04.4.2011

Какво Здружение на лектори ни треба

сподели на пинг

Веќе некое време мислиме дека треба да му посветиме пост на Здружението на лектори што беше формирано кон крајот на минатата година и, веројатно, сега е вистинскиот момент. Не критикуваме и не напаѓаме никого ниту, пак, солиме памет, едноставно го споделуваме нашето мислење за патот по кој би требало тоа да се развива. Можеби, некои од идеите ќе им се најдат на раководните лица.


1. Организација од ваков тип е еснафско здужение, кое треба да биде непрофитно и да ги обединува сите лица од професијата. Неговите активности треба да се насочени кон заштита на интересите на луѓето од таа професија и кон подобрување на нивниот статус во општеството. Како? Има повеќе начини, а некои од нив следуваат во продолжение...


2. Прва цел на Здружението на лектори, според нас, би требало да биде подготвување правен документ (измена на Законот за македонски јазик или која и да е соодветна правна форма) со која ќе се обезбеди утврдување минимална цена, под која фирмите нема да имаат легален начин да исплатат хонорар (и да пријават данок на сума помала од минималната). Во моментов лектурата (особено хонорарната) воопшто не е вреднувана, а цените се одредуваат индивидуално.


3. Спречување лекторска дејност да вршат лица што не се лектори, појава што е мошне присутна и што конечно мора да се запре. Повеќе издавачки куќи во земјава на своите изданија наместо вршител на лектура назначуваат вршител на јазична редакција (во 99 отсто од случаите лице што нема сертификат за положен државен лекторски испит). Јазична редакција врши уредникот на изданието, но тоа не значи дека текстот е лекториран. По јазичната редакција, текстот мора да го одобри и лектор со државна лиценца. Има и такви што воопшто немаат никаква назнака во поглед на јазикот и кои мора да бидат санкционирани.

За жал, дури и во некои конкурси на Министерството за култура (институцијата што го спроведува лекторскиот испит), се крши Законот за македонски јазик, па таму каде што се бара лектор стои одвоено со коса црта и роден зборувач. Не треба посебно да се објаснува зошто е апсурд лекторот да се изедначува со роден зборувач. Здружението треба да интервенира против сите слични случаи.


4. Обезбедување повеќе работни места за лекторите. Ова би требало да се спроведе на два начина. Прво, во соработка со јазичните инспектори да се изврши притисок и да се издејствува вработување на лектори во сите јавни установи што во моментов објавуваат нелекторирани материјали (ги има многу). Ако нема доволно работа за лектор со полно работно време во дадена институција, нека се најде модел преку кој еден лектор ќе покрива неколку такви институции. Во втората фаза, истото да продолжи да се спроведува и за приватните фирми, односно да се спречат сите нелекторирани каталози, соопштенија, летоци, плакати... Слична соработка со јазичните инспекции беше најавена, ние би сакале да почувствуваме резултати од реализацијата.

Вториот начин би бил активирање на подзаборавената идеја во училиштата да се раздвојат предметите Македонски јазик и Македонска литература. Во моментов најголемиот дел од наставниците и професорите се со диплома од Македонска книжевност (или Општа и компаративна книжевност). Со раздвојување ќе се отворат цела низа работни места за македонистите, а корист ќе имаат и учениците, зашто нема да им остане огромна дупка во познавањето на сопствениот јазик уште од најмали нозе.


5. Да се отвори форум на официјална веб-страница на здружението или на официјален блог, каде што континуирано ќе се одвиваат дискусии за различни јазични двоумења и проблеми. Големите собири што наложуваат лично присуство да се минимизираат, евентуално да се сведат на еден на годишно ниво. Онлајн-дискусиите се многу поефективни, секој се вклучува тогаш кога има време, текстот е постојано достапен и секој може на него да се навраќа без ограничување. Освен тоа, на тој начин дискусиите ќе бидат достапни и за граѓани што не се лектори по професија, но кои го негуваат својот јазик.


6. Заземање антипуристички став. Тука не е битно што мислиме ние или кој било друг поединец. Неопходно е здружението како организација што ги обединува сите лектори да заземе ваков став, зашто само така ќе ја добие поддршката на зборувачите, кои во лекторите ќе гледаат заштитници на јазикот, а не некои здодевни лица што им ги осакатуваат текстовите, преведувајќи им ги на јазик што реално не го зборуваат. Јазикот не се создава во лабораторија, ниеден речник на светот не ги содржи сите зборови што ги употребуваат зборувачите на еден јазик и јазичарите мора да имаат слух за потребите и за изразот на просечниот зборувач.


7. Здружението мора да биде растоварено од бирократија, а повеќе практично да дејствува. Дополнително, барем во првата фаза од неговата работа, мора да биде растоварено и од крупни проекти. За правење речници (какви било) веќе има соодветни институции, а сите претходно споменати точки им се понеопходни на лекторите и треба да добијат предност во неговата агенда. Печатени списанија (веќе постојат повеќе јазични списанија, но ниедно од нив не е популаризирано надвор од научните кругови, ниту е комерцијално) веројатно се потешко изводлива и помалку рентабилна идеја отколку создавање здрава интернет-страница, која не само што успешно ќе го замени принтот туку во многу нешта и ќе го надмине.


