некоја недоследност, но во македонскиот јазик има повеќе вакви недоследности, но сепак се прифатени нели!?

    Поентата ми беше во тоа што сите 5 лекторски грешки се наведени како грешки, од левата страна, а од десната се дадени правилните решенија, или можните решенија за тој збор. Но прилично мислам дека е во ред, и покрај напорот на авторката да го истисне тој збор, и наместо него да даде други решенија. Ми се допаѓаат тие решенија - добри се, но сега-засега е прифатен во јазичната практика.

    Ја поздравувам инвентивноста на авторката :)

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  12. Цепи Влакновски12 април 2011 18:25

    Ништо нема да постигнеме ако еден (неутврдено) српски збор,прилика, го замениме со друг (несомнено) англиски збор, шанса.Впрочем, поради блискоста на јазиците и заедничкиот корен, подобро е да усвоиме збор од српскиот јазик,а не сум убеден дека мораме, бидејќи можност сосема убаво си ја врши работата.
    Не ни треба замена за баклава, како ни за шницла и капучино, но мислам дека можеме без детектира и инвентивност, за кои имаме соодветни наши зборови.

    ОдговориИзбриши
  13. Анонимен13 април 2011 15:36

    Имам неколку дилеми (трилеми мултилеми :) ) околу адаптацијата на некои странски (англиски) зборови во Македонскиот стандарден јазик.
    Пример 1.
    Англиското SUBTILE кај нас е СУПТИЛНО. Одкаде е дојдено до замената на Б со П и зошто? Нели е поисправно суБтилно да се пишува а да го читаме суПтилно. Со менување на буква се менува коренот на зборот од каде потекнува.
    Имаме суБатомско... суБкултура... итн.итн. само суПтилно ни се двои од зборовите добиени од слични кованици во англискиот.
    Пример 2.
    На англиски FOOTBALL кај нас е фуДбал.
    Со замената на Т со Д кај нас се добива сосема ново значење на оригиналниот збор. Испаѓа дека играме храна-топка. :)(foodball - храна-топка)
    ФуДбал имаме само ние и србите. Во сите останати словенски јазици е или фуТбал (Русија, Бугарија...) или пак на пример “паметните“ Хрвати имаат ногомет. :)

    Според мене странските зборови кои што сме ги прифатиле како наши, барем во пишувањето треба да ни се слични со оригиналот, а ние ќе си ги изговараме со изедначување по звучност.

    Поз.
    VoniVaraS

    ОдговориИзбриши
  14. @VoniVaraS Нашиот правопис е фонетски, а тоа значи дека пишуваме како што изговараме (со мали морфолошки исклучоци за сметка на значењето - ова значи дека отстапки се прават само доколку со едначење се оддалечува зборот од поимот што го означува).
    Патем, супкултура е, не суБкултура. А во субатомски останува б зашто б е покрај вокал (се едначат само согласки со различна звучност - прочитај го постот за едначење).

    Сметам дека воопшто не треба да се занимаваме со утврдени правила, бидејќи и онака има нови проблеми, кои ги наметнува современото живеење. Старите полесно е да се научат, отколку да се менуваат.

    И уште една работа - сите без исклучок родени зборувачи на други јазици коментираат во стилот „лесно ви е вам, пишувате како што зборувате“. Многу потешко се совладува пишувањето кога треба да напишеш 5 букви за изговорен еден глас

    ОдговориИзбриши
  15. Анонимен13 април 2011 16:51

    (со мали морфолошки исклучоци за сметка на значењето - ова значи дека отстапки се прават само доколку со едначење се оддалечува зборот од поимот што го означува)
    Па затоа и ми беше вториот пример со фуДбал. Поради едначењето по звучност Т е заменето со Д и целосно е смето значењето на зборот. Наместо игра на нога со топка (футбал) имаме игра на храна со топка (фудбал). :)
    Пишуваме како што читаме и тоа е супер но кој ги одредил критериумите по кои сме направиле или ненаправиле некои отстапки во минатото?
    Ако сега заклучиме дека е згрешено нешто во минатото, како и дали треба да се исправа нешто за во иднина е тешка одлука ама некој треба да ја донесе нели. :)
    Јазикот како жива материја нели е подложен на освременување и дополнување. Така да не би рекол дека треба старото да го оставиме како што е и да се ангажираме само околу “новитетите“.
    За мене на пример ова супкултура ми е култура на супата, а субкултура ми е нискакултура, па видете вие лекторски кое е исправо. :)

    Поз.
    VoniVaraS

    ОдговориИзбриши
  16. @VoniVaraS :)) Ме насмеа право да ти кажам.

    Вака сега - твоево расчленување на фудбал е етимолошко, според потеклото на составните елементи. Тоа просечен зборувач не го прави. Воопшто и не размислува за значењето на одделните делови на зборот. Зборот во целина, таков каков што е има одредено значење во нашиот јазик, независно како е во другите јазици и независно на тоа како е оформен во јазикот од кој ни дошол. Кај нас е целина.
    Така е примен некогаш - и толку е навлезен во свеста на луѓето. Замисли сега да им кажеш од денеска не викаме вака, викаме... некако поинаку. Никој нема да ја прифати измената... а и реално ама најреално нема потреба за такво нешто.

    Под морфолошки отстапки се подразбираат примери како: тегче (деминутив од тег) - нема едначење зашто текче напишано воопшто не асоцира на тег. Истото важи и за предци (не претци!) и низа слични...

    Ти одговорив чисто за да не ти останат дилемите и трилемите, инаку во вакви дискусии не планирам да влегувам, бидејќи сметам дека се напразно трошење енергија и немаат практична корист ни за зборувачот ни за јазичарите.

