15.4.2011

Воден, кожен, дрвен

сподели на пинг

Зад основната форма на некои придавки, меѓу кои и овие од насловот, всушност се кријат два различни збора, јасно, со различно значење. Но, поклопување на формата има само во основната, нечленувана форма во машки род, додека во сите други разликата е очигледна.

кожен, кожниот ............. . . кожен, кожениот

кожна . . ............................ . кожена

кожно ............................ . . . кожено

кожни ............................. . . кожени

Кожен, кожниот е односна придавка и означува нешто што се однесува на кожа, додека кожен, кожениот е материјална придавка и означува нешто направено од кожа.

Примери:

Штетните сончеви зраци може да предизвикаат кожна болест.

Ана си купи кожена чанта.

По таа аналогија воден, водениот означува мокар, влажен, потопен во вода, додека воден, водниот нешто што се однесува на вода (најчесто се употребува во контекст на видови животни и растенија што живеат во вода).

Примери:

Ракавите од џемперот му се водени.

Во езерата има водни змии.

Дрвен, дрвениот значи нешто што е направено од дрво, а дрвен, дрвниот – што се однесува на дрво.

Примери:

Направивме дрвена куќа во дворот.

Дрвната индустрија бележи пораст во изминатава година.

4 коментари:

  1. Анонимен15 април 2011 17:01

    Ако може едно прашање надвор од темата...
    Дали уновчи е македонски збор? Веројатно доаѓа од српскиот збор за пари...сега ми текна дека впаричи веројатно е македонскиот еквивалент... :)

    ОдговориИзбриши
  2. Хм... уновчи секако не е наш збор, немаме ни новац, нели? Впаричи би било буквален превод, помакедончување на уновчи. Во речник го нема, а и не сметам дека буквален превод треба да биде решение. Едноставно кај нас се употребуваат поинакви јазични средства - на пример „си ја наплати идејата“, наместо „си ја впаричи“. Или „си ја претвори во пари“. Од друга страна, од зборообразувачки апсект, нема ништо погрешно ни во впаричи. Можеби ако е присутен во практиката и ако зборувачите го употребуваат, би влегло во некое следно издание на речникот :)

    ОдговориИзбриши
  3. Анонимен16 април 2011 22:15

    Го најдов во некои документи на Министерство за правда, во документ на Собранието, на Министерството за финансии...а еднаш преведував и текст на УЈП што го содржеше зборот...Не дека институцииве се репер (за жал), но зборот ми беше дека почнува да се употребува, и во некои случаи добро звучи преводот (ја доловува смислата).

    ОдговориИзбриши
  4. Почитувани, објаснувајќи му на мојот син се судрив со следниве проблеми: ако од именка молив(м.р.)-моливче,демин.како ќе го дефинираме родот:по коренската основа, или по формата..?дали е моливче м.р. или е ср,р?

    ОдговориИзбриши