За крај би споменале уште дека засега не сме членови на здружението, од причина што сметаме дека треба да се сложуваме во целост со концептот за да му дадеме некому овластување да зборува и да дејствува во наше име. Штом ќе бидат преземени првите мерки во насоките што ги наведовме (или нека се и други конкретни идеи, но во иста насока), уште веднаш ќе ја пополниме пристапницата за членство.

10 коментари:

  1. Во целост се сложувам со вас и горе-долу од истите причини и јас уште не сум пристапил во Здружението. И мислам дека треба да се додаде и поактивно решавање на лекторските проблеми и недоумици што секојдневно се јавуваат, а кои, се разбира, ги нема во соодветните книги и речници.

    ОдговориИзбриши
  2. Бојан, лектор04 април 2011 14:22

    Бисерка, го поздравувам овој текст. Тоа е впрочем нешто на кое јас повикував да се направи, бидејќи форимирањето на Здружението на лекторите, само по себе, не значи ништо, а најмалку решавање на проблемите на лекторите, т.е. спроведувањето на македонскиот јазик. Сепак, ова не треба да остане само како пост на овој блог, туку треба и да се испрати до Претседателството на Здружението, доколку го има, или до претседателката (бидејќи знам дека е од женски род), и да се свика некакво собрание, каде што би можеле да разговараме на оваа тема и каде што би можеле да ги донесеме заклучоците од тој состанок (или тие состаноци, доколку се повеќе).

    Сепак, ќе треба да се обратиме и до владеачките партии во РМ, т.е. до Комисијата за култура при Собранието на РМ, каде што, колку што јас знам, тие се надлежни за таа работа (дискутирање, амандмани, предлози за измена на Законот за примена на македонскиот јазик), преку која таа иницијатива би дошло до Собранието на РМ, а каде би дошло до некои измени на сегашниот Закон.

    Јас верувам дека раководството ги има предвид сите овие забелешки што авторките на блогот ги наведуваат, но би било добро конечно да се истурка таа работа.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  3. @Бојан Текстов верувам дека ќе стигне (или веќе стигнал) таму каде што треба. Лично (а мислам и Маја исто), во моментов немам ни време ни желба ни потреба да се ангажирам повеќе од ова. Кој сака и може - бујрум :) Ќе му дадеме поддршка ако сме на иста линија :)

    ОдговориИзбриши
  4. Анонимен05 април 2011 13:25

    Одличен предлог.
    Мене само не интересира дали некаде има достапен список на лектори со државна лиценца, откаде ќе можеме да контактираме со лектори кога за тоа ќе има потреба?
    Даниел

    ОдговориИзбриши
  5. @Даниел Список на лектори има на сајтот на Министерството за култура. Евидентирани се сите што имаат положено државен лекторски испит, меѓутоа нема назначено никаков контакт.
    Здружението веројатно има за своите членови, но за тоа ќе треба да се обратиш кај нив :)

    ОдговориИзбриши
  6. Авторот го отстрани коментаров.

    ОдговориИзбриши
  7. 1. ОК. (и да има членарина за да може и адвокати да се ангажираат).
    2. Невозможно, но може препорачани цени за сите членови и тужби од адвокатите ако некој исплати пониско.
    3. ОК.
    4. И повеќе места за лекарите, кондуктерите, овие оние... Општа безработица е нели?
    5. ОК.
    6. ОК.
    7. ОК, само што ви е спротивно со оние барања каде што барате интервенција на државата...

    И не се вика „молба за права“ туку „борба за права“. Што ќе рече, организирајте се сами и не чекајте некој да ви даде, бидејќи тоа нема да се случи...

    ОдговориИзбриши
  8. @Кирев 1. Нормално дека треба да има членарина. Непрофитно значи да не трча по профитни проекти. 4. Не зборуваме за измислување работни места, туку за ангажирање луѓе во постојни организации и фирми, кои според закон и онака не смеат да објавуваат нелекториран материјал, а го прават тоа. 7. Никаде не се спомнува интервенција од државата, подарок, субвенции :)), туку ставање на некои работи во правна рамка за заштита на лекторите. И не гледам како 7 се коси со што и да е претходно. Под бирократија се мисли на сопствена бирократија, вртење во лавиринт од записници, статути и сл. за сметка на практично дејствување

    ОдговориИзбриши
  9. Анонимен12 април 2011 23:28

    И јас се сложувам со сите горенаведени точки. И навистина треба да почнат да функционираат законот и комисијата. Само така ќе се заштити статусот на лекторот и ќе се отворат работни места за сите лектори.

    ОдговориИзбриши
  10. За раздвојување на предметот македонски јазик и литература посебно се заинтересирани и книжевниците... Со сегашниве правилници, компаратисти не можат да предаваат македонски јазик и литература (што до некаде е оправдано), но тогаш како можат македонисти да предаваат светска литература? Благодарение на силното лоби во некои институции, сè уште се турка ваквото решение, но раздвојување деф. е потребно!

    ОдговориИзбриши