    Патем, супкултура значи поткултура, култура во рамките на поширока култура, а не ниска култура :)

    Се надевам, ти помогнав колку-толку :)

    Убав ден :)

    ОдговориИзбриши
  17. Анонимен15 април 2011 17:25

    Дали зборот „постоечки“ го има во Речникот на македонскиот јазик или треба да се придржуваме на „постојан“? Дали се исте тие две работи?

    ОдговориИзбриши
  18. Постоечки е евидентиран во Толковниот речник, со упатување кон постоЕн, постојниот (со Е), што значи дека се смета оти стандардизирана форма е второто. Лично сметам дека двата збора треба да имаат третман на синоними, зборови од ист ранг. Ги употребувам и двата и не го менувам постоечки во постоен ако авторот го употребил првиот. Во некои контексти дури мислам дека им се разидуваат змачењата и во нив не може постоен да го замени постоечки (на пример, во ред е постојната/постоечката инфраструктура, но никој не би рекол шансите се речиси непостојни, туку непостоечки, нели?)
    Што се однесува до постојан (со А), тој збор има сосема друго значење и означува нешто што е трајно, без промени, континуирано...
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  19. Го читам блогов и навистина ми се допаѓа, но најинтересни се дискусиите. Можеби би било добро, доколку самиот формат на блогот го дозволува тоа, да се оформи посебен дел-форум за дискусија. Во тој контекст, имам и јас една дилема, па би сакала повеќе да ја немам: еднаш ми беше кажано дека прилогот „помеѓу“ не постои во македонскиот јазик. Погрешно ли е да се употребува? Благодарам, само напред вака!

    ОдговориИзбриши
  20. @Мирјана Во неколку други ситуации спомнавме дека луѓето се наклонети кон употреба на подолги зборови или изрази ако сакаат да нагласат нешто, да му дадат дополнително значење. Навистина не знам зошто имаат такво чувство (можеби има истражувања, не сум запознаена).
    На пример, употребуваат комбинација од сврзниците „но“ и „сепак“ во „но сепак“, иако секој од нив одделно го пренесува истото значење - значи може да се употреби само „но“ или само „сепак“. Многу примери има.
    Исто е и со „меѓу“ и „помеѓу“. Нема никаква разлика во значењето. Не би рекла дека „помеѓу“ е грешка бидејќи нема јазична основа да биде грешка, но е непотребно оптоварување на стилот (како и „но сепак“). Препорачувам употреба на „меѓу“ :)

    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  21. Анонимен05 мај 2011 20:16

    Проф. Ружа Паноска не учеше дека и двата прилога се во употреба, со тоа што „помеѓу“ се користи за два, а „меѓу“ за повеќе од два субјекта.

    ОдговориИзбриши
  22. Ваљда>веројатно. Нели е поточно дека ваљда е „белки“, („се надевам дека...“), бидејќи ваљда означува надеж, а не веројатност?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Белки е разговорна форма и според толковниот, освен надеж, означува и веројатност. Веројатно, во разговорен контекст може да се употреби и белки, додека веројатно е зборот што е прифатен од нормата:

      - Ќе дојдеш утре на концертот?
      - Ваљда.
      - Веројатно.

      Избриши
  23. Велите дека зборот „прилика“ е србизам и дека е подобро во одредени случаи да се замени со македонските зборови „пригода“, „шанса“ или „можност“.
    Но, од друга страна „прилика“ стои како македонски збор во толковниот речник на македонски јазик во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков-Мисирков“, и освен тоа, етимолошки гледано, зборот шанса, е исто така странски збор и тоа од несловенско потекло. Па меѓу „прилика“ и „шанса“ зарем не е поправилно да се користи „прилика“?

    ОдговориИзбриши
  24. Ако се тргне од тоа дека зборот е калем на глаголот “фаќа“ така треба, со “ф“ ама изговорот на калемот е природен со “в“, бидејќи за да се изговори со “ф“ треба концентриран напор. А темелното правило на македонскиот јазик е пишувај како што зборуваш. Истото правило важи и во српскиот, хрватскиот, босанскиот, црногорскиот и словенечкиот јазик.Таму секогаш зборот се пишува “схватити“ а не “схФатити“. Очигледно е дека некој кај нас со кршење на основното јазично правило сакал да се прави различен поставувајќи ќопава јазична стапица во која вие, преписмените, ќе нѐ ловите нас, полуписмените :-)

    ОдговориИзбриши
  25. Значи, доколку некој збор не е присутен во Речникот, тој не може да се користи?! Ова е според мене многу краткогледо, ограничувачко и непрактично размислување кое неизбежно ќе доведе до многу проблеми и непријатности во контекст на брзото појавување и несоодветно преведување на многу зборови. Сепак во контекст на „старите“ зборови, оние кои долго време се користат и се одомаќиниле на некој начин во нашиот јазик, потребни се детален преглед и анализа на нивниот изговор во јазикот од кој се „позајмени“. Хрватите, според мене, играат многу паметно и ги прилагодуваат зборовите со што во мозокот на оние кои говорат хрватски не се појавуваат судири на англиските со хрватските зборови и мислам дека треба да го следиме нивниот пример. Многу е поприродно да се вика ногомет (имаме ние ракомет) отколку фудбал или футбол (како што е правилниот изговор на англиски).
    Понатаму, шанса е посоодветен збор од прилика?! Шанса е француски, а прилика српски збор. Зошто? Затоа што е запишан во српските речници, станал србизам? Тоа што тие го внеле во нивниот речник неколку години пред нас треба да е причина ние да не го запишеме како збор кој се користи во македонскиот јазик и тоа значи дека тој збор не е македонски? Не гледам логика во оваа постапка.

    ОдговориИзбриши